Прашања од читателите
• Дали Луцифер е име што Библијата го користи за Сатана?
Името Луцифер во Библијата се појавува еднаш и тоа само во некои преводи. На пример, King James Version вака го преведува Исаија 14:12: „Како падна од небото, О Луцифере, сину на утрото!“
Хебрејскиот збор преведен со „Луцифер“ значи „сјаен“. Септуагинтата го користи грчкиот збор што значи „предвесник на зората“. Затоа, некои преводи го преведуваат оригиналниот хебрејски збор со „утринска ѕвезда“ или „Деница“. Но, латинската Вулгата на Ероним користи „Луцифер“ (светлоносец), и ова ја објаснува појавата на тој израз во различни верзии на Библијата.
Кој е овој Луцифер? Изразот „сјаен“ или „Луцифер“ се наоѓа во она што Исаија пророчки им заповедал на Израелците да го изговараат како „победничка песна против вавилонскиот цар“. Според тоа, тој е дел од една изрека што првенствено била упатена до вавилонската династија која започнала со Навуходоносор. Дека описот „сјаен“ му е даден на човек а не на духовно суштество понатаму се гледа од изјавата: „Ти си соборен во пеколот“. Пеколот е општиот гроб на човештвото — не некое место каде што живее Сатана Ѓаволот. Освен тоа, оние што гледаат како Луцифер е доведен до таа состојба прашуваат: „Тоа ли е човекот, што земјата ја разнишуваше?“ Очигледно, Луцифер се однесува на човек, не на духовно суштество (Исаија 14:4, 15, 16, ПСП).
Зошто на вавилонската династија ѝ е даден толку истакнат опис? Мораме да сфатиме дека вавилонскиот цар требало да биде наречен сјаен дури по неговиот пад и тоа на потсмешлив начин (Исаија 14:3). Себичната гордост ги натерала вавилонските цареви да се издигнат над оние околу нив. Ароганцијата на династијата била толку голема што таа е претставена како да се фали: „Ќе се искачам на небесата, над Божјите ѕвезди ќе си издигнам престол за себе. На собирната гора ќе престолувам, на краен север . . . ќе бидам еднаков со Сѐвишниот“ (Исаија 14:13, 14).
„Божјите ѕвезди“ се царевите од царската лоза на Давид (Броеви 24:17). Од Давид натаму, овие „ѕвезди“ владееле од гората Сион. Откако Соломон го изградил храмот во Ерусалим, името Сион почнало да се однесува на целиот град. Под сојузот на Законот, на сите машки Израелци им било заповедано да патуваат до Сион трипати годишно. Така, станал „собирна гора“. Со тоа што одлучува да ги потчини јудејските цареви и потоа да ги отстрани од таа гора, Навуходоносор ја објавува својата намера да се стави себеси над тие „ѕвезди“. Наместо да му ја припише на Јехова заслугата за победата над нив, тој арогантно се става на местото на Јехова. Така, дури откако е симната на земјата, вавилонската династија со потсмев е наречена „сјајна“.
Гордоста на вавилонските владетели навистина го одразува ставот на „богот на овој систем на работи“ — Сатана Ѓаволот (2. Коринќаните 4:4). И тој има жед за власт и копнее да се издигне над Јехова Бог. Но, Луцифер не е библиско име за Сатана.
• Зошто 1. Летописи 2:13—15 се осврнува на Давид како на седми син на Јесеј, додека 1. Самоил 16:10, 11 укажува дека бил осми син?
Откако цар Саул од древниот Израел се одвратил од вистинското обожавање, Јехова Бог го пратил пророкот Самуил да помаза како цар еден од синовите на Јесеј. Инспирираниот запис за овој историски настан, запишан од самиот Самуил во 11 век пр.н.е., го претставува Давид како осми син на Јесеј (1. Самоил 16:10—13). Меѓутоа, извештајот што го запишал свештеникот Езра околу 600 години подоцна, вели: „На Есеја му се родија: првенецот Елијав, вториот Авинадав, третиот Сама, четвртиот Натанаил, петиот Радај, шестиот Осем, седмиот Давид“ (1. Летописи 2:13—15). Што се случило со еден од Давидовите браќа, и зошто Езра го испушта неговото име?
Библијата кажува дека Есеј ‚имал осум синови‘ (1. Самоил 17:12). Изгледа дека еден од неговите синови не живеел доволно долго за да се ожени и да има деца. Затоа што немал потомци, не би имал никакво право на племенското наследство ниту какво и да е значење за генеалошкиот запис за семејната лоза на Јесеј.
Сега да размислиме за времето на Езра. Земи ја предвид атмосферата во која ги составил Летописите. Изгнанството во Вавилон завршило околу 77 години пред тоа и Евреите повторно биле населени во својата земја. Царот на Персија го овластил Езра да наименува судии и учители на Божјиот закон и да го разубави домот на Јехова. Имало потреба од точни генеалошки списоци за да го потврдат племенското наследство и да осигураат дека само овластени луѓе служат во свештенството. Затоа, Езра подготвил целосен извештај за историјата на нацијата, вклучувајќи и точен и доверлив запис за лозата на Јуда и на Давид. Името на синот на Јесеј кој умрел без деца би било неважно. Затоа Езра го испуштил неговото име.