ДЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Напишано е“
1-3. Што сакал Исус да сфатат луѓето од Назарет, и кои докази им ги дал?
ИСУС е на самиот почеток од својата служба и сега е вратен во Назарет, градот каде што пораснал. Сака да им помогне на луѓето да сфатат една многу важна работа — дека тој е одамна проречениот Месија! Какви докази им дава?
2 Без сомнение, мнозина очекуваат да видат чудо. Тие веќе чуле дека овој човек прави чуда. Но, Исус не им дава таков знак. Наместо тоа, според својот обичај, тој оди во синагогата. Кога станува да чита, му го подаваат свитокот на Исаија. Тоа е долг свиток, веројатно намотан на две дрвени палки. Исус внимателно го одвиткува овој ракопис и го наоѓа делот што го бара. Потоа го чита на глас она што денес стои во Исаија 61:1-3 (Лука 4:16-19).
3 Се разбира, зборовите што ги чита им се познати на присутните. Тоа е пророштво за Месијата. Очите на сите во синагогата се вперени во Исус. Владее мртва тишина. Тогаш тој го објаснува пророштвото и вели: „Денес се исполнија овие зборови од Писмото, кои штотуку ги чувте“. Сите се восхитуваат на неговите привлечни зборови, но очигледно мнозина сѐ уште сакаат да видат некој чудесен знак. Наместо да им даде знак, Исус смело наведува еден пример од Библијата за да покаже дека им недостига вера. Што се случува тогаш? Луѓето од Назарет се обидуваат да го убијат! (Лука 4:20-30).
4. Каков пример дал Исус во својата служба, и што ќе разгледаме во ова поглавје?
4 Овде Исус направил нешто што продолжил да го применува во текот на целата своја служба. Тој секогаш ја користел вдахновената Божја реч како цврста основа за она што го зборувал. Се разбира, и чудата што ги правел во голема мера покажале дека Божјиот дух е со него. Сепак, ништо друго не му било поважно на Исус од Светото писмо. Да обрнеме внимание каков пример дал во овој поглед. Ќе видиме како нашиот Господар цитирал од Божјата реч, како ја бранел и како ја објаснувал.
Цитирал од Божјата реч
5. Што сакал Исус да знаат неговите слушатели, и како покажал дека она што го рекол е вистина?
5 Исус сакал луѓето да знаат од каде потекнува неговата порака. Тој рекол: „Она за кое поучувам не е мое, туку доаѓа од оној што ме испрати“ (Јован 7:16). Во една друга прилика изјавил: „Ништо не правам сам од себе, туку зборувам така како што ме научи Таткото“ (Јован 8:28). Исто така, рекол: „Она што ви го зборувам јас, не го зборувам сам од себе, туку Таткото, кој останува во единство со мене, ги врши своите дела“ (Јован 14:10). Исус докажал дека овие негови изјави се точни со тоа што секогаш одново цитирал од Божјата пишана реч.
6, 7. а) Колку често цитирал Исус од Хебрејските списи, и зошто ова е нешто посебно? б) Во која смисла Исус поучувал поинаку од книжниците?
6 Ако внимателно ги проучиме запишаните зборови на Исус, ќе видиме дека тој цитирал директно или укажувал индиректно на преку половина од канонските книги во Хебрејските списи. На прв поглед, ова можеби не е ништо посебно. Можеби дури се прашуваш зошто, во тие три и пол години додека јавно поучувал и проповедал, не цитирал од сите вдахновени книги кои биле достапни во тоа време. Всушност, голема е веројатноста дека тој сепак цитирал од сите книги. Не заборавај дека е запишан само мал дел од она што го кажал и што го направил Исус (Јован 21:25). Ако решиш да ги читаш гласно сите запишани зборови што ги кажал, веројатно ќе ги прочиташ за само неколку часа. Замисли си да зборуваш за Бог и за неговото Царство само неколку часа и за тоа време да успееш да се осврнеш на половина од книгите во Хебрејските списи! Освен тоа, во повеќето случаи Исус немал кај себе пишани свитоци. Кога ја изнел својата позната Проповед на гората, тој многупати цитирал директно или укажал индиректно на Хебрејските списи — и сите тие стихови ги знаел напамет!
7 Тоа што Исус цитирал од Божјата реч покажало дека тој многу ја цени. Оние што го слушале ‚биле восхитени од неговото учење, зашто ги поучувал како некој зад чии зборови стои Бог, а не како книжниците‘ (Марко 1:22). Кога поучувале, книжниците многу сакале да се повикуваат на таканаречениот усен закон и да ги цитираат зборовите на учените рабини од минатото. Исус ниту еднаш не го цитирал како авторитет усниот закон или зборовите на некој рабин. Напротив, за него Божјата реч го имала завршниот збор. Одново и одново тој велел: „Напишано е“. Тој постојано ги користел овие или слични зборови кога ги поучувал своите следбеници и кога исправал погрешни идеи.
8, 9. а) Како Исус покажал дека Божјата реч му дала за право да го исчисти храмот? б) Во кој поглед верските водачи во храмот покажале големо непочитување кон Божјата реч?
8 Кога го исчистил храмот во Ерусалим, Исус рекол: „Напишано е: ‚Мојот дом ќе се вика дом на молитвата‘, а вие од него правите разбојничка пештера!“ (Матеј 21:12, 13; Исаија 56:7; Еремија 7:11). Претходниот ден, тој направил многу чуда таму. Момчињата, кои биле восхитени од тоа што го виделе и чуле, почнале да го фалат. Но, верските водачи налутено го прашале Исус дали слуша што велат тие деца. Тој рекол: „Слушам. Зарем никогаш не сте читале: ‚Од устата на малите деца и на доенчињата си прибави фалба‘?“ (Матеј 21:16; Псалм 8:2). Исус сакал тие луѓе да знаат дека, дури и за она што во тој момент се случувало таму, има потврда во Божјата реч.
9 Подоцна верските водачи се собрале и му пристапиле на Исус барајќи да им одговори ‚со каква власт го прави тоа‘ (Матеј 21:23). Исус веќе многу јасно им дал до знаење кој е тој што му дава таква власт. Тој не ги поучувал луѓето за нешто ново, не измислувал нови учења. Едноставно, го објаснувал значењето на она што стоело во вдахновената Реч на неговиот Татко. Според тоа, со своето прашање, овие свештеници и книжници, всушност, покажале крајно непочитување кон Јехова и кон неговата Реч. Тие потполно ја заслужувале осудата што им ја изрекол Исус кога ги разоткрил нивните лоши мотиви (Матеј 21:23-46).
10. На кој начин можеме да постапуваме како Исус кога ја користиме Божјата реч, и кои работи ги имаме на располагање што Исус ги немал?
10 Исто како Исус, вистинските христијани денес ја користат Божјата реч кога проповедаат. Јеховините сведоци низ целиот свет се познати по својата спремност да зборуваат со другите за пораката од Библијата. Во нашите публикации се цитирани или наведени огромен број библиски стихови. Исто така, секогаш кога разговараме со луѓето во нашата служба, се трудиме да им го свртиме вниманието на Библијата (2. Тимотеј 3:16). Колку сме среќни кога некој ќе ни дозволи да му прочитаме стих од Библијата и да поразговараме за вредноста и важноста на Божјата реч! Иако немаме совршено памтење како што имал Исус, имаме на располагање многу работи што Исус ги немал. Освен целата Библија, која се печати на сѐ поголем број јазици, имаме многу библиски публикации кои ни помагаат да ги најдеме стиховите што ги бараме. Затоа, да бидеме решени и понатаму да цитираме од Библијата секогаш кога разговараме со луѓето и да им го свртиме вниманието на неа!
Ја бранел Божјата реч
11. Зошто Исус морал честопати да ја брани Божјата реч?
11 Исус видел дека луѓето постојано ја напаѓаат Божјата реч, но тоа сигурно не го изненадило. „Твојата реч е вистина“, рекол тој во една молитва до својот Татко (Јован 17:17). Освен тоа, Исус добро знаел дека Сатана, „владетелот на светот“, е „лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44; 14:30). Кога се спротивставил на искушенијата од Сатана, Исус трипати цитирал од Библијата. Сатана цитирал еден стих од Псалмите и намерно го извртел, но Исус ја одбранил Божјата реч од ваквото погрешно толкување (Матеј 4:6, 7).
12-14. а) Како верските водачи покажале непочитување кон Мојсеевиот закон? б) Како Исус ја бранел Божјата реч?
12 Исус честопати го бранел Светото писмо од злоупотреба, погрешно толкување и погрешно објаснување. Верските учители во неговото време ја извртувале Божјата реч и не ја претставувале во вистинско светло. Тие претерано нагласувале колку е важно да се држи Мојсеевиот закон — и тоа до најмала ситница — но многу ретко истакнувале колку е битно да се применуваат начелата на кои се темелеле тие закони. За нив било доволно само површно да му служат на Бог, и ова им го наметнувале и на другите. Побитно им било да го прават она што можеле да го видат луѓето, а сосема ги занемариле поважните работи — правдата, милосрдноста и верноста (Матеј 23:23). Како Исус го бранел Божјиот закон?
13 Во својата Проповед на гората, пред да наведе некоја одредба од Мојсеевиот закон, Исус секогаш велел: „Сте чуле дека било речено“. Потоа најчесто продолжувал со зборовите „а јас ви велам“, и тогаш објаснувал на кое начело се темели таа одредба. Со ова им покажал дека начелото, всушност, е поважно од површното држење на Законот. Дали со тоа зборувал против Законот? Не, тој го бранел. На пример, луѓето добро ја знаеле заповедта: „Не убивај“. Но Исус им рекол дека, ако мразат некого, тие веќе го кршат духот на тој закон. Слично на ова, ако некој постојано чувствува страст кон некое лице кое не му е брачен другар, тој го крши начелото врз кое се темели Божјиот закон за прељубата (Матеј 5:17, 18, 21, 22, 27-39).
14 И, како последен пример, Исус рекол: „Сте чуле дека било речено: ‚Сакај го својот ближен и мрази го својот непријател!‘ А јас ви велам: сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат“ (Матеј 5:43, 44). Дали заповедта да „се мрази непријателот“ била изнесена во Божјата реч? Не, оваа идеја верските водачи ја поучувале на своја рака. Тие го разводниле Божјиот совршен закон со човечко размислување. Исус бестрашно ја бранел Божјата реч од штетното влијание на човечките традиции (Марко 7:9-13).
15. Како Исус го бранел Божјиот закон кога некои сакале да го претстават како непотребно строг, па дури и суров?
15 Верските водачи го напаѓале Божјиот закон на уште еден начин — го прикажувале како непотребно строг, па дури и суров. Кога учениците на Исус скинале неколку класа жито додека минувале низ една нива, некои фарисеи тврделе дека со тоа го прекршиле законот за саботата. Исус употребил еден пример од Божјата реч за да ја одбрани од ваквото неурамнотежено гледиште. Тој го навел единствениот стих од Писмото во кој се спомнува дека лебот што свештениците го ставале пред Бог бил употребен надвор од светилиштето, односно им бил даден на Давид и неговите гладни луѓе да го изедат. Со тоа им покажал на тие фарисеи дека не ја сфатиле целта на Јеховината милосрдност и сочувство (Марко 2:23-27).
16. Што направиле верските водачи со заповедта за развод што ја дал Мојсеј, и што рекол Исус во врска со тоа?
16 Верските водачи барале и дупки во законот за да ги разводнат Божјите заповеди. На пример, според Законот, мажот можел да се разведе од жената ако „нашол на неа нешто недолично“, очигледно некој сериозен проблем што му носи срам на семејството (5. Мојсеева 24:1). Сепак, до времето на Исус, верските водачи ја користеле таа отстапка како изговор за да им се дозволи на мажите да ги оставаат жените од најразлични причини — дури и само ако жената ја загорела вечерата!a Исус покажал дека тие потполно ги извртеле вдахновените зборови на Мојсеј. Потоа, тој го вратил на своето место Јеховиното првобитно мерило за бракот — мерилото за моногамија, според кое единствената оправдана причина за развод е сексуалниот неморал (Матеј 19:3-12).
17. На кој начин христијаните денес можат да ја бранат Божјата реч исто како што ја бранел Исус?
17 Христовите следбеници денес исто така се чувствуваат принудени да го бранат Светото писмо од оние што го напаѓаат. Кога верските водачи велат дека моралните мерила изнесени во Божјата реч се застарени, тие, всушност, ја напаѓаат Библијата. Религиите ја напаѓаат и кога им сервираат лаги на луѓето, а тврдат дека тоа се библиски учења. За нас е голема чест да ја браниме чистата Божја реч на вистината, докажувајќи, на пример, дека Бог не е дел од некое Тројство, односно Света Троица (5. Мојсеева 4:39). Притоа ја браниме тактично, со благост и со длабока почит (1. Петрово 3:15).
Ја објаснувал Божјата реч
18, 19. Од кои примери гледаме дека Исус имал извонредна способност да ја објаснува Божјата реч?
18 Исус живеел на небото кога биле пишувани Хебрејските списи. Колку мора да се радувал кога дошол на Земјата и можел да ја објасни Божјата реч! На пример, помисли на тој значаен ден по неговото воскресение кога се сретнал со двајца свои ученици на патот кон Емаус. Пред да го препознаат, тие му кажале дека се многу тажни и збунети затоа што нивниот сакан Господар бил убиен. Како реагирал Исус? ‚Почнувајќи од Мојсеј и од сите Пророци, им го протолкувал она што е напишано за него во сите Писма.‘ Како влијаело ова врз нив? Подоцна си рекле еден на друг: „Зарем не ни гореше срцето додека ни зборуваше по патот, додека ни ги толкуваше Писмата?“ (Лука 24:15-32).
19 Подоцна истиот ден, Исус се сретнал со своите апостоли и со другите ученици. Забележи што сторил за нив: „Тогаш им го отвори умот да ги разберат Писмата“ (Лука 24:45). Без сомнение, во овие пријатни мигови тие се сетиле како Исус многу, многу пати порано го правел истото за нив — и за сите други што сакале да го слушаат. Тој честопати наведувал познати стихови и ги објаснувал на таков начин што наеднаш нешто прекрасно светнувало во умот на неговите слушатели — едно ново и подлабоко разбирање на Божјата реч.
20, 21. Како Исус ги објаснил зборовите што Јехова му ги кажал на Мојсеј кај грмушката што горела?
20 Во една друга прилика, Исус зборувал со група садукеи. Тие биле членови на една секта во јудаизмот и имале блиски врски со еврејското свештенство. На овие луѓе, кои не верувале во воскресение, Исус им го рекол следново: „А за воскресението на мртвите, зарем не сте читале што ви рекол Бог: ‚Јас сум Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков‘? А тој не е Бог на мртвите, туку на живите“ (Матеј 22:31, 32). Овој стих им бил многу познат на садукеите, а го запишал Мојсеј, човек што тие многу го ценеле. Но, сфаќаш ли колку било силно објаснувањето што го дал Исус?
21 Некаде во 1514 год. пр.н.е., Мојсеј зборувал со Јехова кај грмушката што горела (2. Мојсеева 3:2, 6). Во тоа време, Авраам бил мртов веќе 329 години, Исак 224, а Јаков 197 години. Сепак, Јехова рекол: „Јас сум“ нивни Бог. Тие садукеи знаеле дека Јехова не е како некој пагански бог на мртвите, кој владее над некаков митолошки подземен свет. Не, тој е Бог „на живите“, како што рекол Исус. Што значело тоа? Исус дал навистина силен заклучок: „За него сите тие се живи“ (Лука 20:38). Јехова ги чува на сигурно место своите сакани слуги кои умреле — во своето безгранично сеќавање кое никогаш не бледнее. Јехова има толку цврста намера да ги воскресне таквите лица што за нив може да се каже дека се живи (Римјаните 4:16, 17). Зарем ова не е извонредно објаснување на Божјата реч? Не е никакво чудо што ‚народот бил восхитен‘! (Матеј 22:33).
22, 23. а) Како можеме да ја објаснуваме Божјата реч како што ја објаснувал Исус? б) Што ќе разгледаме во следното поглавје?
22 Денес христијаните имаат чест да ја објаснуваат Божјата реч исто како што ја објаснувал Исус. Се разбира, ние немаме совршен ум. Сепак, честопати имаме можност да им прочитаме на другите стих што тие веќе го знаат, а и да им објасниме некои аспекти од него на кои воопшто не помислувале. На пример, можеби цел живот ја повторуваат молитвата Оченаш велејќи „Да се свети името твое“ и „Да дојде царството твое“, а не знаат ни кое е Божјето име ни што е Божјето Царство (Матеј 6:9, 10). Колку е убаво кога некој ќе ни дозволи да му дадеме јасно и едноставно објаснување на ваквите библиски вистини!
23 Ќе ги поучуваме другите за вистината исто како Исус ако цитираме стихови од Божјата реч, ако ја браниме и ако ја објаснуваме. Да видиме сега кои делотворни методи ги користел Исус за да ги всади библиските вистини во срцата на своите слушатели.
a Јосиф, историчар од првиот век, кој и самиот бил разведен фарисеј, подоцна напишал дека разводот бил дозволен „за која и да било причина (а мажите имаат многу такви причини)“.