Можеш да останеш скромен и кога не е лесно
Оди скромно со Бог (МИХ. 6:8)
1-3. Каков пропуст направил пророкот од Јуда, и кои биле последиците од тоа? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
ЈЕРОВОАМ, царот на Израел, направил жртвеник за лажно обожавање во градот Ветил. Затоа, Јехова испратил еден пророк од Јуда да му пренесе порака на осуда. Понизниот пророк направил како што му рекол Јехова и ја објавил пораката. Царот многу се разгневил, но Јехова го заштитил овој пророк (1. Цар. 13:1-10).
2 Претходно, Јехова јасно му кажал на пророкот дека не смее ниту да јаде ниту да пие во Израел и дека не треба да се врати назад по патот по кој дошол. На враќање, пророкот сретнал еден стар човек кој го излажал дека му носи порака од Јехова и го поканил во својот дом за да јаде и да пие. Наместо да го послуша Јехова, пророкот одлучил да отиде со човекот. Тоа што го направил воопшто не му се допаднало на Јехова. На пат кон дома, го нападнал лав и го убил (1. Цар. 13:11-24).
3 Не знаеме зошто пророкот одлучил да го послуша стариот човек, а не Јехова. Но, јасно е дека не продолжил скромно да оди со Јехова. (Прочитај Михеј 6:8.) Во Библијата, да одиме со Јехова значи да имаме доверба во него, да го следиме неговото водство и да му бидеме послушни. Скромниот човек никогаш не заборава дека треба редовно да му се моли на својот небесен Татко. Ако пророкот бил скромен, ќе го прашал Јехова дали неговите упатства се промениле. И ние понекогаш мора да донесеме тешки одлуки, и можеби не сме сигурни што точно сака Јехова да направиме. Но, ако сме скромни, ќе го молиме да нѐ води за да не направиме сериозни грешки.
4. Што ќе разгледаме во оваа статија?
4 Во претходната статија видовме што значи некој да биде скромен и зошто тоа е важно за секого од нас. Но, како можеме уште повеќе да ја развиваме оваа особина? Кои ситуации можат да бидат испит за нашата скромност, односно да покажат дали навистина сме скромни? За да одговориме на овие прашања, ќе разгледаме три ситуации во кои нашата скромност може да биде ставена на испит и ќе видиме како можеме да постапиме мудро во секоја од нив (Изр. 11:2).
КОГА ОКОЛНОСТИТЕ ЌЕ СЕ СМЕНАТ
5, 6. Како Варзелај покажал дека е скромен?
5 Начинот на кој реагираме кога нашите околности или задачи се менуваат покажува дали навистина сме скромни. Во врска со тоа, можеме да научиме нешто од примерот на Варзелај, кој му бил верен пријател на цар Давид. Кога Варзелај имал 80 години, Давид му предложил да живее во царскиот дворец. Иако со таа понуда му била укажана голема чест, Варзелај ја одбил. Зошто? Тој му рекол на Давид дека не би сакал да му биде товар бидејќи бил во поодминати години. Затоа предложил наместо него со царот да појде Химам, кој веројатно му бил син (2. Сам. 19:31-37).
6 Зошто Варзелај не ја прифатил понудата? Дали затоа што не сакал да прифати дополнителни одговорности, или можеби сакал животот да му биде полесен? Не. Варзелај ја одбил понудата затоа што бил скромен. Му било јасно дека неговите околности веќе не се исти, и не сакал да преземе одговорности што реално немало да може да ги извршува. (Прочитај Галатите 6:4, 5.) Исто како Варзелај, и ние треба да бидеме скромни. Наместо да ни е најважно што сакаме ние или да се споредуваме со други, сакаме да му служиме на Јехова најдобро што можеме. Тоа е поважно отколку да имаме некоја посебна задача или да сме популарни меѓу браќата и сестрите (Гал. 5:26). Ако сме скромни, ќе ни биде најважно сите ние, како браќа и сестри, со заеднички сили да го славиме Јехова и да им помагаме на другите (1. Кор. 10:31).
7, 8. Како скромноста ни помага да не се потпираме на себеси?
7 Може да ни биде тешко да останеме скромни ако ни се дадени поголеми одговорности или поголем авторитет. Но, примерот на Неемија може многу да ни помогне. Кога слушнал дека луѓето во Ерусалим биле во тешка ситуација, тој многу го молел Јехова да им помогне (Неем. 1:4, 11). Јехова одговорил на неговата молитва. Царот Артаксеркс го поставил за управител на таа покраина. Неемија имал висока положба и бил богат, но не се потпирал на своите способности и искуство. Тој секогаш барал водство од Јехова и редовно го читал неговиот Закон (Неем. 8:1, 8, 9). Иако имал авторитет над многу луѓе, Неемија не господарел над нив, туку им служел на свој трошок (Неем. 5:14-19).
8 Ако добиеме поголеми одговорности или нова задача, и ние сакаме да останеме скромни како Неемија. Не би сакале да се потпираме на своите способности или искуство. Како би можел некој да почне да се потпира на себеси? На пример, еден старешина може да почне да ги извршува собраниските должности без најпрво да се помоли. Или, пак, некој брат или сестра може најпрво да донесе одлука, а потоа да го моли Јехова да ја благослови неговата одлука. Од друга страна, оној што е скромен не се потпира на себеси дури и кога прави нешто што го правел многупати пред тоа. Тој не заборава дека неговите способности не можат да се споредат со способностите на Јехова. (Прочитај Изреки 3:5, 6.) Во денешно време, многу луѓе се себични и прават сѐ за да се издигнат над другите. Но, оние што му служат на Јехова не се такви. Ние не сметаме дека тоа што имаме некои одговорности значи дека сме подобри од другите во семејството или во собранието. Наместо тоа, соработуваме како тим со нашите браќа и сестри (1. Тим. 3:15).
КОГА ДРУГИТЕ НЀ КРИТИКУВААТ ИЛИ НЀ ФАЛАТ
9, 10. Како може да ни помогне скромноста кога некој неправедно нѐ критикува?
9 Кога некој неправедно нѐ критикува, лесно може да се вознемириме. Тоа ѝ се случило на Ана. Нејзината соперничка Фенина цело време ја понижувала и исмејувала. Иако маж ѝ многу ја сакал, Ана не била среќна затоа што не можела да има деца. Еден ден, кога била многу тажна, Ана отишла во светиот шатор за да се помоли. Додека се молела плачејќи, ја видел првосвештеникот Илиј и ја обвинил дека е пијана. Замисли си колку мора да ѝ паднало тешко! Можела многу да се налути. Наместо тоа, Ана му одговорила на Илиј со почит. Подоцна, таа му упатила на Јехова една молитва од која се гледа колку голема вера и љубов имала кон него (1. Сам. 1:5-7, 12-16; 2:1-10).
10 Скромноста може да ни помогне да го надвладееме злото со добро (Рим. 12:21). Животот во овој свет со кој владее Сатана е полн со неправди. Затоа, не треба да бидеме изненадени ако и ние доживееме некаква неправда. Иако тоа може многу да нѐ погоди, мора да се бориме против негативните чувства (Пс. 37:1). Уште потешко може да ни падне ако имаме недоразбирање со некој од браќата и сестрите во собранието. Ако тоа се случи, сакаме да бидеме како Исус. Библијата вели: „Кога го навредуваа, не враќаше со навреди... туку му се препушти на оној што праведно суди“ (1. Пет. 2:23). Исус бил понизен и знаел дека Јехова ќе ја исправи секоја неправда (Рим. 12:19). И ние сакаме да бидеме понизни и да не враќаме зло за зло (1. Пет. 3:8, 9).
11, 12. а) Како може да останеме скромни кога другите нѐ фалат или ни ласкаат? б) Како може да покажеме дека сме скромни со начинот на кој се облекуваме и однесуваме?
11 Нашата скромност може да биде испитана и кога некој нѐ фали или ни ласка. Естира била една од најубавите жени во Персија, и другите сигурно многу ја фалеле и ѝ ласкале. Таа цела година добивала посебни третмани за разубавување заедно со многу други девојки што се надевале дека со својата убавина ќе му го привлечат вниманието на царот. На крајот, царот ја избрал Естира за своја жена. Но, сето тоа внимание не ја сменило како личност. Естира не се фокусирала на себеси. Таа останала скромна и љубезна, и се однесувала кон другите со почит (Ест. 2:9, 12, 15, 17).
12 Ако сме скромни, ќе се облекуваме и однесуваме на начин што покажува дека ги почитуваме и другите и себеси. Наместо да се фалиме или да се обидуваме да оставиме посебен впечаток кај другите, ќе се трудиме да имаме мирен и благ дух. (Прочитај 1. Петрово 3:3, 4; Ерем. 9:23, 24.) Она што го мислиме за себе кога-тогаш ќе се види преку она што го зборуваме или правиме. На пример, можеби индиректно им ставаме до знаење на другите дека сме нешто посебно поради тоа што имаме одредени предности, знаеме информации кои другите не ги знаат или сме блиски со некои одговорни браќа. Или можеби ќе се обидеме да ги прикажеме работите така што ќе изгледа дека самите сме направиле нешто значајно иако, всушност, свој удел имале и други. Но, помисли на Исус. Тој лесно можел да ги воодушеви луѓето со своето знаење. Наместо тоа, Исус честопати цитирал од Божјата Реч. Не сакал другите да го возвишуваат. Секогаш сакал славата да му припадне на Јехова (Јован 8:28).
КОГА НОСИМЕ ОДЛУКИ
13, 14. Како може скромноста да ни помогне да носиме добри одлуки?
13 Друга ситуација што бара скромност од нас е кога носиме одлуки, или кога другите носат одлуки што нѐ засегаат и нас. Кога апостол Павле се наоѓал во Цезареја, сакал да оди во Ерусалим за да го доврши делото што му го дал Јехова. Но, пророкот Агав му рекол дека, ако појде во Ерусалим, ќе биде затворен. Можело дури и да биде убиен. Браќата го молеле Павле да не оди, но тој сепак одлучил да појде. Дали го направил тоа затоа што имал преголема самодоверба? Не. Павле бил скромен и имал потполна доверба во Јехова. И браќата биле скромни. Затоа, на крајот ја прифатиле одлуката на Павле (Дела 21:10-14).
14 Скромноста може да ни помогне и нам да носиме добри одлуки, дури и во ситуации кога не знаеме како ќе се одвиваат работите ниту, пак, можеме да влијаеме врз нив. На пример, можеби размислуваме да започнеме со полновремена служба, но нѐ мачат некои прашања: Што ќе се случи ако се разболиме? Што ако се разболат нашите остарени родители и треба да им помагаме? Како ќе се грижиме за себе кога ќе остариме? Колку и да се молиме или да истражуваме, нема да дојдеме до конкретен одговор на ваквите прашања (Проп. 8:16, 17). Но, ако имаме доверба во Јехова, ќе се помириме со фактот дека не можеме сѐ да предвидиме, ниту да имаме целосна контрола врз работите. Затоа, добро ќе се информираме, ќе побараме совет и, најважно од сѐ, ќе му се молиме на Јехова да нѐ води. Потоа ќе постапиме онака како што нѐ води Јеховиниот дух. (Прочитај Проповедник 11:4-6.) Тогаш Јехова може или да ги благослови нашите одлуки или да ни помогне да ги смениме нашите планови (Изр. 16:3, 9).
КАКО ДА НАУЧИМЕ ДА БИДЕМЕ ПОСКРОМНИ
15. Како тоа што ќе размислуваме за Јехова ќе ни помогне да бидеме понизни?
15 Што ќе ни помогне да бидеме поскромни? Ќе разгледаме четири работи. Прво, многу е важно да размислуваме за Јехова — за тоа каква личност е тој и какви особини има. Кога ќе се споредиме со Јехова, сфаќаме колку сме мали и колку е ограничено нашето знаење (Иса. 8:13). Не смееме да заборавиме дека ние одиме со Семоќниот Бог, а не со некој човек или ангел. Тоа што ќе размислуваме за овие работи ќе ни помогне да се понизиме „под моќната Божја рака“ (1. Пет. 5:6).
16. Како тоа што ќе размислуваме колку Бог нѐ сака ќе ни помогне да бидеме поскромни?
16 Друго нешто што ќе ни помогне да станеме поскромни е да размислуваме за тоа колку Јехова нѐ сака. Павле го споредил собранието со човечкото тело. Јехова го направил нашето тело така што секој негов дел има значајна улога (1. Кор. 12:23, 24). Слично на тоа, и секој од нас му значи на Јехова. Тој не нѐ споредува со другите и не престанува да нѐ сака кога ќе згрешиме. Помислата дека Јехова нѐ сака ни помага да се чувствуваме сигурно каде и да служиме во неговата организација.
17. Како ќе ни користи тоа што ќе се трудиме да ги забележуваме добрите страни на другите?
17 Трето, ќе бидеме поскромни ако се трудиме да ги забележуваме добрите страни на другите. Наместо да сакаме секогаш ние да бидеме во центарот на вниманието или да им кажуваме на другите што да прават, ќе прашуваме за мислење и спремно ќе ги прифаќаме туѓите предлози (Изр. 13:10). Исто така, искрено ќе се радуваме кога нашите браќа и сестри ќе добијат некоја посебна доделба или задача. И ќе му благодариме на Јехова што дозволува сите да му служиме (1. Пет. 5:9).
18. Како тоа што ќе си ја остриме совеста ќе ни помогне да бидеме поскромни?
18 Четврто, ќе бидеме поскромни ако ги користиме библиските начела за да си ја остриме совеста. Преку тие начела учиме што чувствува и како размислува Јехова. Ако учиме да гледаме на работите како што гледа Јехова, ќе носиме одлуки што ќе го радуваат. Кога проучуваме, се молиме и го правиме она што е исправно, нашата совест станува поостра (1. Тим. 1:5). На тој начин, се учиме повеќе да мислиме на другите отколку на себеси. Ако ги правиме овие работи, Јехова ветува дека ќе го доврши нашето обучување, што значи и дека ќе ни помогне да станеме поскромни (1. Пет. 5:10).
19. Што ќе ни помогне да останеме скромни?
19 До што довела вообразеноста на пророкот што го спомнавме во почетокот на оваа статија? Бидејќи не останал скромен, тој го загубил својот живот и своето пријателство со Јехова. Сепак, можно е да останеме скромни, дури и кога не е лесно. Тоа го потврдуваат примерите на многу верни слуги на Јехова. Колку подолго му служиме на Јехова толку поважно е да се потпираме на него (Изр. 8:13). Без оглед на околностите во кои се наоѓаме, можеме да продолжиме да одиме со Јехова. Тоа е најголемата чест што човек може да ја има. Затоа, и понатаму да даваме сѐ од себе за да останеме скромни и да одиме со Јехова во сета вечност.