„Китимските бродови“ пловат по морињата
ИСТОЧНОТО Средоземно Море било место на многу поморски битки. Да се обидеме да си замислиме една таква битка што се одиграла пет века пред Христос. Еден брод кој многу лесно може да прави најразлични маневри, наречен трирема, плови со полна брзина. Околу 170 веслачи наредени во три реда ги напрегаат своите силни мускули додека веслаат, лизгајќи се напред-назад на кожните перничиња врз кои седат.
Со брзина од седум до девет јазли [13-17 километри], бродот ги сече брановите итајќи кон еден непријателски брод, кој се обидува да побегне. Во судбоносниот момент нападнатиот брод се затетеравува и едната страна му останува откриена кон непријателот. Клунот на триремата, целиот обложен со бронза, се забива во тенкиот труп на другиот брод. Тресокот на штиците што се расцепуваат и шумот на морската вода што навлегува низ отворената дупка ги преплашува непријателските веслачи. На триремата, една мала група добро вооружени војници трчаат низ централниот премин за да го освојат на јуриш погодениот брод. Да, некои древни бродови навистина сееле ужас!
Оние што ја проучуваат Библијата отсекогаш ги копкало да дознаат што се мислело со термините „Китим“ и „китимските бродови“, кои се спомнуваат во Библијата, честопати и пророчки (4. Мојсеева 24:24; Даниел 11:30; Исаија 23:1). Каде точно се наоѓал Китим? Што знаеме за тамошните бродови? И зошто треба да нѐ интересира одговорот на овие прашања?
Еврејскиот историчар Јосиф го нарекол Китим „Хитимос“, поврзувајќи го со островот Кипар. И градот Китион (или Сишам), кој се наоѓа на југоисточниот дел од овој остров, покажува дека Китим има некаква врска со Кипар. Географски сместен на место каде што се крстосувале древните трговски патишта, Кипар имал идеална положба — близу до главните морски пристаништа на источниот брег на Средоземното Море. Поради својата стратешка положба, Кипар честопати морал да заземе страна меѓу завојуваните земји, па затоа во судирите бил или силен сојузник или тешка препрека.
Кипраните и морето
Археолошките докази од подводните ископувања и од гробниците, како и древните списи и цртежи на грнчаријата, ни помагаат да си замислиме како изгледале кипарските бродови. Раните Кипрани биле вешти бродоградители. Нивниот остров бил прекриен со густи шуми, а мирните заливи служеле како природни пристаништа. Дрвата се сечеле не само за да се прават бродови туку и за да служат како гориво при топењето на бакарот — природно богатство со кое Кипар станал познат во древниот свет.
Динамичната надворешна трговија на Кипар не поминала незабележана од Феничаните, кои основале колонии на разни места долж нивните трговските патишта. Една таква населба била и Китон, на Кипар (Исаија 23:10-12).
По падот на Тир, некои негови жители по сѐ изгледа пребегале на Китим. Веројатно феникиските колонизатори со поморско искуство многу придонеле за развојот на поморската технологија на Кипраните. Стратешката положба на Китон исто така овозможила одлична заштита за феникиските бродови.
Вклучен во жива меѓународна трговија
Во овој период се одвивала богата трговска активност на источниот брег на Средоземното Море. Вредни стоки од Кипар се пренесувале со брод на Крит, Сардинија и Сицилија, како и на островите во Егејското Море. На тие места се откриени ќупови и вазни што потекнуваат од Кипар, а огромни количества убави микенски (грчки) грнчарски предмети се најдени и на Кипар. По анализите на бакарните шипки откриени на Сардинија, некои истражувачи сметаат дека потекнуваат од Кипар.
Во 1982 год., во непосредна близина на брегот на јужна Турција беше пронајден еден потонат брод кој потекнува од крајот на 14 век пр.н.е. Со подводните ископувања беа откриени секакви скапоцености — бакарни прачки за кои се верува дека се од Кипар, ќилибар, ханаански ќупови, абоновина, слонови заби, златен и сребрен ханаански накит, како и скарабеи и други предмети од Египет. По анализата на глината што се користела за изработка на грнчарските предмети на бродот, некои сметаат дека бродот веројатно потекнува од Кипар.
Интересно е што во времето кога се проценува дека потонал овој брод, Валаам ги спомнал бродовите од Китим во својата „приказна“ (4. Мојсеева 24:15, 24). По сѐ изгледа, кипарските бродови станале познати на Средниот Исток. Какви биле тие бродови?
Трговски бродови
Во гробниците на древниот град Аматус на Кипар се откриени многу глинени макети на бродови. Тие ни даваат вредни информации за тоа како изгледале кипарските бродови. Некои од нив се изложени во денешните музеи.
Од макетите се гледа дека првобитните бродови очигледно се користеле за трговија во време на мир. Помалите бротчиња обично ги движеле 20 веслачи. Широките, длабоки бродски трупови биле наменети за превоз на стоки и патници при кратки патувања по должината на брегот на Кипар. Плиниј Постариот спомнува дека Кипраните направиле еден мал, лесен брод што се движел на весла и што можел да носи товар тежок и до 90 тони.
Постоеле и поголеми трговски бродови, како оној што бил пронајден во близина на брегот на Турција. Некои можеле да носат товар и до 450 тона на отворено море. Големите бродови имале и до 50 веслачи, по 25 на секоја страна, а биле долги и до 30 метри, со јарбол висок преку 10 метри.
Воените бродови на „Китим“ во библиските пророштва
Јеховиниот дух стоел зад следнава изјава: „Ќе допловат бродови од брегот на Китим и ќе ја угнетуваат Асирија“ (4. Мојсеева 24:2, 24). Дали се обистинило ова пророштво? Како биле вклучени во исполнувањето и бродовите од Кипар? Тие „бродови од брегот на Китим“ не биле мирољубиви трговски бродови што пловеле по Средоземното Море. Се работело за воени бродови што носеле неволја.
Како што се менувале методите на војувањето, основниот дизајн бил прилагодуван за да се конструираат побрзи и поиздржливи бродови. На еден цртеж откриен во Аматус веројатно се насликани најраните кипарски воени бродови. Прикажан е еден долг брод со тесен труп чија крма е извиена на крајот, слично како кај феникиските воени бродови. Тој има клун и од двете страни има наредено кружни штитови кои поаѓаат од близина на крмата до предниот дел на бродот.
Во 8 век пр.н.е. во Грција биле направени првите биреми (галии со два реда весла). Овие бродови биле долги околу 24 метри и широки околу 3 метри. Во почетокот се користеле за да се превезуваат војници, а се војувало на копно. По кратко време се увидело дека ќе биде добро да се додаде и трет ред весла, а за предниот дел на бродот бил прицврстен клун обложен со бакар. Овој нов брод бил наречен трирема, како што спомнавме во почетокот на статијава. Ваквите бродови станале прочуени за време на битката кај Саламис (480 год. пр.н.е.), кога Грците ја поразиле персиската морнарица.
Подоцна, Александар Велики, во својата борба за светска превласт, тргнал кон исток со својата флота од триреми. Тие бродови биле наменети за борба, а не за долги патувања на отворено море, бидејќи во нив немало многу простор за складирање стока. Затоа, требало да запираат на егејските острови за да се снабдат со сѐ што им било потребно, како и за да се направат потребните поправки. Целта на Александар била да ја уништи персиската флота. Меѓутоа, за да успее, најнапред морал да ја совлада големата островска тврдина Тир. Кипар бил станица на патот дотаму.
За време на опсадата на Тир (332 год. пр.н.е.) Кипраните биле на страната на Александар Велики, обезбедувајќи му флота од 120 бродови. Три цара од Кипар тргнале со своите флоти да му се придружат на Александар. И тие учествувале во опсадата на Тир, која траела седум месеци. Тир паднал, и со тоа се исполнило едно библиско пророштво (Езекиел 26:3, 4; Захарија 9:3, 4). За да ја изрази својата благодарност, Александар им дал посебни овластувања на царевите на Кипар.
Значајно исполнување
Историчарот Страбон од првиот век раскажува дека Александар употребил бродови од Кипар и Феникија за својот воен поход во Арабија. Овие бродови биле лесни и не било тешко да се размонтираат, па затоа биле однесени во Тапсакус (Тифса) во северна Сирија за само седум дена (1. Царевите 4:24). Од таму можеле да стигнат до Вавилон по речен пат.
Значи, една навидум нејасна изјава од Библијата имала значајно исполнување околу десет века подоцна! Во склад со зборовите од 4. Мојсеева 24:24, воената машинерија на Александар Велики незапирливо итала кон исток поаѓајќи од Македонија и ја освоила Асирија, за на крајот да го порази и моќното Медо-персиско Царство.
Дури и скудните информации што ги имаме во врска со „китимските бродови“ непогрешливо укажуваат на едно фасцинантно исполнување на библиските пророштва. Ваквото историско сведоштво ја зајакнува нашата увереност дека може да имаме доверба во она што е проречено во Библијата. Многу такви пророштва се однесуваат на нашата иднина, па затоа ќе биде добро сериозно да ги сфатиме.
[Карта на страници 16 и 17]
(Види во публикацијата)
ИТАЛИЈА
Сардинија
Сицилија
Егејско Море
ГРЦИЈА
Крит
ЛИБИЈА
ТУРЦИЈА
КИПАР
Китон
Тир
ЕГИПЕТ
[Слика на страница 16]
Макета на грчки воен брод, трирема
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слика на страница 17]
Макета на древен феникиски воен брод, бирема
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слика на страница 17]
Вазна на која се гледа кипарски брод
[Извор на слика]
Издадено со дозвола на директорот на антиквитети и на Кипарскиот музеј
[Слика на страница 18]
Древни товарни бродови, како оние што се спомнати во Исаија 60:9