Поглавје 4
Колку е веродостоен „Стариот завет“?
Во следниве неколку поглавја ќе дискутираме за некои оптужби кои современите критичари ги впериле против Библијата. Некои ја оптужуваат Библијата дека самата си противречи и дека е „ненаучна“, меѓутоа со овие обвиненија ќе се бавиме подоцна. Но, како прво, разгледај ја често изнесуваната оптужба дека Библијата не е ништо повеќе од колекција од митови и легенди. Дали противниците на Библијата имаат цврсти основи за една таква критика? Пред сѐ, да ги погледнеме Хебрејските списи — таканаречениот Стар завет.
1, 2. Каква била опсадата над Јерихон, и какви прашања се покренати во врска со тоа?
ЕДЕН древен град е под опсада. Неговите напаѓачи навалиле преку реката Јордан и сега се улогорени пред градските високи ѕидини. Но, каква чудна борбена тактика! Секој ден во текот на шест дена, напаѓачката војска марширала околу градот тивко, со исклучок на придружната група свештеници кои дувале во рогови. Сега, на седмиот ден, војската седумпати тивко маршира околу градот. Неочекувано, свештениците дуваат во своите рогови со сета своја сила. Војската ја прекинува својата тишина со силен борбен повик, и огромните градски ѕидини паѓаат во облак од прашина, оставајќи го градот без одбрана (Исус Навин 5:16—6:20).
2 На овој начин книгата Исус Навин, шестата книга од Хебрејските списи, го опишува падот на Јерихон, што се случил пред скоро 3.500 години. Но, дали тоа навистина се одиграло? Многу виши критичари уверено ќе одговорат со „не“.a Тие тврдат дека книгата Исус Навин, заедно со претходните пет книги од Библијата, е составена од легенди напишани многу векови откако наводните настани се случиле. Многу археолози исто така би одговориле со „не“. Според нив, кога Израелците дошле во земјата Ханан, Јерихон можеби дури и не постоел.
3. Зошто е важно да се дискутира за тоа дали Библијата содржи вистинита историја или не?
3 Ова се сериозни оптужби. Додека ја читаш Библијата, ќе забележиш дека нејзините учења се цврсто поврзани со историјата. Бог има работа со вистински мажи, жени, семејства и нации, додека неговите заповеди се дадени на еден историски народ. Современите изучувачи кои фрлаат сомневање на историчноста на Библијата, фрлаат сомневање и на важноста и доверливоста на нејзината порака. Доколку Библијата навистина е Реч Божја, тогаш нејзината историја мора да биде достојна за доверба и да не содржи само легенди и митови. Дали овие критичари имаат основа за да ја предизвикуваат нејзината историска вистинитост?
Вишиот критицизам — колку е доверлив?
4-6. Кои се некои Велхаузенови теории на вишиот критицизам?
4 Вишиот критицизам на Библијата започнал сериозно во текот на 18 и 19 век. Во втората половина на 19 век, германскиот библиски критичар Џулиус Велхаузен ја популаризирал теоријата дека првите шест книги од Библијата, вклучувајќи ја и Исус Навин, биле напишани во петтиот век пр. н. е. — околу илјада години после опишаните настани. Сепак, тој рекол дека тие содржеле материјал кој бил запишан порано.1 Оваа теорија била објавена во 11-тото издание од Encyclopædia Britannica, издадено 1911, кое објаснило: „1. Мојсеева е постегзилно дело составено од постегзилни свештенички извор (П) и порани несвештенички извори кои значајно се разликуваат од П во јазикот, стилот и религиозното гледиште“.
5 Велхаузен и неговите следбеници гледале на сета историја запишана во првиот дел од Хебрејските списи „не како на дословна историја, туку како на популарни традиции од минатото“.2 Пораните извештаи биле сметани само како одраз на подоцнежната историја на Израел. На пример, било наведено дека непријателството меѓу Јаков и Исав не се случило вистински, туку дека го одразувало непријателството меѓу нациите Израел и Едом во подоцнежните времиња.
6 Во склад со ова, тие критичари мислеле дека Мојсеј никогаш не добил некаква заповед да го направи ковчегот на сојузот и дека табернакулот — центарот на обожавањето на Израелците во пустината — никогаш не постоел. Исто така, тие верувале дека авторитетот на Ароновото свештенство во потполност бил воспоставен само неколку години пред Вавилонците да го уништат Ерусалим, за кое критичарите мислат дека се случило на почетокот од шестиот век пр. н. е.3
7, 8. Кои „докази“ ги имал Велхаузен за своите теории, и дали биле цврсти?
7 Каков „доказ“ имале тие за овие идеи? Вишите критичари тврдат дека текстот од првите книги на Библијата можат да го поделат на извесен број различни документи. Основното начело кое тие го користат е да претпостават дека, општо говорено, секој библиски стих кој го употребува хебрејскиот збор за Бог (Елохим) самостојно, бил напишан од еден писател, додека секој стих што алудира на Бог според неговото име, Јехова, мора да бил напишан од друг — како еден писател да не можел да ги користи обата термина.4
8 На сличен начин, секојпат кога некој настан е запишан повеќе од еднаш во некоја книга, тоа се зема како доказ дека делото има повеќе од еден писател, иако древната семитска литература има други слични примери на повторување. Освен тоа, се претпоставува дека секоја промена на стилот значи и промена на писателот. Сепак, дури и писателите на современ јазик, во различни етапи од својата кариера или кога се справуваат со различни теми, честопати пишуваат во различни стилови.b
9-11. Кои се некои истакнати слабости на современиот виш критицизам?
9 Дали постои некаков вистински доказ за овие теории? Воопшто не. Еден коментатор забележал: „Критицизмот, па дури и во негова најдобра рака, е шпекулативен и провизорен, нешто што секогаш е склоно да биде модифицирано или докажано како погрешно и да мора да биде заменето со нешто друго. Тоа е една интелектуална вежба, предмет на сите сомненија и претпоставки кои се нераздвојни од таквите вежби“.5 Особено вишиот критицизам на Библијата е „шпекулативен и провизорен“ во крајност.
10 Глисон Л. Арчер Помладиот наведува една друга маана во резонирањето на вишиот критицизам. Проблемот, вели тој, е во тоа што „Велхаузеновата школа започнала со чиста претпоставка (што тие ни во најмала рака не се обиделе да ја демонстрираат) дека религијата на Израелците била само од човечко потекло, како и секоја друга, што требало да биде објаснето како чист продукт на еволуција“.6 Со други зборови, Велхаузен и неговите следбеници тргнале од претпоставката дека Библијата е само реч човечка, па потоа резонирале оттаму.
11 Во 1909, The Jewish Encyclopedia забележала уште две слабости во Велхаузеновата теорија: „Аргументите со кои Велхаузен речиси во потполност го заробил целото тело од современи библиски критичари, се темелени на две претпоставки: прво, дека ритуалот станува поразработен во развојот на религијата; второ, дека постарите извори неизбежно се занимаваат со раните стадиуми од развојот на ритуалот. Поранешната претпоставка е против доказот на примитивните култури, а подоцнежната не наоѓа поддршка во доказот на ритуалните кодекси како оние во Индија“.
12. Како современиот виш критицизам опстојува во светлина на археологијата?
12 Дали постои некој начин да се испита вишиот критицизам за да се види дали неговите теории се исправни или не? The Jewish Encyclopedia понатаму рекла: „Велхаузеновите гледишта се темелени речиси исклучително на дословна анализа, а ќе треба да бидат дополнети со едно испитување од гледна точка на институционалната археологија“. Како што годините одминувале, дали археологијата покажувала склоност да ги потврди Велхаузеновите теории? The New Encyclopædia Britannica одговара: „Археолошкиот критицизам е склон да ја поткрепи веродостојноста на типичните историски детали дури и на најстарите периоди [од библиската историја] и да ја отфрли теоријата дека извештаите на Пентатеухот [историските записи во првите книги на Библијата] се само одраз на еден многу подоцнежен период“.
13, 14. И покрај своите расклатени основи, зошто Велхаузеновиот виш критицизам сѐ уште е нашироко прифатен?
13 Со оглед на својата слабост, зошто вишиот критицизам е толку популарен меѓу интелектуалците денес? Поради тоа што тој им кажува работи што тие сакаат да ги слушаат. Еден научник од 19 век објаснил: „Лично, ја поздравив таа книга на Велхаузен повеќе од речиси секоја друга; зашто ми изгледаше дека најпосле е решен итниот проблем со историјата на Стариот завет, и тоа на начин кој е хармоничен со начелото на човечката еволуција кое јас сум наведен да го применам во историјата на сета религија“.7 Очигледно, вишиот критицизам се сложил со неговите предрасуди како еволуционист. И навистина, двете теории служат за слична цел. Токму како што еволуцијата би ја отстранила потребата да се верува во Творец така и Велхаузеновиот виш критицизам би значел дека човек не мора да верува дека Библијата е инспирирана од Бог.
14 Во овој рационалистички 20 век, претпоставката дека Библијата не е Реч Божја туку човечка, на интелектуалците им изгледа убедлива.c Ним им е многу полесно да веруваат дека пророштвата биле напишани после нивното исполнување отколку да ги прифатат како вистински. Повеќе сакаат да ги објаснуваат библиските извештаи за чудата како митови, легенди или народни приказни наместо да ја разгледаат можноста дека тие навистина се случиле. Но, таквото гледиште е со предрасуди и не дава цврста причина да се отфрли Библијата како точна. Вишиот критицизам има сериозни маани, а неговиот напад врз Библијата не успеал да демонстрира дека Библијата не е Реч Божја.
Дали археологијата ја поддржува Библијата?
15, 16. Постоењето на кој древен владетел, спомнат во Библијата, го потврдила археологијата?
15 Археологијата е многу поцврсто втемелена област на проучување отколку вишиот критицизам. Археолозите, копајќи меѓу остатоците од минатите цивилизации, на многу начини го зголемиле нашето разбирање за тоа какви биле работите во древните времиња. Според тоа, не е изненадувачки тоа што археолошкиот запис честопати е во склад со она што го читаме во Библијата. Понекогаш, археологијата дури и ја оправдала Библијата наспроти нејзините критичари.
16 На пример, според книгата на Даниил, пред Вавилон да падне под Персијците, последниот негов владетел се викал Валтазар (Даниил 5:1—30). Бидејќи изгледало дека Валтазар не е спомнат надвор од Библијата, била изнесена оптужба дека Библијата е погрешна и дека тој човек никогаш не постоел. Но, во текот на 19 век, во некои урнатини во јужен Ирак биле откриени неколку мали цилиндри испишани со клинесто писмо. Било откриено дека тие содржат молитва за здравјето на најстариот син на Набонид, царот на Вавилон. Името на тој син? Валтазар.
17. Како можеме да го објасниме фактот дека Библијата го нарекува Валтазар цар, додека повеќето натписи го нарекуваат кнез?
17 Значи, Валтазар постоел! Но, дали тој бил цар кога паднал Вавилон? Повеќето документи кои подоцна биле најдени, едноподруго укажувале на него како на синот на царот, престолонаследникот (кнезот). Но, еден документ на клинесто писмо, опишан како „Извештај за Набонид во стихови“, фрлил поголема светлина врз вистинската положба на Валтазар. Тој известил: „Тој [Набонид] му го доверил ‚логорот‘ на својот најстар (син), првородениот, трупите насекаде во земјата ги наредил под негова (заповед). Тој дозволил (сѐ) да оди, му го доверил царството нему“.8 Значи, на Валтазар му било доверено царството. Се разбира, тоа всушност го направило цар!d Овој однос меѓу Валтазар и неговиот татко, Набонид, објаснува зошто Валтазар, во текот на последната гозба во Вавилон, понудил да го направи Даниил трет владетел во царството (Даниил 5:16). Бидејќи Набонид бил првиот владетел, самиот Валтазар едноставно бил втор владетел во Вавилон.
Друг потпорен доказ
18. Кои информации ги обезбедува археологијата за да го потврди мирот и просперитетот кои произлегувале од владеењето на Давид?
18 Навистина, многу археолошки откритија ја покажале историската точност на Библијата. На пример, Библијата известува дека откако цар Соломон го презел царството од својот татко Давид, Израел уживал голем просперитет. Ние читаме: „Јудејците и Израел, бидејќи многубројни како песокта при морето, јадеа, пиеја и се веселеа“ (3. Царства 4:20). Како поддршка на оваа изјава, читаме: „Археолошкиот доказ открива дека постоела голема демографска експлозија во Јуда во текот на десеттиот век пр. н. е. а и после тоа, кога мирот и просперитетот што ги донел Давид овозможиле да се изградат многу нови градови“.10
19. Кои додатни информации ги дава археологијата во врска со војната меѓу Израел и Моав?
19 Подоцна, Израел и Јуда станале две нации, и Израел ја победил соседната земја Моав. Едно време, Моав под царот Моса се побунил, па Израел оформил алијанса со Јуда и со соседното царство Едом за да војува против Моав (4. Царства 3:4—27). Значајно е тоа што во 1868 во Јордан била откриена една стела (исклесана камена плоча) што била испишана на моавски јазик со личниот извештај на Моса во врска со тој конфликт.
20. Што ни кажува археологијата во врска со уништувањето на Израел од страна на Асирците?
20 Потоа, во 740 пр. н. е. Бог дозволил Асирците да го уништат бунтовното северно царство Израел (4. Царства 17:6—18). Говорејќи за библискиот извештај во врска со тој настан, археологот Кетлин Кенјон коментира: „Некој би можел да се сомнева дека нешто од ова е хипербола“. Но дали е? Таа додава: „Археолошкиот доказ за падот на царството Израел е речиси пожив од оној на библискиот запис . . . Целосното збришување на израелските градови Самарија и Хазор и придружното уништување на Мегидо е фактичен археолошки доказ дека [библискиот] писател не претерувал“.11
21. Кои детали за подјармувањето на Јуда од страна на Вавилонците ги обезбедува археологијата?
21 Нешто подоцна, Библијата ни кажува дека Ерусалим под царот Јехониј бил опседнат од Вавилонците и бил поразен. Овој настан е запишан на вавилонската хроника, клинеста плочка која ја откриле археолозите. На неа читаме: „Царот на Акад [Вавилон] . . . поставил опсада во градот Јуда (иахуду) и царот го зазел градот на вториот ден од месецот адару“.12 Јехониј бил одведен во Вавилон и затворен. Но подоцна, според Библијата, тој бил ослободен од затвор и му била дадена порција храна (4. Царства 24:8—15; 25:27—30). Тоа го поддржуваат административните документи најдени во Вавилон, кои ги набројуваат порциите кои му биле дадени на „Јаукин, царот на Јуда“.13
22, 23. Општо земено, каков е односот меѓу археологијата и библиските историски извештаи?
22 Во врска со односот меѓу археологијата и библиските историски извештаи, професор Дејвид Ноел Фридмен коментирал: „Меѓутоа, општо земено, археологијата е склона да ја поддржува историската валидност на библискиот расказ. Широкиот хронолошки нацрт од патријарсите па до времето на Н[овиот] З[авет] има взаемна врска со археолошките податоци . . . Идните откритија веројатно ќе го поткрепат сегашното умерено гледиште дека библиската традиција е историски вкоренета и верно пренесена, иако тоа не е историја во критичка или научна смисла“.
23 Потоа, во поглед на напорите на вишите критичари да ја побијат Библијата, тој вели: „Преземените реконструкции на библиската историја од страна на современите научници — на пример, Велхаузеновото гледиште дека епохата на патријарсите била рефлекс на поделената монархија; или отфрлањето на историчноста на Мојсеј и на егзодусот и, како последица од тоа, реструктуирањето на израелската историја на Нот и на неговите следбеници — не ги преживеале археолошките податоци ниту, пак, библискиот расказ“.14
Падот на Јерихон
24. Кои информации ни ги дава Библијата за падот на Јерихон?
24 Дали тоа значи дека археологијата се сложува со Библијата во секој случај? Не, постојат извесен број несогласувања. Едно од нив е драматичното освојување на Јерихон, опишано на почетокот од ова поглавје. Според Библијата, Јерихон бил првиот град кој бил освоен од страна на Исус Навин додека ги водел Израелците во земјата Ханан. Библиската хронологија покажува дека градот паднал во првата половина на 15 век пр. н. е. После победата, Јерихон бил комплетно изгорен со оган и потоа бил оставен ненаселен стотици години (Исус Навин 5:16—6:25; 3. Царства 16:34).
25, 26. До кои два различни заклучока дошле археолозите како резултат на ископувањето на Јерихон?
25 Пред Втората светска војна, професор Џон Гарстанг го ископал наоѓалиштето за кое се верувало дека е Јерихон. Открил дека градот бил многу древен и дека многупати бил уништуван и повторно изградуван. Гарстанг открил дека во текот на едно од овие уништувања, ѕидовите паднале како од земјотрес, а градот бил комплетно изгорен со оган. Гарстанг верувал дека тоа се случило околу 1400 пр. н. е., не премногу далеку од библиски наведениот датум за уништување на Јерихон од страна на Исус Навин.15
26 После војната, еден друг археолог, Кетлин Кенјон, направила понатамошни ископувања кај Јерихон. Таа дошла до заклучок дека паднатите ѕидови кои ги идентификувал Гарстанг, датирале стотици години порано отколку што тој мислел. Таа идентификувала едно поголемо уништување на Јерихон во 16 век пр. н. е., но рекла дека не постоел град на местото на Јерихон во текот на 15 век — кога, според Библијата, Исус Навин ја нападнал земјата. Таа продолжува да известува за можните индикации за едно друго уништување што можеби се случило на местото во 1325 пр. н. е., и предлага: „Доколку уништувањето на Јерихон треба да биде поврзано со напаѓањето под Исус Навин, ова [подоцна] е датумот што го предлага археологијата“.16
27. Зошто не треба претерано да нѐ вознемируваат разидувањата меѓу археологијата и Библијата?
27 Дали тоа значи дека Библијата е погрешна? Воопшто не. Мораме да запомниме дека, иако археологијата ни дава прозорец кон минатото, таа не е секогаш јасен прозорец. Понекогаш е неоспорно матен. Како што забележал еден коментатор, „археолошкиот доказ за жал е фрагментарен, па затоа и ограничен“.17 Особено тоа е случај со пораните периоди на израелската историја, за кои археолошкиот доказ не е јасен. Навистина, доказот е уште помалку јасен за Јерихон, бидејќи наоѓалиштето било многу ерозивно.
Ограничувања на археологијата
28, 29. Кои се некои ограничувања на археологијата кои ги признале изучувачите?
28 Самите археолози ги признаваат ограничувањата на својата наука. На пример, Јоханан Ахарони објаснува: „Кога станува збор за историската или историско-географската интерпретација, археологот истапува од подрачјето на егзактните науки и мора да се потпре на судови кои се засноваат на лични мерила, и хипотези за да стигне до една севкупна историска слика“.18 Во поглед на датумите кои се одредени за различни откритија, тој додава: „Затоа, секогаш мораме да се сеќаваме дека сите датуми не се апсолутни и дека се сомнителни во различни степени“, иако тој мисли дека денешните археолози можат да бидат посигурни во своите датуми отколку што тоа било случај во минатото.19
29 The World of the Old Testament го поставува прашањето: „Колку е објективна или вистински научна археолошката метода?“ Тој одговара: „Археолозите се пообјективни кога ги ископуваат фактите отколку кога ги интерпретираат. Но, нивните човечки преокупации ќе влијаат и врз методите што тие ги користат при ‚ископувањето‘. Тие не можат да го спречат уништувањето на својот доказ додека копаат низ слоевите на Земјата, така што никогаш не ќе можат да го испитаат својот ‚експеримент‘ преку повторување. Тоа ја прави археологијата единствена меѓу науките. Уште повеќе, тоа прави археолошкиот извештај да биде задача која многу изискува и е полна со стапици“.20
30. Како библиските студенти гледаат на археологијата?
30 Затоа, археологијата може да биде многу корисна, но како и секое друго човечко настојување, таа е погрешлива. Иако со интерес ги разгледуваме археолошките теории, никогаш не треба да гледаме на нив како на неоспорна вистина. Доколку археолозите ги интерпретираат своите пронаоѓања на начин кој ѝ противречи на Библијата, не треба автоматски да се претпостави дека Библијата е погрешна а дека археолозите се во право. Познато е дека нивните интерпретации се менуваат.
31. Кој нов предлог неодамна бил изнесен во врска со падот на Јерихон?
31 Интересно е да се забележи дека во 1981, професор Џон Ј. Бимсон повторно се осврнал на уништувањето на Јерихон. Тој грижливо го проучувал огненото уништување на Јерихон, што се случило — според Кетлин Кенјон — во средината на 16 век пр. н. е. Според него, уништувањето не само што одговарало на библискиот извештај за уништувањето на градот од страна на Исус Навин туку и археолошката слика за Ханан, како целина, совршено одговарала на библискиот опис на Ханан кога нападнале Израелците. Според тоа, тој сугерира дека археолошки одредениот датум е погрешен и смета дека ова уништување навистина се случило во средината на 15 век пр. н. е., во текот на животот на Исус Навин.21
Библијата е вистинска историја
32. Каква склоност е забележана меѓу некои изучувачи?
32 Ова го илустрира фактот дека археолозите честопати се разликуваат меѓусебе. Тогаш, не е изненадувачки тоа што некои не се сложуваат со Библијата додека други се сложуваат со неа. Сепак, некои изучувачи почнуваат да ја респектираат историчноста на Библијата, општо земено, ако не и во секој детаљ. Вилијам Фоксвел Олбрајт претставил една школа на мислење кога напишал: „Постои општо враќање на ценењето на точноста — како во општиот досег така и во фактичкиот детаљ — на религиозната историја на Израел . . . Да резимираме, сега можеме повторно да ја третираме Библијата, од почетокот до крајот, како еден автентичен документ на религиозна историја“.22
33, 34. Како самите Хебрејски списи даваат доказ дека се историски точни?
33 Всушност, Библијата сама по себе носи белег на точна историја. Настаните се поврзани со специфични периоди и датуми, за разлика од оние од повеќето древни митови и легенди. Многу настани кои се запишани во Библијата се поддржани од натписи кои датираат од тие времиња. Онаму каде што постои разлика меѓу Библијата и некој древен натпис, разидувањето честопати може да биде припишано на неугодноста на древните владетели да ги запишат сопствените порази и нивната желба да ги зголемат своите успеси.
34 Навистина, многу од тие древни натписи не се толку историја колку што се службена пропаганда. За разлика од нив, библиските писатели покажуваат ретка отвореност. Главните прадедовски фигури, како што се Мојсеј и Арон, се откриени со сите нивни слабости и јакости. Дури и пропустите на големиот цар Давид чесно се откриени. Честопати се разоткриени недостатоците на нацијата како целина. Оваа отвореност ги препорачува Хебрејските списи како вистинити и доверливи и додава тежина на зборовите на Исус кој, кога му се молел на Бог, рекол: „Твоето слово е вистина“ (Јован 17:17).
35. Што пропуштиле да прават рационалистичките мислители и што бараат библиските студенти за да ја докажат инспирираноста на Библијата?
35 Олбрајт понатаму рекол: „Во секој случај, Библијата по содржина се издигнува над сета поранешна религиозна литература; а исто толку впечатливо се издигнува и над сета подоцнежна литература во директната едноставност на својата порака и католичност [опсежен ранг] на својата привлечност за луѓе од сите земји и времиња“.23 Таа ‚издигнувачка порака‘ ја докажува инспирираноста на Библијата а не сведоштвото од изучувачите, како што ќе видиме во идните поглавја. Но, да забележиме тука дека современите рационалистички мислители не успеале да докажат дека Хебрејските списи не се точна историја, иако самите овие записи го даваат секој доказ дека се точни. Може ли истото да се каже за Христијанските грчки списи, „Новиот завет“? Тоа ќе го разгледаме во следното поглавје.
[Фусноти]
a „Вишиот критицизам“ (или „историско-критичкиот метод“) е термин кој се користи за да се опише проучувањето на Библијата со цел да се откријат детали како што се авторството, изворниот материјал и времето на составување на секоја книга.
b На пример, англискиот поет Џон Милтон ја напишал својата возвишена епска поема „Загубениот рај“ во прилично поинаков стил од својата поема „Л’Алегро“. А неговите политички трактати биле напишани во сосема друг стил.
c Повеќето интелектуалци денес се склони да бидат рационалистични. Според речникот, рационализам значи „потпирање на разумот како основа за докажување на религиозната вистина“. Рационалистите се обидуваат сѐ да објаснат со човечки термини наместо да ја земат предвид можноста за божествена акција.
d Интересно, една статуа на еден древен владетел најдена во северна Сирија во 1970-тите, покажала дека не било непознато за еден владетел да биде наречен цар кога, во потесна смисла, имал помала титула. Статуата била за еден владетел на Гозан и била испишана на асирски и арамејски. Асирскиот натпис го нарекувал човекот управител на Гозан, но паралелниот арамејски натпис го нарекувал цар.9 Така, не би било без преседан ако во официјалните вавилонски натписи Валтазар би бил наречен престолонаследник додека во арамејскиот ракопис на Даниил е наречен цар.
[Истакната мисла на страница 53]
За разлика од древните световни истории, Библијата отворено известува за човечките пропусти на почитувани фигури, како што се Мојсеј и Давид
[Рамка на страница 44]
Вредноста на археологијата
„Археологијата обезбедува мостра на древни алатки и садови, ѕидови и градби, оружја и украси. Повеќето од нив можат да бидат хронолошки подредени и сигурно идентификувани со соодветни термини и контексти кои ги содржи Библијата. Во таа смисла, Библијата точно го зачувува во пишан облик своето древно културно милје. Деталите за библиските приказни не се замислени продукти на имагинацијата на авторот, туку се автентични одрази на светот во кој се случувале запишаните настани, од секојдневните па сѐ до чудесните“ (The Archaeological Encyclopedia of the Holy Land).
[Рамка на страница 50]
Што може и што не може да направи археологијата
„Археологијата ниту ја докажува ниту ја побива Библијата во дефинитивна смисла, туку има други функции од значајна важност. Таа во извесен степен повторно го враќа материјалниот свет кој однапред го претпоставува Библијата. Познавањето, да кажеме, на материјалот од кој била изградена една куќа или на што личело некое ‚високо место‘ повеќе го збогатува нашето разбирање на текстот. Второ, тоа го пополнува историскиот запис. На пример, Моавскиот камен ја дава другата страна од приказната која е обработена во 2. Царства 3:4 (NW, фусн.) . . . Трето, го открива животот и мислењето на соседите на древниот Израел — што е интересно само по себе, а кое истовремено го осветлува светот на идеи во кој се развивала мислата на древниот Израел“ (Ebla—A Revelation in Archaeology).
[Слика на страница 41]
Милтон пишувал во различни стилови, не само во еден. Дали вишите критичари веруваат дека неговото дело е производ на извесен број различни писатели?
[Слика на страница 45]
„Набонидовиот извештај во стихови“ известува дека Набонид му го доверил царството на својот првороден
[Слика на страница 46]
Моавскиот камен ја дава верзијата на царот Моса за конфликтот меѓу Моав и Израел
[Слика на страница 47]
Официјалните вавилонски записи го поддржуваат библискиот извештај за падот на Ерусалим