Тие ‚правеле токму така‘
„Љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме заповедите Негови“ (1. ЈОВАНОВО 5:3).
1. Што може да се рече за обемот на Божјата љубов?
„БОГ Е ЉУБОВ.“ Сите кои го запознаваат Бог и ги слушаат неговите заповеди, стекнуваат длабоко ценење за длабочината на таа љубов. „Во тоа се состои љубовта, што не ние Го засакавме Бога, туку Бог нас нѐ возљуби и Го прати Синот Свој [како помирбена жртва, НС], за да ги очисти гревовите наши.“ Додека покажуваме вера во Исусовата скапоцена откупна жртва, ‚пребиваме [остануваме, НС] во Божјата љубов‘ (1. Јованово 4:8-10, 16). На тој начин, уште сега можеме да уживаме во едно богатство од духовни благослови, а во системот на ствари што треба да дојде — во вечен живот (Јован 17:3; 1. Јованово 2:15, 17).
2. На кој начин Божјите слуги имале корист од држењето на Божјите заповеди?
2 Библискиот извештај изобилува со примери за лица кои ги држеле Божјите заповеди и кои, како резултат на тоа, биле богато благословени. Во нив спаѓаат претхристијанските сведоци, а за некои од нив апостол Павле напишал: „Сите тие умреа со вера, не добивајќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и се уверија, и ги поздравија признавајќи дека се гости и придојдени“ (Евреите 11:13). Подоцна, оддадени христијански Божји слуги извлекле корист од ‚благодатта и вистината [што] произлегле од Исуса Христа‘ (Јован 1:17). Во текот на околу 6.000 години од човечката историја, Јехова ги наградувал верните сведоци кои ги слушале неговите заповеди, коишто навистина „не се тешки“ (1. Јованово 5:2, 3).
Во времето на Ное
3. На кои начини Ное направил „токму така“?
3 Библискиот извештај гласи: „Преку вера Ное, откако доби откровение за она, што уште не се гледаше, со послушност го направи ковчегот, за да го спаси својот дом; преку неа тој го осуди светот и стана наследник на праведноста по вера“. Како ‚проповедник на правдата‘, Ное безусловно го послушал Бог, предупредувајќи го насилничкиот претпотопен свет за претстојната божествена пресуда (Евреите 11:7; 2. Петрово 2:5). При градењето на арката, тој внимателно го следел божествено дадениот план. Потоа ги донел предвидените животни и залихи во храна. „И направи Ное сѐ: направи [токму, НС] така како што му заповеда Господ Бог“ (1. Мојсеева 6:22).
4, 5. а) Како едно злокобно влијание влијаело врз човештвото сѐ до денешен ден? б) Зошто треба да правиме „токму така“ во поглед на слушањето на божествените упатства?
4 Ное и неговото семејство морале да се борат против злокобното влијание на непослушните ангели. Овие Божји синови се материјализирале и живееле со жени, создавајќи натчовечко хибридно потомство кое му се заканувало на човештвото. „Земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда.“ Јехова го предизвикал потопот за да ја збрише таа злобна генерација (1. Мојсеева 6:4, 11-17; 7:1). Од времето на Ное па наваму, на демонските ангели не им било допуштено да се материјализираат во човечки облик. Меѓутоа, ‚целиот свет и понатаму лежи во зло [во власта на злобниот, НС]‘, Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19; Откровение 12:9). Во пророчка смисла, Исус ја споредил таа бунтовна генерација од времето на Ное со генерацијата на човештвото која го отфрлила Него, откако во 1914 година почнал да станува очигледен знакот за неговата „присутност“ (НС) (Матеј 24:3, 34, 37-39; Лука 17:26, 27).
5 И денеска, како во времето на Ное, Сатана се обидува да ги доведе до пропаст човештвото и нашата планета (Откровение 11:15-18). Затоа е итно да ја послушаме инспирираната заповед: „Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство“ (Ефесјаните 6:11). Ќе бидеме зајакнати да го правиме тоа ако ја проучуваме Божјата Реч и ако ја применуваме во својот живот. Понатаму, ја имаме Јеховината грижлива организација со нејзиниот „верен и разумен роб“ (НС) и со нејзините љубезни старешини кои стрпливо нѐ водат по патот по кој треба да одиме. Треба да извршиме едно глобално дело на проповедање (Матеј 24:14, 45-47). Како Ное, кој толку внимателно ги слушал божествените упатства, и ние секогаш да правиме „токму така“.
Мојсеј — најкроткиот меѓу сите луѓе
6, 7. а) Каков наградувачки избор направил Мојсеј? б) Каков храбар пример ни оставил тој?
6 Разгледај го примерот и на еден друг човек од вера — Мојсеј. Тој можел да ужива самопопустлив живот среде раскошот на Египет. Но, избрал „да страда заедно со народот Божји, отколку да има преодна гревовна наслада“. Како Јеховин ополномоштен слуга, ‚гледал насочено кон исплатувањето на наградата [и] останал постојан како да го гледал Невидливиот‘ (НС) (Евреите 11:23-28).
7 Во 4. Мојсеева 12:3 читаме: „Мојсеј беше најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата“. А обратно, египетскиот фараон постапувал како најгорделив од сите луѓе. Кога Јехова им заповедал на Мојсеј и на Арон да ја објават неговата пресуда над фараонот, како реагирале тие? Читаме: „И направија така Мојсеј и Арон; како што им заповеда Господ, [токму, НС] така направија“ (2. Мојсеева 7:4-7). Каков пример на храброст за нас кои денес ги објавуваме Божјите пресуди!
8. Во кој поглед се барало од Израелците да направат „токму така“, и каква паралела ќе има во блиската иднина радувањето кое произлегло од тоа?
8 Дали Израелците му дале лојална поддршка на Мојсеј? Откако Јехова го удрил Египет со девет од десетте неволји, тој му дал на Израел детални упатства за славењето на Пасхата. „Тогаш народот, наведнувајќи се, се поклони. И откако отидоа синовите Израилеви, направија така, како што им заповеда Господ преку Мојсеја и Арона; [токму, НС] така направија“ (2. Мојсеева 12:27, 28). На полноќ во тој значаен ден, 14 низан 1513 година пр. н. е., Божјиот ангел почнал да ги коле сите египетски првороденци, но ги одминал домовите на Израелците. Зошто биле поштедени израелските првороденци? Затоа што нашле заштита под крвта на пасхалното јагне која била попрскана на нивните влезови. Сториле токму онака како што им заповедал Јехова на Мојсеј и на Арон. Да, ‚направиле [токму, НС] така‘ (2. Мојсеева 12:50, 51). Кај Црвеното Море, Јехова направил уште едно чудо кога го спасил својот послушен народ, а го уништил фараонот и неговата моќна воена машинерија. Колку само воскликнувале Израелците! Слично и денес, многумина кои ги слушале Јеховините заповеди, ќе се радуваат да бидат очевидци на неговото оправдување во Армагедон (2. Мојсеева 15:1, 2; Откровение 15:3, 4).
9. Какви современи предности се предочени со тоа што Израелците правеле „токму така“ во врска со шаторот за обожавање?
9 Кога Јехова му заповедал на Израел да собере прилог и да изгради шатор за обожавање во пустината, луѓето великодушно ја давале својата полна поддршка. Потоа, дури до најситен детаљ, Мојсеј и неговите спремни соработници ги следеле архитектонските нацрти што ги дал Јехова. „И така се сврши целата работа околу скинијата, скинијата на сведоштвото. И направија синовите Израилеви сѐ како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, [токму, НС] така направија.“ На сличен начин, при свеченото воведување на свештенството, ‚Мојсеј направил сѐ, како што му заповедал Господ, [токму, НС] така направил‘ (2. Мојсеева 39:32; 40:16). Во денешно време, имаме прилика сесрдно да го поддржуваме проповедничкото дело и програмите за ширење на Царството. За нас е предност на тој начин да се обединиме и да правиме „токму така“.
Исус Навин — храбар и многу јак
10, 11. а) Што го опремило Исус Навин за неговиот успех? б) Како можеме ние да бидеме зајакнати да излеземе на крај со современите искушенија?
10 Кога Мојсеј го ополномоштил Исус Навин да го води Израел во земјата на ветувањето, од Јеховината инспирирана Реч биле на располагање веројатно само петте Мојсееви книги, еден или два псалма и книгата Јов. Мојсеј го поучил Исус Навин кога ќе дојдат во Ветената земја да ги собере луѓето и да ‚го прочита гласно овој закон пред целиот Израил‘ (5. Мојсеева 31:10-12). Освен тоа, Јехова лично му заповедал на Исус Навин: „Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сѐ она, што е напишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во патиштата твои и умно ќе постапуваш“ (Исус Навин 1:8).
11 Секојдневното читање на Јеховината „книга“ го опремила Исус Навин да се справи со претстојните искушенија, исто како што секојдневното читање на Јеховината Реч, Библијата, ги зајакнува Неговите современи Сведоци да излезат на крај со искушенијата во овие критични „последни денови“ (2. Тимотеј 3:1). Затоа што сме опкружени со еден насилен свет, да го земеме и ние при срце Божјето предупредување упатено до Исус Навин: „Биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај; зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш“ (Исус Навин 1:9). Откако го освоиле Ханан, израелските племиња биле богато благословени кога се населиле во земјата што ја наследиле. „Како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, така и направија синовите Израилеви“ (Исус Навин 14:5). Слична награда нѐ очекува сите нас денес кои ја читаме Божјата Реч и ја применуваме во својот живот, послушно правејќи „токму така“.
Царевите — верни и непослушни
12. а) Каква заповед им била дадена на царевите во Израел? б) Какви биле последиците ако царевите не биле послушни?
12 А како е со царевите во Израел? Ним Јехова им го поставил следново барање: „Кога ќе седне со власт на престолот, нека си направи препис на овој закон од книгата, што се наоѓа кај свештениците левити, и нека ги држи кај себе и нека го чита во сите денови на неговиот живот, за да се научи да се бои од Господа, својот Бог, и да ги пази и да ги исполнува сите овие заповеди и наредби“ (5. Мојсеева 17:18, 19). Дали израелските цареви ја послушале таа заповед? Повеќето од нив бедно потфрлиле и затоа страдале од проклетствата претскажани во 5. Мојсеева 28:15-68. Најпосле, Израелците биле раштркани „од крајот на земјата до крајот на земјата“.
13. Како можеме и ние како Давид да извлечеме корист ако покажуваме љубов кон Јеховината Реч?
13 Меѓутоа, Давид — првиот верен човечки цар во Израел — покажал исклучителна оддаденост на Јехова. Тој се покажал како ‚мал лав од Јуда‘, предочувајќи го Христос Исус, победничкиот ‚Лав од Јудиното колено, Коренот Давидов‘ (1. Мојсеева 49:8, 9; Откровение 5:5). Од каде доаѓала Давидовата сила? Тој имал длабоко ценење за Јеховината пишана Реч и живеел според неа. Во Псалм 18, една „мелодија на Давид (НС, натписот)“, читаме: „Непорочен [совршен, НС] е законот на Бога“. Откако се осврнал на потсетникот, наредбите, заповедта и судските одлуки на Јехова, Давид понатаму наведува: „Поскапи се од злато и од скапоцени камења — послатки се од восочен мед. Слугата Твој ги пази [тие го предупредуваат, НС]; а кој ги пази голема награда добива“ (Псалм 18:7-11). Ако секојдневното читање на Јеховината Реч и медитирањето за неа биле наградувачки пред 3.000 години, тогаш колку повеќе се наградувачки денес! (Псалм 1:1-3; 13:6, НС; 118:72, 97, 111).
14. На кој начин Соломоновиот пат покажува дека е потребно нешто повеќе отколку само спознание?
14 Сепак, не е доволно само да се стекне спознание. Битно е Божјите слуги и да постапуваат според тоа спознание, да го применуваат во склад со божествената волја — да, да прават „токму така“. Тоа може да се илустрира со случајот на Давидовиот син Соломон, кого Јехова го избрал „да седи врз престолот на Господовото царство над Израилот“. Соломон добил задача да го изгради храмот, користејќи ги архитектонските нацрти што Давид ги добил „преку инспирација“ (1. Летописи 28:5, 11-13, НС). Како можел Соломон да ја изврши оваа огромна задача? Како одговор на една негова молитва, Јехова му дал мудрост и спознание. Имајќи ги нив, како и со придржување за божествено дадените нацрти, Соломон бил во можност да ја изгради таа величествена куќа која се исполнила со Јеховина слава (2. Летописи 7:2, 3). Но, подоцна Соломон изневерил. Во кој поглед? За царот во Израел, Јеховиниот закон наведувал: „Да не ги умножува жените свои, за да не се разврати срцето негово“ (5. Мојсеева 17:17). Сепак, Соломон ‚имал седумстотини жени и триста наложници; и неговите жени . . . го приклониле срцето негово кон други богови‘. Во своите подоцнежни години, Соломон престанал да прави „токму така“ (3. Царства 11:3, 4; Неемија 13:26).
15. На кој начин Јосија направил „токму така“?
15 Во Јуда имало неколкумина послушни цареви, од кои последен бил Јосија. Во 648 година пр. н. е., тој започнал да го чисти идолопоклонството од земјата и да го реновира Јеховиниот храм. Во него првосвештеникот ја нашол „книгата на законот Господов, даден преку Мојсеевата рака“. Што сторил Јосија во врска со тоа? „Отиде царот во домот Господов, и со него сите Јудејци и жителите ерусалимски, и свештениците, и левитите, и сиот народ, од голем до мал; и им ги прочита тој гласно сите зборови од книгата на заветот, најдена во домот Господов. Потоа царот се исправи на местото свое и склучи завет пред лицето на Господа — да Го следат Господа и да ги запазат од сѐ срце и со сета душа заповедите Негови, откровенијата Негови и законите Негови, та да ги извршат зборовите на заветот, напишани во таа книга“ (2. Летописи 34:14, 30, 31). Да, Јосија ‚направил токму така‘. Како резултат на неговиот верен пат, извршувањето на Јеховината пресуда врз неверната Јудеја било запрено сѐ до времето на неговите престапнички синови.
Да се живее според Божјата Реч
16, 17. а) Во кои погледи мораме да ги следиме Исусовите стапки? б) Кои други верни Божји слуги ни даваат примери?
16 Од сите луѓе кои досега живееле, најдобриот пример за медитирање за Божјата Реч и живеење според неа е Господ Исус Христос. Божјата Реч за него била како храна (Јован 4:34). На своите слушатели тој им рекол: „Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти, она што го прави Он, тоа исто го прави и Синот“ (Јован 5:19, 30; 7:28; 8:28, 42). Исус ‚направил токму така‘, изјавувајќи: „[Јас] слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати“ (Јован 6:38). Ние, кои сме предадени Сведоци на Јехова, сме повикани да правиме „токму така“ со тоа што ќе ги следиме Исусовите стапки (Лука 9:23; 14:27; 1. Петрово 2:21).
17 Вршењето на Божјата волја секогаш било најважно во Исусовите мисли. Тој бил темелно запознат со Божјата Реч и на тој начин бил опремен да дава библиски одговори (Матеј 4:1-11; 12:24-31). Ако постојано ѝ обрнуваме внимание на Божјата Реч, и ние можеме да бидеме „потполно способни, целосно опремени за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17, НС). Да го следиме примерот на верните Јеховини слуги од древните и од подоцнежните времиња, а пред сѐ, примерот на нашиот Господар, Исус Христос, кој рекол: „За да разбере светот дека Го љубам Отецот и, како што Ми заповеда Отецот, така и правам“ (Јован 14:31). Да ја покажеме и ние нашата љубов кон Бог со тоа што ќе продолжиме да правиме „токму така“ (Марко 12:29-31).
18. Што треба да нѐ поттикне да станеме „извршители на словото“, и за што ќе биде дискутирано понатаму?
18 Додека медитираме за послушноста на Божјите слуги од библиски времиња, зарем не сме охрабрени да извршуваме верна служба во текот на овие завршни денови од Сатановиот зол систем? (Римјаните 15:4-6). Навистина, треба да бидеме поттикнати да бидеме „извршители на словото“ во најпотполна смисла, како што ќе биде дискутирано во следната статија (Јаков 1:22).
Дали се сеќаваш?
◻ Што треба да значи за нас „љубовта кон Бога“?
◻ Што учиме од примерите на Ное, Мојсеј и Исус Навин?
◻ До кој обем царевите во Израел го слушале Божјето „слово“?
◻ На кој начин Исус е наш Пример во правењето „токму така“?
[Слики на страница 15]
Ное, Мојсеј и Исус Навин ‚направиле токму така‘