Помогни им на другите потполно да го искористат својот потенцијал
„Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“ (ПС. 32:8)
1, 2. Како гледа Јехова на своите слуги на Земјата?
КОГА ги гледаат своите дечиња како си играат, родителите честопати се восхитени од нивните способности. Можеби едното дете е темпераментно и сака спортски игри, а другото повеќе сака логички игри или сака да црта и да изработува разни предмети. Но, без разлика какви дарби поседуваат децата, родителите со задоволство им помагаат целосно да го искористат својот потенцијал.
2 И нашиот грижлив Татко, Јехова, е заинтересиран за своите деца на Земјата. Тие се скапоцени во негови очи главно затоа што му се верни и оддадени (Агеј 2:7). Сепак, освен што имаат убави особини, браќата и сестрите имаат и разни способности. Некои браќа се добри говорници, а други добри организатори. Многу сестри лесно учат странски јазици и ги користат во службата, а други знаат како да ги охрабрат своите соверници и како да се грижат за оние што се болни (Рим. 16:1, 12). Зарем не се радуваме што во собранието има такви браќа и сестри?
3. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
3 Меѓутоа, можеби некои наши соверници, вклучувајќи ги и младите и новокрстените браќа, сѐ уште не знаат која е нивната улога во собранието. Како можеме да им помогнеме целосно да ги искористат своите способности и вештини? Зошто треба да се трудиме да го следиме примерот на Јехова со тоа што ќе го бараме доброто кај нив?
ЈЕХОВА ГО ГЛЕДА ОНА ШТО Е ДОБРО КАЈ СВОИТЕ СЛУГИ
4, 5. Како извештајот од Судиите 6:11-16 ни покажува дека Јехова го гледа потенцијалот кај своите слуги?
4 Голем број библиски извештаи ни покажуваат дека Јехова го гледа она што е добро кај своите слуги, но не останува само на тоа. Тој го гледа и нивниот потенцијал. На пример, Јехова го избрал Гедеон да го ослободи израелскиот народ од Мадијамците. Гедеон сигурно многу се зачудил кога еден ангел му рекол: „Јехова е со тебе, храбар јунаку!“ Очигледно, Гедеон воопшто не мислел дека е „храбар“. Искрено признал дека се смета себеси за безначаен и дека не е способен да го спаси Божјиот народ. Но, Јехова имал поинакво гледиште за Гедеон. Бог знаел дека тој е способен да ги спаси Израелците. (Прочитај Судиите 6:11-16.)
5 Јехова ги забележал вештините на Гедеон и имал потполна доверба во него. Тој видел дека Гедеон ја чукал пченицата со сета своја сила. Меѓутоа, уште нешто му оставило силен впечаток. Во библиски времиња, земјоделците го вршеле житото на отворено за да може ветрот да ја одвее плевата. Но, Гедеон ја чукал пченицата во винско гмечало за да ја скрие од Мадијамците. Со ова тој покажал дека е остроумен човек, а не само вреден земјоделец. Јехова го видел неговиот потенцијал и му помогнал потполно да го искористи.
6, 7. а) За разлика од некои Израелци, како гледал Јехова на пророкот Амос? б) Од каде знаеме дека Амос не бил неук човек?
6 Јехова го забележал потенцијалот и на пророкот Амос. Во очите на многумина тој бил безначаен и скромен човек. Самиот Амос рекол дека е овчар и засечувач на диви смокви — плодови што се сметале за храна на сиромашните. Кога Јехова му дал задача на Амос да му пренесе порака на осуда на десетплеменското царство Израел, во кое било раширено идолопоклонството, некои од луѓето си мислеле дека тој не е вистинскиот човек за таа задача. (Прочитај Амос 7:14, 15.)
7 Иако живеел во едно далечно село, Амос имал големо познавање за обичаите и владетелите во негово време. Тоа ни покажува дека не бил неук човек. Од трговците кои минувале низ неговото место добивал информации за состојбата во Израел и за околните народи (Амос 1:6, 9, 11, 13; 2:8; 6:4-6). Некои библиски изучувачи сметаат дека Амос бил добар писател. Тој користел едноставни, но силни изјави и употребувал споредби и игра на зборови. Тоа што Амос храбро му одговорил на расипаниот пророк Амазија ни покажува дека Јехова го избрал вистинскиот човек и ги искористил неговите способности кои не биле видливи на прв поглед (Амос 7:12, 13, 16, 17).
8. а) Какво уверување му дал Јехова на Давид? б) Зошто зборовите во Псалм 32:8 можат да ги охрабрат оние што сметаат дека не се способни за одредени задачи?
8 Јехова го забележува потенцијалот на секој свој слуга. Тој го уверил цар Давид дека секогаш ќе го води и дека неговото ‚око ќе биде над него‘. (Прочитај Псалм 32:8.) Зошто ова нѐ охрабрува? Дури и ако сметаме дека не сме доволно способни за одредени задачи, Јехова може да ни помогне да ги оствариме целите кои ни изгледале недостижни. Исто како што еден инструктор му дава упатства на некој што полага за возачка дозвола, така и Јехова е спремен да нѐ води за духовно да напредуваме. Освен тоа, Јехова може да ги поттикне нашите соверници да ни помогнат целосно да го искористиме нашиот потенцијал. Како?
БАРАЈ ГО ДОБРОТО КАЈ ДРУГИТЕ
9. На кој начин можеме да покажеме дека се грижиме за нашите соверници?
9 Павле ги поттикнал сите христијани да се грижат за своите соверници. (Прочитај Филипјаните 2:3, 4.) Еден начин на кој можеме да го правиме тоа е така што ќе ги забележуваме добрите страни на нашите браќа и сестри и ќе ги пофалуваме за нив. Како се чувствуваш кога некој ќе го забележи твојот напредок? Сигурно тоа ќе те мотивира уште повеќе да напредуваш и да го даваш најдоброто од себе. Значи, кога им кажуваме на нашите соверници дека го забележуваме трудот што го вложуваат им помагаме и понатаму да растат духовно и да ја вршат службата за Јехова со сета душа.
10. На кого особено треба да му се посвети внимание?
10 Понекогаш на сите нам ни треба внимание од другите. Но, особено младите и новокрстените браќа имаат потреба да се чувствуваат корисно во собранието. Тоа што ќе бидат вклучени во собраниските активности ќе им помогне да сфатат дека имаат важна улога меѓу Божјиот народ. Но, нивната желба да преземат повеќе одговорности — нешто на кое ги поттикнува и Библијата — може да згасне ако не им покажеме дека ги цениме (1. Тим. 3:1).
11. а) Како еден старешина му помогнал на еден млад брат да напредува? б) Што учиме од искуството на Жилиен?
11 Еден старешина, кој се вика Лудовик, вели: „Кога покажувам искрен интерес кон некој брат, тој побрзо напредува“. Во врска со еден млад брат кој бил срамежлив, Лудовик вели: „Кога требаше да заврши некоја задача во собранието, Жилиен го правеше тоа малку несмасно. Но, можев да видам дека беше љубезен со другите и вистински сакаше да им помага“. Затоа, Лудовик не го критикувал, туку се концентрирал на неговите позитивни страни и се трудел да го охрабри. Со текот на времето, Жилиен ги исполнил условите да служи како слуга-помошник и општ пионер.
ПОМОГНИ ИМ ЦЕЛОСНО ДА ГО ИСКОРИСТАТ СВОЈОТ ПОТЕНЦИЈАЛ
12. Што е потребно за да му помогнеме некому да го искористи својот потенцијал? Наведи пример.
12 Ако сакаме да им помогнеме на другите целосно да го искористат својот потенцијал, мора да бидеме проникливи и да го забележуваме тоа што го прават. Како што видовме од претходното искуство, наместо да ги гледаме нивните слаби страни, мора да се концентрираме на нивните убави особини и вештини за да им помогнеме да ги развијат во уште поголема мера. На ваков начин постапувал и Исус со Петар. Иако Петар понекогаш изгледал како нестабилна личност, Исус претскажал дека ќе стане цврст како карпа (Јован 1:42, фус.).
13, 14. а) Како Варнава постапил проникливо со Марко? б) Како еден старешина му помогнал на Александар? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
13 И Варнава постапувал на сличен начин со Јован, кого го викале Марко (Дела 12:25). За време на првото мисионерско патување, Павле и Варнава го повеле со себе и Марко за да им служи како „помошник“. Тој можеби се грижел за нивните физички потреби. Но, кога стигнале во Памфилија, Марко неочекувано ги напуштил баш кога најмногу им бил потребен. Затоа, Павле и Варнава морале сами да патуваат на север низ опасно подрачје во кое имало разбојници (Дела 13:5, 13). Сепак, што направил Варнава подоцна? Тој се концентрирал на јаките страни на Марко, а не на неговите слабости. Варнава не го сметал Марко за неодговорна личност. Наместо тоа, продолжил да го обучува (Дела 15:37-39). Како резултат на тоа, Марко станал зрел христијанин. Интересно е тоа што, неколку години подоцна, Марко бил во Рим и му помагал на Павле додека бил во затвор. Од писмата што Павле им ги напишал на христијаните во Колоси, се гледа дека имал позитивно мислење за Марко (Кол. 4:10). Замисли само како се чувствувал Варнава кога Павле дури и го побарал Марко за да му помогне во службата! (2. Тим. 4:11).
14 Александар, кој неодамна бил именуван како старешина, раскажува како и нему му помогнал еден брат. Тој вели: „Кога бев помлад, воопшто не ми беше лесно да кажам јавна молитва. Но, еден старешина ми покажа како можам да се подготвам и да бидам поопуштен. Наместо да ми ја ускрати можноста да се молам, редовно ми дозволуваше да имам молитва на состаноците за проповедање. Со текот на времето, стекнав поголема самодоверба“.
15. Како покажал Павле дека ги цени своите браќа и сестри?
15 Дали кога ќе забележиме нешто добро кај некој сохристијанин му кажуваме колку го цениме тоа? Во Римјаните поглавје 16, Павле навел повеќе од 20 соверници и ги пофалил за нивните убави особини и постапки што сметал дека се многу вредни (Рим. 16:3-7, 13). На пример, Павле кажал дека Андроник и Јуниј му служеле на Христос подолго од него и ги пофалил за нивната истрајност. Павле ја спомнал и мајката на Руф, која најверојатно со љубов се грижела за него.
16. Зошто треба да ги пофалуваме младите?
16 Ако од срце ги пофалуваме нашите браќа и сестри, може многу да им помогнеме. Размисли за Рико, еден млад брат од Франција. Тој се чувствувал обесхрабрено затоа што татко му, кој не бил Сведок, не му дозволувал да се крсти. Рико мислел дека ќе мора да чека да стане полнолетен за да се крсти и да му служи на Јехова во поголема мера. Освен тоа, на Рико му било тешко бидејќи децата на училиште го исмејувале. Фредерик, кој служи како старешина и кој проучувал со Рико, вели: „Му кажав дека тоа што се соочува со противење, всушност, е доказ дека храбро ги брани своите верувања. Го пофалив за тоа“. Ова го поттикнало Рико уште повеќе да напредува и да се зближи со татко му. Тој се крстил на 12 години.
17. а) Како можеме да им помогнеме на нашите браќа да прават повеќе во службата за Јехова? б) Како еден мисионер им помага на младите браќа, и каков е резултатот од тоа?
17 Секогаш кога ги пофалуваме нашите соверници за нивниот труд и за тоа што добро си ги вршат задачите во собранието, им ја разгоруваме желбата да прават повеќе во службата за Јехова. Силви,a која со години служи во Бетелот во Франција, вели дека е убаво и сестрите да ги пофалуваат браќата. Таа додава дека жените имаат поголема моќ на забележување и можат да видат повеќе детали кај другите. Силви вели: „Охрабрувачките зборови на сестрите може да му дадат уште поголема тежина на она што го кажуваат искусните браќа. Јас сметам дека сме должни да даваме пофалби“ (Изр. 3:27). Жером служи како мисионер во Француска Гвајана. Тој им помогнал на многу млади браќа да станат мисионери. Жером вели: „Забележав дека, кога ги пофалувам младите браќа за конкретни работи во службата или за нивните добри коментари на состаноците, тие стекнуваат поголема самодоверба и стануваат уште повешти“.
18. Зошто е добро да соработуваме со младите браќа?
18 Исто така, можеме да ги поттикнеме нашите соверници да напредуваат со тоа што ќе им даваме задачи и ќе им помагаме додека ги извршуваат. На пример, некој старешина би можел да замоли еден млад брат, кој се разбира од компјутери, да отпечати некои статии од нашата интернет-страница што би ги охрабриле постарите објавители. Или, би можел да покани некој млад брат да му помага во чистењето или поправањето на Салата. Тоа што ќе се трудиме да соработуваме со помладите, ќе ни даде прилика да ги забележиме нивните способности, да ги пофалиме и да видиме како напредуваат (Изр. 15:23).
МИСЛИ НА ПОТРЕБИТЕ НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА
19, 20. Зошто треба да им помагаме на другите да напредуваат?
19 Кога Јехова го поставил Исус Навин да ги води Израелците, му заповедал на Мојсеј да го „охрабри“ и да го ‚зајакне‘. (Прочитај 5. Мојсеева 3:28.) Денес, голем број луѓе низ целиот свет ја прифаќаат вистината, и затоа се јавува сѐ поголема потреба од способни браќа кои ќе преземат водство. Од таа причина, сите во собранието треба да им помагаат на младите и на новите браќа потполно да го искористат својот потенцијал. Така, сѐ повеќе и повеќе браќа ќе започнат со полновремена служба и ќе се оспособат „да поучуваат други“ (2. Тим. 2:2).
20 Без разлика дали служиме во големо собрание каде што има искусни објавители или сме дел од некоја мала група, можеме да им помагаме на неискусните браќа да развиваат вештини со кои ќе можат да вршат разни задачи во Божјата организација. За да го постигнеме ова, важно е да го следиме примерот на Јехова, кој секогаш го бара доброто кај другите.
a Името е сменето.