Што ѝ се случува на душата при смртта?
„Доктрината дека човечката душа е бесмртна и дека ќе продолжи да постои по смртта на човекот и по распаѓањето на неговото тело е еден од камен-темелниците на христијанската филозофија и теологија“ („NEW CATHOLIC ENCYCLOPEDIA“).
1. Што признава New Catholic Encyclopedia во врска со тоа дека душата ја преживува смртта?
МЕЃУТОА, горенаведеново референтно дело признава дека „поимот за душата која преживува после смртта, не е лесно забележлив во Библијата“. Тогаш, што навистина учи Библијата во врска со тоа што ѝ се случува на душата при смртта?
Мртвите се несвесни
2, 3. Каква е состојбата на мртвите, и кои стихови го откриваат тоа?
2 Состојбата на мртвите е јасно покажана во Проповедник 9:5, 10, каде што читаме: „Мртвите ништо не знаат . . . Во гробот . . . нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“. Според тоа, смртта е состојба на непостоење. Псалмистот напишал дека, кога некој ќе умре, „тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 145:4).
3 Значи, мртвите се несвесни, неактивни. Кога донесувал пресуда над Адам, Бог навел: „Зашто си земја, и во земја ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19). Пред Бог да го оформи од земниот прав и да му даде живот, Адам не постоел. Кога умрел, Адам се вратил во таа состојба. Неговата казна била смрт — а не преместување во друго подрачје.
Душата може да умре
4, 5. Наведи примери од Библијата кои покажуваат дека душата може да умре.
4 Кога Адам умрел, што се случило со неговата душа? Па, сети се дека во Библијата зборот „душа“ честопати се однесува едноставно на некое лице. Според тоа, кога велиме дека Адам умрел, велиме дека душата по име Адам умрела. Ова би можело да му звучи необично на некој кој верува во бесмртност на душата. Меѓутоа, Библијата наведува: „Која душа греши, таа ќе умре“ (Језекиил 18:4). 3. Мојсеева 21:1 (NW) зборува за „почината душа“ („мртовец“, Даничић—Караџић). А на назиреите им било речено да не се доближуваат до „никаква мртва душа“ (NW) („мртво тело“, 4. Мојсеева 6:6).
5 Слично осврнување на душата има во 3. Царства 19:4. Силно вознемирениот Илија ‚почнал да се моли да му умре душата‘. На сличен начин, Јона ‚постојано молел душата да му умре, и секогаш одново велел: „Подобро ми е да умрам отколку да живеам“‘ (Јона 4:8, NW). И Исус ја употребил фразата ‚да погуби душа‘, која The Bible in Basic English ја преведува со „да умртви“ (Марко 3:4). Според тоа, смртта на душата едноставно значи смрт на лицето.
‚Напуштање‘ и ‚враќање‘
6. Што мисли Библијата кога вели дека душата ‚ја напуштала‘ Рахил?
6 Но, што е со трагичната смрт на Рахил, што се случила додека го раѓала својот втор син? Во 1. Мојсеева 35:18 читаме: „А кога душата ја напушташе, бидејќи умираше, го нарече Венони, т. е. син на болките мои. Но таткото му даде име Венијамин“. Дали овој пасус имплицира дека Рахил имала некакво внатрешно битие кое заминало при нејзината смрт? Воопшто не. Сети се, зборот „душа“ може да се однесува и на животот што го поседува едно лице. Според тоа, во овој случај, „душата“ на Рахил едноставно значела нејзиниот „живот“. Затоа, фразата „душата ја напушташе“ други Библии ја преведуваат како „нејзиниот живот исчезнуваше“ (Knox), „таа го испушти последниот здив“ (Jerusalem Bible) и „нејзиниот живот замина од неа“ (Bible in Basic English). Нема индикација дека некој мистериозен дел од Рахил ја преживеал нејзината смрт.
7. На кој начин душата на воскреснатиот син на вдовицата ‚се вратила во него‘?
7 Слично е и со воскресението на синот на една вдовица, запишано во 3. Царства, поглавје 17. Во стих 22 читаме дека, додека Илија се молел над младото момче, ‚Господ го чул гласот на Илија, и му ја вратил душата на момчето во него, и тоа оживеало‘. Повторно, зборот „душа“ значи „живот“. Затоа, Dr. Ivan Šarić гласи: „Животот на детето повторно се врати во него, и тоа стана живо“. Да, тоа што се вратило кај момчето бил животот, а не некоја сенчеста форма. Ова е во склад со она што Илија ѝ го рекол на мајката на момчето: „Еве, син ти [целата личност] е жив!“ (3. Царства 17:23).
Дилемата за „меѓусостојба“
8. Според верувањето на мнозина кои тврдат дека се христијани, што ќе се случи за време на воскресението?
8 Мнозина кои тврдат дека се христијани, веруваат дека ќе има идно воскресение при кое на телата ќе им се придружат бесмртни души. Тогаш, воскреснатите ќе бидат предадени на својата судбина — или награда за оние кои воделе добар живот или казна за злобните.
9. Што е мислено со терминот „меѓусостојба“, и што велат некои дека ѝ се случува на душата во текот на тој период?
9 Овој концепт звучи едноставно. Но, оние кои се придржуваат кон верувањето во бесмртност на душата, имаат проблем да објаснат што ѝ се случува на душата во времето од смртта до воскресението. Всушност, оваа „меѓусостојба“, како што честопати е наречена, со векови потстрекнувала шпекулации. Некои велат дека во текот на овој период душата оди во чистилиште, каде што може да биде исчистена од лесни гревови за да стане погодна за на небото.a
10. Зошто е небиблиски да се верува дека душите се задржуваат во чистилиште после смртта, и како искуството на Лазар го потврдува ова?
10 Меѓутоа, како што видовме, душата едноставно е лицето. Кога ќе умре едно лице, душата умира. Според тоа, нема свесно постоење после смртта. Всушност, кога умрел Лазар, Исус не рекол дека тој бил во чистилиште, лимбус или, пак, во некоја друга „меѓусостојба“. Место тоа, Исус едноставно рекол: ‚Лазар заспал‘ (Јован 11:11). Јасно, Исус, кој ја знаел вистината за тоа што ѝ се случува на душата при смртта, верувал дека Лазар не е свесен, дека не постои.
Што е духот?
11. Зошто зборот „дух“ не може да се однесува на некој бестелесен дел од лицето кој ја преживува смртта?
11 Библијата вели дека, кога ќе умре едно лице, „излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја“ (Псалм 145:4). Дали ова значи дека после смртта на лицето некој бестелесен дух дословно заминува и живее понатаму? Тоа не би можело да биде така, бидејќи псалмистот како следно вели: „Во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (,пропаѓаат нивните планови‘, Радосна вест). Тогаш, што е духот и како тој „излегува“ од лицето во времето на неговата смрт?
12. Што е имплицирано со хебрејските и грчките зборови во Библијата преведени со „дух“?
12 Во Библијата, зборот преведен со „дух“ (хебрејски: ру́ах, грчки: пнеу́ма) во основа значи „здив“. Така, наместо „излегува духот негов“, преводот од Р. А. Нокс ја користи фразата „здивот го напушта неговото тело“ (Псалм 145:4, Knox). Но, зборот „дух“ имплицира многу повеќе отколку само чинот на дишење. На пример, опишувајќи го уништувањето на човечкиот и на животинскиот живот во времето на глобалниот потоп, 1. Мојсеева 7:22 вели: „Сѐ, што на суво имаше здив [односно: дух; хебрејски: ру́ах] во ноздрите свои, изумре“. Според тоа, „духот“ може да се однесува на животната сила која е активна во сите живи суштества, и луѓе и животни, и која се одржува преку дишење.
13. На кој начин духот може да се спореди со електрична струја?
13 Да илустрираме: Електричната струја напојува дел од некоја опрема. Ако струјата прекине, опремата престанува да функционира. Самата струја не добива свој живот. На сличен начин, кога ќе умре едно лице, неговиот дух престанува да ги раздвижува телесните клетки. Тој не го напушта телото преселувајќи се во друго подрачје (Псалм 103:29).
14, 15. На кој начин при смртта духот се враќа кај Бога?
14 Тогаш, зошто Проповедник 12:7 наведува дека, кога едно лице ќе умре, ‚духот се враќа кај Бога, Кој го дал‘? Дали ова значи дека духот дословно патува низ вселената до Божјето присуство? Ништо вакво не е имплицирано. Сети се, духот е животната сила. Штом таа животна сила ќе помине, само Бог ја има способноста да ја обнови. Според тоа, духот ‚се враќа кај Бога‘ во таа смисла што секоја надеж за иден живот за тоа лице сега потполно зависи од Бог.
15 Само Бог може да го обнови духот, односно животната сила, предизвикувајќи лицето да се врати во живот (Псалм 103:30). Но, дали Бог намерава да го стори тоа?
[Фуснота]
a Според New Catholic Encyclopedia, „[Црквените] Отци, општо земено, се јасни во своето тврдење за постоењето на чистилиште“. Сепак, ова референтно дело исто така признава дека „католичката доктрина за чистилиште се темели на традиција, а не на Светото писмо“.
[Рамка на страница 23]
Сеќавања на некој поранешен живот
АКО ништо не ја преживува смртта на телото, тогаш што е со сеќавањата на некој поранешен живот, за кои некои тврдат дека ги имаат?
Хиндускиот изучувач Нихилананда вели дека ‚искуствата после смртта не можат да се прикажат преку разумот‘. Во предавањето „Модели на верување во вечност во религиите“, теологот Ханс Кинг истакнува: „Ниеден од извештаите — кои главно доаѓаат од деца или од земји каде што постои верување во реинкарнација — за сеќавање на некаков поранешен живот, не можеше да се потврди“. Тој додава: „Повеќето од нив [истражувачите кои работат сериозно и научно на ова поле] признаваат дека искуствата што ги установиле тие, не даваат основа за некаков навистина убедлив доказ за повторување на земниот живот“.
Што ако мислиш дека си имал лични сеќавања на некој поранешен живот? Таквите чувства би можеле да се должат на различни фактори. Голем дел од информациите што ги добиваме е складиран во некое скриено катче од нашата потсвест, затоа што не ги користиме директно или непосредно. Кога на површина ќе излезат заборавени сеќавања, некои луѓе нив ги толкуваат како доказ за некој поранешен живот. Меѓутоа, факт е дека ние немаме искуства за некој друг живот, кои можат да се потврдат, освен оној што го живееме сега. Мнозинството луѓе кои живеат на Земјата немаат воопшто никакво сеќавање дека живееле порано, ниту, пак, мислат дека можеле да имаат некој поранешен живот.