Дали религијата ги задоволува твоите потреби?
ВОЗДУХОТ, водата, храната и покривот над глава се општо признаени човекови потреби. Недостигот на овие работи доведува до оскудица и смрт. Но, многу одамна, израелскиот водач Мојсеј го насочил вниманието на уште една човекова потреба која е поважна дури и од храната и водата. Мојсеј рекол: „Човекот не живее само од леб, но човекот живее и од секој збор што излегува од устата на Господа“ (5. Мојсеева 8:3).
Со овие силни зборови Мојсеј покажал колку е важно да се задоволат нашите религиозни, односно духовни потреби. Тој укажал дека нашите животи, всушност, зависат од задоволувањето на тие потреби! Во текот на 40-годишното патување низ пустината, Израелците дословно живееле од ‚секој збор што излегувал од устата на Господа‘. Преживеале во услови кои инаку би значеле смрт. На Божја заповед, од небото на чудесен начин паѓала храна наречена мана. Од карпите, пак, истекувала вода за да ја згасне нивната жед. Но, Бог не се погрижил само за нивните телесни потреби. Мојсеј рекол: „Господ, твојот Бог, те казнува [исправа, НС] како што човекот го казнува [исправа, НС] синот свој“ (5. Мојсеева 8:4, 5; 2. Мојсеева 16:31, 32; 17:5, 6).
Израелците не биле препуштени сами на себе додека делувале според она што било исправно или погрешно, морално или религиозно. Добивале упатства лично од Бог. Тој им го дал Мојсеевиот закон како единствен законски кодекс кој ја потенцирал здравата прехрана, строгите санитарни мерки и здравиот морал и религиозни начела. Значи, Бог го унапредувал здравјето и духовното добро на Израелците. Живееле од „секој збор што излегува од устата на Господа“.
Според тоа, Израелците биле сосема поинакви од другите народи. Во времето на Мојсеј, Египет владеел како најистакната светска сила. Египет бил и многу религиозна земја. World Book Encyclopedia вели: „Древните Египќани верувале дека различните божества (богови и божици) влијаеле врз секој аспект од природата и врз секоја човекова активност. Поради тоа, тие обожавале многу божества. . . . Во секој египетски град или место, покрај главните божества кои ги имале, луѓето обожавале свој посебен сопствен бог“.
Дали ова политеистичко обожавање им ги задоволувало духовните потреби на Египќаните? Не. Египет станал земја длабоко заглибена во празноверие и деградирачки сексуални постапки. Далеку од тоа да ги унапредува животот и здравјето, египетскиот начин на живот довел до ‚лути болести‘ (5. Мојсеева 7:15). Воопшто не е чудно што Библијата со презир се изразува за египетските богови, нарекувајќи ги „гадотии“ (Језекиил 20:7, 8).
Слична ситуација постои и денес. Повеќето луѓе имаат барем некаков вид религиозна вера. Малкумина себеси би се нарекле безбожни. Но, јасно е дека религијата во целина не успеала да ги задоволи духовните потреби на човештвото. Ќе постоеја ли денес проблемите како што се војна, расизам, глад и непопустливо сиромаштво ако луѓето навистина живееја „од секој збор што излегува од устата на Господа“? Секако, не! Иако е тоа така, малкумина би размислувале да ја сменат својата религија. Не, некои не сакаат дури ни да дискутираат за религијата или да посветат внимание на нови религиозни претстави!
На пример, еден човек од Гана (Западна Африка), му рекол на еден христијански слуга: „Јас верувам дека Бог на нас Африканците ни се открил преку нашите моќни свештеници и свештенички, токму како што на Евреите им се открил преку нивните пророци. Жално е што некои од нас, Африканците, не ги признаваме своите сопствени свештеници туку наместо тоа расправаме за Исус, Мухамед и други“.
Во многу африкански традиционални општества христијанството се смета како религија на белиот човек, увезен систем кој направил многу повеќе штета отколку корист. Но, дали тесноград став ќе ти помогне или, пак, ќе те спречи во настојувањето да ги задоволиш своите духовни потреби? Една африканска поговорка вели: „Не ги макаш двете раце во чинијата само затоа што си гладен“. Таква една навика при јадењето е непристојна, а и опасна — особено ако не знаеш што е тоа во чинијата! Сепак, многумина ја одбрале својата религија не на темел на едно сериозно истражување, туку со емоции или како резултат на фамилијарната традиција.
Обожавањето кое ги исполнува твоите духовни потреби би требало да биде „света служба со силата на твојот разум“ (Римјаните 12:1, НС). Тоа би требало да биде еден информиран, интелигентен избор. Да ја истражиме, затоа, причината за нечие одбирање на религијата од африканска гледна точка. Меѓутоа, она што следи ќе биде од интерес за сите читатели.
[Слика на страница 3]
Мојсеј покажал колку е важно да се задоволат нашите духовни потреби
[Слика на страница 4]
Африканското искуство со мисионерите на т. н. христијанство ги оградило некои од Библијата