Поглавје 7
Дали Библијата си противречи?
Едно обвинение кое честопати се изнесува против Библијата е дека таа си противречи. Обично, луѓето кои го изнесуваат ова обвинение лично не ја прочитале Библијата; тие само го повторуваат она што го чуле. Но, некои откриле наизглед вистински противречности и се вознемирени поради нив.
1, 2. (Вклучи го и уводот.) а) Кое обвинение честопати се изнесува против Библијата? б) Споредувајќи различни библиски пасуси, што треба да запомниме? в) Кои се некои причини зошто понекогаш постои разлика во начинот на кој двајца библиски писатели известуваат за истиот настан?
ДОКОЛКУ навистина е Реч Божја, Библијата треба да биде хармонична, а не противречна. Тогаш, зошто некои пасуси изгледаат како да им противречат на други? За да одговориме, треба да запомниме дека иако Библијата е Реч Божја, таа е напишана од извесен број мажи низ период од неколку векови. Овие писатели имаат различни позадини, стилови на пишување и дарови, а сите тие разлики се рефлектирани во пишувањето.
2 Освен тоа, ако двајца или повеќе писатели дискутираат за истиот настан, некој би можел да вклучи детали кои другиот ги испушта. Покрај тоа, различни писатели ја презентираат темата на различни начини. Некој би можел да пишува хронолошки, додека друг би можел да следи поинаков аранжман. Во ова поглавје ќе презентираме некои наводни противречности во Библијата и ќе разгледаме како тие можат да бидат доведени во склад, земајќи ги предвид горниве размислувања.
Независни сведоци
3, 4. Во поглед на стотникот чиј слуга бил болен, кој привиден расчекор постои меѓу Матеевиот и Лукиниот извештај, и како може да се доведат во склад овие извештаи?
3 Некои „противречности“ се покренуваат кога имаме два или повеќе извештаи за истиот настан. На пример, во Матеј 8:5 читаме дека кога Исус дошол во Капернаум, ‚се приближил до Него еден стотник и го молел‘, барајќи Исус да го излечи неговиот слуга. Но, во Лука 7:3 читаме за овој стотник дека ‚ги испратил при Него старешините [постарите мажи, NW] јудејски молејќи го [Исус] да дојде и да го излекува слугата негов‘. Дали со Исус зборувал стотникот или, пак, тој ги испратил постарите мажи?
4 Јасно, одговорот е дека овој човек ги испратил јудејските старешини. Тогаш, зошто Матеј вели дека самиот човек го молел Исус? Бидејќи, всушност, човекот го замолил Исус преку јудејските старешини. Старешините служеле како негов гласноговорник.
5. Зошто Библијата вели дека Соломон го изградил храмот, кога е јасно дека вистинската работа ја вршеле други?
5 За да го илустрираме ова, во 2. Летописи 3:1 читаме: „Почна Соломон да го гради домот Господов во Ерусалим“. Подоцна, читаме: „И го заврши Соломон домот Господов“ (2. Летописи 7:11). Дали Соломон лично го изградил храмот од почеток до крај? Се разбира, не. Вистинската градежна работа ја извршувале мноштво мајстори и физички работници. Но, Соломон бил организатор на работата, одговорниот. Затоа, Библијата вели дека тој го изградил домот. На истиот начин, Матеевото евангелие ни кажува дека воениот заповедник му пристапил на Исус. Но, Лука дава додатен детаљ — дека тој му пристапил преку јудејските старешини.
6, 7. Како можеме да ги доведеме во склад двата различни евангелиски извештаи за барањето на синовите Зеведееви?
6 Еве уште еден сличен пример. Во Матеј 20:20, 21 читаме: „Пристапи до [Исус] мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови и, клањајќи Му се, Го молеше нешто“. Она што молела било нејзините синови да ја имаат најпривилегираната позиција кога Исус ќе дојде во своето Царство. Во Марковиот извештај за овој ист настан, читаме: „Пристапија кон [Исус] Зеведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: ‚Учителе, сакаме да ни направиш она, што ќе побараме‘“ (Марко 10:35—37). Кој го изнел барањето до Исус — двајцата синови Зеведееви или, пак, нивната мајка?
7 Јасно, барањето го изнеле двајцата синови Зеведееви, како што наведува Марко. Но, тоа го сториле преку својата мајка. Таа била нивни говорник. Ова го поткрепил Матеевиот извештај со тоа дека, кога другите апостоли чуле што направила мајката на синовите Зеведееви, се огорчиле — не на мајката, туку на „двајцата браќа“ (Матеј 20:24).
8. Како е можно два различни извештаи за ист настан да се разликуваат еден од друг, а сепак обата да бидат вистинити?
8 Дали некогаш си чул двајца луѓе да опишуваат еден настан на кој обајцата биле сведоци? Ако да, дали си забележал дека секое лице нагласува детали кои него го импресионирале? Некој можеби испуштил работи кои другиот ги вклучил. Меѓутоа, и двајцата ја кажувале вистината. Истото е со четирите евангелиски извештаи за Исусовата служба, како и со другите историски настани за кои известиле повеќе од еден библиски писател. Секој писател напишал точна информација, дури и кога некој се задржал на детали кои другиот ги испуштил. Разгледувајќи ги сите извештаи, може да се стекне едно поцелосно разбирање на она што се случило. Таквите варијации докажуваат дека библиските извештаи се независни. А нивната суштинска хармонија докажува дека се точни.
Читај го контекстот
9, 10. На кој начин контекстот ни помага да увидиме од каде Каин ја добил својата сопруга?
9 Честопати, привидните недоследности можат да се решат само ако го погледнеме контекстот. На пример, разгледај го често покренуваниот проблем во врска со Каиновата сопруга. Во 1. Мојсеева 4:1, 2 читаме: „[Ева] го роди Каина, и рече: ‚Придобив човек од Господа‘. Го роди уште и брата му Авела“. Како што е добро познато, Каин го убил Авел; но читаме дека после тоа Каин имал сопруга и деца (1. Мојсеева 4:17). Доколку Адам и Ева имале само два сина, каде Каин си нашол сопруга?
10 Решението лежи во фактот што Адам и Ева имале повеќе од две деца. Според контекстот, тие имале големо семејство. Во 1. Мојсеева 5:3 читаме дека Адам станал татко на друг син по име Сит а потоа, во следниот стих, читаме: „Раѓајќи синови и ќерки“ (1. Мојсеева 5:4). Така Каин можел да се ожени со една од своите сестри или дури со една од своите внуки. Во тој ран стадиум од човечката историја, кога човештвото било толку блиску до совршенството, таквиот брак очигледно не создавал ризици за децата од таквата заедница, што би ги имало денес.
11. На кое наводно несогласување меѓу Јаков и апостол Павле укажуваат некои?
11 Нашето разгледување на контекстот ни помага да го разбереме и она што го тврдат некои — дека имало несогласување меѓу апостол Павле и Јаков. Во Ефесјаните 2:8, 9 Павле вели дека христијаните се спасени преку вера, а не преку дела. Тој вели: ‚Спасени сте преку вера . . . не од дела‘. Меѓутоа, Јаков инсистира на важноста на делата. Тој пишува: „Оти како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва“ (Јаков 2:26). Како можат да се доведат во склад овие две изјави?
12, 13. Како зборовите на Јаков ги надополнуваат зборовите на апостол Павле наместо да им противречат?
12 Разгледувајќи го контекстот на Павловите зборови, увидуваме дека едната изјава ја надополнува другата. Апостол Павле укажува на обидите на Евреите да го држат Мојсеевиот закон. Тие верувале дека ако го држат Законот во сите негови детали, би биле праведни. Павле истакнал дека тоа било невозможно. Никогаш не можеме да станеме праведни — и на тој начин да заслужиме спасение — преку нашите сопствени дела, зашто сите сме по наследство грешни. Можеме да бидеме спасени единствено преку верата во Исусовата откупна жртва (Римјаните 5:18).
13 Меѓутоа, Јаков ја додава виталната поента дека верата сама по себе е безвредна доколку не е поткрепена со постапки. Едно лице кое тврди дека има вера во Исус би требало да го докаже тоа преку она што го прави. Неактивната вера е мртва вера и нема да води до спасение.
14. Во кои пасуси Павле покажува дека е во целосна хармонија со начелото според кое живата вера мора да се покаже со дела?
14 Апостол Павле потполно се согласувал со тоа, и честопати ги спомнува видовите дела во кои христијаните треба да се ангажираат за да ја покажат својата вера. На пример, во Римјаните напишал: „Бидејќи со срцето се практикува вера за праведност, но со устата се дава јавна изјава за спасение“. Давањето „јавна изјава“ — споделувањето на нашата вера со другите — е витално за спасение (Римјаните 10:10, NW; види и 1. Коринтјаните 15:58; Ефесјаните 5:15, 21—33; 6:15; 1. Тимотеј 4:16; 2. Тимотеј 4:5; Евреите 10:23—25). Меѓутоа, со ниедно дело што еден христијанин може да го стори и, сигурно, со никаков напор да го исполни Законот на Мојсеј нема да го спечали правото за вечен живот. Тоа е „дарот Божји“ за оние кои практикуваат вера (Римјаните 6:23; Јован 3:16).
Различни гледишта
15, 16. Како можеле Мојсеј и Исус Навин да бидат во право кога едниот рекол дека источно од Јордан било „оваа страна“ на реката додека другиот рекол дека тоа било „онаа страна“?
15 Понекогаш, библиските писатели пишувале за истиот настан од различни гледишта или ги презентирале своите извештаи на различни начини. Кога се земаат во обѕир овие разлики, лесно е да се решат понатамошните привидни противречности. Еден пример за тоа има во 4. Мојсеева 35:14, каде што за подрачјето источно од Јордан Мојсеј зборува како за „оваа страна на Јордан“. Меѓутоа, Исус Навин, зборувајќи за земјата источно од Јордан, ја нарекол „од онаа страна на Јордан“ (Исус Навин 22:4). Кое е исправно?
16 Всушност, и двете се исправни. Според извештајот во 4. Мојсеева, Израелците сѐ уште не ја имале преминато реката Јордан во Ветената земја, па затоа за нив источно од Јордан било „оваа страна“. Но, Исус Навин веќе го имал преминато Јордан. Сега, тој физички бил западно од реката, во земјата Ханан. Така, источно од Јордан за него било „онаа страна“.
17. а) Која наводна недоследност ја истакнуваат некои во првите две поглавја од 1. Мојсеева? б) Која е основната причина за претпоставениот расчекор?
17 Освен тоа, начинот на кој е составен еден расказ може да води до привидна противречност. Во 1. Мојсеева 1:24—26, Библијата покажува дека животните биле создадени пред човекот. Но, во 1. Мојсеева 2:7, 19, 20 изгледа, да кажеме, дека човекот бил создаден пред животните. Зошто расчекор? Бидејќи двата извештаи за создавањето дискутираат за тоа од две различни гледишта. Првиот го опишува создавањето на небесата и на Земјата и на сѐ што е во нив (1. Мојсеева 1:1—2:4). Вториот се сосредоточува на создавањето на човечкиот род и неговото паѓање во грев (1. Мојсеева 2:5—4:26).
18. Како можеме да ги доведеме во склад привидните расчекори меѓу двата извештаи за создавањето во првите поглавја на 1. Мојсеева?
18 Првиот извештај е составен хронолошки, поделен на шест последователни „денови“. Вториот е напишан според тематската важност. После краток пролог, тој логично оди директно на создавањето на Адам, бидејќи тој и неговото семејство се тема на она што следи (1. Мојсеева 2:7). Потоа, воведени се други информации по потреба. Учиме дека откако бил создаден, Адам требало да живее во градината Едем. Затоа, сега е спомнато засадувањето на градината Едем (1. Мојсеева 2:8, 9, 15). Јехова му кажува на Адам да ги именува „сите полски животни, и сите птици небесни“. Тогаш, сега е времето да се спомне дека ‚Бог ги создал од земјата‘ сите живи суштества, иако нивното создавање почнало долго пред Адам да се појави на сцената (1. Мојсеева 2:19; 1:20, 24, 26).
Читај го извештајот внимателно
19. Која привидна забуна постои во библискиот извештај за освојувањето на Ерусалим?
19 Понекогаш, сѐ што е потребно за да се решат привидните противречности е внимателно да се прочита извештајот и да се резонира за дадената информација. Ова е случај кога ја разгледуваме победата на Израелците над Ерусалим. Ерусалим бил наведен како дел од наследството на Венијамин, но читаме дека Венијаминовото племе не можело да го освои (Исус Навин 18:28; Судии 1:21). Исто така, читаме дека Јуда не можел да го освои Ерусалим — како тој да бил дел од наследството на тоа племе. На крај, Јуда го поразил Ерусалим, запалувајќи го со оган (Исус Навин 15:63; Судии 1:8). Меѓутоа, се известува дека стотици години подоцна, и Давид го освоил Ерусалим (2. Царства 5:5—9).
20, 21. Преку внимателното испитување на сите релевантни детали, што излегува на виделина како историја за еврејското преземање на градот Ерусалим?
20 На прв поглед, сето ова би можело да изгледа збунувачки, но всушност не постојат противречности. Имено, границата меѓу Венијаминовото и Јудиното наследство поминувала покрај долината Хином, точно низ древниот град Ерусалим. Она што подоцна се нарекло Давидов град всушност лежело на подрачјето на Венијамин, токму како што вели Исус Навин 18:28. Но, јевусејскиот град Ерусалим веројатно се простирал преку долината Хином и на тој начин се преклопувал со Јудиното подрачје, така што и Јуда морала да се бори против неговите хананејски жители.
21 Венијамин не можел да го освои градот. Во една прилика, Јуда го освоил Ерусалим и го запалил (Судии 1:8, 9). Но, Јудините сили очигледно продолжиле понатаму и некои од првобитните жители повторно го добиле градот. Подоцна, тие формирале јадро на отпорот што ниту Јуда ниту Венијамин можеле да го отстранат. На тој начин, Јевусеите се задржале во Ерусалим сѐ додека Давид не го освоил градот стотици години подоцна.
22, 23. Кој го носел Исусовиот маченички столб до местото на егзекуција?
22 Втор пример среќаваме во евангелијата. Во врска со Исусовото одведување кон неговото погубување, во Јовановото евангелие читаме: „Носејќи го својот крст [маченички столб, NW], Он излезе“ (Јован 19:17). Меѓутоа, во Лука читаме: „И кога Го поведоа, Го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го кладоа крстот [маченичкиот столб, NW], за да го носи по Исуса“ (Лука 23:26). Дали Исус го носел орудието за неговото погубување или, пак, Симон го носел место него?
23 Пред сѐ, очигледно Исус го носел својот маченички столб, како што истакнува Јован. Но, подоцна, како што потврдуваат Матеј, Марко и Лука, Симон Киринеецот бил натеран на служба — да го носи место него во остатокот од патот до местото на егзекуција.
Доказ за независност
24. Зошто не сме изненадени ако најдеме некои привидни недоследности во Библијата, но што не би требало да заклучиме од тоа?
24 Вистина, во Библијата постојат некои привидни недоследности кои тешко се доведуваат во склад. Но, не треба да претпоставиме дека тие се категорични противречности. Честопати, тоа е само случај на недостиг на комплетна информација. Библијата дава доволно спознание за да ја задоволи нашата духовна потреба. Но, ако требало да ни го даде секој детаљ во врска со секој спомнат настан, таа би била огромна, гломазна библиотека, наместо том кој е погоден и лесен за носење каков што имаме денес.
25. Што вели Јован во врска со записот за Исусовата служба, и како тоа ни помага да разбереме зошто Библијата не ни го дава секој детаљ за секој настан?
25 Зборувајќи за Исусовата служба, апостол Јован со оправдано преувеличување напишал: „А има и многу други работи што ги извршил Исус, и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини, не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги“ (Јован 21:25). Би било уште поневозможно да се запишат сите детали за долгата историја на Божјиот народ од патријарсите па сѐ до христијанското собрание од првиот век!
26. Во кој витален факт нѐ уверува Библијата со самото тоа што содржи доволно информации?
26 Всушност, Библијата е чудо на концизност. Таа содржи доволно информации за да ни овозможи да препознаеме дека е повеќе од само човечко дело. Кои и да било варијации што ги содржи, докажуваат дека писателите навистина биле независни сведоци. Од друга страна, пак, извонредното единство на Библијата — за кое подетално ќе дискутираме во едно идно поглавје — без сомнение, го покажува нејзиното божествено потекло. Таа е Реч Божја, а не човечка.
[Истакната мисла на страница 89]
Привидните расчекори во Библијата докажуваат дека писателите навистина биле независни сведоци
[Истакната мисла на страница 91]
Разгледувањето на контекстот честопати помага да ги решиме наводните противречности
[Рамка на страница 93]
„Расчекорите“ не мора да бидат противречности
Теологот Кенет С. Канцер еднаш илустрирал како два извештаи за ист настан може да изгледаат противречни, а сепак обата да бидат вистинити. Тој напишал: „Пред извесно време беше усмртена мајката на еден наш драг пријател. За нејзината смрт првин дознавме преку еден доверлив заеднички пријател кој нѐ извести дека мајката на нашиот пријател стоела на аголот од улицата чекајќи автобус, била удрена од друг автобус кој поминувал, била смртно повредена и после неколку минути умрела“.
Кратко после тоа, чул еден многу поинаков извештај. Тој вели: „Од внукот на починатата жена дознавме дека таа учествувала во судар, била исфрлена од автомобилот во кој се возела и веднаш била усмртена. Момчето било сосема сигурно во своите факти.
Многу подоцна . . . испитавме за да ги усогласиме. Дознавме дека бабата чекала автобус, била удрена од друг автобус и била критично повредена. Била ставена во еден автомобил кој поминувал и кој бил залетан кон болницата, но во брзина автомобилот во кој била транспортирана кон болницата се судрил со друг автомобил. Била исфрлена од автомобилот и веднаш умрела“.
Да, два извештаја за истиот настан можат да бидат вистинити дури иако изгледаат дека меѓусебно не се сложуваат. Ова понекогаш е случај со Библијата. Независни сведоци можат да опишат различни детали за истиот настан. Меѓутоа, наместо да бидат противречни, она што тие го пишуваат се надополнува, и доколку ги земеме предвид сите извештаи, добиваме подобро разбирање за она што се случило.