Старешини, судете со праведност
„Кога имате сослушување меѓу вашите браќа, морате да судите со праведност“ (5. МОЈСЕЕВА 1:16, NW).
1. Какво доверување на власт се одигрува во случај на судење, и што тоа вклучува за човечките судии?
КАКО ВРХОВЕН Судија, Јехова му доверил правна власт на својот Син (Јован 5:27, ДК). Од своја страна пак, како Поглавар на христијанското собрание, Христос ја употребува класата на верниот и разумен роб и неговото Водечко тело да поставува старешини кои понекогаш мора да постапуваат како судии (Матеј 24:45-47; 1. Коринтјаните 5:12, 13; Тит 1:5, 9). Како судии заменици, тие се обврзни тесно да го следат примерот на небесните Судии, Јехова и Христос Исус.
Христос — примерниот Судија
2, 3. а) Кое месијанско пророштво ги открива Христовите особини како Судија? б) Кои мисли се особено вредни да се забележат?
2 За Христос како Судија, пророчки било запишано: „На него мора да слезе Јеховиниот дух, духот на мудрост и на разумност, духот на совет и моќ, духот на спознание и на Јеховиниот страв; и тој ќе се радува во Јеховиниот страв. И нема да суди само по она што го гледа на очи, ниту ќе укорува само според она што го слушаат неговите уши. И со праведност мора да им суди на понизните, и со исправност мора да укорува во корист на кротките на земјата“ (Исаија 11:2-4, NW).
3 Забележи ги во тоа пророштво особините кои на Христос му овозможуваат ‚во праведност да ја суди населената земја‘ (Дела на апостолите 17:31, NW). Тој суди во согласност со Јеховиниот дух, божествената мудрост, разбирањето, советот и знаењето. Забележи и тоа дека тој суди во страв од Јехова. Според тоа, „Христовата судска столица“ ја претставува „Божјата судска столица“ (2. Коринтјаните 5:10, NW; Римјаните 14:10, NW). Тој внимава да ги суди работите на начинот на којшто Бог ги суди (Јован 8:16, NW). Тој не суди само по изглед или само по слушање. Тој суди со исправност, во корист на кротките и понизните. Колку прекрасен Судија! И каков прекрасен пример за несовршените луѓе кои се повикани да постапуваат во судско својство, денес!
Земски судии
4. а) Која ќе биде една од функциите на 144.000-те во текот на Христовата Милениумска влада? б) Кое пророштво покажува дека некои помазани христијани ќе бидат поставени како судии додека сѐ уште се на Земјата?
4 Писмото покажува дека релативно малиот број помазани христијани, почнувајќи со 12-те апостоли, ќе бидат придружни судии со Христос Исус во текот на Милениумот (Лука 22:28-30; 1. Коринтјаните 6:2; Откровение 20:4). На самиот остаток на помазани членови на духовниот Израел на Земјата му било судено и повторно бил вратен во 1918-19 (Малахија 3:2-4). Во врска со ова обновување на духовниот Израел, било проречено: „Пак ќе ги поставам судии, како порано, и советници како отпрвин“ (Исаија 1:26). Затоа, како што направил „отпрвин“ со телесниот Израел, така на обновениот остаток Јехова му дал праведни судии и советници.
5. а) Кои биле ‚земени за судии‘ по обновувањето на духовниот Израел, и како се опишани во книгата Откровение? б) Кој им помага сега на помазаните надгледници во делото на судење, и како се оспособуваат да бидат подобри судии?
5 Како прво, ‚мудрите‘ кои биле ‚земени за судии‘ биле помазани постари мажи, или старешини (1. Коринтјаните 6:4, 5). Верните, почитувани помазани надгледници се опишани во книгата Откровение како ги држи Христовата десна рака, односно тие се под негова контрола и водство (Откровение 1:16, 20; 2:1). Од 1935, помазаните добиле лојална поддршка од „големо мноштво“ кое постојано се зголемува, а чија надеж е да ја преживее „големата неволја“ и засекогаш да живее на рајска Земја (Откровение 7:9, 10, 14-17, NW). Додека се приближува „свадбата на [Ј]Агнецот“, помазаното Водечкото тело наименува сѐ повеќе од нив за да служат како старешини во преку 66.000 собранија на Јеховините сведоци ширум Земјатаa (Откровение 19:7-9). Со помош на посебни школи, тие се оспособуваат да постапуваат со одговорност во општеството на ‚новата земја‘ (2. Петрово 3:13). Школата на службата за Царството, која кон крајот на 1991 се водеше во многу земји, ја нагласи важноста од правилното постапување со судските случаи. Старешините кои служат како судии, должни се да ги имитираат Јехова и Христос Исус, чии судови се вистинити и праведни (Јован 5:30; 8:16, NW; Откровение 19:1, 2).
Судии кои, се однесуваат со страв‘
6. Зошто старешините кои служат во правните одбори треба ‚да се однесуваат со страв‘?
6 Ако самиот Христос суди во Јеховин страв и со помош на Неговиот дух, колку повеќе би требало несовршените старешини! Кога се поставени да судат во правен одбор, мора да ‚се однесуваат со страв‘, повикувајќи го „Таткото кој непристрасно суди“ да им помогне да судат во праведност (1. Петрово 1:17, NW). Тие треба да запомнат дека имаат работа со човечки животи, со нивните „души“, како такви кои „се задолжени да одговараат“ (Евреите 13:17). Со оглед на тоа, секако дека ќе бидат одговорни и пред Јехова за какви и да се судски грешки кои би ги направиле, а кои можеле да се избегнат. Во својот коменатар кон Евреите 13:17, Џ. Х. А. Ебрард напишал: „Должност на пастирот е да ги надгледува душите кои му се доверени под негова грижа, и . . . тој мора да положи сметка за сите нив, исто и за оние кои се изгубени по негова грешка. Тоа е сериозен збор. Нека секој слуга на речта смета дека доброволно ја презел оваа многу одговорна задача“. (Спореди Јован 17:12; Јаков 3:1, NW.)
7. а) Што треба да запомнат современите судии и која треба да биде нивната цел? б) Кои поуки треба старешините да ги извлечат од Матеј 18:18-20?
7 Старешините, кои постапуваат во судско својство, треба да запомнат дека вистинските Судии во секој правен случај се Јехова и Христос Исус. Сети се што им било речено на судиите во Израел: „Не судите за човек, туку за Јехова; и тој е со вас во судската работа. И сега нека стравот Јеховин биде на вас. . . . Вака треба да правите за да не навлечете на себе вина“ (2. Дневници 19:6-10, NW). Со страв полн со почитување, старешините кои судат во некој правен случај, треба многу да се трудат за Јехова навистина да биде ‚со нив во судската работа‘. Нивната одлука треба точно да го одрази начинот на кој Јехова и Христос гледаат на работата. Она што тие симболично го ‚сврзуваат‘ (го сметаат за виновно) или го ‚разврзуваат‘ (го сметаат за недолжно) на Земјата треба да биде она што е веќе сврзано или разврзано на небото — како што е откриено според она што е напишано во инспирираната Божја Реч. Ако тие му се молат на Јехова во Исусово име, Исус ќе биде „посреде нив“ за да им помогне (Матеј 18:18-20, (NW) фуснота; Стражарска кула, 6/88, стр. 9-10, хрв.). Атмосферата на едно правно сослушување треба да покаже дека Христос навистина е во нивната средина.
Полновремени пастири
8. Која е главната одговорност на старешините спрема стадото, по примерот на Јехова и на Исус Христос? (Исаија 40:10, 11; Јован 10:11, 27-29).
8 Старешините не судат полновремено. Тие се полновремени пастири. Тие се лекувачи, а не казнувачи (Јаков 5:13-16). Основната мисла зад грчкиот збор за надгледник (епи́скопос) е заштитничка грижа. Делото Theological Dictionary of the New Testament наведува: „Изразот [епи́скопос], дополнувајќи го пастир [во 1. Петрово 2:25], укажува на пастирското дело на надгледување или чување“. Да, нивна првенствена одговорност е да ги надгледуваат и чуваат овците, да ги држат внатре во стадото.
9, 10. а) Како Павле ја нагласил првенствената должност на старешините, и според тоа кое прашање е добро да се постави? б) Што се подразбира со Павловите зборови во Дела на апостолите 20:29, и според тоа како можат старешините да го намалат бројот на правните случаи?
9 Зборувајќи им на старешините во ефеското собрание, апостол Павле го нагласил она што било потребно: „Внимавајте на себе и на сето стадо, во кое светиот дух ве наименувал за надгледници, да го пасете Божјето собрание кое тој го откупил со крвта на својот сопствен [Син]“ (Дела апостолски 20:28, NW). Павле го истакнува пасењето, а не казнувањето. Би било добро некои старешини да размислат за следново прашање: ‚Дали би можеле да заштедиме прилично многу време кое е потребно за испитување и водење на правни случаи, кога би посветиле повеќе време и труд на пастирењето?‘
10 Вистина, Павле предупредил на „угнетувачки волци“. Но зарем не ги укорил затоа што ‚не постапувале нежно со стадото‘? (Дела апостолски 20:29, NW). И, иако дава на знаење дека верните надгледници треба да ги истераат тие „волци“, зарем неговите зборови не покажуваат дека старешините треба ‚нежно‘ да постапуваат со останатите членови на стадото? Кога една овца духовно ослабува и престанува да му служи на Бог, што му треба нему или нејзе — тепање или лекување, казнување или пастирење? (Јаков 5:14, 15). Затоа, старешините треба редовно да планираат време за пастирското дело. Тоа може да го донесе радосниот резултат да се поминува помалку време во правни случаи кои одземаат многу време, а вклучуваат христијани кои ги надвладеал грев. Секако, главната грижа на старешината би требало да биде да пружи извор на помош и освежување, и така да го унапредува мирот, спокојството и безбедноста меѓу Јеховиниот народ (Исаија 32:1, 2).
Да се служи како добротворни пастири и судии
11. Зошто на старешините кои служат во правните одбори им е потребна непристрасност и ‚мудроста одозгора‘?
11 Поинтензивното пастирење пред еден христијанин да направи погрешен чекор, може прилично да го намали бројот на правните случаи меѓу Јеховиниот народ. (Спореди Галатјаните 6:1.) Сепак, поради човечкиот грев и несовршеност, христијанските надгледници можеби ќе мораат одвреме навреме да имаат работа со случаи на погрешно постапување. Од кои начела треба да се водат? Тие не се измениле од времето на Мојсеј или од времето на првите христијани. Сѐ уште важат Мојсеевите зборови упатени до судиите во Израел: „Кога имате сослушување меѓу вашите браќа, морате да судите со праведност . . . При изречувањето пресуда не смеете да бидете пристрасни“ (5. Мојсеева 1:16, 17, NW). Непристрасноста е својство на „мудроста, што иде одозгора“, мудроста која е многу важна за старешините кои служат во правните одбори (Јаков 3:17; Соломонови изреки 24:23). Таквата мудрост ќе им помогне да ја распознаваат разликата помеѓу слабоста и злобата.
12. Во која смисла треба судиите да бидат не само праведни, туку и добри мажи?
12 Старешините ‚мораат да судат со праведност‘, во склад со Јеховините начела за исправно и погрешно (Псалми 19:9, ДК). Сепак, иако настојуваат да бидат праведни мажи, треба исто така да се трудат да бидат и добри мажи, во смисла на разликата што Павле ја прави во Римјаните 5:7, 8. Коментирајќи ги тие стихови во статијата за „Праведност“, делото Увид во Писмото (Insight on the Scriptures) наведува: „Употребата на грчкиот термин покажува дека оној кој е познат, или кој се препознава по добротата, е оној кој е благонаклонет (склон да им прави добро или да им користи на другите) и добротворен (оваа доброта ја изразува со дела). Тој не е само заинтересиран да го прави она што го бара правдата, туку оди и над тоа, мотивиран е од здрава обѕирност спрема другите и од желбата да им биде од корист и да им помогне“ (том 2, стр. 809). Старешините кои не се само праведни, туку и добри, ќе постапуваат со престапниците со љубезна обѕирност (Римјаните 2:4). Тие треба да сакаат да покажат милост и сочувство. Треба да сторат она што можат за да му помогнат на престапникот да сфати дека е потребно да се покае, иако можеби отпрвин се чини дека не реагира на нивните напори.
Исправен став при сослушувањата
13. а) Што не престанува да биде еден старешина кога има улога на судија? б) Кој совет од Павле се применува и при правните сослушувања?
13 Кога некоја ситуација бара правно сослушување, надгледниците не треба да заборават дека сѐ уште се пастири кои имаат работа со Јеховини овци, под „добриот Пастир“ (Јован 10:11). Советот што го дал Павле за редовната помош што им се пружа на овците кои се во неволја, подеднакво важи и за правните сослушувања. Тој напишал: „Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните поправајте го таков со духот на кротоста, пазејќи се и вие да не бидете искушани. Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг, и исполнувајте го така законот Христов“ (Галатјаните 6:1, 2).b
14. Како треба надгледниците да гледаат на правните сослушувања, и каков треба да биде нивниот став спрема еден престапник?
14 Наместо да се сметаат себеси за надмоќни судии кои се состануваат за да извршат казна, старешините кои служат во правен одбор, на сослушувањето треба да гледаат како на уште еден вид на нивното пастирско дело. Некоја од Јеховините овци е во неволја. Што можат да сторат да го спасат него или неа? Дали е предоцна да ѝ се помогне на таа овца која заскитала од стадото? Да се надеваме дека не е. Старешините треба да задржат позитивно гледиште спрема покажувањето милост таму кадешто тоа би било исправно. Тоа не значи дека треба да ги намалат Јеховините начела ако е извршен сериозен грев. Но ако се свесни за какви и да се олеснителни околности, тоа ќе им помогне да укажат милост кадешто е можно (Псалми 103:8-10; 130:3, сите ДК). За жал, некои престапници се толку упорни во својот став што старешините се должни да покажат одлучност, но никогаш грубост (1. Коринтјаните 5:13).
Целта на правните сослушувања
15. Што најпрво треба да се одреди кога ќе се појави сериозен проблем меѓу поединци?
15 Кога ќе се појави некој сериозен проблем помеѓу поединци, мудрите старешини прво ќе одредат дали оние кои се вклучени се обиделе приватно да ја расчистат работата, во духот на Матеј 5:23, 24 или Матеј 18:15. Ако тоа не успеало, можеби ќе биде доволен советот на еден или двајца старешини. Правна постапка е потребна само ако бил направен тежок грев кој би можел да води до исклучување (Матеј 18:17; 1. Коринтјаните 5:11). Мора да постои здрава библиска основа за формирање на правен одбор. (Види Стражарска кула, 1/90, стр. 32.) Штом е формиран, треба да се изберат најспособните старешини за секој одделен случај.
16. Што се трудат старешините да постигнат преку правните сослушувања?
16 Што се обидуваат старешините да постигнат со правните сослушувања? Прво, невозможно е да се суди со праведност ако вистината е непозната. Како во Израел, за сериозните работи мораат ‚темелно да се распрашаат‘ (5. Мојсеева 13:14, NW; 17:4). Значи една цел на сослушувањето е да се откријат фактите на случајот. Но тоа може и треба да се направи со љубов (1. Коринтјаните 13:4, 6, 7). Кога еднаш ќе бидат познати фактите, старешините прават сѐ што е потребно за да го заштитат собранието, и во неговите рамки да ги задржат Јеховините високи мерила и слободниот проток на неговиот дух (1. Коринтјаните 5:7, 8). Меѓутоа, една од целите на сослушувањето е и да се спаси, ако е воопшто можно, еден грешник кој е во опасност. (Спореди Лука 15:8-10.)
17. а) Како треба да се постапува со некој обвинет во текот на сослушувањето, и со која цел? б) Што ќе бара тоа од членовите на правните одбори?
17 Со оној што е обвинет, никогаш не треба да се постапува поинаку освен како со Божја овца. Со него или со неа треба да се постапува со нежност. Ако е извршен грев (или гревови), целта на праведните судии ќе биде да му помогнат на грешникот да се исправи, или да ја сфати грешката на својата постапка, да се покае, и така да се истргне од „мрежата на ѓаволот“. Ќе биде потребна „уметност на поучување“, ‚поучување со благост‘ (2. Тимотеј 2:24-26; 4:2, NW). Што ако грешникот тогаш признае дека грешел, навистина му е жал во срцето и го моли Јехова за простување? (Спореди Дјела апостолска 2:37, ДК.) Ако одборот е уверен дека тој искрено сака помош, воглавно нема да биде потребно да се исклучи. (Види Стражарска кула, 5/83, стр. 28, пас. 4, срп.)
18. а) Кога треба еден правен одбор да покаже одлучност во исклучувањето на еден престапник? б) Со оглед на која жалосна ситуација старешините треба да се напрегаат во корист на залутаната овца?
18 Од друга страна, кога членовите на правниот одбор се соочуваат со јасен случај на непокајничко отпадништво, самоволно бунење против Јеховините закони или очигледна злоба, нивна должност е да ги заштитат другите членови на собранието со исклучување на непокајничкиот виновник. Правниот одбор не е должен повторно да се состанува со престапникот и „да му ги вади зборовите од уста“, обидувајќи се да го натера да се покае, ако е очигледно дека му недостига божествено каење.c Во поново време исклучувањето ширум светот изнесува приближно 1 отсто од објавителите. Тоа значи дека од околу сто овци кои остануваат во трлото, една е изгубена — барем привремено. Кога ќе се земе предвид времето и трудот кои се потребни за да некој се доведе во трлото, зарем не ти се кине срцето кога ќе дознаеш дека десетици илјади му се ‚предаваат назад на Сатана‘ секоја година? (1. Коринтјаните 5:5, NW).
19. Што не треба да заборават старешините кои служат во правните одбори, и според тоа која треба да биде нивната цел?
19 Старешините кои започнуваат некој правен случај треба да запомнат дека повеќето случаи на грев во собранието вклучуваат слабост, а не злоба. Никогаш не треба да ја заборават Исусовата споредба за изгубената овца, која ја заклучил со зборовите: „Ви велам, дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење“ (Лука 15:7). Навистина, „Јехова . . . не сака да биде уништен кој и да е, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9, NW). Со Јеховина помош, нека правните одбори ширум светот максимално се трудат да создадат радост на небото со тоа што ќе им помогнат на престапниците да сфатат дека е потребно да се покајат и да зачекорат со своите нозе назад по тесниот пат кој води кон бескраен живот (Матеј 7:13, 14).
[Фусноти]
a За положбата на старешините меѓу другите овци со оглед на Христовата десна рака, види ја книгата Откровение — близу е величествената кулминација!, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., стр. 136, фуснота (срп.)
b Види Стражарска кула, 1/90, стр. 32.
c Види Стражарска кула, 1/82, стр. 12, пас. 24, (срп).
Прашања за повторување
◻ Кој треба да биде главниот интерес на старешините следејќи го примерот на Големиот Пастир и Добриот Пастир?
◻ На кој начин можат старешините да се трудат да го намалат бројот на правните случаи?
◻ Во која смисла судиите треба да бидат не само праведни, туку и добри?
◻ Како треба да се постапува со престапникот за време на сослушувањето, и со каква цел?
◻ Зошто исклучувањето е последно решение?
[Слика на страница 16]
Таму кадешто се врши напредно пастирење, можат да се избегнат многу правни случаи
[Слика на страница 18]
Дури и за време на правно сослушување, старешините треба да се трудат да го исправат престапникот во дух на кротост