Градови прибежишта — Божја милостива подготовка
„Тие шест градови да бидат засолништа . . . за да избега во нив секој, кој убил човек не сакајќи“ (4. МОЈСЕЕВА 35:15).
1. Какво е Божјето гледиште за животот и за вината за крв?
ЈЕХОВА БОГ го смета човечкиот живот за свет. А животот е во крвта (3. Мојсеева 17:11, 14). Затоа, Каин, првиот човек кој се родил на Земјата, си навлекол вина за крв кога го убил својот брат Авел. Поради тоа, Бог му рекол на Каин: „Гласот на крвта од братот твој вика од земјата кон Мене“. Крвта која ја извалкала земјата при убиството, немо но убедливо посведочила за животот кој бил прекратен на еден брутален начин. Авеловата крв викала кон Бог за одмазда (1. Мојсеева 4:4-11).
2. Како била нагласена Јеховината почит кон животот после потопот?
2 Божјата почит кон човечкиот живот била нагласена откако праведниот Ное и неговото семејство излегле од арката како преживеани од глобалниот потоп. Тогаш, Јехова го проширил списокот на исхрана за човештвото, во кој било вклучено животинското месо, но не и крвта. Тој исто така наредил: „Вашата крв, односно вашиот живот, ќе го барам; од секој ѕвер ќе го барам, ќе ја барам, исто така, душата човечка од раката на човек, од раката на братот негов; кој ќе пролее крв човечка, и неговата крв ќе се пролее од човечка рака; зашто човекот го создадов според образот Божји“ (1. Мојсеева 9:5, 6). Јехова го признал правото на најблиските роднини на жртвата да го погубат убиецот кога ќе наидат на него (4. Мојсеева 35:19).
3. Како Мојсеевиот Закон ја нагласувал светоста на животот?
3 Во Законот што му бил даден на Израел преку пророкот Мојсеј, светоста на животот била секогаш одново нагласувана. На пример, Бог заповедал: „Не убивај“ (2. Мојсеева 20:13). Почитта кон животот била очигледна и од она што Мојсеевиот Закон го кажувал во врска со несреќа во која била вклучена некоја бремена жена. Законот наведувал дека, ако неа или нејзиното неродено дете ги снајде смрт во несреќен случај како последица на борба меѓу двајца мажи, судиите требало да ги одмерат околностите и степенот на намерноста, а казната можела да биде „душа за душа“ (НС), односно живот за живот (2. Мојсеева 21:22-25). Меѓутоа, зарем не можел еден Израелец кој бил убиец некако да ги избегне последиците од својот насилен чин?
Засолниште за убијците?
4. Какви засолништа постоеле во минатото надвор од Израел?
4 Кај другите нации, на убијците и на другите криминалци им се давало засолниште, односно прибежиште. Ова било случај со местата како што бил храмот на божицата Артемида во древниот Ефес. Во врска со такви слични места, се известува: „Во некои светилишта вриело од криминалци; честопати било неопходно да се ограничи бројот на засолништата. Во Атина само некои светилишта биле признати со закон како прибежишта (на пример, храмот на Тезеј за робовите); во времето на Тибериј (во 22 година н. е.), заедниците од разбојници во светилиштата станале толку опасни што правото на засолниште било ограничено само на неколку градови (The Jewish Encyclopedia, 1909 година, том II, страница 256). Подоцна, црквите на христијанството станале места на засолниште, но постоела тенденција моќта на цивилните власти да ја преземе свештенството, кое било против исправното спроведување на правдата. Злоупотребите на крајот довеле до укинување на оваа подготовка.
5. Каков доказ постои дека Законот не ја земал во обѕир немарноста како услов за милост кога некој бил убиен?
5 Кај Израелците, на намерните убијци не им било давано засолниште или прибежиште. Дури и некој левитски свештеник кој служел на Божјиот олтар, морал да биде одведен на погубување поради некое подмолно убиство (2. Мојсеева 21:12-14). Освен тоа, Законот не ја земал во обѕир немарноста како услов за милост кога некој ќе бил убиен. На пример, на рамниот покрив од нова куќа требало да се направи ограда. Инаку, таа куќа би била виновна за крв доколку некој падне од покривот и умре (5. Мојсеева 22:8). Понатаму, ако сопственикот на вол кој боде, бил предупреден, а тој не го пазел, па животното убило некого, тогаш сопственикот на волот бил виновен за крв и можел да биде погубен (2. Мојсеева 21:28-32). Натамошен доказ за Божјата висока почит кон животот се гледа и во тоа што секој кој смртно ќе удрел некој крадец, бил виновен за крв доколку тоа се случело дење кога натрапникот можел да биде виден и препознаен (2. Мојсеева 22:2, 3). Затоа, јасно е дека Божјите совршено урамнотежени одредби не им овозможувале на намерните убијци да избегнат смртна казна.
6. Како бил задоволуван законот „живот за живот“ во стариот Израел?
6 Доколку убиството било извршено во древниот Израел, крвта на жртвата требало да биде одмаздена. Законот „живот за живот“ бил задоволуван кога убиецот ќе бил погубен од „одмаздникот за крв“ (4. Мојсеева 35:19). Одмаздникот бил најблискиот машки роднина на убиеното лице. Но, како е со ненамерните убијци?
Јеховина милостива подготовка
7. Каква подготовка направил Јехова за оние кои ненамерно убиле некого?
7 За оние кои случајно или ненамерно убиле некого, Бог со љубов обезбедил градови прибежишта. Во врска со нив, на Мојсеј му било речено: „Кажи им на синовите Израилеви и речи им: ‚кога ќе минете преку Јордан во Хананската земја, разделете си градови, што ќе ви бидат градови прибежишта, каде што би можел да избега убиец, кој убил ненамерно.‘ И тие градови нека ви бидат засолништа од одмаздникот за крв, та да не биде погубен оној, што го извршил убиството, пред да излезе на суд пред народот. А градовите, што ќе ги дадете, градовите за засолништа, треба да бидат шест: три града дајте од оваа страна на Јордан и три града дајте во Хананската земја; тие треба да бидат градови прибежишта . . . за да избега во нив секој, кој убил човек не сакајќи“ (4. Мојсеева 35:9-15).
8. Каде биле лоцирани градовите прибежишта, и како им било помагано на ненамерните убијци да стигнат до нив?
8 Кога влегле во Ветената земја, Израелците послушно воспоставиле шест градови прибежишта. Три од нив — Кедес, Сихем и Хеврон — биле лоцирани западно од реката Јордан. Источно од Јордан се наоѓале градовите прибежишта Голан, Рамот и Восор. Шесте градови прибежишта биле погодно лоцирани на патишта што биле во добра состојба. На соодветни места по должината на овие патишта имало ознаки на кои пишувало „прибежиште“. Овие ознаки покажувале во правец на градот прибежиште и, за да си го спаси животот, ненамерниот убиец бегал во најблискиот од нив. Таму можел да најде заштита од одмаздникот за крв (Исус Навин 20:2-9).
9. Зошто Јехова ги дал градовите прибежишта, и за кого биле обезбедени тие?
9 Зошто Бог обезбедил градови прибежишта? Тие биле дадени со цел земјата да не биде извалкана со невина крв и да нема вина за крв врз луѓето (5. Мојсеева 19:10). За чија корист биле градовите прибежишта? Во Законот било наведено: „Тие шест градови да бидат засолништа за синовите Израилеви, за придојдениот и за преселениот меѓу вас, за да избега во нив секој, кој убил човек не сакајќи“ (4. Мојсеева 35:15). На тој начин, за да биде фер и во корист на правдата додека им покажувал милост, Јехова им рекол на Израелците да одвојат градови прибежишта за ненамерните убијци кои биле 1) природни Израелци, 2) странски доселеници во Израел или 3) придојдени од други земји кои живееле во земјата.
10. Зошто може да се рече дека градовите прибежишта претставувале Божја милостива подготовка?
10 Вредно е да се забележи дека дури и ако некој поединец бил ненамерен убиец, тој требало да биде погубен во склад со Божјата одлука: „Кој пролее крв човечка, и неговата крв ќе се пролее од човечка рака“. Затоа, само преку милостивата подготовка на Јехова Бог, еден ненамерен убиец можел да побегне во некој од градовите прибежишта. Очигледно, луѓето главно имале сочувство кон секој еден што бегал од одмаздникот за крв, зашто сите тие биле свесни дека би можеле ненамерно да направат сличен престап и да им биде потребно прибежиште и милост.
Бегство во прибежиште
11. Што можело да стори едно лице во стариот Израел доколку случајно убило некој соработник?
11 Следнава илустрација би можела да го зголеми твоето ценење за Божјата милостива подготовка за прибежиште. Замисли си дека сечеш дрва во стариот Израел. Да претпоставиме дека сечилото на секирата наеднаш испаѓа од дршката и несреќно погодува некој соработник. Што би сторил ти? Па, Законот се погрижил токму за една ваква ситуација. Без сомнение, ти би ја искористил оваа Божја подготовка: „Еве кој убиец може да се засолни таму [во некој град прибежиште] и да остане жив: оној што ќе убие ближен свој без умисла, и да не му бил непријател вчера, и завчера; оној што ќе отиде со другарот свој во шума да собира дрва, па му се слизне раката со секирата, за да пресече дрво, и испадне острицата од дршката, го погоди другарот негов, и тој умре, — таков нека се засолни во еден од тие градови, за да остане жив“ (5. Мојсеева 19:4, 5). Сепак, дури и кога би отишол во некој град прибежиште, ти не би бил ослободен од сета одговорност за тоа што се случило.
12. Каква постапка се следела откако еден ненамерен убиец ќе стигнел во некој град прибежиште?
12 Иако би бил примен гостољубиво, ти би морал да го изнесеш својот случај пред старешините на влезот од градот прибежиште. Откако би влегол во градот, би бил испратен на судење пред старешините кои го претставувале израелското собрание кај влезот на градот, кои имаат судска надлежност над подрачјето каде што се случило убиството. Таму би имал прилика да ја докажеш својата невиност.
Судењето на убијците
13, 14. Кои се некои од работите што старешините би сакале да ги утврдат во текот на судењето на еден убиец?
13 Во текот на судењето пред старешините кај влезот на судски надлежниот град, без сомнение, ти со благодарност би забележал дека голем нагласок ќе му биде даден на твоето поранешно однесување. Старешините внимателно би го испитале твојот однос со жртвата. Дали си го мразел човекот, дали си го чекал во заседа и намерно си го убил? Ако е така, старешините би морале да те предадат на одмаздникот за крв и ти би умрел. Овие одговорни мажи би биле свесни за барањето на Законот дека треба ‚да ја очистат крвта на невиниот од Израил‘ (5. Мојсеева 19:11-13). Слично на тоа, и денес кога се води правна постапка, христијанските старешини треба добро да го познаваат Светото писмо и да постапуваат во склад со него кога го земаат предвид поранешниот став и однесување на престапникот.
14 Преку љубезно испитување, градските старешини ќе сакаат да знаат дали ти кришум си ја следел жртвата (2. Мојсеева 21:12, 13). Дали си ја нападнал од некое скривалиште? (5. Мојсеева 27:24). Дали си бил толку огорчен на лицето што си прибегнал кон некаков подмолен план да го убиеш? Ако да, би заслужил смрт (2. Мојсеева 21:14). Старешините пред сѐ би требало да знаат дали постоело непријателство, односно омраза меѓу тебе и жртвата (5. Мојсеева 19:4, 6, 7; Исус Навин 20:5). Да речеме дека старешините заклучиле дека си невин и те вратиле во градот прибежиште. Колку само благодарен би бил за милоста што ти ја покажале!
Животот во градот прибежиште
15. Што се барало од еден ненамерен убиец?
15 Ненамерниот убиец морал да остане во градот прибежиште или во круг од 1.000 лакти (околу 440 метри) вон ѕидините (4. Мојсеева 35:2-4). Ако одел подалеку од таа линија, можел да се сретне со одмаздникот за крв. Во такви околности, одмаздникот можел да го погуби убиецот без да одговара за тоа. Но, убиецот не бил оковуван или затворан. Како жител на градот прибежиште, тој морал да изучи некој занает, да биде работник и да служи како корисен член на општеството.
16. а) Колку долго би морал ненамерниот убиец да остане во градот прибежиште? б) Зошто смртта на првосвештеникот му овозможувала на убиецот да го напушти градот прибежиште?
16 Колку долго требало ненамерниот убиец да остане во градот прибежиште? Веројатно целиот свој живот. Во секој случај, законот наведувал: „Оној треба да живее во градот на засолништето свое до смртта на големиот свештеник, а по смртта на големиот свештеник убиецот ќе може да се врати во земјата на имотот свој“ (4. Мојсеева 35:26-28). Зошто смртта на првосвештеникот му овозможувала на ненамерниот убиец да го напушти градот прибежиште? Па, првосвештеникот бил една од најугледните личности во нацијата. Затоа, неговата смрт би била толку значаен настан кој би се расчул низ сите израелски племиња. Тогаш сите бегалци во градовите прибежишта можеле да се вратат во своите домови без да се плашат од рацете на одмаздниците за крв. Зошто? Затоа што Божјиот Закон одредувал дека со смртта на првосвештеникот престанувала да важи можноста за одмаздникот за крв да го убие убиецот, и тоа сите го знаеле. Ако најблискиот роднина би ја осветил смртта после тоа, тој би бил убиец и на крајот би ја платил казната за убиство.
Трајни последици
17. Кои биле можните резултати од ограничувањата што му биле наметнувани на ненамерниот убиец?
17 Кои биле можните резултати од ограничувањата што му биле наметнувани на ненамерниот убиец? Тие претставувале потсетник дека тој предизвикал нечија смрт. Веројатно, оттогаш би го сметал човечкиот живот за свет. Освен тоа, тешко дека би заборавил оти со него се постапувало милостиво. Затоа што кон него била покажана милост, сигурно и тој би сакал да биде милостив спрема другите. Подготовката за градови прибежишта со нивните ограничувања му користела и на народот општо. Како? Па, таа сигурно им врежувала во мислите дека не треба да бидат немарни или рамнодушни спрема човечкиот живот. Затоа, христијаните треба да бидат потсетувани на потребата да избегнуваат немарност која би можела да доведе до случајна смрт. Исто така, Божјата милостива подготовка за градови прибежишта треба да нѐ поттикне да покажуваме милост кога тоа е соодветно (Јаков 2:13).
18. На кои начини била корисна Божјата подготовка за градови прибежишта?
18 Подготовката на Јехова Бог за градови прибежишта била корисна и на други начини. Луѓето не формирале групи за граѓанска заштита кои би оделе во потера по убиецот, под претпоставка дека е виновен уште пред да биде изведен на суд. Наместо тоа, тие сметале дека тој не е виновен за намерно убиство, па дури и му помагале да дојде на безбедно место. Понатаму, подготовката за градови прибежишта била сосема спротивна на денешните прописи за ставање на убијците во затвори и поправни домови, каде што финансиски се поддржувани од јавноста и каде што често пати стануваат уште поголеми криминалци поради блиското дружење со други престапници. Според подготовката за градови прибежишта, немало потреба да се градат, да се одржуваат и чуваат скапи ѕидани затвори со решетки, од коишто затворениците толку често сакаат да побегнат. Всушност, убиецот сам го барал „затворот“ и останувал таму за едно одредено време. Исто така, тој требало да биде работник и да прави нешто во полза на другите луѓе.
19. Кои прашања се покренуваат во врска со градовите прибежишта?
19 Јеховината подготовка на израелските градови прибежишта за заштита на ненамерните убијци навистина била милостива. Оваа подготовка вистински ја унапредувала почитта кон животот. Меѓутоа, дали древните градови прибежишта имаат некакво значење за луѓето кои живеат во XX-от век? Дали би можеле ние да бидеме виновни за крв пред Јехова Бог и да не сфаќаме дека ни треба неговата милост? Дали израелските градови прибежишта имаат некакво современо значење за нас?
Како би одговорил?
◻ Како гледа Јехова на човечкиот живот?
◻ Каква милостива подготовка направил Бог за ненамерните убијци?
◻ Како доаѓал убиецот до некој од градовите прибежишта, и колку долго требало да остане таму?
◻ Кои биле можните резултати од ограничувањата што му биле наметнувани на ненамерниот убиец?
[Карта на страница 12]
Израелските градови прибежишта биле лоцирани на погодни места
(Види во публикацијата)
КЕДЕС Јордан ГОЛАН
СИХЕМ РАМОТ
ХЕВРОН ВОСОР