Со Вера, Варак поразил една моќна војска
ЗАМИСЛИ си дека си лице в лице со еден баталјон непријателски војници. Вооружени се со најсовремена воена опрема и спремни се да ја употребат. Пред нив, ти и твоите придружници сте практично беспомошни.
Во времето на судиите во Израел, Варак, Девора и 10.000 други Израелци го доживеале тоа. Непријателските сили биле Ханаанци предводени од воениот војсководач Сисара. Нивниот арсенал вклучувал бојни коли чии тркала биле опремени со смртоносни железни коси. Местото на настанот било планината Тавор и Кисонскиот Поток. Она што се случило таму го прикажува Варак како човек со вера што служи за пример. Разгледај ги настаните што довеле до овој судир.
Израел извикува кон Јехова
Книгата Судии кажува за тоа како Израел секогаш одново го напуштал чистото обожавање и за разорните последици од тие постапки. Во секој од тие случаи, по искрената молба за Божја милост Бог ќе поставел спасител, ослободител, и тогаш повторно побуна. Во склад со таа шема, ‚по смртта на Аод [судија што ги спасил од угнетувањето на Моавците], Израелевите синови пак почнале да прават што не Му било на Господа по волја‘. Всушност, ‚си избирале туѓи богови‘. Каков бил резултатот? „Господ ги предаде во рацете на Јавин, ханаанскиот цар кој владееше во Асор. Воен началник на неговата војска беше Сисара . . . Тогаш Израелевите синови извикаа кон Господа. Зашто Јавин имаше шест стотини железни бојни коли, и тешко ги угнетуваше Израелците дваесет години“ (Судии 4:1—3; 5:8).
Во врска со животот во Израел, Библијата вели: „[Во тие денови] патиштата опустеа и кои порано одеа по правите патишта, тогаш одеа по околните патеки. Во Израилот немаше жител во селата“ (Судии 5:6, 7, ПСП). Луѓето биле престрашени од возачите на бојни коли што пљачкале сѐ пред себе. „Во животот на луѓето во Израел владеел страв“, вели еден изучувач, „целото општество изгледало парализирано и беспомошно.“ Па така, како што правеле честопати и пред тоа, обесхрабрените Израелци извикале кон Јехова за помош.
Јехова поставил водач
Угнетувањето од страна на Ханаанците било време на национална криза за Израел. Бог ја употребил пророчицата Девора да ги пренесе неговата осуда и неговите упатства. На тој начин Јехова ѝ ја дал честа да постапува како симболична мајка на Израел (Судии 4:4; 5:7).
Девора го повикала Варак и му рекла: „Еве што ти заповеда Господ, Израелевиот Бог: ‚Оди, тргни на гората Тавор и земи со себе десет илјади луѓе од Нефталимовите и Завулоновите синови. Јас ќе го привлечам кон тебе, на Кисонскиот Поток, Сисара, војсководец на Јавиновата војска, со неговите бојни коли и со сите војници, па ќе ги предадам во твоите раце‘“ (Судии 4:6, 7). Со тоа што рекла „еве што ти заповеда Господ, Изрелевиот Бог“, Девора јасно ставила на знаење дека не тврди дека таа лично има каков и да било авторитет над Варак. Таа едноставно дејствувала како канал преку кој била пренесена божествената заповед. Како одговорил Варак?
„Ако дојдеш ти со мене, ќе одам; ако не дојдеш со мене, не одам“ (Судии 4:8). Зошто Варак се колебал да ја прифати одговорноста што му била дадена од Бог? Дали постапувал кукавички? Дали му недостигала доверба во Божјите ветувања? Не. Варак не ја одбил задачата ниту, пак, му бил непослушен на Јехова. Напротив, неговиот одговор укажувал дека се чувствувал недораснат самиот да ја изврши Божјата заповед. Присуството на Божји претставник ќе му било гаранција за божественото водство и ќе им влеело доверба нему и на неговите луѓе. Според тоа, наместо да биде знак на слабост, условот што го побарал Варак бил знак на силна вера.
Реакцијата на Варак може да се спореди со реакцијата на Мојсеј, Гедеон и Еремија. И на овие мажи им недостигала доверба во својата способност да ги исполнат налозите што им ги дал Бог. Но поради тоа не биле сметани за помалку верни (Излез 3:11—4:17; 33:12—17; Судии 6:11—22, 36—40; Еремија 1:4—10). А што можеме да кажеме за ставот на Девора? Таа не се обидела да го преземе водството. Напротив, останала скромен слуга на Јехова. „Идам со тебе“, му рекла на Варак (Судии 4:9). Таа била спремна да го напушти домот — место на поголема сигурност — за да го придружува Варак во претстојната битка. И Девора е пример на вера и храброст.
Со вера го следат Варак
Местото на кое се собрале израелските сили била значајната планина Тавор. Тоа било добро избрано место. Претставувало природно зборно место за Нефталимовото и Завулоновото племе, зашто тие живееле близу. Затоа, како што Бог наредил, десет илјади доброволци — и Девора — го следеле Варак до оваа планина.
Од оние што му се придружиле на Варак се барала вера. Јехова му ветил на Варак победа над Ханаанците, но какво оружје имале Израелците? Судии 5:8 (ПСП) вели: „Се виде ли штит или копје во четириесет илјади од Израилот?“ Значи Израелците биле само лесно опремени. Сепак, копјата и штитовите не можеле многу во споредба со бојните коли со железни коси. Кога слушнал дека Варак се искачил на планината Тавор, Сисара веднаш ги собрал сите свои бојни коли и трупи во Кисонскиот Поток (Судии 4:12, 13). Она што Сисара не сфатил било тоа дека ќе се бори против Семоќниот Бог.
Варак ја поразува војската на Сисара
Кога дошол часот за битка, Девора му рекла на Варак: „Стани, еве го денот кога Господ ќе го предаде Сисара во твои раце! Самиот Господ оди пред тебе!“ Варак и неговите луѓе требало да се симнат од врвовите на Тавор во низините, но таму бојните коли на Сисара би биле во стратегиска предност. Како би се чувствувал ти кога би бил во војската на Варак? Дали спремно би послушал, имајќи на ум дека упатството доаѓа од Јехова? Варак и неговите десет илјади луѓе послушале. „Господ ги заплаши Сисара, сите негови бојни коли и целата негова војска, која почна да бега пред Вараковиот меч“ (Судии 4:14, 15).
Со поддршка од Јехова, Варак ја поразил војската на Сисара. Извештајот за битката не објаснува што сѐ се случило. Меѓутоа, победничката песна на Варак и Девора вели дека ‚небесата лееле, облаците врнеле со дожд‘. Најверојатно, еден пороен дожд предизвикал бојните коли на Сисара да се заглават во калта, давајќи му предност на Варак. На тој начин, главното оружје за напад на Ханаанците им станало пречка. Што се однесува до мртвите тела на луѓето на Сисара, песната вели: „Потокот Кисон ги одвлече“ (Судии 5:4, 21).
Дали може да се верува во ова сценарио? Долината на Кисонскиот Поток е исушено речно корито, корито на некој поток во кој обично има малку вода. По бури или долги дождови, таквите потоци можно е наеднаш да нараснат во брзи и опасни порои. За време на I Светска војна, се вели дека само 15 минути дожд врз тешката глинена почва во таа област го загрозила успехот на движењето на коњаницата. Во записите од битката на планината Тавор меѓу Наполеон и Турците на 16 април 1799, се известува дека „голем број од Турците се удавиле кога се обиделе да избегаат преку еден дел од низината што бил поплавен од Кисон“.
Еврејскиот историчар Јосиф Флавиј тврди дека токму кога требало да се сретнат војските на Сисара и Варак „од небото се спуштила силна бура, со големи количини дожд и град, и ветрот го носел дождот во лицето на Ханаанците и толку им ги замрачил очите што нивните стрели и чатали не им биле од никаква корист“.
„Од небесата врвици војуваа“, се вели во Судии 5:20, „војуваа ѕвездите против Сисара.“ Како војувале ѕвездите против Сисара? Некои сметаат дека оваа изјава укажува на божествена помош. Други мислења укажуваат на помош од ангели, на дожд од метеори или на зависноста на Сисара од астролошките предвидувања што се покажале погрешни. Бидејќи Библијата не дава објаснување за тоа како ѕвездите војувале во оваа битка, доволно е да ја сметаме таа изјава како да укажува на некој облик на божествена интервенција во корист на израелската војска. Како и да било, Израелците потполно ја искористиле ситуацијата. „Варак ги гонеше колите и војската . . . Сета Сисерина војска падна од остар меч, и ниеден човек не избега“ (Судии 4:16). Што се случило со војсководачот Сисара?
Угнетувачот паѓа „во раце на жена“
„Сисара“, вели Библијата, „[ја напушти битката и] бегаше пеш кон шаторот на Јаила, жената на Кенеецот Хевер, зашто меѓу Јавин, асорскиот цар и куќата на Кенеецот Хевер беше мир.“ Јаила го поканила во својот шатор изморениот Сисара, му дала да се напие млеко и го покрила, па така тој заспал. Тогаш Јаила ‚го зела шаторскиот кол и чук во рацете‘, работи што некој што живеел во шатор често ги користел. ‚Му се приближила тивко и му го приковала колот низ слепоочниците така што се закачил во земјата. Тој бил заспан цврсто од исцрпеност, и така умрел‘ (Судии 4:17—21).
Тогаш Јаила излегла да го сретне Варак и му рекла: „Дојди да ти го покажам човекот кого го бараш“. Извештајот додава: „Тој влезе при неа, и ете — Сисара лежеше мртов, со кол низ слепоочниците“. Колку само мора ова искуство да му ја зајакнало верата на Варак! Претходно пророчицата Девора му рекла: „Славата не ќе ти припадне тебе, зашто Господ ќе го предаде Сисара во раце на жена“ (Судии 4:9, 22).
Дали постапката на Јаила може да се нарече предавство? Јехова не гледал на тоа така. „Благословена да е меѓу жените“, се пеело во победничката песна на Варак и Девора. Таа песна ја става во исправно светло смртта на Сисара. Неговата мајка е претставена како загрижено го чека да се врати од битката. „Зошто им е толку бавна запрегата?“ прашува таа. „Мудрите нејзини дворјани“ (ПСП) се трудат да ги ублажат нејзините стравови велејќи дека тој сигурно го дели воениот плен — убаво навезени облеки и девојки за мажите. Тие велат: „Плен најдоа па го делат: по девица на војник, по девица и по две, пленета разнобојна облека за Сисара, везена од двете страни, симната од плеќи на пленик“ (Судии 5:24, 28—30).
Поука за нас
Од извештајот за Варак учиме важни поуки. Сите што го отфрлаат Јехова од својот живот сигурно ќе ги мачат проблеми и разочарувања. Ослободување од различни видови угнетување е возможно за оние што покајнички се свртуваат кон Бог и покажуваат вера во него. А зарем не треба да негуваме и дух на послушност? Дури и кога се чини дека Божјите барања се спротивни на човечкото резонирање, можеме да бидеме сигурни дека неговите упатства се секогаш за наше трајно добро (Исаија 48:17, 18). Само затоа што покажувал вера во Јехова и ги слушал божествените упатства, Варак ги ‚растерал војските на туѓинци‘ (Евреите 11:32—34).
Трогателниот заклучок на песната на Девора и Варак е: „Господи, така нека гинат сите Твои непријатели! А оние кои Те љубат нека бидат како сонце, кога изгрева со сета своја сила“ (Судии 5:31). Колку само ова ќе се покаже вистина кога Јехова ќе му стави крај на злобниот свет на Сатана!
[Слика на страница 29]
Јехова ја употребил Девора да го повика Варак
[Слика на страница 31]
Реката Кисон ги поплавува своите брегови
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слика на страница 31]
Планината Тавор