Што значи името?
Една жена во Етиопија раѓа машко дете. Но, нејзината радост се претвора во тага кога го гледа своето синче како лежи неподвижно. Кога баба му го зема омлитавеното бебенце за да го искапе, одеднаш тоа почнува да мрда, да дише и да плаче! Татко му на бебето се вика „Чудо“, па затоа родителите му додаваат на тоа име уште еден амхарски збор, и детето го нарекуваат „Се случи чудо“.
Во Бурунди, еден млад човек бега од војниците што го гонат за да го убијат. Додека се крие во едно поле, човекот се заколнува дека, ако Бог го спаси, на својот првороден син ќе му го даде името Маниракиза, што значи „Бог е спасител“. По пет години, благодарен што останал жив, човекот му го дава тоа име на својот првороден син.
НЕКОИ можеби си мислат дека е чудно да им се даваат на децата имиња што имаат специфично значење, но овој обичај влече корени од древното минато. Всушност, Библијата содржи стотици такви имиња. Кога ќе сфатиш што значат имињата на различни личности, ќе ти биде појасно тоа што го читаш во Библијата. Да спомнеме само неколку примери.
Имињата во Хебрејските списи
Едно од првите имиња што се запишани во Библијата е името Сет, што значи „Даден“. Мајка му на Сет, Ева, објаснила зошто го избрала тоа име. Таа рекла: „Бог ми даде друг потомок наместо Авел, зашто него го уби Каин“ (1. Мојсеева 4:25). Ламех, кој бил потомок на Сет, му го дал на својот син името Ное, што значи „Одмор“ или „Утеха“. Ламех објаснил зошто го избрал тоа име: „Овој ќе ни донесе одмор од нашата работа и од маката на нашите раце што ни ја задава земјата, која ја проколна Јехова“ (1. Мојсеева 5:29).
Бог им ги сменил имињата на некои возрасни лица со пророчка цел. На пример, името Аврам, што значи „Татко на возвишеноста“, го променил во Авраам, што значи „Татко на мноштво“. Во склад со своето име, Авраам навистина станал татко на многу народи (1. Мојсеева 17:5, 6). Размисли и за жена му, Сараја, чие име можеби значи „Кавгаџика“. Сигурно била многу среќна кога Бог ѝ го променил името во „Сара“, што значи „Кнегиња“. Тоа укажувало дека ќе биде предок на цареви (1. Мојсеева 17:15, 16).
Имињата на некои деца им ги избрал лично Бог. На пример, на Авраам и Сара им рекол да му го дадат на својот син името Исак, што значи „Смеа“. Тоа име требало постојано да ги потсетува овие верни маж и жена на нивната реакција кога ја чуле веста дека ќе добијат син на стари години. Кога Исак пораснал и станал верен слуга на Бог, неговото име несомнено измамувало насмевка на лицето на Авраам и Сара додека биле заедно со овој сакан син (1. Мојсеева 17:17, 19; 18:12, 15; 21:6).
Снаата на Исак, Рахела, имала една сосема поинаква причина за името што му го дала на својот последен син. Додека умирала, Рахела го нарекла детето Венони, што значи „Син на моето оплакување“. Нејзиниот ужален сопруг, Јаков, му го променил името во Венијамин, што значи „Син на мојата десница“. Со тоа име покажал дека тој не само што му дава повластена положба туку и дека во него гледа свој помошник (1. Мојсеева 35:16-19; 44:20).
Понекогаш, некому му ставале име или самиот си избирал име во склад со физичките карактеристики што ги имал. На пример, Исак и Ревека добиле син што се родил со црвена коса, густа како волнена наметка, па затоа го нарекле Исав. Зошто? На хебрејски јазик тоа име значи „Влакнест“ (1. Мојсеева 25:25). Како што е запишано во книгата Рут, Ноемина имала два сина. Едниот се викал Малон, што значи „Болежлив“ или „Сакат“, а другиот Хелеон, што значи „Кревкост“. Не се знае дали овие имиња им биле дадени при раѓањето или, пак, подоцна, но изгледа дека биле сосема соодветни, со оглед на тоа што и двајцата умреле млади (Рут 1:5).
Друг обичај бил да се менуваат имињата. Кога се вратила во Витлеем, по загубата на сопругот и двата сина, сиромашната Ноемина повеќе не сакала да ја нарекуваат со тоа име, што значи „Моја веселба“. Наместо тоа, одлучно рекла: „Не викајте ме Ноемина! Викајте ме Мара [што значи ‚Горчило‘], зашто Семоќниот ме исполни со голема горчина“ (Рут 1:20, 21).
Друг обичај бил да му се даде на детето име во чест на некој значаен настан. На пример, името на пророкот Агеј значи „Роден на празник“.a
Имињата во христијанската ера
Името на Исус има големо пророчко значење. Пред да се роди, неговите родители добиле упатство од Бог: „Дај му го името Исус“, што значи „Јехова е спасение“. Зошто? „Тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови“, рекол ангелот што зборувал со Јосиф (Матеј 1:21). Откако Исус бил помазан со свет дух по крштавањето, кон неговото име бил додаден хебрејскиот назив „Месија“. На грчки јазик, истата титула е преведена со „Христос“. И едниот и другиот збор значат „Помазаник“ (Матеј 2:4).
И самиот Исус избрал описни имиња за некои од своите ученици. На пример, на Симон му го дал семитското име Кифа, што значи „Карпа“. Кифа повеќе е познат по грчкиот превод на ова име, „Петар“ (Јован 1:42). Ревносните браќа Јаков и Јован ги нарекол „Воанергес“, што значи „Синови на громот“ (Марко 3:16, 17).
Исусовите ученици продолжиле со обичајот да додаваат соодветни имиња. Еден пример е ученикот Јосиф, кого апостолите го нарекле „Варнава“, што значи „Син на утехата“. Варнава го оправдал тоа име, бидејќи им донел и физичка и духовна утеха на многумина (Дела 4:34-37; 9:27; 15:25, 26).
Колку е важно името што си го стекнал
Не сме можеле сами да си избереме име кога сме се родиле. Меѓутоа, само ние можеме да влијаеме врз името што ќе го стекнеме (Изреки 20:11). Прашај се: ‚Кога Исус или апостолите би можеле да ми дадат име, кое име би го избрале за мене? Кое име најдобро би покажало на каков глас сум јас?‘
Треба сериозно да размислиме за ова прашање. Зошто? „Подобро е да избереш добро име отколку големо богатство“, напишал мудриот цар Соломон (Изреки 22:1). Се разбира, ако стекнеме добро име пред другите луѓе, имаме нешто скапоцено. Но, уште поважно е тоа што, ако си стекнеме добро име пред Бог, ќе добиеме нешто навистина многу вредно. Што е тоа? Бог ветува дека ќе ги запише во својата „книга на сеќавањето“ имињата на оние што се бојат од него, и тие ќе можат да живеат вечно (Малахија 3:16; Откровение 3:5; 20:12-15).
[Фуснота]
a Многу Јеховини сведоци во Африка носат имиња што се поврзани со насловите на конгресите и собирите на Сведоците што се одржале кога се родиле.
[Истакната мисла на страница 15]
Кое име најдобро би покажало на каков глас сум јас?
[Рамка/слика на страница 14]
Кој бил Емануел?
Имињата на некои библиски личности имале пророчко значење и опишуваат каква улога требало да одиграат. На пример, пророкот Исаија, под водство на светиот дух, напишал: „Еве, девојка ќе забремени и ќе роди син и ќе му го даде името Емануел“ (Исаија 7:14). Ова име значи „Со нас е Бог“. Некои коментатори на Библијата се обиделе да го поврзат првото исполнување на ова пророштво со некој од израелските цареви или со еден од синовите на Исаија. Меѓутоа, Матеј, кој го напишал истоименото евангелие, покажал дека пророштвото на Исаија целосно се исполнило на Исус (Матеј 1:22, 23).
Некои тврдат дека, со тоа што Исус е наречен Емануел, Библијата учи дека тој е Бог. Меѓутоа, по оваа логика, младиот Елиу, кој го утешил и го исправил Јов, исто така бил Бог. Зошто? Неговото име значи „Тој е мој Бог“.
Исус никогаш не тврдел дека е Бог (Јован 14:28; Филипјаните 2:5, 6). Но, тој совршено ја одразувал личноста на својот Татко и ги исполнил сите ветувања што ги дал Бог во врска со Месијата (Јован 14:9; 2. Коринќаните 1:20). Името Емануел добро ја опишува Исусовата улога на Месија и Потомок од лозата на Давид, Оној што докажал дека Бог е со тие што му служат.
[Слика]
ЕМАНУЕЛ „Со нас е Бог“
[Рамка/слика на страница 15]
Најзначајното име
Божјето лично име се појавува во Библијата околу 7.000 пати. Ова име, претставено се четирите хебрејски букви יהוה, во македонскиот јазик најчесто се изговара „Јехова“. Кое е неговото значење? Кога Мојсеј прашал како гласи Божјето име, Јехова му одговорил: „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ (2. Мојсеева 3:14). Значи, Божјето лично име е гаранција дека Тој ќе стане сѐ што е потребно за да ги исполни своите намери (Исаија 55:8-11). Кога Бог ќе вети нешто, можеме со доверба да се потпреме на него. Зошто? Затоа што тој се вика Јехова.
[Слика на страница 13]
АВРААМ „Татко на мноштво“
[Слика на страница 13]
САРА „Кнегиња“