Јехова — ”силен воин“
ЕЛИТНИТЕ трупи на Египќаните биле уништени. Долж Црвеното Море брановите исфрлале тела на возачи на бојните коли и коњаници а по брегот се простирала воена опрема. Предводени од Мојсеј, мажите на Израел ликувале во победничка песна: ”Ќе му пеам на Јехова, зашто се покажа високо возвишен. Коњот и коњаникот ги фрли в море. Јехова е силен воин. Јехова е неговото име“ (2. Мојсеева 15:1, 3, NW).
Јеховината победа на Црвеното Море навистина била демонстрација на неговата надмоќност во војувањето. Израел го напуштил Египет во воена формација, но со мала способност за војување. Преку столбот од облак кој ноќе станувал столб од оган, Јехова ги извел од Рамзес кон ”крајот на пустињата“ во Етам (Втора книга Мојсеева 12:37; 13:18, 20-22). Тогаш Јехова му рекол на Мојсеј: ”Кажи им на синовите Израилеви да свртат и да се утаборат пред Пи-Аирот во долината меѓу Мигдол и морето, спроти Веел Сепфон. (...) И така Фараонот ќе им рече на своите луѓе за синовите Израилеви: ’Заскитале во земјата.‘ (...) и тој ќе појде во потера по нив“ (Втора книга Мојсеева 14:1-4). Израел послушно се свртел налево и напорно патувал до Пи-Аирот. Фараоновите шпиони известиле за привидната збунетост, и како што било претскажано, фараонот ја мобилизирал својата армија за гонење (2. Мојсеева 14:5-9).
Клопка — за Израел или за фараонот?
Опколени од планини на обете страни, морето отспреди и Египќаните позади, уплашените Израелци изгледале како да се во клопка, па го повикувале Бог напомош. Кога ги собрал луѓето, Мојсеј рекол: ”Не плашете се, застанете и ќе видите како Господ ќе ве спаси денес: Египтјаните какви што ги гледате денес, нема повеќе никогаш да ги видите довека. Господ [Јехова, NW] ќе се бие за вас, а вие бидете спокојни. (Втора книга Мојсеева 14:10-14). Верен на тоа ветување, ’столбот од облак се кренал пред нив, и застанал зад нив. (...) А кога влегол меѓу војската Египетска и меѓу војската на синовите Израилеви, застанал (...) преку цела ноќ не се доближиле едните до другите‘ (Втора книга Мојсеева 14:15-20). Како што заповедал Јехова, Мојсеј го кренал својот стап над морето и ’го разделил‘ така што Израелците можеле да побегнат. И се случило неверојатно чудо! (2. Мојсеева 14:16, 21). Силен ветар од исток почнал да ги разделува водите на Црвеното Море, создавајќи канал доволно широк за да може целата нација — која броела околу три милиони — да помине во воена формација. На левата и десната страна од колоната на Израелците ”стврднатата“ вода стоела како два огромни ѕида (2. Мојсеева 15:8).
Помогнати од светлината на огнениот столб, Израелците побегнале преку исушеното морско корито. Изутрината и последните Израелци излегле на спротивниот брег. ”А Египтјаните, гонејќи ги, појдоа по нив среде море, сите коњи Фараонови, колите и коњаниците негови.“ Прогонителите се втурнале во клопка! (Втора книга Мојсеева 14:23).
’Господ [Јехова] ја довел во забуна војската египетска, па им ги врзал тркалата на колите нивни, та одвај ги влечеле.‘ Тогаш Мојсеј ја испружил раката над морето, и ”морето почна да се враќа во својата нормална положба“ (NW). Водените ѕидови се срушиле и почнале да ги голтаат Египќаните. Тие се обиделе да побегнат, ’но Господ [Јехова] ги фрлил Египтјаните среде море‘. Ниеден не преживеал! Ликувајќи, Израелците му пееле триумфална песна на Јехова (Втора книга Мојсеева 14:24–15:3; Псалми 105:11 [106:11, ДК]).
Јехова се бори за Исус Навин
Јехова докажал дека е ”силен воин“ и во други битки. Една од нив била битката кај Аи (или Гај). Првиот напад на градот не успеал поради Ахановото сериозно престапување. Кога таа работа била поправена, Јехова му дал воени заповеди на Исус (Исус Навин 7:1, 4, 5, 11-26; 8:1, 2).
Следејќи ги Јеховините упатства, Исус Навин ноќе поставил заседа на задниот дел од градот, на западната страна. Неговите главни сили се префрлиле на север кон една долина близу Гај и се правеле како да се подготвуваат за фронтален напад. Луѓето од Гај биле намамени во клопката. Сѐ уште одушевени од успехот на својата претходна пресметка, тие се втурнале брзо од градот против Израелците. Преправајќи се како да се повлекуваат, Израелците се повлекле ”кон пустината“, одведувајќи го непријателот уште подалеку од Гај (Исус Навин 8:3-17).
Во вистинскиот момент, Јехова му рекол на Исус: ”Спружи го копјето, што е во раката твоја, кон Гај, бидејќи Јас ќе го предадам во рацете твои.“ На тој знак, луѓето од заседата го нападнале градот, предавајќи го на меч и оган. Кога во виделе чадот, непријателските војски кои биле надвор потполно биле деморализирани. Свртувајќи се од бегство во напад, Исус го фатил непријателот во клопка помеѓу своите две војски. Човечка победа? Не. Израелците победиле, како што подоцна Исус Навин им рекол: ”Затоа што Јехова, вашиот Бог, е тој кој се бореше за вас“ (Исус Навин 8:18-27; 23:3, NW).
Битката кај Кисон
Јеховината надмоќност во војните била повторно покажана кај долината Кисон, близу Мегидо. Хананскиот цар Јавин го угнетувал Израел 20 години. Неговата војска под командата на Сисар, броела 900 бојни коли со железни коси на тркалата — навидум непобедлива сила за тоа време (Судиите 4:1-3, NW).
Сепак, преку пророчицата Девора, Јехова го повикал судијата Варак да собере десет илјади војници на врвот од планината Тавор за да ја предизвикаат Јавиновата војска. Сисар брзо реагирал на ова воено засилување, итајќи од Арисот кон поројната долина Кисон помеѓу планината Тавор и Мегидо. Без сомнение размислувал дека таму на рамницата, Израелските слабо опремени пешадијци не ќе имаат никакви шанси против неговите бојни коли. Сепак, тој не очекувал да се бори против некој небесен непријател (Судиите 4:4-7, 12, 13).
Јехова му заповедал на Варак да се премести од безбедните височини на Тавор во рамнината на долината, намамувајќи ги трупите на Сисар во битка. А тогаш удрил Јехова! Ненадејна поплава го претворила бојното поле во мочуриште, кое ги направило Сисаровите трупи неподвижни. Во настанатата паника, Израелските пешадијци лесно го разбиле својот непријател. ”Целиот народ Сисаров падна од остар меч, та не остана ниеден.“ Надојдените поројни води на Кисон ги заглавиле хананските бојни коли и веројатно однеле некои трупови со себе (Судиите 4:14-16; 5:20, 21).
Победа над Гог и неговото мноштво
Овие древни настани претставувале претсјај на Јеховината најголема победа која треба да дојде. На хоризонтот се појавува битка која ќе се случи ”во последниот дел од годините“ (NW). Според пророштвото на Езекиел, Гог, симболот за ”владетелот на овој свет“, Сатана Ѓаволот, ќе мобилизира интернационална напаѓачка сила. Тој ќе ги насочи своите трупи да ја нападнат симболичната ”Израелова планина“, т.е. возвишената духовна земја на ”Божјиот Израел“ на христијаните (Езекиел 38:1-9; Јован 12:31; Галатјаните 6:16).
Што го тера Гог да го преземе овој сеопшт напад врз Божјиот народ? Пророштвото укажува на нивната мирољубива, духовно успешна состојба. Гог вели: ”’Ќе се кренам против подрачјето на отворената земја. Ќе дојдам врз оние кои имаат мир, кои живеат во безбедност, кои сите живеат без ѕидови, и тие немаат ни резиња ни врати.‘ Ќе се случи да направиш голем плен и многу да пљачкаш (...) од народ (...) кој собира богатство и имот“ (Езекиел 38:10-12, NW).
Воглавно, Јеховиниот народ не е богат во материјален поглед. Меѓутоа, тие произвеле обилно духовно богатство како резултат на своето дело на проповедање ширум светот. Собрано е ”големо мноштво (...) од сите народи“, кое сега брои преку четири милиони (Откровение 7:9, 10). Колкаво богаство! Сатана — бесен поради овој духовен имот — настојува да го уништи Божјиот народ.
Но со тоа што доаѓа на симболичната почва на Израел, Гог всушност го напаѓа самиот Јехова. ”Мојот гнев ќе пламне во Мојата јарост“, вели Јехова, кој ќе се освети во полза на својот народ. Гоговите војски ќе се распрснат во хаос. ”Мечот на секој човек ќе биде против братот негов.“ Јехова потоа ги ослободува своите разурнувачки сили — ”силен дожд и камења, оган и сулфур“. Како на Црвеното Море, Гај и кај Кисон, Јехова уште еднаш ќе се бори за својот народ и за да го прослави своето име. ”Ќе го покажам Моето величие и Мојата светост и ќе се појавам пред очите на многу народи — и тие ќе познаат, дека Јас сум Господ [Јехова, NW]“ (Книга пророк Језекиил 38:18-23).
Историскиот запис за Јеховините битки во древни времиња ни дава причина да бидеме потполно уверени во оваа идна победа за време на ”големата неволја“ (Матеј 24:21, 22). Секогаш под контрола, Јехова може да ги надмудри своите непријатели и да управува со околностите за спасение на својот народ. Навистина, тоа ќе докаже дека ќе се случи како што прорекол Исаија: ”Како јунак излегува Јахве, како борец го подгорува својот жар. Со воен вик и воен повик иде на својот непријател“ (Исаија 42:13, Ст). Во очите на своите Сведоци тој засекогаш ќе биде ЈЕХОВА, ”СИЛЕН ВОИН“! (2. Мојсеева 15:3, NW).
[Карта на страница 25]
(Види во публикацијата)
Патот на Излегувањето од Египет
ГЕСЕМ
Мемфис
Рамзес
Сокхот
Мигдол
Пи-Аирот
Етам
[Слики на страница 26]
Тука, во областа на Аи (Гај), Јехова ги довел Исус Навин и Својот народ до неверојатна победа
Водите на Кисон брзо се подигнале и придонеле за поразот на Јеховините непријатели
[Извор на слика]
Фотографии: Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.