Дали сте знаеле?
Зошто Евреите биле толку распрснати во времето на Исус?
Кога Исус им рекол на група слушатели дека ќе оди онаму каде што тие не можат да дојдат, Евреите се прашувале: „Каде наумил да оди овој... Зар наумил да оди кај Евреите, кои се расеани меѓу Грците?“ (Јован 7:32-36). Набрзо потоа, христијанските мисионери ја проповедале добрата вест меѓу Евреите што биле распрснати низ Средоземјето (Дела 2:5-11; 9:2; 13:5, 13, 14; 14:1; 16:1-3; 17:1; 18:12, 19; 28:16, 17).
До вакво расејување, наречено дијаспора, дошло затоа што Евреите биле протерани од својата татковина кога дошле нивните освојувачи — најпрво Асирците, во 740 год. пр.н.е., а потоа и Вавилонците, во 607 год. пр.н.е. Само еден остаток од изгнаници се вратиле во Израел (Исаија 10:21, 22). Другите останале онаму каде што биле распрснати.
Затоа, во 5 век пр.н.е., еврејски заедници имало во 127 покраини на Персиското Царство (Естира 1:1; 3:8). Евреите се труделе да придобијат преобратеници во јудаизмот, што покажува дека, со текот на времето, голем број луѓе чуле за Јехова и за Законот што им бил даден на Евреите (Матеј 23:15). На празникот Педесетница во 33 год. од н.е., Евреи од многу земји биле присутни во Ерусалим, каде што ја чуле добрата вест за Исус. Значи, тоа што Евреите биле распрснати низ целото Римско Царство придонело за брзо ширење на христијанството.
Колку злато поседувал цар Соломон?
Библијата ни кажува дека Хирам, царот на Тир, му испратил на Соломон четири тони злато, царицата од Сава му подарила исто толку, а Соломоновите бродови носеле повеќе од 14 тони злато од Офир. Извештајот вели: „Златото што му доаѓаше на Соломон секоја година тежеше по шестотини шеесет и шест таланти“, што изнесува преку 22 тони (1. Царевите 9:14, 28; 10:10, 14). Дали е можно ова? Колку злато доаѓало во царските ризници во минатото?
Еден древен натпис, кој изучувачите го прифаќаат како веродостоен, наведува дека фараонот Тутмос III од Египет (вториот милениум пр.н.е.) дал околу 13,5 тони злато во храмот на Амон-Ра во Карнак. Во 8 век пр.н.е., асирскиот цар Теглат-Феласар III добил преку 4 тони злато како данок од Тир, а Саргон II приложил исто толку злато како подарок за вавилонските богови. Се вели дека цар Филип II од Македонија (359-336 год. пр.н.е.) секоја година вадел повеќе од 25 тони злато од рудниците во Пангеум, во Тракија.
Кога неговиот син Александар Велики (336-323 год. пр.н.е.) го освоил персискиот град Суза, се вели дека од него зел околу 1.070 тони злато, како и повеќе од 6.000 тони од цела Персија. Значи, кога ќе се спореди со овие извештаи, она што го вели Библијата за златото на цар Соломон воопшто не е претерано.