ПОГЛАВЈЕ 4
Јехова го возвишува своето име
1, 2. Како Преводот Нов свет го возвишува Божјето име?
ВО ВТОРНИК, на 2 декември 1947 год., осамнал еден посебен ден. Тоа студено утро, една мала група помазани браќа од Бетелот во Бруклин се зафатиле со голем проект — преведување на Библијата. Иако морале да вложат огромен труд, тие продолжиле истрајно да работат во следните 12 години. На крајот, во недела на 13 март 1960 год., го завршиле конечниот текст на овој нов англиски превод на Библијата. Три месеци подоцна, на конгресот што се одржал на 18 јуни 1960 год. во Манчестер (Англија), брат Натан Нор го објавил излегувањето на последниот том од комплетниот Превод Нов свет. Се разбира, присутните биле воодушевени од таа вест. Говорникот добро го опишал она што сите го чувствувале, кога возбудено извикал: „Ова е ден на неизмерна радост за Јеховините сведоци низ целиот свет!“ Посебна причина за радост било едно извонредно обележје на тој нов превод — Божјето име било вратено на сите места каде што се наоѓало во изворниот текст.
2 Низ историјата, Сатана лукаво настојувал да го фрли Божјето име во заборав. Поради тоа, името Јехова било изоставено од многу преводи на Библијата. Но, Јеховините помазани слуги биле решени да им стават крај на таквите обиди на Сатана. Во предговорот на Преводот Нов свет кој бил објавен тој ден стоело: „Најистакнато обележје на овој превод е тоа што Божјето име е вратено на местото кое со право му припаѓа“. Всушност, во Преводот Нов свет, Божјето име се појавува повеќе од 7.000 пати. Овој превод навистина го возвишил името на нашиот небесен Татко, Јехова, на извонреден начин!
3. а) Што сфатиле нашите браќа во врска со значењето на Божјето име? б) Што значат зборовите од 2. Мојсеева 3:13, 14? (Види ја рамката „Што значи Божјето име“.)
3 Во почетокот, Истражувачите на Библијата сметале дека Божјето име значи „Јас сум тој што сум“ (2. Мој. 3:14; King James Version). Затоа, во Стражарска кула од 1 јануари 1926 год. било дадено следново објаснување: „Името Јехова укажува на тоа... дека Бог нема ни почеток ни крај“. Но, уште пред да почне работата на Преводот Нов свет, Јехова му помогнал на својот народ да сфати дека Неговото име не укажува само на фактот дека Тој вечно постои туку, пред сѐ, дека тој е Бог кој секогаш ги исполнува своите намери. Тие разбрале дека името Јехова дословно значи „оној што предизвикува да стане“. Да, Бог ги создал вселената и суштествата обдарени со разум или, со други зборови, предизвикал тие да настанат. Освен тоа, тој продолжува и понатаму да прави сѐ што е потребно за да ги оствари својата волја и својата намера. Но, зошто е толку важно да се возвишува Божјето име, и како можеме и ние да имаме удел во тоа?
Посветување на Божјето име
4, 5. а) За што го молиме Јехова кога велиме: „Да се свети името твое“? б) Како и кога Бог ќе го посвети своето име?
4 Јехова сака да му се искажува чест на неговото име. Всушност, неговата главна намера е да го посвети своето име, како што се гледа од првите зборови во молитвата Оченаш: „Да се свети името твое“ (Мат. 6:9). За што, всушност, се молиме кога ги кажуваме тие зборови?
5 Како што видовме во првото поглавје од оваа книга, во молитвата Оченаш што ја кажал Исус има три молби во врска со Божјата намера. Првата од нив е: „Нека се свети името твое“. А другите две се: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја“ (Мат. 6:10). Според тоа, исто како што го молиме Јехова да направи сѐ што е потребно за да дојде неговото Царство и за да се врши неговата волја, така го молиме и да го посвети своето име. Со други зборови, ние бараме од него да го исчисти своето име од сиот срам што му бил нанесен уште од побуната во рајската градина. Како ќе одговори Јехова на таа молитва? Тој вели: „Ќе го посветам своето велико име, кое е осквернето меѓу народите“ (Езек. 36:23; 38:23). Кога ќе го отстрани сето зло во Армагедон, Бог ќе го посвети своето име пред целото создание.
6. Како може да го светиме Божјето име?
6 Низ историјата, Јехова им дозволил на своите слуги да имаат удел во посветувањето на неговото име. Се разбира, не можеме да го направиме Божјето име уште посвето бидејќи тоа веќе е свето во апсолутна смисла на зборот. Тогаш, на кој начин може да го светиме? Исаија вели: „Јехова над војските — само тој нека ви биде свет“. А во врска со својот народ, Јехова рекол: „Тие ќе го светат моето име... ќе имаат страхопочит кон Богот на Израел“ (Иса. 8:13; 29:23). Ние го светиме Божјето име на тој начин што го сметаме за единствено и повозвишено од сите други имиња. Исто така, длабоко го цениме сето она што тоа име го претставува, а им помагаме и на другите да го сметаат за свето. Особено покажуваме длабока почит кон Божјето име кога го признаваме Јехова за наш Владетел и кога сме му послушни од срце (Изр. 3:1; Отк. 4:11).
Подготвени да го носат и да го возвишуваат Божјето име
7, 8. а) Што било потребно за Бог да му дозволи на својот народ да го носи неговото име? б) Што ќе разгледаме сега?
7 Во нашево време, Божјите слуги го користат Јеховиното име во своите публикации уште од 1870-тите. На пример, името Јехова се спомнува во Стражарска кула од август 1879 год. и во песнарката со наслов Песни на Христовата невеста, која излезе истата година. Сепак, се чини дека, пред да им дозволи на своите слуги да се наречат со неговото свето име, Јехова најпрво се погрижил да ги исполнат условите за да ја добијат таа огромна чест. Како ги подготвил Истражувачите на Библијата да станат народ кој ќе го носи неговото име?
8 Да размислиме за она што се случувало кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. На тој начин ќе сфатиме како Јехова им помогнал на своите слуги подобро да разберат некои важни факти во врска со неговото име. Да разгледаме три од нив.
9, 10. а) Зошто во првите броеви на Стражарска кула вниманието главно било насочено кон Исус? б) Што се сменило од 1919 год. наваму, и со каков резултат? (Види ја и рамката „Стражарска кула го велича Божјето име“.)
9 Прво, Јеховините слуги стекнале исправен став кон важноста на Божјето име. Во почетокот, верните Истражувачи на Библијата сметале дека откупнината е најважното библиско учење. Затоа, во повеќето статии во Стражарска кула се зборувало за Исус. На пример, во текот на првата година од своето издавање, ова списание го спомнало името Исус десет пати повеќе од името Јехова. Во врска со тие први години, во Стражарска кула од 15 март 1976 год. пишувало дека Истражувачите на Библијата му придавале поголема важност на Исус отколку на Јехова Бог. Но, со текот на времето, Јехова им помогнал да сфатат колку истакнато место има неговото име во Библијата. Како влијаело тоа врз нив? Во истата статија од Стражарска кула пишувало дека, особено од 1919 год. наваму, „тие почнале да му искажуваат поголема чест на Јехова, небесниот Татко на Месијата“. Всушност, во текот на 1920-тите, Божјето име било спомнато повеќе од 6.500 пати во Стражарска кула!
10 Нашите браќа ја покажале својата љубов кон Божјето име со тоа што почнале да му придаваат соодветна важност. Исто како Мојсеј, тие биле решени да ,го објавуваат Јеховиното име‘ (5. Мој. 32:3; Пс. 34:3). Кога видел колку им значи неговото име, Јехова им укажал милост, токму како што ветил во својата Реч (Пс. 119:132; Евр. 6:10).
11, 12. а) Каква промена имало во нашите публикации кратко по 1919 год.? б) На што им го насочил Јехова вниманието на своите слуги, и зошто?
11 Второ, вистинските христијани исправно ја разбрале задачата што им ја доверил Бог. Кратко по 1919 год., помазаните браќа што предводеле подетално ги разгледале пророштвата на Исаија. Оттогаш во нашите публикации почнало да се нагласува проповедањето. Зошто може да се каже дека оваа промена била „храна во вистинско време“? (Мат. 24:45).
12 Пред 1919 год., во Стражарска кула никогаш не биле детално објаснети следниве зборови на Исаија: „,Вие сте мои сведоци‘, вели Јехова, ,и мој слуга кого го избрав‘“. (Прочитај Исаија 43:10-12.) Но, кратко по 1919 год., нашите публикации почнале сѐ почесто да укажуваат на тие стихови и да ги поттикнуваат сите помазаници да ја извршуваат задачата што им ја доверил Јехова — да сведочат за него. Всушност, само од 1925 до 1931 год., 43. поглавје од книгата Исаија било објаснето во 57 броеви на Стражарска кула, и секојпат било истакнато дека овие зборови се однесуваат на вистинските христијани. Очигледно е дека во тие години Јехова го насочил вниманието на своите слуги кон задачата што требало да ја извршат. Зошто? Затоа што, во некоја смисла, најпрво требало „да бидат испитани“ (1. Тим. 3:10). За да можат со право да го носат Божјето име, Истражувачите на Библијата морале со своите дела да му покажат на Јехова дека навистина се негови сведоци (Лука 24:47, 48).
13. Како Божјата Реч открива што е најважно од сѐ?
13 Трето, Јеховините слуги разбрале колку е важно да се посвети Божјето име. Во текот на 1920-тите, тие сфатиле дека посветувањето на Јеховиното име е најважно од сѐ. Како Божјата Реч ни го открива овој значаен факт? Да разгледаме два примера. Која била главната причина зошто Бог го избавил израелскиот народ од Египет? Самиот Јехова го дал одговорот: „[За] да се објави моето име по целата земја“ (2. Мој. 9:16). А зошто покажал милост кон Израелците кога тие се побуниле против него? Тој рекол: „Се кренав поради своето име, за да не се сквернави пред очите на народите“ (Езек. 20:8-10). До каков заклучок дошле Истражувачите на Библијата на темел на овие и на некои други библиски извештаи?
14. а) Што разбрал Божјиот народ при крајот на 1920-тите? б) Како подлабокото разбирање што го стекнале Истражувачите на Библијата влијаело врз проповедничкото дело? (Види ја и рамката „Силна причина да проповедаат“.)
14 При крајот на 1920-тите, Божјиот народ го разбрал значењето на зборовите што ги кажал Исаија околу 2.700 години пред тоа. Тој го рекол следново за Јехова: „Така ти го водеше својот народ за да си стекнеш прекрасно име“ (Иса. 63:14). Истражувачите на Библијата сфатиле дека не е најважно нашето спасение туку посветувањето на Божјето име (Иса. 37:20; Езек. 38:23). Во 1929 год., ова било истакнато во книгата Пророштво со следниве неколку зборови: „Ништо друго не е поважно од [посветувањето на] Јеховиното име“. Ова подлабоко разбирање уште повеќе ја зајакнало решеноста на Божјите слуги да сведочат за Јехова и да го исчистат срамот од неговото име.
15. а) Што сфатиле нашите браќа до почетокот на 1930-тите? б) За што дошло време?
15 До почетокот на 1930-тите, браќата ја увиделе важноста на Божјето име, појасно разбрале каква задача им доверил Јехова и сфатиле колку е важно да се посвети неговото име. Конечно дошло времето Јехова да им ја даде на своите слуги честа да бидат наречени со неговото име. Да видиме кои настани од минатото воделе до тоа.
Јехова избира „народ за своето име“
16. а) На кој извонреден начин Јехова го возвишува своето име? б) Кој народ прв добил чест да го носи Божјето име?
16 Низ историјата, Јехова го возвишувал своето име на еден извонреден начин — тој избирал на Земјата луѓе кои го носеле неговото име. Од 1513 год. пр.н.е., Израелците го застапувале Јехова како негов избран народ (Иса. 43:12). Но, бидејќи не се придржувале кон сојузот што го склучиле со Бог, во 33 год. од н.е. тие го изгубиле својот скапоцен однос со него. Кратко потоа, Јехова ,им обрнал внимание на незнабошците за да земе од нив народ за своето име‘ (Дела 15:14). Овој нов народ, кој станал познат како „Израелот Божји“, го сочинуваат помазани Христови следбеници од различни нации (Гал. 6:16).
17. Која злобна замисла успеал да ја оствари Сатана?
17 Околу 44 год. од н.е., „преку божествено провидение“ Христовите ученици ,биле наречени христијани‘ (Дела 11:26). Во почетокот, ова име го носеле само вистинските христијани и тоа ги разликувало од другите религии (1. Пет. 4:16). Меѓутоа, како што претскажал и Исус во споредбата за пченицата и каколот, Сатана успеал да ја оствари својата злобна замисла и, со текот на времето, многу лажни христијани си го присвоиле тоа единствено име. Затоа вистинските христијани со векови не можеле јасно да се разликуваат од лажните христијани. Но, ситуацијата се сменила од 1914 год., кога започнало „времето на жетвата“. Зошто? Тогаш ангелите почнале да ги одвојуваат лажните од вистинските христијани (Мат. 13:30, 39-41).
18. Како браќата увиделе дека им е потребно ново име?
18 Откако го поставил верниот роб над своите слуги во 1919 год., Јехова им помогнал да разберат каква задача им доверил. Тие набрзо увиделе дека се единствените што проповедаат од куќа до куќа, и дека ова ги издвојува од сите лажни христијани. Благодарение на тоа, сфатиле дека името „Истражувачи на Библијата“ не ги опишува баш најдобро. Нивната главна цел во животот не била само да ја проучуваат Библијата туку да сведочат за Бог, и да го слават и возвишуваат неговото име. Во склад со задачата што ја извршувале, кое име било најсоодветно за нив? Ова прашање било одговорено во 1931 год.
19, 20. а) Која значајна резолуција била усвоена на еден конгрес во 1931 год.? б) Како реагирале браќата на новото име?
19 Во јули 1931 год., околу 15.000 Истражувачи на Библијата пристигнале на конгрес во Колумбус (Охајо, САД). На првата страница од отпечатената програма што ја добиле, биле истакнати две големи букви. Мнозина се прашувале што значат тие. Потоа, во недела на 26 јули, брат Џозеф Ратерфорд изнел една резолуција во која стоела следнава значајна изјава: „Сакаме да се нарекуваме и да бидеме познати по името Јеховини сведоци“. Тогаш сите присутни сфатиле што значат двете големи букви на програмата — тоа биле почетните букви на нашето ново име, кое се темели на Исаија 43:10.
20 Присутните ја прифатиле таа резолуција со громогласен восклик и долг аплауз. Бидејќи програмата се пренесувала преку радио, нивното воодушевување се пренело до другиот крај на светот! Ернест и Наоми Барбер од Австралија рекле: „Кога одекна аплаузот во Америка, браќата во Мелбурн скокнаа на нозе и продолжија да ракоплескаат. Никогаш нема да го заборавиме тој момент!“a
Божјето име се возвишува низ целиот свет
21. На што ги поттикнало новото име Божјите слуги?
21 Новото библиско име ги поттикнало Божјите слуги уште поревносно да проповедаат. Брачниот пар Едвард и Џеси Грајмс, кои служеле како пионери во САД и присуствувале на овој конгрес во Колумбус, рекле: „Заминавме од дома како Истражувачи на Библијата, а се вративме како Јеховини сведоци. Бевме среќни што сега со нашето ново име можевме да го величаме името на нашиот Бог“. По тој конгрес, некои браќа користеле една нова метода за да го прават токму тоа. Кога оделе од врата до врата, тие му давале на станарот картичка на која пишувало: „ЈЕХОВИН сведок кој проповеда за Царството на ЈЕХОВА, нашиот Бог“. Божјите слуги навистина биле горди што го носат Јеховиното име, и биле спремни да го разгласуваат насекаде (Иса. 12:4).
„Заминавме од дома како Истражувачи на Библијата, а се вративме како Јеховини сведоци“
22. По што се препознаваме како Божји народ денес?
22 Поминаа многу години откако Јехова ги поттикна нашите помазани браќа да го усвојат новото име по кое се разликуваме од сите други религии. Дали оттогаш Сатана успеал да скрие кои се вистинските Божји слуги? Дали Јеховиниот народ се изгубил во мноштвото лажни религии? Во никој случај! Напротив, денес се гледа појасно од кога и да било порано дека ние сме сведоци на вистинскиот Бог. (Прочитај Михеј 4:5; Малахија 3:18.) Всушност, толку сме познати по Божјето име што, кога некој го користи, другите веднаш мислат дека е Јеховин сведок. Божјиот народ не е скриен во сенката на лажните религии кои се извишуваат како планини, туку „стои цврсто над планинските врвови“ (Иса. 2:2). Без сомнение, денес ништо друго не е повозвишено од вистинската религија и од Јеховиното свето име!
23. Според Псалм 121:5, кое сознание за Јехова нѐ зајакнува?
23 Зарем не сме зајакнати што знаеме дека Јехова ќе нѐ штити од сите сегашни и идни напади на Сатана? (Пс. 121:5). Со сета душа се согласуваме со псалмистот, кој напишал: „Среќен е народот кому Јехова му е Бог, народот што тој си го избра за наследство“ (Пс. 33:12).
a Повеќе детали за тоа како се користело радиото има во седмото поглавје, страници 72-74.