Уживај во Јеховината праведност
„Кој се стреми кон правдата и милоста, наоѓа живот, правда и чест“ (ПОСЛОВИЦИ 21:21).
1. Кои патишта на луѓето денес довеле до катастрофални резултати?
„НЕКОЈ пат му се чини прав на човекот, а на крајот води кон смртта“ (Пословици 16:25). Колку само точно оваа библиска пословица ги опишува патиштата на повеќето луѓе денес! Општо земено, луѓето се заинтересирани да го прават само она што е исправно во нивни очи, игнорирајќи ги дури и најосновните потреби на другите (Пословици 21:2). Тие само со збор се залагаат за законите и мерилата на државата, но во секоја прилика настојуваат да ги заобиколат. Резултатот од тоа е расцепкано, збунето и збркано општество (2. Тимотеј 3:1—5).
2. Што е итно потребно за доброто на човештвото?
2 За наше добро — а и за мирот и безбедноста на целата човечка фамилија — итно ни е потребен закон или мерило кое е праведно и правично, кое сите луѓе ќе бидат спремни да го прифатат и да му бидат послушни. Очигледно таа потреба не може да ја задоволи ниеден закон или мерило предложено од кој и да е човек, сеедно колку е тој интелигентен или искрен (Еремија 10:23; Римјаните 3:10, 23). Ако такво мерило постои, каде би можело да се најде и какво би било? Можеби поважно прашање е: Ако такво мерило постои, дали ќе уживаш во него и дали ќе се придржуваш кон него?
Да се најде праведното мерило
3. Кој е најквалификуван да даде мерило што е прифатливо и корисно за сите луѓе, и зошто?
3 За да најдеме мерило што е прифатливо и корисно за секого, ќе мораме да се обратиме кај некој што ги надминува сите расни, културни и политички бариери и кој не е спречен од човечката кратковидост и кревкост. Без сомнение, единствен што се квалификува за тоа е семоќниот Творец, Јехова Бог, кој изјавува: „Небото е високо над земјата, така Моите патишта се над вашите патишта, и Моите мисли над вашите мисли“ (Исаија 55:9). Освен тоа, Библијата го опишува Јехова како ‚верен Бог, во кого нема неправда, Тој е праведен и вистинит‘ (Второзаконие 32:4). Низ целата Библија го наоѓаме изразот „Јехова е праведен“ (NW) (Излез 9:27, ПСП; 2. Летописи 12:6; Псалм 11:7; 129:4; Плач Еремиин 1:18). Да, за најдоброто мерило можеме да се потпреме на Јехова, бидејќи тој е верен, правичен и праведен.
4. Што значи зборот „праведен“?
4 Се разбира, денес зборот „праведен“ не е многу популарен. Всушност, повеќето луѓе заземаат негативно, па дури и потценувачко гледиште кон него, изедначувајќи го со самобендисаност, односно со лицемерна побожност и предаденост. Меѓутоа, според еден речник, „праведен“ значи правичен, чесен, доблесен; без вина, безгрешен; кој се повинува на прописите на божествениот закон или прифатените мерила за морал; кој постапува исправно или справедливо. Зарем не би уживал во закон или мерило што опфаќа такви прекрасни карактеристики?
5. Опиши ја особината праведност како што е изразена во Библијата.
5 Во врска со особината праведност, една енциклопедија забележува: „Праведноста не е некоја апстрактна идеја, туку напротив, се состои од правење на она што е правично и исправно во сите односи“ (Encyclopaedia Judaica). На пример, Божјата праведност не е само некоја внатрешна или лична особина што тој ја поседува, како што е неговата светост и чистота. Напротив, таа е израз на неговата природа на начини кои се исправни и правични. Би можело да се рече дека затоа што Јехова е свет и чист, сѐ што тој прави и сѐ што произлегува од него е праведно. Библијата вели: „Праведен Си, Господи, на сите Твои патишта, и добар Си во сите Твои дела“ (Псалм 145:17).
6. Што рекол Павле за некои Евреи од негово време кои не верувале, и зошто?
6 Апостол Павле ја нагласил оваа поента во своето писмо до христијаните во Рим. Во врска со некои Евреи кои не верувале, тој напишал: „Поради тоа што не ја познаваа Божјата праведност, туку настојуваа да ја воспостават својата сопствена, тие не се подложија на Божјата праведност“ (Римјаните 10:3). Зошто Павле укажал на таквите како да ‚не ја познавале Божјата праведност‘? Зарем не биле поучени за Законот, од праведните Божји мерила? Секако дека биле. Меѓутоа, мнозинството од нив гледало на праведноста само како на некоја лична доблест, која се постигнува со грижливо, макотрпно придржување кон религиозните правила, а не како на мерило што ќе ги води во постапките со другите луѓе. Слично на верските водачи од времето на Исус, тие ја пропуштиле целата поента во врска со правдата и праведноста (Матеј 23:23—28).
7. На кој начин се изразува Јеховината праведност?
7 Во остра спротивност, Јеховината праведност се изразува и јасно се гледа во сите негови постапки. Иако неговата праведност бара тој едноставно да не ги игнорира гревовите на намерните престапници, таа не го прави студен Бог што многу изискува, од кој треба да се плашиме и да се држиме на дистанца. Напротив, неговите праведни постапки даваат темел на кој човештвото може да му пристапи и да биде спасено од страшните последици од гревот. Според тоа, сосема е пригодно тоа што Јехова е опишан како „праведен Бог и Спасител“ (Исаија 45:21).
Праведност и спасение
8, 9. На кои начини Законот ја изразувал Божјата праведност?
8 За да го разбереш односот меѓу праведноста на Бог и неговиот љубезен чин на спасение, разгледај го Законот што тој ѝ го дал на нацијата Израел преку Мојсеј. Не постои сомневање дека Законот бил праведен. Во своите проштални зборови, Мојсеј ги потсетил Израелците: „Кој е тој народ толку голем да би имал закони и уредби праведни како што е сиот овој Закон што јас ви го изнесувам денес?“ (Второзаконие 4:8). Со векови подоцна, цар Давид од Израел изјавил: „Господовите судови [судски одлуки, NW] се вистински — сите се еднакво праведни“ (Псалм 19:9).
9 Јехова преку Законот јасно ги навел своите совршени мерила за исправно и неисправно. Законот детално конкретизирал како треба да се однесуваат Израелците не само во однос на религиозните работи туку и во деловните постапки, брачните односи, исхраната и санитарните практики и, се разбира, во судските одлуки. Законот повлекувал и строги санкции за прекршителите, налагајќи дури и смртна казна во некои случаи.a Но, дали Божјите праведни барања, изнесени во Законот, биле строг и заморен товар за луѓето, кои ги лишувале од слободата и радоста, како што тврдат многу луѓе денес?
10. Што чувствуваат оние што го љубеле Јехова во врска со неговите закони?
10 Оние што го љубеле Јехова многу уживале во неговите праведни закони и одредби. На пример, цар Давид не само што признал дека Јеховините судски одлуки се вистински и праведни, како што видовме, туку имал и искрена наклоност и ценење кон нив. Во врска со законите и судските одлуки на Јехова, тој напишал: „Поскапоцени се од златото, од чистото злато; послатки се од медот, послатки од капките на медовата пита. Твојот слуга е предупреден од нив, кој ги чува има голема награда“ (Псалм 19:7, 10, 11).
11. На кој начин Законот докажал дека е „воспитувач кој води до Христос“?
11 Со векови подоцна, Павле истакнал една уште поголема вредност на Законот. Во своето писмо до Галатите, тој напишал: „Законот стана наш воспитувач кој води до Христос, за да бидеме прогласени за праведни на темел на верата“ (Галатите 3:24). Во времето на Павле, воспитувачот (педагогот, Kingdom Interlinear) бил слуга или роб во едно големо домаќинство. Тој имал должност да ги заштитува децата и да ги придружува до училиште. На сличен начин, Законот ги заштитувал Израелците од деградираните морални и религиозни практики на околните нации (Второзаконие 18:9—13; Галатите 3:23). Освен тоа, Законот ги направил Израелците свесни за нивната грешна состојба и за нивната потреба од простување и спасение (Галатите 3:19). Подготовките за жртва ја истакнувале потребата од откупна жртва и дале пророчки образец по кој можел да се идентификува вистинскиот Месија (Евреите 10:1, 11, 12). Според тоа, иако ја изразил својата праведност преку Законот, Јехова го сторил тоа имајќи ги на ум доброто на луѓето и нивното вечно спасение.
Оние што Бог ги смета за праведни
12. Што можеле да постигнат Израелците со внимателното држење на Законот?
12 Со оглед на тоа што Законот даден од Јехова бил праведен во секој поглед, со послушноста кон него Израелците можеле да постигнат праведна положба пред Бог. Токму кога требало да влезат во Ветената земја, Мојсеј ги потсетил Израелците: „Нашата праведност ќе биде: да ги пазиме и да ги вршиме сите овие заповеди пред Господа, нашиот Бог, како што ни нареди“ (Второзаконие 6:25). Освен тоа, Јехова ветил: „Пазете ги Моите закони и Моите наредби: кој ќе ги исполнува, ќе биде жив. Јас Сум Господ!“ (Левит 18:5; Римјаните 10:5).
13. Дали Јехова бил неправичен затоа што од неговиот народ барал да го држи праведниот Закон? Објасни.
13 За жал, како нација, Израелците пропуштиле ‚да ги држат сите овие заповеди пред Господа‘ и затоа не ги добиле ветените благослови. Не ги држеле сите Божји заповеди затоа што Божјиот закон бил совршен, а тие не биле. Дали ова значи дека Бог е неправичен или неправеден? Никако. Павле напишал: „Тогаш, што да речеме? Има ли кај Бог неправда? Никогаш да не биде така!“ (Римјаните 9:14). Факт е дека, и пред и откако бил даден Законот, Бог сметал поединци за праведни иако биле несовршени и грешни. Списокот на богобојазливи луѓе ги вклучува Ное, Авраам, Јов, Рава и Даниел (Битие 7:1; 15:6; Јов 1:1; Езекиел 14:14; Јаков 2:25). Затоа, прашањето е: На темел на што Бог ги сметал овие поединци за праведни?
14. Што се мисли кога Библијата зборува дека некој човек е „праведен“?
14 Кога Библијата зборува дека некој човек е „праведен“, не се мисли на безгрешност или совршеност. Напротив, тоа значи некој да ги исполнува своите обврски кон Бог и кон луѓето. На пример, Ное бил наречен ‚праведен човек‘ и „непорочен во својот род“ бидејќи ‚направил така. Сѐ како што му заповедал Бог, така сторил‘ (Битие 6:9, 22; Малахија 3:18). Захарија и Елисавета, родителите на Јован Крстител, ‚биле праведни пред Бог затоа што оделе беспрекорно според сите Јеховини заповеди и законски барања‘ (Лука 1:6). А еден не-Израелец, италијански воен офицер по име Корнелиј, бил опишан како „праведен човек кој се плаши од Бог“ (Дела 10:22).
15. Со што е тесно поврзана праведноста?
15 Освен тоа, праведноста кај луѓето е многу тесно поврзана со она што стои во нечие срце — нечија вера и ценење и љубов кон Јехова и кон неговите ветувања — а не само да се прави она што Бог го бара. Писмото вели дека Авраам ‚Му поверувал на Господа, и тоа му се засметало за праведност‘ (Битие 15:6). Авраам имал вера не само во Божјето постоење туку и во неговото ветување во врска со ‚семето‘ (Битие 3:15; 12:2; 15:5; 22:18). На темел на таквата вера и на делата во согласност со верата, Јехова можел да има врска со Авраам и со други верни поединци и да ги благослови, иако биле несовршени (Псалм 36:10; Римјаните 4:20—22).
16. Што произлегува од верата во откупнината?
16 На крајот, праведноста кај луѓето зависи од верата во откупната жртва на Исус Христос. За христијаните од првиот век Павле напишал: „Како бесплатен дар е тоа што се прогласени за праведни по [Божјата] незаслужена љубезност преку ослободување со откупнината што ја плати Христос Исус“ (Римјаните 3:24). Павле таму зборувал за оние што биле избрани да бидат придружни наследници со Христос во небесното Царство. Но, Исусовата откупна жртва им отворила прилика и на милиони други да стекнат праведна положба пред Бог. Апостол Јован во визија видел ‚едно големо мноштво, коешто ниеден човек не можел да го изброи . . . како стои пред престолот и пред Јагнето, облечено во бели долги облеки‘. Белите облеки симболизираат дека се чисти и праведни пред Бог бидејќи ‚ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘ (Откровение 7:9, 14).
Уживај во Јеховината праведност
17. Кои чекори мора некој да ги преземе додека се стреми кон праведност?
17 Иако Јехова со љубов го дал својот Син, Исус Христос, како средство за луѓето да постигнат праведна положба пред него, резултатот воопшто не доаѓа автоматски. Човек мора да практикува вера во откупнината, да го доведе својот живот во согласност со Божјата волја, да му се предаде на Јехова и да го симболизира тоа со крштавање во вода. Потоа, тој мора и понатаму да се стреми кон праведност, како и кон другите духовни особини. Павле го опоменал Тимотеј, крстен христијанин што имал небесен позив: „Стреми се кон праведност, побожна оддаденост, вера, љубов, истрајност, благ нарав“ (1. Тимотеј 6:11; 2. Тимотеј 2:22). И Исус ја нагласил потребата од постојано напрегање кога рекол: „Продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност“. Можеби ние многу напорно работиме на тоа да ги добиеме благословите на Божјето Царство, но дали подеднакво напорно работиме на тоа да се стремиме по праведните патишта на Јехова? (Матеј 6:33).
18. а) Зошто не е лесно да се стремиме кон праведност? б) Што можеме да научиме од примерот на Лот?
18 Се разбира, не е лесно да се стремиме кон праведност. Тоа е затоа што сите сме несовршени и природно сме склони кон неправедност (Исаија 64:6). Освен тоа, опкружени сме со луѓе на кои не им е многу грижа за Јеховините праведни патишта. Нашите околности се многу слични на околностите на Лот, кој живеел во озлогласениот безбожен град Содом. Апостол Петар објаснил зошто Јехова сметал дека е погодно да го избави Лот од претстојното уништување. Петар рекол: „Тој праведник, поради она што го гледаше и слушаше додека живееше меѓу нив, од ден на ден ја мачеше својата праведна душа поради нивните беззаконски дела“ (2. Петрово 2:7, 8). Значи, би било добро секој од нас да се праша: ‚Дали молчешкум во срцето ги одобрувам неморалните практики што ги гледаме околу нас? Дали популарната, но насилна, забава или спорт се за мене само нешто невкусно? Или, дали се измачувам, како и Лот, од таквите неправедни дела?‘
19. Кои благослови можеме да ги имаме ако уживаме во Божјата праведност?
19 Во овие опасни и несигурни денови, уживањето во Јеховината праведност е извор на сигурност и заштита. На прашањето: „Господи, кој може да живее во Твојот шатор? Кој ќе се настани во Твојата Света Гора?“ цар Давид одговорил: „Оној кој оди непорочно, кој твори правда“ (Псалм 15:1, 2). Ако се стремиме кон Божјата праведност и ако уживаме во неа, можеме да задржиме добар однос со него и да продолжиме да уживаме во неговата наклоност и благослов. Затоа, нашиот живот е живот на задоволство, самопочит и душевен мир. „Кој се стреми кон правдата и милоста, наоѓа живот, правда и чест“, вели Божјата реч (Пословици 21:21). Освен тоа, ако се обидуваме колку што можеме да го правиме она што е правично и исправно во сите настојувања, тоа ќе значи среќни лични односи и подобар квалитет на живот — морално и духовно. Псалмистот изјавил: „Блажени се оние, кои ги држат Неговите наредби и кои прават правда во секое време!“ (Псалм 106:3).
[Фуснота]
a За детали во врска со опсежноста на Мојсеевиот закон, види ја статијата „Некои обележја на Сојузот на Законот“, на страници 214—220 во том 2 од Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), издаден од Јеховините сведоци.
Можеш ли да објасниш?
• Што е праведност?
• Како спасението е поврзано со Божјата праведност?
• На темел на што Бог ги смета луѓето за праведни?
• Како можеме да уживаме во Јеховината праведност?
[Слики на страница 15]
Цар Давид изразил искрена наклоност кон Божјите закони
[Слики на страница 16]
Бог ги сметал Ное, Авраам, Захарија и Елисавета, како и Корнелиј, за праведни. Знаеш ли зошто?