Јеховината реч е жива
Врвни точки од книгата Прва Самоил
СЕГА е 1117 пр.н.е. Поминати се околу триста години откако Исус Навин заврши со освојувањето на Ветената земја. Старешините во Израел доаѓаат кај Јеховиниот пророк со едно необично барање. Пророкот се моли во врска со тоа, и Јехова им дозволува да биде по нивно. Ова го означува крајот на периодот на судиите и почетокот на ерата на човечките цареви. Библиската книга Прва Самоил опишува возбудливи настани во врска со таа пресвртница во историјата на израелската нација.
Напишана од Самоил, Натан и Гад, книгата Прва Самоил опфаќа период од 102 години — од 1180 до 1078 пр.н.е. (1. Летописи 29:29). Таа е извештај за четворица водачи на Израел. Двајца служат како судии, а двајца како цареви; двајца му се послушни на Јехова, а двајца не. Се зборува и за две жени што се добар пример и за еден храбар но чесен воин. Ваквите примери ни даваат скапоцени поуки за тоа кои ставови и постапки треба да ги имитираме, а кои да ги избегнуваме. На тој начин, содржината на Прва Самоил може да врши силно влијание врз нашите мисли и дела (Евреите 4:12).
САМОИЛ ГО НАСЛЕДУВА ИЛИЈА КАКО СУДИЈА
Време е за Празникот на собирањето, и Ана, која живее во Рама, е пресреќна.a Јехова ѝ одговори на молитвите, и таа роди син. За да си го исполни заветот, Ана го дава својот син, Самоил, да служи во „Господовиот Дом“. Таму момчето „му служи на Господа, при свештеникот Илија“ (1. Самоил 1:24; 2:11). Додека е сѐ уште многу млад, Јехова му се обраќа на Самоил и изрекува казна над домот на Илија. Како што Самоил расте, сите луѓе во Израел сфаќаат дека тој е пророк на Јехова.
Со текот на времето, Филистејците тргнуваат во војна против Израел. Го запленуваат Ковчегот и ги убиваат двата сина на Илија. Кога го слуша тоа, Илија умира откако ‚бил судија во Израел четириесет години‘ (1. Самоил 4:18). Тоа што го поседуваат Ковчегот е катастрофално за Филистејците и затоа им го враќаат на Израелците. Сега во Израел судија е Самоил, и во земјата има мир.
Одговорени библиски прашања:
2:10 — Зошто Ана се молела Јехова да ‚му даде сила на својот цар‘ кога во Израел немало човечки цар? Во Мојсеевиот закон било проречено дека Израелците ќе имаат човечки цар (Второзаконие 17:14-18). Во пророштвото што го дал на умирање, Јаков рекол: ‚Нема да се оддалечи од Јуда царското жезло [симбол на царска власт]‘ (Битие 49:10). Освен тоа, во врска со Сара — предок на Израелците — Јехова рекол: „Цареви на народи ќе произлезат од неа“ (Битие 17:16). Според тоа, Ана се молела за царот што ќе дојде во иднина.
3:3 — Дали Самоил навистина спиел во Најсветата светиња? Не. Самоил бил Левит од несвештеничкото семејство на Каатовците (1. Летописи 6:33-38). Затоа не му било дозволено да ‚влегува ниту да ја погледне Светината‘ (Броеви 4:17-20). Единствениот дел од светилиштето каде што Самоил можел да оди бил дворот на шаторот. Сигурно таму и спиел. Изгледа дека и Илија спиел некаде во дворот. Очигледно, изразот „каде што беше Божјиот Ковчег“ укажува на подрачјето на шаторот.
7:7-9, 17 — Зошто Самоил принел жртва паленица во Миспа и подигнал жртвеник во Рама, кога жртвите требало редовно да се принесуваат само на место што Јехова ќе го изберел? (Второзаконие 12:4-7, 13, 14; Исус Навин 22:19). Откако светиот Ковчег бил преместен од шаторот во Сило, Јехова повеќе не бил присутен таму. Затоа, како Божји претставник, Самоил принел жртва паленица во Миспа и подигнал жртвеник во Рама. Очигледно, Јехова ги одобрил овие постапки.
Поуки за нас:
1:11, 12, 21-23; 2:19. Ставот што Ана го имала кон молитвата, нејзината понизност, благодарноста за љубезноста на Јехова и нејзината трајна мајчинска наклоност се пример за сите богобојазливи жени.
1:8. Елкан оставил извонреден пример како да се зајакнат другите со зборови! (Јов 16:5). Прво ѝ поставил на тажната Ана едно прашање со коешто ни најмалку не ја осудил: „Зошто ти е тажно срцето?“ Ова ја охрабрило да си ги искаже чувствата. Потоа, Елкан ја уверил дека ја сака со зборовите: „Не сум ли ти јас повреден од десет синови?“
2:26; 3:5-8, 15, 19. Со тоа што марливо ќе си ја извршуваме работата што ни е доделена од Бог, ќе ја користиме духовната обука и ќе бидеме љубезни и учтиви, ќе ‚придобиваме наклоност‘ и кај Бог и кај луѓето.
4:3, 4, 10. Дури и предмет што бил свет, како ковчегот на заветот, не послужил како амајлија за заштита. Мораме да се ‚чуваме од идоли‘ (1. Јованово 5:21).
ПРВИОТ ЦАР НА ИЗРАЕЛ — УСПЕШЕН ИЛИ НЕ?
Самоил му е верен на Јехова во текот на целиот свој живот, но неговите синови не одат по Божјите патишта. Кога старешините во Израел бараат човечки цар, Јехова им го дозволува тоа. Самоил ги следи упатствата од Јехова и го помазува за цар Саул, еден убав човек од племето Венијамин. Саул ја зајакнува својата положба како цар кога ги поразува Амонците.
Јонатан, храбриот син на Саул, поразува еден филистејски гарнизон. Филистејците тргнуваат против Израел со огромна војска. Саул го фаќа паника и непослушно самиот принесува жртва паленица. Земајќи го со себе само својот оруженосец, Јонатан напаѓа уште една филистејска стража. Меѓутоа, поради заклетвата што Саул ја дава избрзано, победата ја губи јачината. Тој „војува“ против сите свои непријатели (1. Самоил 14:47). Но, откако ги поразува Амаликците, непослушен му е на Јехова со тоа што го поштедува она што било ‚одредено за погубување‘ (Левит 27:28, 29, NW). Како последица на тоа, Јехова го отфрла Саул како цар.
Одговорени библиски прашања:
9:9 — Што е значајно во врска со изразот „кого денес го нарекуваат пророк, некогаш беше викан видовит“? Овие зборови можеби укажуваат на тоа дека, како што пророците станувале поугледни во времето на Самоил и за време на царевите во Израел, зборот „видовит“ бил заменет со изразот „пророк“. Самоил се смета за прв во низата пророци (Дела 3:24).
14:24-32, 44, 45 — Дали Јонатан ја изгубил милоста од Бог затоа што јадел мед, со што ја прекршил заклетвата на Саул? Изгледа дека поради оваа постапка Јонатан не паднал во немилост кај Бог. Пред сѐ, Јонатан не знаел за заклетвата на татко му. Освен тоа, заклетвата, која била мотивирана или од лажна ревност или од погрешно гледиште за царската моќ, им донела проблеми на луѓето. Зарем Бог би одобрил една таква заклетва? Иако Јонатан бил спремен да ги поднесе последиците од тоа што ја прекршил заклетвата, сепак животот му бил поштеден.
15:6 — Зошто Кенејците добиле посебен третман од Саул? Кенејците биле синови на дедото на Мојсеј. Тие им помогнале на Израелците кога си заминале од планината Синај (Броеви 10:29-32). И во Ханаан, Кенејците едно време живееле заедно со синовите на Јуда (Судии 1:16). Иако подоцна живееле меѓу Амаликците и меѓу разни други народи, Кенејците и понатаму останале во пријателски односи со Израел. Значи, Саул имал добра причина што ги поштедил Кенејците.
Поуки за нас:
9:21; 10:22, 27. Скромноста и понизноста што ги имал Саул кога станал цар го заштитиле да не постапи избрзано кога некои „ништожници“ не го прифатиле неговото царување. Таквиот став навистина нѐ штити од неразумни постапки!
12:20, 21. Никогаш да не дозволиме „ништожните“ работи, како што се довербата во луѓе, во воената моќ на нациите или идолопоклонството, да нѐ одвлечат од тоа да му служиме на Јехова.
12:24. За да задржиме побожен страв од Јехова и да му служиме со сето свое срце, клучно е да видиме ‚колку големи дела направил‘ за својот народ како во древни времиња така и во современа доба.
13:10-14; 15:22-25, 30. Да внимаваме да не станеме дрски — сеедно дали тоа ќе го покажеме со непослушни постапки или со тоа што ќе бидеме горделиви (Пословици 11:2).
ЕДЕН МЛАД ОВЧАР Е ИЗБРАН ЗА ЦАР
Самоил го помазува Давид од племето Јуда за иден цар. Набрзо потоа, Давид го убива филистејскиот џин Голијат со еден замав со праќката. Меѓу Давид и Јонатан се раѓа цврсто пријателство. Саул го поставува Давид над своите војски. Поради многуте победи на Давид, жените во Израел пеат: „Саул погуби илјади, Давид десетици илјади“ (1. Самоил 18:7). Обземен од завист, Саул сака да го убие Давид. По три напади од страна на Саул, Давид бега и почнува да живее како бегалец.
Во текот на годините на избегништво, Давид двапати му го поштедува животот на Саул. Исто така, ја запознава и на крајот се жени со убавата Авигеја. Кога Филистејците тргнуваат против Израел, Саул му се обраќа на Јехова. Но, Јехова го напушта. Самоил умира. Очаен, Саул се советува со еден духовен медиум, и дознава дека ќе биде убиен во битката со Филистејците. Во текот на битката, Саул е тешко ранет, а синовите му се убиени. Извештајот завршува со смртта на Саул, кој се покажал како неуспешен цар. Давид сѐ уште се крие.
Одговорени библиски прашања:
16:14 — Каков зол дух го вознемирувал Саул? Злиот дух што му го одзел душевниот мир на Саул била злобната склоност на неговиот ум и срце — внатрешниот порив да го прави она што е неисправно. Кога Јехова му го одзел својот свет дух, Саул ја изгубил заштитата што ја дава овој дух и станал опседнат од својот сопствен лош дух. Затоа што Бог дозволил овој дух да го замени Неговиот свет дух, тој е наречен „зол дух, од Господа“.
17:55 — Имајќи го предвид 1. Самоил 16:17-23, зошто Саул прашал чиј син е Давид? Саул не се распрашувал само за името на таткото на Давид. Најверојатно сакал да знае каков човек е таткото на тоа момче што направило неверојатен подвиг убивајќи еден џин.
Поуки за нас:
16:6, 7. Наместо да бидеме импресионирани од надворешниот изглед на другите или избрзано да донесуваме суд за нив, мораме да се трудиме да ги гледаме онака како што ги гледа Јехова.
17:47-50. Можеме смело да се соочиме со противењето или прогонството од непријателите што се слични на Голијат, зашто „Господ е господар на битката“.
18:1, 3; 20:41, 42. Вистински пријатели можеме да најдеме меѓу оние што го сакаат Јехова.
21:12, 13. Јехова очекува да ги користиме нашите умствени способности и вештини за да се справиме со тешките ситуации во животот. Ни ја дал својата инспирирана Реч, која ни дава остроумност, знаење и способност за размислување (Пословици 1:4). Исто така, имаме помош од наименуваните христијански старешини.
24:7; 26:11. Давид дава извонреден пример за длабока почит кон помазаникот на Јехова!
25:23-33. Разборитоста на Авигеја е за пример.
28:8-19. Кога се обидуваат да ги заведат или да им наштетат на луѓето, злобните духови можат да се преправаат дека се некој мртов човек. Мораме да се чуваме од сите облици на спиритизам (Второзаконие 18:10-12).
30:23, 24. Оваа одлука, донесена на темел на Броеви 31:27, покажува дека Јехова ги цени оние што му служат на собранието и го потпомагаат од позадина. Според тоа, што и да правиме ‚да работиме на тоа со сета душа како за Јехова, а не како за луѓето‘ (Колошаните 3:23).
Што е „поскапоцено од најдобрата жртва“?
Кое начело е нагласено во искуствата на Илија, на Самоил, на Саул и на Давид? Ова: „Послушноста е поскапоцена од најдобрата жртва, покорноста е подобра од овни; непокорноста е како гревот на вражањето, самоволието е како злостор со идоли“ (1. Самоил 15:22, 23).
Ние имаме вистинска чест да учествуваме во светското дело на проповедање за Царството и правење ученици! Кога му принесуваме на Јехова „благодарни приноси од своите усни“, мораме да даваме сѐ од себе за да ги слушаме упатствата што тој ни ги дава преку својата пишана Реч и преку земниот дел од својата организација (Осија 14:3; Евреите 13:15).
[Фуснота]
a За да ги најдеш местата што се спомнати во книгата Прва Самоил, види ги 18. и 19. страница од брошурата „Види ја добрата земја“, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 23]
Од понизен и скромен владетел, првиот цар на Израел станал горд и дрзок монарх
[Слика на страница 24]
Во што можеме да бидеме уверени кога се соочуваме со противење од непријатели што се слични на Голијат?