Се сеќаваш ли?
Уживаше ли во читањето на последните неколку броеви од Стражарска кула? Тогаш, види дали можеш да одговориш на следниве прашања:
• На кои четири начини се користи зборот „собрание“ во Христијанските грчки списи?
Првенственото значење е група од помазани христијани (во некои стихови е вклучен и Христос). На други места, изразот „Божјето собрание“ се однесува на сите христијани што живеат во одредено време. Трет начин на кој се користи тој збор се однесува на сите христијани што живеат во исто подрачје. И, како четврто, овој збор може да се однесува на оние што сочинуваат само едно локално собрание (15.4., страници 21-23).
• Кога Бог престанува да ги повикува христијаните на кои им дава небесна надеж?
Библијата не ни дава конкретен одговор на ова прашање. Тој повик започнал во 33 год. од н.е. и продолжил сѐ до нашево време. По 1935 год., делото на правење ученици беше насочено кон собирање на големото мноштво. Но, на некои што се крстиле по 1935 год. светиот дух им сведочи дека имаат небесна надеж, па затоа не можеме да дадеме некој конкретен датум кога точно престанува ова повикување. Вистинските помазаници немаат повеќе свет дух од своите придружници ‚другите овци‘, ниту, пак, очекуваат останатите да се однесуваат кон нив на посебен начин. Без оглед на тоа каква надеж имаат, христијаните треба да бидат верни и да продолжат да ја вршат Божјата волја (1.5., страници 30, 31).
• Дали Јефтај бил подготвен дословно да ја жртвува својата ќерка кога му дал завет на Бог дека ќе ја принесе како жртва паленица?
Не, туку Јефтај мислел дека оној што ќе го пречека ќе го даде за да му служи само на Бог, како што било пропишано со Мојсеевиот закон (1. Самоилова 2:22). За да го исполни тој завет, ќерката на Јефтај служела во светиот шатор, со што направила голема жртва бидејќи тоа значело дека никогаш нема да се омажи (15.5., страници 9, 10).
• Каква улога имала книгата во раното христијанство?
Изгледа дека христијаните главно го користеле свитокот, барем до крајот на првиот век од н.е. Во текот на следниот век, се водела борба помеѓу оние што повеќе сакале да се користи книгата и оние што се залагале за свитокот. Стручњаците сметаат дека тоа што христијаните ја користеле книгата играло значајна улога за да се рашири нејзината употреба (1.6., страници 14, 15).
• Што е Календарот од Гезер?
Тоа е мала плочка од варовник што била пронајдена во 1908 год. на местото каде што се наоѓал градот Гезер. Многумина сметаат дека плочката е вежба на некој ученик. Плочката претставува поедноставена верзија на една земјоделска година, или циклус, кој започнувал со бербата во месецот што се совпаѓа со септември/октомври. На неа се спомнати и различни земјоделски производи и активности (15.6., страница 8).
• Што значи некој да згреши против светиот дух?
Можно е да се згреши против Јеховиниот свет дух, а тоа е грев што нема да биде простен (Матеј 12:31). Бог е тој што одредува дали сме направиле грев што не може да се прости, и само тој може да ни го одземе својот свет дух (Псалм 51:11). Ако ни е многу жал за некој грев, сосема веројатно вистински се каеме, што покажува дека не сме згрешиле против духот (15.7., страници 16, 17).
• Зошто цар Саул прашал чиј син е Давид иако веќе го познавал од порано? (1. Самоилова 16:22; 17:58).
Саул не сакал да го дознае само името на татко му на Давид. Кога Давид го победил Голијат, Саул видел дека Давид имал голема вера и храброст, па затоа сакал да дознае каков е тој човек што воспитал таков син. Можеби Саул имал намера да го земе во својата војска Јесеј или некој друг од неговото семејство (1.8., страница 31).