Библијата — книга со точни пророштва — дел 1
„Од тебе ќе направам голем народ“
Во оваа серија од осум статии што ќе излезат во „Разбудете се!“ ќе биде разгледано едно извонредно обележје на Библијата — пророштвата запишани во неа. Статиите ќе ти помогнат да дојдеш до одговорот на овие прашања: Дали библиските пророштва се едноставно производ на некои паметни луѓе? Или, пак, се дело на Бог? Испитај што велат доказите.
СОМНЕЖИ и скептицизам — овие ставови се типични за нашето време и затоа некои луѓе така гледаат и на Библијата. За жал, мнозина никогаш не се потрудиле објективно да ја испитаат. Своето мислење го темелат главно на она што другите го кажуваат. Се надеваме дека ти ќе сакаш да истражиш. Затоа те покануваме да ни се придружиш на едно патување назад во времето за да ја утврдиме автентичноста на Библијата.
Патувањето го започнуваме со еден човек кој и ден-денес го почитуваат и христијаните, и Евреите, и муслиманите. Тој бил Евреин и живеел од 2018 до 1843 год. пр.н.е. Неговото име е Авраам.a
Авраам е централен лик во некои од првите пророштва запишани во Библијата — пророштва што нѐ засегаат и нас денес. (Види ја рамката „Благослов за ‚сите народи‘“). Според библиската книга 1. Мојсеева, некои од тие пророштва се: 1) Од потомците на Авраам ќе стане силен народ. 2) Во меѓувреме, ќе бидат робови во туѓа земја. 3) Ќе бидат ослободени и ќе ја заземат ханаанската земја. Да ги разгледаме овие пророштва подетално.
Три истакнати пророштва
Пророштво 1: „Од тебе [Авраам] ќе направам голем народ“ (1. Мојсеева 12:2).
Исполнување: Од потомците на Авраам преку Исак и Јаков (наречен и Израел) настанал древниот израелски народ — независна држава со свој цар.
Што вели историјата:
● Библијата содржи детален запис за семејната лоза на Авраам, во која спаѓаат и потомците што произлегле од Исак, Јаков и 12-те синови на Јаков. Во неговото родословие има и многу цареви кои владееле со Израел или со Јуда. За 17 од нив има податоци во археолошки наоди, што е во склад со библискиот запис за тоа како потомците на Авраам преку Исак и Јаков станале нација.b
Пророштво 2: „Твоите потомци [на Авраам] ќе бидат дојденци во туѓа земја и ќе мораат да им служат на други... Но во четвртото поколение тие ќе се вратат ваму“ (1. Мојсеева 15:13, 16).
Исполнување: Поради глад во Ханаан, четири поколенија од потомците на Авраам живееле во Египет, најпрво како дојденци, а потоа како робови чија задача била да прават тули од глина и слама. Ако разгледаме само една гранка од семејната лоза — на пример, онаа што потекнува од правнукот на Авраам, Леви, кој се преселил во Египет заедно со својот остарен татко — четири поколенија би биле: 1) Леви, 2) неговиот син Кат, 3) неговиот внук Амрам и 4) неговиот правнук Мојсеј (2. Мојсеева 6:16, 18, 20). Во 1513 год. пр.н.е., Мојсеј ги извел Израелците од Египет. (Види ги хронолошкиот приказ и рамката „Прецизни датуми“.)
Што вели историјата:
● Според Џејмс К. Хофмајер, професор по Стар завет и блискоисточна археологија, и египетските записи и археолошките докази покажуваат дека на Семитите (меѓу кои спаѓаат и древните Евреи) им било дозволено да влезат во Египет со своите стада кога имало глад. Но, дали таму Израелците станале робови принудени да прават цигли?
● Иако во египетските записи не се спомнуваат конкретно Израелците, од цртежите и свитоците во египетските гробници може да се види дека Египќаните ги користеле дојденците за да изработуваат тули од кал и слама. Во склад со Библијата, египетските записи покажуваат и дека надзорниците воделе евиденција за производството на тули (2. Мојсеева 5:14, 19). „Египетските извори“, вели Хофмајер, „потврдуваат дека дојденците биле принудувани на тешка работа... во периодот кога Израелците биле робови во Египет. Значи, по сѐ изгледа е точно дека Евреите влегле во Египет... за време на гладот и дека подоцна станале робови“.
Пророштво 3: „На твоето потомство... ќе [му] ја дадам... целата ханаанска земја“ (1. Мојсеева 17:8).
Исполнување: Иако Мојсеј го извел израелскиот народ од Египет, Исус Навин бил тој што ги одвел во Ханаан во 1473 год. пр.н.е.
Што вели историјата:
● Иако во врска со датумите мислењата на археолозите се разидуваат, „факт е дека Израелците влегле и се населиле во Ханаан“, пишува К. А. Кичен, почесен професор по египтологија.
● Библијата вели дека Исус Навин ‚го изгорел [ханаанскиот град] Асор во оган‘ (Исус Навин 11:10, 11). Меѓу урнатините на градот, археолозите ископале три ханаански храмови кои биле потполно уништени. Нашле и докази дека градот бил изгорен во 1400 год. пр.н.е. Овие факти се во склад со Библијата.
● Друг ханаански град што би сакале да го спомнеме е Гаваон, оддалечен околу 10 километри од Ерусалим. Археолозите утврдиле дека се работи за тој град кога откриле 30-ина рачки од ќупови на кои било врежано името на градот. За разлика од жителите на Асор, древните Гаваонци склучиле мир со Исус Навин. Тој, пак, им дал задача да ‚носат вода‘ (Исус Навин 9:3-7, 23). Зошто баш таа задача? Описот што се наоѓа во 2. Самоилова 2:13 и во Еремија 41:12 покажува дека Гаваон бил богат со води. Според тоа, во склад со библискиот извештај, во еден превод на Библијата (Archaeological Study Bible, New International Version) пишува: „Највпечатлива карактеристика на Гаваон е тоа што во него имало многу вода: еден голем и седум помали извори“.
● Постоењето на буквално десетици луѓе спомнати во Библијата го потврдуваат и други историски записи. Како што беше спомнато и претходно, тука спаѓаат и имињата на 17 цареви кои потекнуваат од Авраам и кои владееле со Израел или со Јуда. Некои од нив се Ахав, Ахаз, Давид, Езекија, Манасија и Озија. Очигледно, постоењето на царски династии е цврст доказ дека еден народ познат под името Израел влегол во Ханаан и го освоил.
● Во 1896 год., во Теба (Египет) истражувачите ја нашле плочата на Мернепта. На плочата се величаат воените успеси на фараонот Мернепта во Ханаан околу 1210 год. пр.н.е. На оваа плоча за првпат, освен во Библијата, се спомнува Израел, што е уште еден доказ за постоењето на тој народ.
Користа од многуте детали
Како што видовме, Библијата е преполна со конкретни детали за луѓе, места и настани. Тие детали ни помагаат да го споредиме она што го вели Библијата со она што го наоѓаме во другите историски докази, а тоа, пак, ни помага да видиме дека библиските пророштва навистина се исполниле. Во врска со Авраам и неговото потомство, фактите покажуваат дека ветувањата на Бог се обистиниле — потомците на Авраам навистина станале голем народ, навистина станале робови во Египет и подоцна навистина ја освоиле ханаанската земја. Сето ова нѐ потсетува на зборовите на библискиот писател Петар, кој понизно рекол: „Пророштво никогаш не било изречено по човечка волја туку луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“ (2. Петрово 1:21).
Неколку векови откако Израел го зазел Ханаан, дошло до голема пресвртница во историјата на овој народ која водела до трагични последици. И ова било проречено во Библијата, како што ќе видиме во следниот број.
[Фусноти]
a Авраам најпрво се викал Аврам.
b Прочитај 1. Летописи 1:27-34; 2:1-15; 3:1-24. За време на владеењето на Ровоам, синот на цар Соломон, израелскиот народ се поделил на северно и јужно царство. Оттогаш со Израел владееле два цара истовремено (1. Царевите 12:1-24).
[Рамка на страница 17]
БЛАГОСЛОВ ЗА „СИТЕ НАРОДИ“
Бог ветил дека луѓе од „сите народи“ ќе се благословат преку потомството на Авраам (1. Мојсеева 22:18). Бог основал народ од потомците на Авраам првенствено за преку тој народ да дојде Месијата, кој требало да го даде својот живот за сите луѓе.c Според тоа, ветувањето што му го дал Бог на Авраам те вклучува и тебе! Во Јован 3:16 стои: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“.
[Фуснота]
c Пророштва поврзани со идентитетот на Месијата ќе бидат разгледани во 3. и 4. дел од оваа серија статии.
[Рамка на страница 17]
ПРЕЦИЗНИ ДАТУМИ
Пример за тоа колку точно Библијата го наведува времето кога се случил некој настан наоѓаме во 1. Царевите 6:1, каде што се зборува за моментот кога цар Соломон почнал да го гради храмот во Ерусалим. Таму читаме: „Во четиристотини и осумдесеттата година [479 цели години] по излегувањето на Израеловите синови од египетската земја, во четвртата година [од владеењето на Соломон], во месецот зиф — тоа е вториот месец — Соломон почна да го гради Јеховиниот дом“.
Според библиската хронологија, четвртата година од владеењето на Соломон е 1034 год. пр.н.е. Ако се вратиме 479 години наназад, доаѓаме до 1513 год. пр.н.е. — годината кога Израелците излегле од Египет.
[Рамка на страница 18]
АВРААМ — ИСТОРИСКИ ЛИК
● На неколку глинени плочки кои датираат од почетокот на вториот милениум пр.н.е. се наведени градови со исти имиња како некои роднини на Авраам. Меѓу нив се Фалек, Серух, Нахор, Тара и Харан (1. Мојсеева 11:17-32).
● Во 1. Мојсеева 11:31 читаме дека Авраам и неговото семејство се преселиле од „Ур Халдејски“. Во југоисточен Ирак се откриени урнатините на овој град. Библијата кажува и дека таткото на Авраам, Тара, умрел во градот Харан, кој најверојатно сега се наоѓа во Турција, и дека жената на Авраам, Сара, умрела во Хеврон, еден од најстарите градови на Блискиот Исток што постојат и ден-денес (1. Мојсеева 11:32; 23:2).
[Табела на страници 16 и 17]
(Види во публикацијата)
ЛОЗАТА НА АВРААМ И ИЗЛЕГУВАЊЕТО НА ИЗРАЕЛЦИТЕ ОД ЕГИПЕТ
Четири поколенија од Авраам
Леви
Кат
Амрам
Мојсеј
(пр.н.е.)
1843 Авраам умира
1728 Јаков се сели со семејството во Египет
1711 Јаков умира
1657 Јосиф умира
1593 Се раѓа Мојсеј
1513 Мојсеј ги изведува Израелците од Египет
1473 Мојсеј умира. Исус Навин ги води Израелците во Ханаан
Времето на судиите
1117 Самоил го помазува Саул за прв цар на Израел
1107 Се раѓа Давид
1070 Давид станува цар на Израел
1034 Соломон почнува да го гради храмот
[Слика на страница 17]
Оваа плоча го содржи натписот „Давидовиот дом“ и е еден од артефактите што ги спомнуваат царевите што потекнуваат од Авраам и владееле со Израел или со Јуда
[Извор на слика]
© Israel Museum, Jerusalem/The Bridgeman Art Library International