Угледајте се на нивната вера
Во молитва му го излеала своето срце на Бог
АНА се обидувала да не мисли на своите маки додека била зафатена со подготовките околу патувањето. Им претстоел радосен настан. Нејзиниот сопруг Елкана секоја година го водел своето семејство да му изврши служба на Бог во светиот шатор во Сило. Јехова сакал луѓето да бидат весели во тие моменти (5. Мојсеева 16:15). Ана сигурно уште како дете им се радувала на таквите празници. Но, последните неколку години работите се промениле.
Таа била благословена со сопруг што ја сакал. Меѓутоа, Елкана имал уште една жена. Се викала Фенина и никако не престанувала да ѝ го загорчува животот на Ана. Фенина нашла начин да ѝ нанесува силна болка дури и на тие годишни празници. Како? Што е уште поважно, на кој начин верата во Јехова ѝ помогнала на Ана да издржи во нејзината навидум безизлезна ситуација? Ако се соочуваш со тешкотии што ти ја одземаат радоста во животот, извештајот за Ана сигурно многу ќе те охрабри.
„Зошто ти е тажно срцето?“
Библијата открива дека Ана ја измачувале два големи проблема. Не можела да направи ништо во врска со првиот, а уште помалку во врска со вториот. Како прво, таа била во полигамен брак, а нејзината соперничка ја мразела. Второ, Ана немала деца. Таа ситуација и онака е тешка за секоја жена што копнее по деца, а во времето и во културата во која живеела Ана, тоа било извор на неизмерна болка. Секое семејство се надевало на потомци што ќе ја продолжеле семејната лоза. Изгледа дека на неплодноста се гледало како на големо понижување и срам.
Можеби Ана со крената глава ќе ја поднесувала својата мака да не била Фенина. Да се живее во полигамен брак воопшто не било лесно. Премногу често доаѓало до соперништво, кавги и повредени чувства. Тој обичај бил далеку од мерилото за моногамија што Бог го поставил во еденската градинаa (1. Мојсеева 2:24). Значи, Библијата ја прикажува полигамијата во лошо светло, а трогателната слика што ни ја дава за она што се случувало во домот на Елкана е една силна потврда дека навистина било тешко да се живее во полигамен брак.
Елкана повеќе ја сакал Ана. Според еврејската традиција, тој прво се оженил со Ана, а по неколку години со Фенина. Како и да е, Фенина, која ѝ била многу љубоморна на Ана, наоѓала различни начини да ја повредува. Големата предност на Фенина произлегувала од тоа што имала деца. Раѓала едно дете по друго, и со секое новородено дете се чувствувала сѐ поважна и повредна. Наместо да ја теши и да ѝ биде жал за разочараната Ана, Фенина ја користела нејзината рана за да ѝ нанесува болка. Библијата вели дека постојано ја предизвикувала за да ја вознемири (1. Самоилова 1:6). Фенина намерно го правела тоа. Сакала да ја повреди Ана, и тоа секогаш и успевало.
Изгледа дека на Фенина ѝ се укажувала идеална прилика кога требало да се оди во Сило. И оваа година, на секое од многуте деца на Фенина — „на сите нејзини синови и на нејзините ќерки“ — Елкана им дал делови од жртвите што му ги принеле на Јехова. Но, Ана, која немала деца, го добила само својот дел. Тогаш Фенина толку дрско постапила со Ана потсетувајќи ја дека не може да има деца, што кутрата жена почнала да плаче, па дури и не јадела. Елкана не можел а да не забележи дека неговата сакана жена Ана била несреќна и не јадела, па затоа се обидел да ја утеши. „Ана, зошто плачеш?“ — ја прашал. „Зошто не јадеш? И зошто ти е тажно срцето? Зарем не сум ти јас подобар од десет синови?“ (1. Самоилова 1:4-8).
Елкана сфатил дека Ана била несреќна затоа што немала деца. А на Ана сигурно многу ѝ значеле неговите нежни изрази на љубов.b Но, тој не спомнал ништо за подлоста на Фенина ниту, пак, читаме дека Ана му кажала за тоа. Можеби увидела дека, ако ја разоткрие Фенина, работите само ќе станат уште полоши. Зар Елкана би можел да смени нешто? Немало ли тоа можеби да ја направи Фенина уште позлобна, па по нејзиниот пример да се поведат децата и слугите на таа пакосна жена? Така Ана само уште повеќе би се чувствувала како туѓинка во својот сопствен дом.
Сеедно дали Елкана знаел за подмолните постапки на Фенина или не, Јехова Бог видел сѐ. Неговата Реч ни ја открива целата слика, и со тоа им дава сериозно предупредување на сите што од љубомора и омраза прават пакосни работи што навидум се само ситници. Од друга страна, недолжните и мирољубиви луѓе, како што била Ана, можат да се утешат од мислата дека Богот на правдата ќе исправи сѐ во свое време и на свој начин (5. Мојсеева 32:4). Веројатно Ана го знаела тоа, бидејќи му се обратила на Јехова за помош.
„Лицето повеќе не ѝ беше тажно“
Во раните утрински часови сите во семејството биле раздвижени. Секој се подготвувал за пат, дури и децата. Семејството требало да патува до Сило повеќе од 30 километри низ планинските предели на Ефрем.c Пеш, патувањето би траело еден или два дена. Ана знаела што ја чека од нејзината соперничка. Меѓутоа, не останала да седи дома. Со тоа им дала одличен пример на Божјите слуги во денешно време. Не е мудро да допуштиме лошите постапки на другите да нѐ спречат да му служиме на Бог. Ако дозволиме да се случи тоа, ќе пропуштиме да ги добиеме благословите што ќе ни дадат сила да истраеме.
По цел ден одење по кривулестите планински патишта, ова големо семејство конечно наближило до Сило. Тоа место се наоѓало на едно ритче речиси целото опкружено со повисоки ридови. Додека се приближувале, Ана сигурно многу размислувала што да му каже на Јехова во молитва. Кога стигнале, сите седнале да јадат. Штом ѝ се укажала можност, Ана се одвоила од групата и отишла во Јеховиниот свет шатор. Првосвештеникот Илиј седел до довратникот. Но, Ана мислела само на својот Бог. Била цврсто уверена дека таму тој сигурно ќе ја чуе. Ако никој друг не можел потполно да разбере колку и било тешко, нејзиниот Татко на небото можел. Горчината што ѝ тлеела во срцето испливала на површината, и таа се расплакала.
Додека телото ѝ се грчело од липање, Ана тивко му зборувала на Јехова. Усните ѝ трепереле додека барала зборови со кои сакала да ја искаже својата болка. Се молела долго, излевајќи му го срцето на својот Татко. Но, очајната желба да има дете не била единственото нешто за кое зборувала со Јехова. Ана не сакала Бог само да ѝ ја исполни желбата туку сакала и да му даде сѐ што може. Затоа се заколнала дека, ако роди син, ќе го посвети да му служи на Јехова до крајот на животот (1. Самоилова 1:9-11).
Со својата молитва Ана оставила пример за сите Божји слуги. Јехова љубезно ги повикува оние што му служат слободно да зборуваат со него и да му ги искажат своите грижи, како што би направило едно дете кое има доверба во својот грижлив татко (Псалм 62:8; 1. Солуњаните 5:17). Апостол Петар бил воден од светиот дух да ги напише следниве утешни зборови во врска со молитвата до Јехова: „Сите свои грижи фрлете ги на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7).
Меѓутоа, луѓето немаат толкаво разбирање и сочувство како Јехова. Додека Ана плачела и се молела, се сепнала кога чула еден глас. Тоа бил првосвештеникот Илиј, кој ја гледал. Тој ѝ рекол: „До кога ќе бидеш пијана? Отрезни се од своето вино!“ Илиј ги забележал растреперените усни на Ана, нејзиното липање и емоционалната состојба во која се наоѓала. Наместо да ја праша што ѝ е, веднаш помислил дека е пијана (1. Самоилова 1:12-14).
Во тој болен момент, на Ана сигурно ѝ паднало многу тешко едно такво неосновано обвинение — и тоа од човек што бил на многу висока положба! Сепак, и тогаш Ана дала извонреден пример на вера. Не дозволила грешката на еден несовршен човек да ја спречи да му служи на Јехова. Му одговорила на Илиј со почит и му објаснила што ја мачи. Откако ја увидел својата грешка, тој со благ глас ѝ рекол: „Оди си во мир! И Богот на Израел нека ти ја услиши молитвата што си му ја упатила“ (1. Самоилова 1:15-17).
Како влијаело врз Ана тоа што му го отворила срцето на Јехова и ја извршила службата во неговиот свет шатор? Извештајот ни кажува: „Потоа си отиде по својот пат, па јадеше и лицето повеќе не ѝ беше тажно“ (1. Самоилова 1:18). На Ана ѝ олеснало. Таа како да ја префрлила тежината на својот емоционален товар врз многу пошироки и посилни раменици од нејзините, оние на нејзиниот небесен Татко (Псалм 55:22). Зар постои проблем што е претежок за него? Не — не постоел тогаш, не постои сега, и никогаш нема ни да постои!
Кога ни е тешко и се чувствуваме оптоварени, обесхрабрени или совладани од тага, треба да го следиме примерот на Ана и отворено да зборуваме со Оној за кого Библијата вели дека „ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Ако го правиме тоа со вера, нашата тага ќе ја замени „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Филипјаните 4:6, 7).
„Нема карпа каква што е нашиот Бог“
Следното утро, Ана се вратила во светиот шатор заедно со Елкана. Веројатно му кажала за својата молитва и за својот завет бидејќи, според Мојсеевиот закон, мажот имал право да го поништи заветот што го дала жена му без негова согласност (4. Мојсеева 30:10-15). Но, тој верен човек не го направил тоа. Напротив, пред да се вратат дома, тој и Ана заедно се поклониле пред Јехова во светиот шатор.
Кога сфатила Фенина дека ја изгубила моќта да ја повредува Ана? Извештајот не ни го кажува тоа, но зборовите дека лицето на Ана ‚повеќе не ѝ било тажно‘ покажуваат дека од тој момент таа се разведрила. Како и да е, Фенина наскоро открила дека нејзината подлост повеќе немала никаков ефект. Во Библијата никогаш повторно не се спомнува нејзиното име.
Како што минувале месеците, душевниот мир на Ана преминал во неизмерна радост. Била бремена! Пресреќна, Ана ниту за момент не заборавила од каде ѝ дошол благословот. Кога се родило детето, му го дала името Самоил, што значи „Божјето име“ и очигледно се однесувало на обичајот да се повикува Божјето име, како што направила и самата Ана. Таа година не отишла во Сило со Елкана и целото семејство. Останала дома со детето три години, сѐ додека не престанала да го дои. Тогаш собрала сили за денот кога требало да се раздели од својот сакан син.
Разделбата сигурно не ѝ била лесна. Се разбира, Ана знаела дека на Самоил ќе му биде добро во Сило затоа што сметала дека за него ќе се грижат некои од жените што служеле во светиот шатор. Сепак, тој бил толку мал, а која мајка не копнее да биде со своето детенце? И покрај тоа, Ана и Елкана не го одвеле Самоил во Божјиот дом со колебање, туку од сѐ срце. Принеле жртви и му го однеле детето на Илиј, потсетувајќи го на заветот што го дала Ана неколку години претходно.
Тогаш Ана кажала молитва што Бог сметал дека треба да стои во неговата вдахновена Реч. Додека ја читаш таа молитва запишана во 1. Самоилова 2:1-10, ќе видиш колку длабока вера зрачи од секој нејзин збор. Таа го фалела Јехова за тоа што ја употребил својата моќ на чудесен начин — за неговата ненадминлива способност да ги понижи горделивите, да ги благослови угнетените, да стави крај на нечиј живот или дури да спаси некого од смртта. Таа го фалела својот Татко за неговата голема светост, правда и верност. Со добра причина, Ана можела да рече: „Нема карпа каква што е нашиот Бог“. На Јехова можеме потполно да се потпреме, тој не се менува и им служи како прибежиште на сите што се угнетени и скршени и му се обраќаат за помош.
Малиот Самоил сигурно бил многу радосен што имал мајка која покажала толкава вера во Јехова. Иако таа му недостасувала додека растел, не се чувствувал напуштен и заборавен. Секоја година Ана доаѓала во Сило и му носела мала туника за службата во светиот шатор. Во секој бод со иглата ја излевала својата силна мајчинска љубов и грижа за нејзиниот син (1. Самоилова 2:19). Замисли си како му ја облекува на детето новата облека, ја подизмазнува со рацете и со љубов го погледнува додека му кажува нежни, охрабрувачки зборови. Самоил бил благословен што имал таква мајка, а кога пораснал, и самиот тој претставувал благослов за своите родители и за целиот Израел.
Не била заборавена ниту Ана. Јехова ја благословил и таа му родила на Елкана уште пет деца (1. Самоилова 2:21). Но, веројатно најголем благослов за неа била блиската врска со нејзиниот Татко, Јехова, која станувала сѐ поцврста низ годините. Овој најголем благослов можеш да го имаш и ти ако се угледаш на верата на Ана.
[Фусноти]
a Во врска со тоа зошто Бог привремено ја допуштил полигамијата меѓу неговиот народ, види ја статијата „Дали Бог ја одобрува полигамијата?“ на 30. страница од Стражарска кула од 1 јули 2009 год.
b Иако во извештајот пишува дека Јехова ‚ѝ ја затворил материцата на Ана‘, нема докази дека Бог имал нешто против оваа понизна и верна жена (1. Самоилова 1:5). Понекогаш Библијата му припишува на Бог настани што тој само дозволил извесно време да се случуваат.
c Ова растојание се темели на претпоставката дека родниот град на Елкана, Рама, бил истото место што во времето на Исус било познато како Ариматеја.
[Рамка на страница 17]
Две значајни молитви
Двете молитви на Ана, запишани во 1. Самоилова 1:11 и 2:1-10, имаат некои многу значајни обележја. Да спомнеме само неколку:
◼ Првата од двете молитви Ана му ја упатила на „Јехова над војските“. Ана е првата личност во Библијата за која пишува дека ја користела оваа титула. Во целата Библија таа се појавува вкупно 285 пати и се однесува на тоа дека Бог заповеда со цела војска од духовни синови.
◼ Забележи дека втората молитва Ана не ја кажала кога ѝ се родило синчето, туку кога таа и Елкана го однеле во Сило за да му служи на Бог. Значи, Ана чувствувала неизмерна радост затоа што Јехова ја благословил, а не затоа што ја замолкнала својата соперничка Фенина.
◼ Кога Ана рекла: „Јехова го издигна мојот рог“, веројатно мислела на говедото, кое е силно запрежно животно што енергично ги користи своите рогови. Ана, всушност, како да рекла: ‚Јехова, ти ме зајакнуваш‘ (1. Самоилова 2:1).
◼ Се смета дека она што го кажала Ана во врска со Божјиот „помазаник“ има пророчко значење. Истиот збор на други места е преведен и со „месија“, а Ана е првата личност за која Библијата кажува дека го употребила тој збор кога зборувала за идниот помазан цар (1. Самоилова 2:10).
◼ Околу 1.000 години подоцна, и Исусовата мајка, Марија, го фалела Јехова со слични зборови како Ана (Лука 1:46-55).
[Слика на страница 16]
Ана многу се измачувала поради тоа што немала деца, а Фенина правела сѐ за да ѝ ја зголеми болката
[Слика на страници 16 и 17]
Можеш ли да се угледаш на примерот на Ана, која се молела од срце?
[Слика на страница 17]
Иако Илиј погрешно ја сфатил, Ана не се навредила