’Колку било часот?‘
’КОЛКУ е часот?‘ Колку пати веќе си го поставил ова прашање? Во нашето динамично современо доба секогаш сме свесни за времето. Повеќето наши секојдневни активности — станувањето наутро, одењето на работа, оброците, состанувањето со пријателите и друго — во голема мера се управувани од времето. А ние се потпираме на редица од предмети — часовници, рачни часовници, будилници, радиоапарати — за да ни кажат колку е часот.
А како било во библиски времиња кога луѓето немале часовници како нашите? Како тие го мереле времето? Дали библискиот запис дава некои податоци во врска со тоа? Познавањето на добата од денот кога се одиграле некои библиски настани може да ти даде нов увид во Божјата Реч и да му додаде задоволство на твоето проучување на Библијата.
Показатели на време кои ги дал Бог
Во стари времиња времето на некој настан обично се обележувало со набљудување на сонцето или месечината, ”две големи светила“ кои Творецот ги поставил на небото ”за да го делат денот од ноќта“ (1. Мојсеева 1:14-16). На пример, ’кога зората зазорила‘, двата ангела го поттикнале Лот и неговото семејство да побегнат од осудениот град Содом (1. Мојсеева 19:15, 16). А ”приквечерината“ верниот слуга на Аврахам стигнал кај бунарот кадешто ја сретнал Ребека (1. Мојсеева 24:11, 15).
Во други прилики биле давани попрецизни одредувања на времето. На пример, Авимелех ‚насилниот син на судијата Гедеон‘, бил советуван да го нападне градот Сихем ”изутрина, по изгревање на сонцето“ (Книга Судии Израилеви 9:33). Очигледно дека зад тоа се криела тактична причина. Блесокот на сонцето кое изгревало зад силите на Авимелех сигурно поради ”сенките горски“ многу им отежнувало на бранителите на Сихем да ја распознаат напаѓачката војска (Судиите 9:36-41, ДК).
Временски изрази во духот на јазикот
Хебреите користеле изрази кои се и сликовити и интересни за означување на времето. Не само што ни пренесуваат чувство за месниот амбиент и обичаите, туку откриваат и нешто за околностите на настанот.
На пример, 1. Мојсеева 3:8 (Ст) нѐ известува дека Јехова зборувал со Адам и Ева ”при дневниот ветрец“ на денот кога згрешиле. Така може да се разбере дека било близу зајдисонце, кога се кревал ладен ветрец, донесувајќи освежување од топлинта на денот. Обично, кога денот се ближи кон крајот, настапува време за опуштање и одмор. Сепак, Јехова не дозволил сериозното судско прашање да потрае до следниот ден кога сѐ уште имало време да се погрижи за него.
Од друга страна, 1. Мојсеева 18:1, 2 покажува дека Јеховините ангели дошле до шаторот на Аврахам кај Мамре ”при дневната жега“ (Ст). Претстави си го пладневното сонце како гори озгора над јудејските ридови. Жештината може да биде многу тешка. Тоа било вообичаено време за оброк и одмор. (Види 1. Мојсеева 43:16, 25; 2. Самоилова 4:5). Аврахам ’седел пред вратата од својот шатор‘, каде можело да има малку провев на воздух, а можеби се одморал после јадењето. Можеме уште повеќе да ја цениме гостољубивоста на овој постар човек кога читаме дека ’им притрчал во пресрет‘ на посетителите, потоа ’отрчал во шаторот‘ да ѝ каже на Сара да подготви леб, а потоа ’отрчал кај говедата, фатил младо и угоено теле, му го дал на момокот, и тој побрзал да го зготви‘. И сето тоа по дневната жега! (1. Мојсеева 18:2-8).
Ноќните часови кај Хебреите
Хебреите очигледно ноќта ја делеле на три периода кои ги нарекле ”стражи“. Секоја стража опфаќала една третина од времето помеѓу зајдисонце и изгрејсонце, или околу четири часа, зависно од сезоната (Псалм 63:6, ДК). Гедеон го нападнал логорот на Мадијанците ”при почетокот на средната [полноќната, NW] стража“, која траела од околу десет часот навечер до околу два наутро. Нападот во тоа време очигледно потполно ги изненадил стражарите. Сигурно дека претпазливиот Гедеон не можел да избере стратешки попогодно време за својот напад! (Судиите 7:19).
За време на Излегувањето [од Египет], Јехова ’го собрал морето со источен ветар, кој силно дувал цела ноќ“, дозволувајќи им на Израелците да поминат по суво копно. Кога Египќаните ги достигнале, веќе била ’утринската стража‘, а Јехова го збунил логорот на Египќаните, и на крај ги уништил така што ”пред зори водата се повратила со својата сила“ (2. Мојсеева 14:21-27). Така поминала скоро цела ноќ додека морето не било раздвоено и додека Израелците не го поминале.
Во првиот век
До првиот век, Евреите го прифатиле сметањето од 12 часови за денот. Затоа во една од своите споредби Исус рекол: ”Нели дванаесет часови има во денот?“ (Јован 11:9). Деновите се сметале од изгрејсонце до зајдисонце, или приближно од шест наутро до шест навечер. Според тоа, ”третиот час“ би било околу девет наутро. Во тоа време на ден Пентакост бил излиен светиот дух. Кога народот ги обвинил апостолите дека биле ”полни со слатко вино“, Петар веднаш го отфрлил обвинението. Сигурно дека никој не би можел да биде пијан толку рано! (Дела 2:13, 15, Ст).
Слично на тоа, изјавата на Исус, ”мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил“, добива додатно значење кога ќе го земеме предвид времето кое било опфатено. ”А беше околу шестиот час“, според Јован 4:6, или околу пладне. Откако цело утро пешачеле низ ритчестата Самарија, Исус и учениците сигурно биле гладни и жедни. Затоа, кога се вратиле со храна, учениците го терале Исус да јаде. Малку ја познавале силата и освежувањето кое Исус го примал со вршењето на Јеховиното дело. Изјавата на Исус несомнено била повеќе од само сликовит израз. Тој буквално бил поткрепен со вршење на Божјето дело, иако сигурно поминале многу часови откако ништо не јал (Јован 4:31-34).
Бидејќи изгрејсонцето и зајдисонцето варирале според годишното доба, обично се давало само приближното време на некој настан. Така читаме за настани кои се случиле во третиот, шестиот или деветтиот час — кое често значи приближно во тоа време (Матеј 20:3, 5; 27:45, 46; Марко 15:25, 33, 34; Лука 23:44; Јован 19:14; Дела 10:3, 9, 30). Меѓутоа, кога временскиот фактор бил пресуден за извештајот, се давале попрецизни укажувања на времето. На пример, на човекот кој сакал да дознае дали неговиот син навистина оздравел преку силата на Исус, робовите му одговориле: ”Вчера во седмиот час [околу еден часот попладне] го остави треската“ (Јован 4:49-54, ДК).
Ноќни поделби
За време на римското владеење, изгледа дека Евреите ја прифатиле грчката и римската поделба на ноќта на четири стражи, наместо на три кои ги користеле порано. Во Марко 13:35, (NW) Исус очигледно се осврнал на четирите поделби. ’Вечерната‘ страж траела од зајдисонце до околу девет навечер. Втората, ’полноќна‘ стража, почнувала околу девет навечер и завршувала на полноќ. ”Кога ќе пропеат петлите“ го опфаќало периодот од полноќ до околу три часот. А последната стража, ’наутро‘ [утринската, Ст], завршувала в зори, или околу шест часот.
Стражата поврзана со ’пеењето на петлите‘ е посебно занимлива поради Исусовите зборови упатени до Петар, а запишани во Марко 14:30: ”Пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене.“ Иако некои коментатори тврдат дека изразот ”двапати“ се однесува на одредени временски моменти — полноќ и зора, секој посебно за себе — делото A Dictionary of Christ and the Gospels, издадено од Џејмс Хејстингс, укажува дека ”на Исток како и на други места, всушност петлите пеат во текот на ноќта, во неправилни растојанија од полноќ па натаму“. Исус очигледно не укажувал на точното време кога Петар ќе се одрече од него. Наместо тоа, тој дал знак да ги обележи своите зборови упатени до Петар, кој навистина се исполнил истата таа ноќ (Марко 14:72).
На ”четвртата стража преку ноќта“ — помеѓу три и шест изутрина — Исус, одејќи по водата на Галилејското Море, дошол до своите ученици кои биле во чамец ”сред морето“. Очигледно е лесно да се разбере зошто учениците ’се уплашиле и рекле: ”Тоа е привидение!“ и од страв извикале‘ (Матеј 14:23-26). Од друга страна, тоа покажува дека Исус сигурно поминал доста време во молитва додека бил на планината. Бидејќи тоа било набргу откако Ирод Антипа му ја отсекол главата на Јован Крстител и непосредно пред Пасхата, која го означила почетокот на последната година од Исусовата земска служба, Исус секако морал многу да размислува во својата лична молитва до Таткото.
Заедно со четирите стражи, се употребувало и 12-часовно сметање на ноќното време. За да безбедно го спроведе Павле до Цезареја, воениот заповедник Клавдиј Лисиј им рекол на своите официри да подготват чета од 470 војници ’во третиот час ноќта‘ (Дела 23:23, 24). Така Павле под плаштот на ноќта бил одведен од Ерусалим.
Да се познава времето од денот
Читањето и размислувањето за извештаите кои зборуваат за она што му се случило на Божјиот древен народ е извор на задоволство и духовна сила. Ако во своето разгледување можеш да го вклучиш временскиот фактор, тоа сигурно ќе ја зголеми радоста на твоето проучување на Библијата. Зошто? Затоа што на тој начин можеш добро да ја запознаеш Речта Божја. Публикациите како што се Insight on the Scriptures (Увид во Писмото) и New World Translation of the Holy Scriptures With References (Нов свет превод на Светото писмо со објаснувања) се непроценлива помош во тој поглед (обете дела се издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.). Тие ќе ти помогнат да го пронајдеш одговорот кога ќе се прашаш: ’Колку било часот?‘