Што вели Библијата за Бог и Исус?
ДАЛИ луѓето, ако ја читаат Библијата од почеток до крај без однапред создадени претстави за тројство, самите би наишле на таква идеја? Не, во никој случај.
Она што непристрасниот читател многу јасно ќе го разбере е тоа дека само Бог е Семоќен Творец, одвоен и поинаков од кој и да е друг, а дека Исус исто така е одвоен и поинаков, дека е создадено битие, подложно на Бог, а таков бил и во своето претчовечко постоење.
Бог е еден, а не троеден
БИБЛИСКОТО учење дека Бог е еден, се нарекува монотеизам. Л. Л. Пејн, професор по црквена историја, укажува на тоа дека монотеизмот во својот најчист облик не дозволува никакво тројство: „Стариот завет е строго монотеистички. Бог е едно единствено лично битие. Сфаќањето дека во тоа постои тројство . . . нема никаква подлога.“
Дали се променило нешто во монотеистичката вера откако Исус бил на Земјата? Пејн одговара: „На ова место не постои прелом меѓу Стариот и Новиот завет. Монотеистичката традиција продолжува. Исус бил Евреин, поучуван од еврејски родители за Стариот завет. Неговите учења биле наполно еврејски; се разбира, го донел новото евангелие, но не и нова теологија . . . А клучниот цитат на еврејскиот монотеизам било и негово уверување: ‚Почуј, Израеле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ‘“.
Овие зборови се запишани во 5. Мојсеева 6:4. Преводот Стварност овој стих вака го пренесува: „Чуј, Израеле! Јахве е наш Бог, Јахве е еден!“a Во овој стих зборот „еден“ нема поблиски граматички дефиниции кои би укажувале на множина, и кои би укажувале на нешто друго освен само на една личност.
Ни христијанскиот апостол Павле не навестил промена во природата на Бог; во тоа ништо не се изменило дури ни кога Исус дошол на Земјата. Павле пишува: „А Бог е само е д е н“ (Галатјаните 3:20; види и 1. Коринтјаните 8:4-6).
Низ целата Библија илјадници пати се зборува за Бога како за една личност. Кога тој зборува, зборува како неподелена индивидуа. Во тој поглед Библијата не може да биде појасна. Така Бог објаснува: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име, и на никого друг не ја давам мојата слава“ (Исаија 42:8, НС). „Јас сум Јахве, Богот твој . . . Немој да имаш други богови освен мене“ (2. Мојсеева 20:2, 3, Ст; нагласено од нас).
Зошто сите од Бога инспирирани библиски писатели би зборувале за Бог како за едно лице ако тој всушност се состои од три личности? За која цел би служело тоа освен луѓето да се доведуваат во заблуда? Кога Бог би се состоел од три личности, тогаш тој сигурно би се погрижил библиските писатели така добро да го објаснат тоа што нема да постои никакво сомневање околу тоа. Барем писателите на Христијанските Грчки списи кои биле лично во контакт со Божјиот Син, требало да го сторат тоа. Меѓутоа, тие не постапиле така.
Она што писателите на Библијата јасно го разјасниле е тоа дека Бог е една Личност — едно единствено неразделено Битие кое нема еднаков на себе: „Јас сум Јахве и нема друг; освен мене нема друг Бог“ (Исаија 45:5, Ст). „Ти [си], кому името му е Јехова, единствениот Севишен над целата земја“ (Псалм 83:18, НС).
Во Бог нема повеќе личности
ИСУС го нарекол Бога ‚Едини вистински Бог‘ (Јован 17:3). Никогаш не се осврнувал на Бог како на некое божество составено од повеќе личности. Затоа во Библијата само Јехова се нарекува Семоќен. Инаку, зборот „семоќен“ не би имал смисла. Ниту Исус ниту светиот дух не се означуваат како семоќни, зашто само Јехова е Севишен. Според 1. Мојсеева 17:1, тој објаснил: „Јас сум Бог семоќен“. А во 2. Мојсеева 18:11 (НС) пишува: „Јехова [е] поголем од сите други богови“.
Зборот елоа́х (бог) во Хебрејските списи има две плурални (множински) форми, имено елохи́м (богови) и елохе́х (богови од). Општо, овие плурални форми се однесуваат на Јехова и во тој случај се преведуваат во сингулар (еднина), т. е. како „Бог“. Дали плуралните форми укажуваат на тројство? Не. Вилијам Смит во делото A Dictionary of the Bible (Речник на Библијата) пишува: „Необичната идеја [елохи́м] да се однесува на тројство од личности во Божеството, сега одвај наидува на поддршка кај изучувачите. Или се работи за она што граматичарите го нарекуваат множина на величество, или ја означува полнотата на божествената сила, збирот на моќта што ја покажува Бог“.
Списанието The American Journal of Semitic Languages and Literatures за елохи́м вели: „Скоро секогаш се конструира со сингуларен (еднински) глаголски предикат и бара сингуларен придавски атрибут“. Како пример нека ни послужи ова: Титулата елохи́м се јавува 35 пати во извештајот за создавањето и секогаш глаголот кој опишува што Бог рекол или сторил, стои во еднина (1. Мојсеева 1:1 до 2:4). Затоа писателот доаѓа до заклучокот: „[Елохи́м] мора попрво да се објасни како интензивен плурал кој ја означува величината и величеството“.
Елохи́м не значи „личности“, туку „богови“. Оние кои тврдат дека под овој збор се подразбира тројство, самите се прават политеисти, обожаватели на повеќе отколку еден Бог. Зошто? Затоа што тоа би значело дека во тројството се три бога. Меѓутоа, скоро сите поборници на тројството го отфрлуваат гледиштето дека во тројството се три меѓусебно одвоени бога.
Библијата ги употребува зборовите елохи́м и елохе́х и кога се осврнува на низа лажни богови или на идоли (2. Мојсеева 12:12; 20:23). Но, во други случаи можат да се однесуваат и на само еден единствен лажен бог; така Филистејците се осврнале на ‚Дагон, својот бог [елохе́]‘ (Судиите 16:23, 24). Ваал е наречен ‚бог [елохи́м]‘ (3. Царства 18:27). Освен тоа, овој израз се применува и на луѓе (Псалм 82:1, 6). На Мојсеј му било речено дека тој требало да биде како „Бог“ [елохи́м] за Арон и фараонот (2. Мојсеева 4:16; 7:1).
Очигледно, употребата на титулите елохи́м и елохе́х за лажните богови па дури и за луѓето, не значела дека кај секој од нив се работи за множина од богови; така ни примената на елохи́м или елохе́х на Јехова исто така не значи дека тој е повеќе од една личност, особено ако го земеме во обѕир сведоштвото на останатите делови на Библијата за оваа тема.
Исус, посебна творба
ДОДЕКА Исус бил на Земјата, бил човек, се разбира совршен, бидејќи Бог бил тој кој ја пренел Исусовата животна сила во матката на Марија (Матеј 1:18-25). Но, тоа не бил неговиот почеток. Тој самиот објаснил дека слегол „од небото“ (Јован 3:13). Затоа било сосема природно кога подоцна ги прашал своите следбеници: „А камоли да го видите Синот човечки [Исуса] како се вознесува таму каде што беше порано?“ (Јован 6:62, Ст).
Според тоа, пред да дојде на Земјата, Исус веќе живеел на небото. Но, дали тој постоел како една од личностите во семоќниот и вечен троеден Бог? Не, затоа што Библијата јасно кажува дека Исус во своето претчовечко постоење бил духовно битие создадено од Бог, какви што се ангелите. Ниту ангелите ниту Исус не постоеле пред да бидат создадени.
Во своето претчовечко постоење Исус бил „првородениот од секоја творба“ (Колосјаните 1:15, Ст). Тој бил „почетокот на Божјето создавање“ (Откровение 3:14, НС). Не е оправдано изразот „почеток“ [грчки: архе́] да се толкува така како да значи дека Исус бил „почетник“ на Божјето создавање. Во своите списи, Јован преку 20 пати употребува различни облици на грчкиот збор архе́ и секојпат овие зборови имаат значење на „почеток“. Да, Исус бил создаден од Бог како почеток на невидливите Божји суштества.
Да забележиме како овие осврти на Исусовото потекло точно се совпаѓаат со изразите кои сликовито се употребени за „Мудрост“: „Јахве ме создаде како почеток на своето дело, како најран од своите дела, во прадоба. Се родив пред да бидат втемелени горите, пред ридовите. Кога сѐ уште не ја беше создал земјата, ниту полињата ниту почетокот на земскиот прав“ (Изреки 8:12, 22, 25, 26, Ст). Изразот „Мудрост“ се употребува за да се персонифицира оној кого Бог го создал; и повеќето изучувачи се согласуваат со тоа дека овде навистина се работи за стилска фигура која се однесува на Исус како духовна личност во претчовечкото постоење.
Како „Мудрост“ во своето претчовечко постоење, Исус понатаму рекол дека бил „кај него [Бог] како градителка“ (Изреки 8:30, Ст). Во согласност со Исусовата улога на градител, во Колосјаните 1:16 за него се вели: „Преку него беше создадено сѐ што е на небото и на земјата“.
Така Семоќниот Бог преку својот градител, својот соработник, ги создал сите други работи. Библијата тоа го резимира вака: „Но ние имаме само еден Бог, Отецот, од кого е сѐ . . . и еден Господ Исус Христос, преку кого е сѐ“ (1. Коринтјаните 8:6, Ст; нагласено од нас).
Без сомнение, Бог му зборувал на овој градител: „Да направиме човек по наш облик“ (1. Мојсеева 1:26). Некои тврделе дека зборот „направиме“ укажува на тројство. Но, кога ти би рекол: „Сега ќе направиме нешто за себе“, се разбира, никој не би дошол на помисла дека овие зборови укажуваат на тоа дека во тебе се обединети повеќе лица. Ти едноставно сакаш да кажеш дека на нешто ќе работат две или повеќе лица. Така е и со Бог. Кога рекол: „Да направиме“, тој едноставно разговарал со едно друго лице, со својата прва духовна творба, со градителот, со претчовечкиот Исус.
Дали можел Бог да биде искушуван?
ВО МАТЕЈ 4:1 се известува дека Исус бил „искушуван од Ѓаволот“. Откако му ги покажал на Исус „сите царства на светот и нивната слава“, Сатана му рекол: „Сето ова ќе ти го дадам ако клекнеш и извршиш кон мене чин на обожавање“ (Матеј 4:8, 9, НС). Сатана сакал да го наведе Исус на нелојалност кон Бог.
Но, какво искушение на лојалност би било тоа ако Исус е Бог? Дали е можно Бог да се бунтува сам против себе? Не може, но ангелите и луѓето можат да се бунтуваат против Бога, а тоа и го сториле. Искушувањето на Исус имало смисла единствено ако тој не бил Бог, туку индивидуа за себе со слободна волја; како некој ангел или човек, и тој можел да биде нелојален ако сакал.
Од друга страна, незамисливо е дека Бог би можел да згреши и да биде нелојален кон самиот себе. „Неговото дело е совршено . . . Бог на верноста . . . праведен е и честит“ (5. Мојсеева 32:4, НС). Според тоа, ако Исус бил Бог, тогаш не би можел да биде искушуван (Јаков 1:13).
Бидејќи Исус не бил Бог, можел да стане нелојален. Меѓутоа, тој останал верен, велејќи: „Оди, Сатано! Зашто стои напишано: ‚Јехова, својот Бог, мораш да го обожаваш и нему единствено да му принесуваш света служба‘“ (Матеј 4:10, НС).
Колкава вредност има откупнината?
ЕДНА од основните причини зошто Исус дошол на Земјата исто така е директно поврзана со тројството. Библијата вели: „Бог е еден, и еден е посредник меѓу Бог и луѓето, човекот Исус Христос, кој себеси се даде како соодветна откупнина за сите“ (1. Тимотеј 2:5, 6).
Исус, совршениот човек, ни помалку ни повеќе, станал откупнина која точно одговарала на она што го изгубил Адам — правото на совршен живот на Земјата. Затоа апостол Павле со право можел да го нарече Исус ‚последен Адам‘; а во истиот контекст рекол: „Бидејќи како што по Адам сите умираат, така и по Христос сите ќе оживеат“ (1. Коринтјаните 15:22, 45). Она што барала божествената правда како „соодветна откупнина“ бил Исусовиот совршен човечки живот — ни помалку ни повеќе. Дури и во човечкото право, едно важно темелно начело гласи дека висината на паричната казна мора да одговара на тежината на кривичното дело.
Меѓутоа, ако Исус бил дел од некое божество, тогаш цената на откупнината би била неизмерно повисока од цената која ја барал Божјиот закон (2. Мојсеева 21:23-25; 3. Мојсеева 24:19-21). Во Едем згрешил само совршениот човек, имено Адам, но не и Бог. За да ја задоволи Божјата правда, откупнината морала да биде точен еквивалент — совршен човек, „последниот Адам“. Кога Бог го испратил Исус на Земјата како откупнина, не го создал како инкарнација, Бог-човек, туку она што ја задоволувало правдата — го создал како совршен човек, ‚понизок од ангелите‘ (Евреите 2:9; спореди Псалм 8:5, 6). Како можело воопшто еден дел од семоќниот Бог — Отецот, Синот или светиот дух — да биде понизок од ангелите?
‚Првосоздаден Син‘ — Како?
БИБЛИЈАТА го нарекува Исуса Божји „единороден Син“ (Јован 1:14; 3:16, 18; 1. Јованово 4:9). Тринитаријанците велат дека, бидејќи Бог е вечен, и Божјиот Син е вечен. Но, како може некој да биде син на својот татко, а истовремено да биде еднакво стар колку и тој?
Тринитаријанците тврдат дека во случајот на Исус, ‚единороден‘ не одговара на дефиницијата на зборот „раѓа“ каква што ја наоѓаме во речникот, а која гласи: „Да се произведе [потомство] како татко“ (Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary). Тие велат дека таа во случајот на Исус има „смисла на однос кој не настанал преку раѓање“, однос на еден единствен син (кон таткото) без раѓање (Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words). Дали тоа ти звучи логично? Може ли некој човек да стане татко на својот син, без да го предизвика неговото раѓање?
Освен тоа, зошто Библијата го употребува истиот грчки збор за ‚единороден‘ (како што гореспоменатиот Вајн признава без било какво објаснување) за опишување на односот на Исак спрема Авраам? Во Евреите 11:17 за Исак е речено дека е Авраамов ‚единороден син‘. Во случајот на Исак не може да постои ни најмало сомневање дека бил единороден во вообичаена смисла, дека не бил еднакво стар како неговиот татко или имал еднаква положба како него.
Темелниот грчки збор за „единороден“, а кој е употребен за Исус и за Исак, гласи моногене́с, од мо́нос, што значи „единствен“, и коренскиот збор ги́номаи, а значи „(за луѓето) да се роди“ (Грчко-хрватски или српски речник, Мајнариќ-Горски, Школска књига, Загреб, 1983). Затоа моногене́с се дефинира вака: „Единствено роден, единствено дете“ — A Greek and English Lexicon of the New Testament (Грчки и англиски лексикон на Новиот завет) од Е. Робинзон.
Theological Dictionary of the New Testament (Теолошкиот речник на Новиот завет) од Герхарт Кител вели: „[Моногене́с] значи: ‚единствен потомок, т. е. без браќа или сестри‘“. Во ова дело се вели и тоа дека во Јован 1:18; 3:16, 18 и во 1. Јованово 4:9 „не се споредува само Исусовиот однос со односот на единородниот син спрема својот татко туку тоа е однос на единородниот син спрема таткото“.
Според тоа, животот на Исус, единородниот Син, имал почеток. А Семоќниот Бог може со право да се нарече негов Родител или Татко, и тоа во иста смисла како што некој земски татко — како Авраам — е родител на својот син (Евреите 11:17). Значи, кога Библијата зборува за Бога како за Исусов „Татко“, тогаш така и мисли — дека тие двајцата се две одвоени индивидуи. По староста, положбата, моќта и по знаењето, Бог е далеку над Исус.
Ако помислиме дека Исус не бил единствениот духовен син кого Бог го создал на небото, ни станува јасно зошто во случајот на Исус бил употребен изразот ‚единороден‘. Неброени други создадени духовни суштества, ангели, исто така се нарекуваат ‚Божји синови‘ — и тоа во иста смисла како што Адам бил наречен Божји син — затоа што нивната животна сила потекнала од Јехова Бог, Изворот на животот (Јов 38:7; Псалм 36:9; Лука 3:38). Меѓутоа, сите тие биле создадени преку „единородниот Син“, односно оној кој единствено бил директно создаден од Бога (Колосјаните 1:15-17).
Дали го сметале Исус за Бог?
ВО БИБЛИЈАТА, додуша, Исус често се нарекува Син Божји, но во 1. век никој не би дошол на помисла дека тој е Бог Син. Дури и демоните, кои ‚веруваат дека Бог е еден‘, знаеле од искуство во духовниот свет дека Исус не е Бог. Затоа правилно му се обратиле со „Сине Божји“ (Јаков 2:19; Матеј 8:29). А кога Исус умрел, присутните римски војници кои биле пагани, но кои доволно чуле од Исусовите следбеници и знаеле дека Исус не е Бог, рекле: „Навистина овој беше Син Божји“ (Матеј 27:54).
Според тоа, изразот „Син Божји“ се однесува на Исус како самостојно создадено битие, а не на дел од некое тројство. Како Син Божји, тој не може да биде самиот Бог, бидејќи Јован 1:18 (НС) вели: „Бога никој никогаш не го видел“.
Учениците гледале на Исус како на ‚Посредник помеѓу Бога и луѓето‘, а не како на самиот Бог (1. Тимотеј 2:5). Бидејќи, според дефиницијата, посредникот е независно лице кое посредува помеѓу оние на кои им е потребен посредник, би било противречно кога Исус би бил еднаков со некоја од двете страни кои се обидува да ги помири. Во тој случај би се преправал дека е нешто што не е.
За односот на Исус кон Бог, Библијата јасно и доследно се изразува. Само Јехова Бог е Семоќен. Тој директно го создал претчовечкиот Исус. Според тоа, Исус имал почеток и, во поглед на моќта и вечноста, никогаш не може да биде еднаков со Бог.
[Фусноти]
a Божјето име во некои преводи се преведува со „Јахве“, а во други со „Јехова“.
[Истакната мисла на страница 14]
Бидејќи Исус е создаден од Бог, во поглед на староста, моќта и знаењето, тој е на второ место
[Слика на страница 15]
Исус рекол дека имал претчовечко постоење, дека Бог го создал пред сите невидливи духовни суштества