Спасението му припаѓа на Јехова
„Вистинскиот Бог за нас е Бог на спасувачки дела“ (ПСАЛМ 68:20, NW).
1, 2. а) Зошто можеме да речеме дека Јехова е Изворот на спасение? б) Како би го објасниле Изреки 21:31?
ЈЕХОВА е Спасител на луѓето кои го љубат (Исаија 43:11). Славниот израелски цар Давид го знаел тоа од лично искуство, и тој со цело срце пеел: „Спасението му припаѓа на Јехова“ (Псалм 3:8, NW). Пророкот Јона ги употребил истите зборови во една горлива молитва додека се наоѓал во стомакот на големата риба (Јона 2:10).
2 Давидовиот син Соломон исто така знаел дека Јехова е Изворот на спасението, зашто рекол: „Коњот го подготвуваат за денот на битката, но победата [спасението, NW] е од Господа“ (Изреки 21:31). На древниот Среден Исток, волот го влечел плугот, магариците носеле товари, луѓето јавале на маски, а коњите се користеле во војни. Меѓутоа, пред Израелците да влезат во Ветената земја, Бог им заповедал нивниот иден цар ‚да не ги умножува своите коњи‘ (5. Мојсеева 17:16). Не биле потребни борбени коњи бидејќи Јехова ќе го спасел својот народ.
3. Кои прашања го заслужуваат нашето разгледување?
3 Суверениот Господ Јехова е „Бог на спасувачки дела“ (Псалм 68:20, NW). Колку само охрабрувачка помисла! Но, какви „спасувачки дела“ извршил Јехова? И кого тој го спасил?
Јехова ги спасува праведните
4. Од каде знаеме дека Јехова ги спасува побожните луѓе?
4 Сите оние кои тежнеат по еден праведен правец како Божји предадени слуги, можат да извлечат утеха од зборовите на апостол Петар: „Господ знае како да ги избавува праведните од искушенија, а неправедните да ги држи во маки за судниот ден“. Докажувајќи ја таа поента, Петар рекол дека Бог ‚не го поштедил првиот свет, туку, кога нанел потоп на безбожниот свет, го запазил само осмочлениот Ноја, проповедникот на правдата‘ (2. Петрово 2:5, 9).
5. Под какви околности служел Ное како „проповедник на правдата“?
5 Замисли си дека се наоѓаш среде околностите во времето на Ное. Материјализираните демони се на Земјата. Потомството на тие непослушни ангели сурово се однесува со луѓето и ‚Земјата е полна со насилство‘ (1. Мојсеева 6:1—12). Меѓутоа, Ное не може да биде заплашен да ја напушти Јеховината служба. Напротив, тој е „проповедник на правдата“. Тој и неговото семејство градат арка и воопшто не се сомневаат во тоа дека злобата ќе биде отстранета за време на нивниот живот. Верата на Ное го осудува тој свет (Евреите 11:7). Денешните околности се слични на околностите од времето на Ное, означувајќи ги нашите денови како последни од овој злобен систем на ствари (Матеј 24:37—39; 2. Тимотеј 3:1—5). Тогаш, слично на Ное, дали ти ќе се покажеш верен како проповедник на правдата служејќи заедно со Божјиот народ додека го чекаш спасението од Јехова?
6. Како 2. Петрово 2:7, 8 докажува дека Јехова ги спасува праведните?
6 Петар дава понатамошен доказ дека Јехова ги спасува праведните. Апостолот вели: „[Бог] го избави праведниот Лот, кого го осрамотија беззакониците со нечистиот живот [кој беше многу измачуван поради распуштеното однесување на луѓето кои му пркосеа на законот, NW]. Оти, кога живееше праведникот меѓу нив, гледајќи ги и слушајќи ги беззаконските дела, од ден на ден ја измачуваше својата праведна душа“ (2. Петрово 2:7, 8; 1. Мојсеева 19:1—29). Сексуалниот неморал станал начин на живот за милиони луѓе во овие последни денови. Слично на Лот, дали ти ‚многу се измачуваш поради распуштеното однесување‘ на толку многу луѓе денес? Ако да и ако практикуваш праведност, ти можеш да бидеш еден од оние кои Јехова ќе ги спаси кога ќе го оконча овој зол систем.
Јехова го спасува својот народ од угнетувачи
7. Како Јеховините постапки со Израелците во Египет докажуваат дека тој го избавува својот народ од угнетување?
7 Сѐ додека трае овој стар систем, Јеховините слуги ќе доживуваат прогонство и непријателско угнетување. Но, тие можат да бидат сигурни дека Јехова ќе ги избави, зашто тој го спасувал својот угнетуван народ во минатото. Претпостави си дека ти си бил Израелец кој поднесува угнетување од рацете на Египќаните во времето на Мојсеј (2. Мојсеева 1:1—14; 6:8). Бог го удира Египет со неволји, една по друга (2. Мојсеева 8:5—10:29). Кога смртоносната десетта неволја ги одезема животите на египетските првородени, фараонот дозволува Израел да си замине. Но, тој подоцна ги мобилизира своите сили и ита по нив. Меѓутоа, наскоро тој и неговите луѓе се уништени во Црвеното Море (2. Мојсеева 14:23—28). Ти им се придружуваш на Мојсеј и на целиот Израел во оваа песна: „Господ ги ништи војните [е воин, NW]; името Му е Господ [Јехова, NW]. Колите Фараонови и војската негова ги фрли в море; избраните војводи негови се удавија во Црвено Море. Бездните го покрија; тие потонаа во длабочините како камен“ (2. Мојсеева 15:3—5). Слична катастрофа ги чека сите угнетувачи на Божјиот народ во овие последни денови.
8, 9. Наведи еден пример од книгата на Судиите кој докажува дека Јехова го спасува својот народ од угнетувачи.
8 Со години откако Израелците влегле во Ветената земја, правдата меѓу нив ја спроведувале судиите. Луѓето понекогаш страдале под туѓинско угнетување, но сепак Бог ги користел верните судии за да ги избави. Иако можеби и ние на сличен начин ‚офкаме од оние што нѐ угнетуваат и потискаат‘, Јехова ќе нѐ спаси и нас како свои лојални слуги (Судии 2:16—18; 3:9, 15). Всушност, библиската книга Судии ни дава гаранција за тоа, како и за поголемото спасение кое ќе го обезбеди Јехова преку својот наименуван судија, Исус Христос.
9 Да се вратиме во деновите на судијата Варак. Поради лажното обожавање и божественото неодобрување, Израелците се нашле под 20-годишна сурова доминација на хананскиот цар Јавин. Сисар е главен над огромното хананско воено мноштво. Но, ‚не се видело ни штит ни копје во четириесет илјади од Израилот‘, иако нацијата броела можеби четири милиони луѓе (Судии 5:6—8). Израелците покајнички викаат кон Јехова. Воден од Бог преку пророчицата Девора, Варак собира 10.000 мажи на планината Тавор, а Јехова го доведува непријателот во долината под таа висока планина. Тропотејќи низ низината и сувото речно корито на Кисон, дошле легиите и 900-те бојни коли на Сисар. Но, еден силен дожд го полни Кисон со поројни води. Како што Варак и неговите луѓе маршираат од планината Тавор под покривката на бурата, тие се сведоци на хаосот што го предизвикал Јеховиниот ослободен бес. Луѓето на Варак ги погубиле еден по еден преплашените Хананејци кои бегале и никој не се спасил. Какво само предупредување за нашите угнетувачи кои се осмелуваат да се борат против Бог! (Судии 4:3—16; 5:19—22).
10. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе ги спаси своите денешни слуги од сите нивни угнетувачи?
10 Јехова ќе ги спаси сегашните слуги од сите нивни угнетувачки непријатели, токму како што го спасувал богобојазливиот Израел во време на опасност (Исаија 43:3; Јеремија 14:8). Бог го избавил Давид „од раката на сите непријатели негови“ (2. Царства 22:1—3). Затоа, дури ако сме угнетувани или прогонувани како Јеховин народ, да бидеме храбри зашто неговиот месијански Цар ќе нѐ ослободи од угнетувањето. Да, „ќе го спаси животот на сиромасите; од лихви и неправди [угнетување и насилство, NW] ќе ги избави душите нивни“ (Псалм 71:13, 14). Тоа избавување е навистина близу.
Бог ги спасува оние кои имаат доверба во него
11. Каков пример на ослонување на Јехова покажал младиот Давид?
11 За да го доживееме спасението од Јехова, мораме храбро да полагаме доверба во него. Давид покажал дека храбро се ослонува на Бог кога му излегол во пресрет на џинот Голијат. Замисли си како огромниот Филистеец стои пред младиот Давид, кој извикува: „Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господа Саваота, Бог на Израилевата војска, која ти ја навредуваш; сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја, и ќе им го дадам твојот труп и труповите на филистејската војска на птиците небески и ѕверовите земни, и целата земја ќе дознае, оти има Бог во Израилот; и сите овие луѓе ќе разберат дека не со меч и копје спасува Господ, зашто тоа е војна на Господа“. Наскоро Голијат е мртов, и Филистејците се поразени. Јасно е дека Јехова го спасил својот народ (1. Царства 17:45—54).
12. Зошто може да биде корисно да се сеќаваме на силниот човек на Давид, Елеазар?
12 Кога се соочуваме со прогонители, можеби треба да ‚собереме храброст‘ и да имаме уште поцелосна доверба во Бог (Исаија 46:8—13; Изреки 3:5, 6). Забележи го овој настан кој се случи на местото по име Фаседомин. Израел се имал повлечено пред филистејските сили. Но, стравот не го парализира Елеазар, еден од тројцата извонредно силни луѓе на Давид. Тој го зазема своето место во едно поле со јачмен и без ничија помош ги удира Филистејците со меч. На тој начин ‚Јехова му дава на Израел големо спасение‘ (1. Летописи 11:12—14; 2. Царства 23:9, 10). Никој не очекува ние да се бориме против некоја воена сила без ничија помош. Сепак, можеби понекогаш ќе се најдеме сами и притиснати од непријатели. Дали молитвено ќе се ослониме на Јехова, Богот на спасувачки дела? Дали ќе ја бараме неговата помош за да не ги предадеме нашите соверници на прогонителите?
Јехова ги спасува чуварите на интегритетот
13. Зошто било тешко да се задржи интегритетот кон Бог во десетплеменското царство Израел?
13 За да доживееме спасение од Јехова, мораме да задржиме интегритет кон него по секоја цена. Божјиот народ од древни времиња доживувал различни испити. Размисли со што можеби ќе си се соочел ако си живеел во десетплеменското царство Израел. Крутоста на Ровоам ги навела десетте племиња да ја повлечат од него својата поддршка и да го формираат северното царство Израел (2. Летописи 10:16, 17; 11:13, 14). Од многуте цареви кои ги имало тоа царство, најдобар бил Јуј, но дури и тој ‚не одел според законот на Господа, Бога Израилев, од сѐ срце‘ (4. Царства 10:30, 31). Сепак, десетплеменското царство имало свои чувари на интегритетот (3. Царства 19:18). Тие практикувале вера во Бог, а тој докажал дека е со нив. И покрај испитите на твојата вера, дали ти задржуваш интегритет кон Јехова?
14. Какво спасение извршил Јехова во деновите на царот Езекија, и што довело до победа на Вавилонците над Јуда?
14 Широко распространетото игнорирање на Божјиот закон водело до несреќа за царството Израел. Кога Асирците го освоиле во 740 пр. н. е., несомнено поединци од неговите десет племиња избегале во двоплеменското царство Јуда, каде што можеле да го обожаваат Јехова во неговиот храм. Четворица од 19-те цареви на Јуда од лозата на Давид — Аса, Јосафат, Езекија и Јосија — биле извонредни во нивната оддаденост на Бог. Во деновите на чуварот на интегритетот Езекија, Асирците дошле против Јуда со моќна војска. Како одговор на молбите на Езекија, Бог употребил само еден ангел за да убие 185.000 Асирци и тоа само за една ноќ, давајќи им на тој начин спасение на Своите обожаватели! (Исаија 37:36—38). Подоцна, пропустот на луѓето да го држат Законот и да внимаваат на предупредувањата од Божјите пророци водел до освојување на Јуда од страна на Вавилон и до уништување на нејзиниот главен град Ерусалим и на храмот во 607 пр. н. е.
15. Зошто им била потребна истрајност на еврејските изгнаници во Вавилон, и како на крај Јехова донел избавување?
15 За да го задржат интегритетот кон Бог додека се наоѓале во вавилонско ропство околу 70 тажни години, на еврејските изгнаници им била потребна истрајност (Псалм 136:1—6). Еден чувар на интегритетот кој е вреден за внимание бил пророкот Даниил (Даниил 1:1—7; 9:1—3). Замисли си ја неговата радост кога стапил во сила декретот на персискиот цар Кир во 537 пр. н. е. со кој на Евреите им било дозволено да се вратат во Јуда за повторно да го изградат храмот! (1. Ездра 1:1—4). Даниил и другите истрајале со години, но на крај го доживеале поразот на Вавилон и избавувањето на Јеховиниот народ. Ова треба да ни помогне да покажуваме истрајност додека го чекаме уништувањето на „Вавилон големиот“, светското царство на лажната религија (Откровение 18:1—5).
Јехова секогаш го спасува својот народ
16. Какво спасение предизвикал Бог во деновите на царицата Естир?
16 Јехова секогаш го спасува својот народ кога тој е верен на неговото име (1. Царства 12:22; Исаија 43:10—12). Да се вратиме во деновите на царицата Естир — во петтиот век пр. н. е. Царот Асуир (Ксеркс I) го назначил Аман за премиер. Разлутен поради тоа што Евреинот Мардохеј одбил да му се поклони, Аман кова завера да го уништи него и сите Евреи во Персиското Царство. Тој ги претставува нив како прекршители на законот, додава економски повод и дозволено му е да го употреби царскиот прстен-печат за да запечати еден документ со налог тие да бидат истребени. Естир храбро му го открива на царот своето еврејско потекло и му ја разоткрива убиствената завера на Аман. Наскоро Аман виси на истиот столб што го подготвил за погубување на Мардохеј. Мардохеј, пак, е поставен за премиер и има овластување да им дозволи на Евреите да се бранат. Тие извојуваат голема победа над своите непријатели (Естира 3:1—9:19). Овој настан треба да ја зајакне нашата вера дека Јехова ќе изврши спасувачки дела во корист на своите послушни слуги денес.
17. Како послушноста одиграла улога во избавувањето на еврејските христијани кои живееле во Јудеја во првиот век?
17 Друга причина зошто Бог го спасува својот народ е тоа што тој му е послушен нему и на неговиот Син. Стави се на местото на Исусовите еврејски ученици од првиот век. Тој им вели: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте — дека се приближило неговото запустување. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините“ (Лука 21:20—22). Годините минуваат, а ти се прашуваш кога ќе се исполнат тие зборови. Потоа настапува еден бунт на Евреите во 66 н. е. Римските сили под Цестиј Гал го опколуваат Ерусалим и се пробиваат сѐ до ѕидовите на храмот. Ненадејно, Римјаните се повлекуваат без некаква видлива причина. Што ќе прават еврејските христијани? Во својата Ecclesiastical History (книга III, поглавје V, 3), Евзебиј вели дека тие побегнале од Ерусалим и од Јудеја. Биле поштедени бидејќи го послушале пророчкото предупредување на Исус. Дали си толку брз да се повиниш на библиското водство кое го обезбедува ‚верниот управител‘ (NW) кој е назначен над целиот Исусов „имот“? (Лука 12:42—44).
Спасение за вечен живот
18, 19. а) Какво спасение овозможила Исусовата смрт, и за кого? б) На што бил решен апостол Павле?
18 Внимавањето на Исусовото предупредување ги спасило животите на еврејските христијани во Јудеја. Но, Исусовата смрт овозможува спасение за вечен живот на „сите видови луѓе“ (1. Тимотеј 4:10). Потребата на човештвото од откупнина се јавила со гревот на Адам, кој на тој начин го изгубил животот и го продал целиот човечки род во ропство на гревот и смртта (Римјаните 5:12—19). Животинските жртви кои биле принесувани под Мозаитскиот закон биле само површно покривање на гревот (Евреите 10:1—4). Бидејќи Исус немал човечки татко и очигледно Божјиот свет дух ја ‚осенил‘ Марија од времето кога забременила сѐ до Исусовото раѓање, тој бил роден без да наследи некаков грев или несовршеност (Лука 1:35; Јован 1:29; 1. Петрово 1:18, 19). Кога Исус умрел како совршен чувар на интегритетот, тој го принел својот совршен живот за повторно да го откупи и ослободи човештвото (Евреите 2:14, 15). На тој начин, Христос ‚се дал Себеси како [соодветен, NW] откуп за сите‘ (1. Тимотеј 2:5, 6). Нема сите луѓе да извлечат корист од оваа подготовка за спасение, но Бог го одобрува применувањето на нејзините користи за оние кои ја прифаќаат со вера.
19 Претставувајќи му ја вредноста од својата откупна жртва на Бог на небото, Христос повторно го купил Адамовото потомство (Евреите 9:24). На тој начин Исус добива Невеста која ја сочинуваат неговите 144.000 помазани следбеници кои се подигнати за небесен живот (Ефесјаните 5:25—27; Откровение 14:3, 4; 21:9). Исто така, тој станува „Отец вечен“ за оние кои ја прифаќаат неговата жртва и добиваат вечен живот на Земјата (Исаија 9:6, 7; 1. Јованово 2:1, 2). Каква само подготовка полна со љубов! Ценењето на Павле за неа е очигледно во неговото второ инспирирано писмо до христијаните во Коринт, како што ќе покаже следната статија. Всушност, Павле бил решен ништо да не го спречи во помагањето на луѓето да извлечат корист од Јеховината прекрасна подготовка за спасение за вечен живот.
Како би одговорил?
◻ Кој библиски доказ постои дека Бог го спасува својот праведен народ?
◻ Од каде знаеме дека Јехова ги спасува оние кои имаат доверба во него и го задржуваат својот интегритет?
◻ Која подготовка ја направил Јехова за спасение за вечен живот?
[Слика на страница 12]
Давид му верувал на Јехова, ‚Богот на спасувачки дела‘. А ти?
[Слика на страница 15]
Јехова секогаш го спасува својот народ, како што покажал во времето на царицата Естир