Зошто да му даваме на оној што има сѐ?
Ти благодариме, Боже наш, и го фалиме твоето прекрасно име (1. ЛЕТ. 29:13)
1, 2. Како Јехова дарежливо ги користи своите материјални средства?
ЈЕХОВА е дарежлив Бог. Сѐ што имаме доаѓа од него. На Јехова му припаѓаат сето злато, сребро и сите други природни ресурси на Земјата, и тој ги користи за да го одржува животот на неа (Пс. 104:13-15; Агеј 2:8). Освен тоа, библиските извештаи покажуваат дека, користејќи ги овие средства, Јехова понекогаш со чудо ги задоволувал потребите на своите слуги.
2 На пример, Јехова 40 години им давал на Израелците мана и вода додека биле во пустината (2. Мој. 16:35). Поради тоа ништо не им недостасувало (Неем. 9:20, 21). Подоцна, преку пророкот Елисеј, Јехова со чудо ја зголемил количината на масло што ја имала една вдовица. Овој подарок од Бог ѝ помогнал да ги отплати долговите, а потоа ѝ останале доволно пари за да можат да преживеат таа и нејзините синови (2. Цар. 4:1-7). Со помош од Јехова, Исус преку чудо обезбедил храна, па дури и пари кога тоа било потребно (Мат. 15:35-38; 17:27).
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Јехова може да употреби сѐ што сака за да им помага на своите созданија на Земјата. Сепак, тој ги поттикнува своите слуги да ги користат материјалните средства за да го поддржуваат делото што го врши неговата организација (2. Мој. 36:3-7; прочитај Изреки 3:9). Зошто Јехова очекува да му даваме дел од нашите материјални средства? Како во минатото верните слуги на Јехова го поддржувале неговото дело во материјален поглед? Како Божјата организација ги користи доброволните прилози во наше време? Одговорот на овие прашања ќе го добиеме во оваа статија.
ЗОШТО МУ ДАВАМЕ НА ЈЕХОВА?
4. Што му покажуваме на Јехова кога го поддржуваме неговото дело?
4 Љубовта и благодарноста кон Јехова нѐ поттикнуваат да му даваме од нашите материјални средства. Длабоко сме трогнати кога размислуваме за сето она што Јехова го прави за нас. Кога објаснувал што сѐ ќе биде потребно за да се изгради храмот, цар Давид признал дека сето она што го имаме сме го добиле од Јехова и дека сѐ што му даваме тој веќе ни го дал нам. (Прочитај 1. Летописи 29:11-14.)
5. Како Божјата Реч покажува дека несебичното давање е важен дел од обожавањето на вистинскиот Бог?
5 Исто така, давањето е дел од обожавањето на вистинскиот Бог. Во едно видение, апостол Јован ги чул Јеховините слуги на небото како велат: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“ (Отк. 4:11). Сигурно ќе се согласиш дека Јехова заслужува да го славиме и да му искажуваме чест така што ќе му го даваме најдоброто што го имаме. Преку Мојсеј, Јехова им заповедал на Израелците да одржуваат три празници годишно. Еден начин на кој го славеле Јехова во овие прилики е така што му принесувале материјални работи. На тие празници Израелците не смееле да дојдат „пред Јехова со празни раце“ (5. Мој. 16:16). Слично е и денес. Важен дел од нашето обожавање на Јехова е несебично да му даваме од нашите материјални средства. Со тоа покажуваме дека го цениме и дека го поддржуваме делото што го врши Јеховината организација.
6. Зошто за нас е корисно да даваме? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
6 За нас е корисно да бидеме дарежливи и да даваме, а не само да примаме. (Прочитај Изреки 29:21.) Замисли дека едно дете кое добива џепарлак од своите родители користи дел од парите за да им купи подарок. Како ќе се чувствуваат родителите поради таквиот подарок? Или, замисли како еден млад пионер кој живее со родителите им дава одредена сума пари за да помогне да се плати киријата или да се купи храна за семејството. Можеби родителите не го очекуваат тоа од него, но го прифаќаат подарокот. Зошто? Бидејќи на тој начин им покажува благодарност за сѐ што прават за него. На сличен начин, Јехова знае дека за нас е корисно да му даваме дел од нашите материјални средства.
КАКО ДАВАЛЕ БОЖЈИТЕ СЛУГИ ВО МИНАТОТО
7, 8. Како Јеховиниот народ во библиски времиња оставил пример со тоа што давал прилози а) за конкретни цели? б) за да ја поддржи службата за Јехова?
7 Од Библијата дознаваме дека Јеховините слуги отсекогаш давале прилози за да го поддржат неговото дело. Понекогаш давале за конкретна цел. На пример, Мојсеј ги поттикнал Израелците да приложат средства за изградба на светиот шатор, а подоцна цар Давид го сторил истото за изградбата на храмот (2. Мој. 35:5; 1. Лет. 29:5-9). За време на владеењето на цар Јоас, свештениците го поправиле храмот со помош на парите што ги дал народот (2. Цар. 12:4, 5). Во првиот век, христијаните дознале дека во Јудеја завладеал глад и дека на браќата им била потребна помош. Затоа, секој христијанин решил, според своите можности, да испрати помош за тие браќа (Дела 11:27-30).
8 Во други случаи, Јеховините слуги давале материјална помош за оние што предводеле во службата за Бог. На пример, според Мојсеевиот закон, левитите не добиле наследство како другите племиња. Затоа, другите Израелци им давале на левитите десеттина од она што го имале. Ова им овозможило на левитите да се посветат на службата во светиот шатор (4. Мој. 18:21). Слично на тоа, некои дарежливи жени го користеле она што го имале за да ги поддржуваат Исус и неговите апостоли (Лука 8:1-3).
9. Од кои извори доаѓале прилозите во минатото?
9 Таквите прилози доаѓале од различни извори. Израелците кои приложувале за изградбата на светиот шатор можеби ги давале скапоценостите што ги донеле од Египет (2. Мој. 3:21, 22; 35:22-24). Во првиот век, некои христијани продавале свои работи како, на пример, ниви или куќи, и им ги давале парите на апостолите. А потоа, апостолите ги користеле тие пари за да им помагаат на браќата и сестрите кои имале потреба од помош (Дела 4:34, 35). Други христијани редовно одвојувале пари на страна и ги давале за да го поддржуваат Јеховиното дело (1. Кор. 16:2). Така, сите можеле да дадат нешто — и оние што биле многу богати и оние што биле многу сиромашни (Лука 21:1-4).
КАКО МОЖЕМЕ ДА ДАВАМЕ ДЕНЕС
10, 11. а) Како можеме да го следиме примерот на дарежливите слуги на Јехова од библиски времиња? б) Како гледаш на можноста да го поддржуваш делото за Царството?
10 И денес можеби ќе биде потребно да дадеме прилози за некоја конкретна цел. Можеби твоето собрание планира да ја реновира салата за состаноци или да изгради нова. Можеби се потребни финансиски средства за да се реновира подружницата во твојата земја, за да се покријат трошоците на конгресот на кој присуствуваш или за да им се помогне на браќата кои се погодени од природна катастрофа. Исто така, со доброволните прилози се поддржуваат мисионерите, специјалните пионери, покраинските надгледници, како и оние што работат во главното седиште и во подружниците низ целиот свет. Твоето собрание можеби редовно испраќа и прилози за да се помогне изградбата на конгресни сали и сали за состаноци во други делови на светот.
11 Секој од нас може да даде нешто за да го поддржува делото што го врши Јеховината организација во овие последни денови. Во повеќето случаи, давањето прилози е анонимно. Кога ставаме пари во кутиите за прилози во салата за состаноци или приложуваме преку интернет-страницата jw.org, не им кажуваме на другите колку сме дале. Што ако сметаш дека твоите прилози се премногу мали и безначајни? Имај на ум дека поголемиот дел од средствата што ги добива организацијата доаѓаат од повеќе помали прилози, а не од неколку големи прилози. Дури и нашите браќа кои имаат многу малку пари го следат примерот на раните христијани од Македонија. Иако биле во „крајно сиромаштво“, тие молеле да им биде дозволено да дадат прилог, и потоа великодушно го сториле тоа (2. Кор. 8:1-4).
12. Што прави нашата организација за да ги користи прилозите на најдобар можен начин?
12 Кога одлучува како да се користат прилозите што ги добива организацијата, Водечкото тело покажува верност и разборитост (Мат. 24:45). Неговите членови се молат да донесат добри одлуки, и потоа внимателно планираат за што да се употребат приложените средства (Лука 14:28). Во библиски времиња, верните мажи кои се грижеле за прилозите внимавале тие да се користат само за да се поддржи обожавањето на вистинскиот Бог. На пример, Езра се вратил во Ерусалим со вредните работи што ги приложил царот на Персија — злато, сребро и други материјали чија денешна противвредност би изнесувала над 80 милиони евра. Езра гледал на овие прилози како на подарок за Јехова. Затоа дал детални упатства за тие да бидат заштитени додека биле пренесувани преку опасни подрачја (Езра 8:24-34). Многу години подоцна, апостол Павле собрал пари како помош за сиромашните браќа во Јудеја. Тој се погрижил оние што ги носеле парите сѐ да направат „чесно, не само пред Јехова туку и пред луѓето“. (Прочитај 2. Коринќаните 8:18-21.) Денес, нашата организација го следи примерот на Езра и на Павле така што се држи за конкретни упатства и процедури при ракувањето со приложените средства.
13. Зошто организацијата неодамна направи одредени промени?
13 Едно семејство може да направи промени во начинот на кој ракува со парите за да не троши повеќе отколку што заработува. Или, може да размислува како да си го поедностави животот и да ги намали трошоците за во поголема мера да му служи на Јехова. Истото важи и за Јеховината организација. Во последните години беа започнати голем број нови проекти, и затоа во некои периоди имаше повеќе трошоци отколку прилози. Од таа причина, организацијата, исто како едно семејство, бара начини да ги намали трошоците и да ја поедностави работата со цел да се постигне што е можно повеќе со великодушните прилози што ги даваме.
ШТО СЕ ПОСТИГНУВА СО ПРИЛОЗИТЕ
14-16. а) Што се постигнува со доброволните прилози? б) Како тебе лично ти користат тие духовни дарови?
14 Многумина кои со години му служат на Јехова велат дека денес од организацијата добиваме повеќе духовни дарови од кога и да било порано. Сега ја имаме интернет-страницата jw.org и онлајн-телевизијата JW Broadcasting. Светото писмо — превод Нов свет е достапно на многу повеќе јазици. Во 2014 и 2015 год., меѓународните конгреси „Барајте го најнапред Божјето Царство!“ се одржаа во некои од најголемите стадиони во 14 градови низ целиот свет. Сите кои присуствуваа беа пресреќни!
15 Голем број браќа и сестри изразија благодарност за овие дарови од Јеховината организација. На пример, еден брачен пар кој служи во Азија напишал: „Ние служиме во мал град. Затоа, понекогаш се чувствуваме изолирано и се случува да заборавиме дека Јеховиното дело се врши низ целиот свет. Но, кога ги гледаме емисиите на JW Broadcasting, се присетуваме дека сме дел од едно меѓународно братство. Браќата и сестрите од нашето место се многу среќни што ја имаме JW Broadcasting. Честопати велат дека, откако ќе ја гледаат месечната емисија, се чувствуваат поблиски со членовите на Водечкото тело. Сега, повеќе од кога и да е порано, тие се горди што се дел од Божјата организација“.
16 Низ целиот свет, во моментот се градат или реновираат речиси 2.500 сали за состаноци. Членовите на едно собрание во Хондурас рекле дека порано можеле само да сонуваат дека ќе имаат своја сала. Но, сега нивниот сон се остварил. Тие напишале: „Пресреќни сме што сме дел од Јеховиното семејство и што имаме едно прекрасно меѓународно братство“. Многумина изразиле слични чувства кога добиле Библија и други публикации на својот јазик, кога браќата и сестрите им помогнале по некоја природна катастрофа или кога виделе добри резултати од сведочењето на јавни места на нивното подрачје.
17. Од каде знаеме дека Јехова ја поддржува својата организација денес?
17 Многу луѓе кои не се Јеховини сведоци не можат да разберат како успеваме да го постигнеме сето тоа само со доброволни прилози. Откако посетил една наша печатница, директорот на една голема фирма бил воодушевен кога видел дека сета работа се извршува од доброволци, со помош на доброволни прилози и без да се организираат настани за собирање пари. Тој рекол дека она што го правиме му изгледа како вистинско чудо. И ние се согласуваме! Знаеме дека сето тоа е можно само затоа што Јехова ни помага (Јов 42:2).
ЈЕХОВА НЀ БЛАГОСЛОВУВА КОГА ДАВАМЕ ЗА НЕГО
18. а) Кои благослови ги добиваме кога со нашите прилози го поддржуваме делото за Царството? б) Како можеме да ги поучиме нашите деца и новите да го прават истото?
18 Јехова ни укажува чест со тоа што ни овозможува да го поддржуваме огромното дело за Царството. Тој ни гарантира дека ќе нѐ благослови ако го правиме тоа (Мал. 3:10). Јехова ветува дека, ако даваме великодушно, секогаш ќе имаме сѐ што ни е потребно. (Прочитај Изреки 11:24, 25.) Исто така, од Божјата Реч дознаваме дека „повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Со нашите зборови и постапки, можеме да им помогнеме на нашите деца и на новите во организацијата да научат како можат да го поддржуваат Јеховиното дело, и така да добијат многу благослови.
19. На што те поттикна оваа статија?
19 Сето она што го имаме ни го дал Јехова. Кога му возвраќаме, покажуваме дека го сакаме и дека го цениме она што тој го прави за нас (1. Лет. 29:17). Кога давале прилог за изградбата на храмот, Израелците се радувале бидејќи му приложувале на Јехова доброволно и со цело срце (1. Лет. 29:9). Да продолжиме и ние со радост да му даваме на Јехова од она што тој веќе ни го дал нам.