Угледајте се на нивната вера
Се зазела за Божјиот народ
ЕСТИРА се обидувала да го смири чукањето на своето срце додека, чекор по чекор, сѐ повеќе се приближувала кон дворот на царската палата во Суза. Воопшто не ѝ било лесно. Раскошната палата била украсена со разнобојни релјефни слики од глазирани цигли на кои биле прикажани бикови со крилја, стрелци и лавови. Палатата била украсена и со камени столбови со вертикални зарези и импресивни статуи. Дворецот се наоѓал во близина на снежниот планински венец Загрос, со прекрасен поглед на бистрите води на реката Чоаспес. Сето ова требало да го направи посетителот свесен за огромната моќ на човекот кому Естира сакала да му се обрати — човекот што себеси се нарекувал „големиот цар“. Тој човек бил и нејзин сопруг.
Сопруг! Колку поинаков бил Ахасвер од сопругот кој можела да си го замисли една верна Еврејка!a Нему воопшто не му значеле примерите што ги оставиле луѓето како Авраам, кој понизно се согласил да ја послуша својата жена, Сара, како што му рекол Бог (1. Мојсеева 21:12). Царот не знаел речиси ништо за Јехова, Богот на Естира, ниту за неговиот Закон. Но, добро го знаел персискиот закон, вклучувајќи го и прописот со кој било забрането она што Естира сакала да го направи. Што било тоа? Па, според законот, секој што ќе излезел пред персискиот цар без да биде повикан, требало да биде убиен. Естира не била повикана, но сепак тргнала кај царот. Додека доаѓала сѐ поблизу до внатрешниот двор, каде што царот можел да ја види од својот престол, можеби се чувствувала како да чекори кон смртта (Естира 4:11; 5:1).
Што ја натерало да се изложи на таков ризик? И што можеме да научиме од верата на оваа извонредна жена? Прво, да видиме како дошло до тоа Естира да стане персиска царица.
Имала „убаво лице“
Естира била сираче. Не знаеме многу за нејзините родители, кои ѝ го дале името Адаса, хебрејски збор за „мирта“ — прекрасна грмушка со бели цветови. Кога умреле татко ѝ и мајка ѝ, еден од нејзините роднини, љубезен човек по име Мардохеј, се сожалил на неа. Иако ѝ бил братучед, Мардохеј бил многу постар од неа. Ја земал Естира кај себе и ја чувал како свое дете (Естира 2:5-7, 15).
Мардохеј и Естира живееле во главниот град на Персија како еврејски бегалци. Веројатно се соочувале со извесен презир кон нивната вера и кон Законот според кој живееле. Но, на Естира сигурно ѝ станувал сѐ поблизок нејзиниот братучед додека ја поучувал за Јехова, милостивиот Бог кој во минатото многупати го избавил својот народ од неволја, а тоа ќе го стори и овојпат (3. Мојсеева 26:44, 45). Очигледно, Естира и Мардохеј многу се сакале и се почитувале.
Изгледа дека Мардохеј служел како дворјанин во дворецот во Суза, и редовно седел при царската порта заедно со другите дворјани на царот (Естира 2:19, 21; 3:3). Не знаеме точно како Естира го поминувала своето време додека растела, но сигурно може да кажеме дека добро се грижела за својот постар братучед и неговиот дом, кој веројатно се наоѓал во сиромашниот дел на градот, преку реката што излегувала од дворецот. Можеби уживала да пазарува во Суза, каде што своите производи ги нуделе златари, сребрари и други трговци. Сигурно не ни помислувала дека ќе дојде ден кога таквите скапоцености ќе ѝ бидат нешто највообичаено. Не можела ни да замисли колку ќе се смени нејзиниот живот.
Царицата симната од престолот
Еден ден, градот Суза вриел од озборувања за случката во палатата на царот. На една голема гозба со изобилство на храна и вино што Ахасвер ја приредил за своите достоинственици, царот решил да ја повика својата убава царица Астина, која прославувала одвоено со жените. Но, Астина не сакала да дојде. Понижен и разгневен, царот ги прашал своите советници како да ја казни. Што се случило? Астина била симната од положбата на царица. Слугите на царот почнале да ја пребаруваат земјата за да најдат млади девици од кои царот ќе можел да си избере нова царица (Естира 1:1—2:4).
Можеме да си замислиме како Мардохеј одвреме-навреме нежно ја погледнувал Естира со измешани чувства на гордост и загриженост — неговата малечка братучетка пораснала и станала вистинска убавица. Во Библијата пишува: „Девојката имаше убава става и убаво лице“ (Естира 2:7). Физичката убавина е привлечна, но треба да биде надополнета со мудрост и понизност. Во спротивно, може да роди кај некого суета, гордост и други лоши особини (Изреки 11:22). Си имал ли прилика да се увериш со свои очи дека тоа е вистина? Но, како ќе било со Естира? Дали убавината ќе ја збогатела или ќе ја осиромашела како личност? Само времето ќе го дало одговорот.
Слугите на царот ја забележале Естира. Тие ја земале од Мардохеј и ја однеле во величествената палата преку реката (Естира 2:8). Разделбата мора да била тешка, бидејќи биле како татко и ќерка. Мардохеј сигурно не сакал неговата посвоена ќерка да се омажи за неверник, па дури и да е цар, но не можел ништо да направи. Колку желно Естира мора да ги слушала советите на Мардохеј пред да биде одведена! Кога се нашла во тврдината во Суза, главата ѝ била полна со прашања. Каков ли ќе ѝ биде животот понатаму?
Таа стекнуваше „сѐ поголема наклоност кај сите што ја гледаа“
Естира одеднаш се нашла во еден свет кој бил сосема нов и непознат за неа. Била една од ‚многуте девојки‘ собрани од цела Персија. Нивните обичаи, јазик и навики сигурно многу се разликувале. Под надзор на чуварот Хигеј, девојките требало да добијат едногодишен третман за разубавување, кој вклучувал масажи со мирисливи масла (Естира 2:8, 12). Во таква средина и со таков живот, Естира лесно можела да се преокупира со личниот изглед, да стане суетна и да почне да се натпреварува со другите девојки. Дали било така?
Можеме да замислиме колку Мардохеј бил загрижен за Естира, бидејќи многу му значела. Извештајот вели дека од ден на ден, доаѓал колку што можел поблизу до дворот на женската куќа сакајќи да дознае како ѝ е (Естира 2:11). А она што малку по малку успевал да го дознае, најверојатно од некои од слугите во дворецот, сигурно го исполнило со татковска гордост. Зошто?
Естира оставила толку убав впечаток кај Хигеј што тој постапувал со неа милостиво, давајќи ѝ седум слугинки и најдобро место во женската куќа. Освен тоа, во Библијата пишува: „Сето тоа време Естира стекнуваше сѐ поголема наклоност кај сите што ја гледаа“ (Естира 2:9, 15). Дали тоа го постигнала само со убавината? Не, Естира поседувала многу повеќе.
На пример, понатаму во Библискиот извештај читаме: „Естира не кажуваше ниту за својот народ ниту за своите роднини, зашто Мардохеј ѝ заповеда да не зборува за тоа“ (Естира 2:10). Мардохеј ја советувал Естира да не кажува дека е Еврејка зашто несомнено знаел дека кај персиското кралско семејство има многу предрасуди кон неговиот народ. Колку убаво се чувствувал кога дознал дека, иако Естира не била со него, продолжила да биде мудра и послушна!
На сличен начин и младите денес можат да ги израдуваат своите родители. Кога не се со родителите — дури и во присуство на луѓе кои се површни, неморални или злобни — тие можат да се спротивстават на лошото влијание и да се држат за начелата кои знаат дека се исправни. Ако постапуваат така, и тие, како Естира, го радуваат срцето на нивниот небесен Татко (Изреки 27:11).
Кога дошло време Естира да се појави пред царот, ѝ било дозволено да земе сѐ што сметала дека ќе ѝ треба, веројатно за уште повеќе да ја истакне својата убавина. Но, како што ја советувал Хигеј, таа останала скромна и не побарала ништо повеќе од она што ѝ го понудиле (Естира 2:15). Веројатно сфатила дека нема да го освои срцето на царот само со убавина. Скромноста и понизноста биле вистинска реткост во дворецот. Дали била во право?
Да. Извештајот вели: „Царот ја засака Естира повеќе отколку сите други жени, и таа ја придоби неговата наклоност и љубов повеќе од сите други девици. Тој ѝ го стави царскиот турбан на главата и ја направи царица наместо Астина“ (Естира 2:17). Како скромна Еврејка, на Естира сигурно не ѝ било лесно да се навикне на толку голема промена во животот — станала новата царица, жената на најмоќниот владетел во тоа време во светот! Дали славата ѝ удрила во глава и ја направила горда?
Ни најмалку! Естира и понатаму му била послушна на Мардохеј. Ја држела во тајност својата врска со еврејскиот народ. Освен тоа, кога Мардохеј дознал дека се кова завера против Ахасвер, Естира послушно го предупредила царот и планот за негово убиство пропаднал (Естира 2:20-23). Таа сѐ уште имала вера во својот Бог и постапувала понизно и послушно. Понизноста не е многу ценета особина денес. Наместо тоа, непослушноста и бунтовноста се секојдневие. Но, луѓето што имаат вера ја ценат послушноста, исто како Естира.
Верата на Естира на испит
Еден човек што се викал Аман се издигнал на висока положба во дворецот на Ахасвер. Царот го поставил за управител на целата земја, главен советник и втор човек во царството. Ахасвер дури заповедал сите слуги на царот да му се поклонуваат на Аман (Естира 3:1-4). За Мардохеј, оваа заповед претставувала проблем. Немал ништо против тоа да му биде послушен на царот, но не по цена да покаже непочитување кон Бог. А Аман бил Агагеец. Тоа значи дека бил потомок на Агаг, цар на Амалик кој го убил Божјиот пророк Самоил (1. Самоилова 15:33). Амаличаните биле толку злобни што им станале непријатели на Јехова и на Израелците. Како народ, тие биле осудени од Богb (5. Мојсеева 25:19). Со оглед на тоа, зар би можел еден верен Евреин да се поклони пред Амаликиец, па дури и да е дворјанин? Мардохеј не можел да го стори тоа. И цврсто останал на својот став. До денешен ден, има мажи и жени кои се спремни и по цена на својот живот да останат послушни на следнава заповед: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29).
Аман бил бесен. И не му било доволно само да најде начин да го убие Мардохеј. Сакал да го истреби целиот народ на кој му припаѓал Мардохеј! Затоа, зборувал со царот со цел да ги оцрни Евреите во негови очи. Без директно да ги спомне, тој кажал дека тоа се безвредни луѓе, народ „распрснат меѓу народите и одвоен од нив“. Што е уште полошо, рекол дека не ги слушале законите на царот, што значело дека се опасни бунтовници. Аман понудил голема сума пари за да се покријат трошоците што се потребни за погубување на сите Евреи во земјата.c Ахасвер му го дал на Аман печатниот прстен за да го исполни она што го наумил (Естира 3:5-10).
Набрзо, до секое делче од земјата биле испратени гласници на коњи за да ја пренесат смртната пресуда за Еврејскиот народ. Замисли си какво влијание имала оваа одредба кога стигнала до ушите на остатокот од Евреите кои се вратиле од Вавилон и со тешка мака повторно го граделе Ерусалим — град кој немал ѕидови за да се одбрани од непријателите. Можеби кога Мардохеј ги слушнал овие ужасни вести веднаш помислил на нив, како и на своите пријатели и роднини во Суза. Очаен, си ја раскинал облеката, се облекол во козина, си ја посипал главата со пепел и сред градот почнал гласно да лелека. За тоа време, Аман седел заедно со царот пиејќи, без око да му трепне за тагата што ја предизвикал кај Евреите и нивните пријатели во Суза (Естира 3:12—4:1).
Мардохеј бил свесен дека мора да стори нешто. Но, што? Естира слушнала за неговата тага и му испратила облека, која Мардохеј ја одбил. Можеби долго време се прашувал зошто неговиот Бог, Јехова, дозволил Естира да биде земена од него и да стане жена на пагански владетел. Одговорот полека излегувал на виделина. Мардохеј ѝ испратил порака на царицата да отиде кај царот и да го моли за милост, заземајќи се за „својот народ“ (Естира 4:4-8).
На Естира мора да ѝ се пресекле нозете кога ја добила пораката. Ова бил најголемиот испит на нејзината вера. Во одговорот што му го дала на Мардохеј јасно покажала дека се плаши. Го потсетила на царскиот закон. Да се излезе пред царот неповикан значело смрт. Казната можела да се избегне само ако царот го испружел својот златен жезол. Но, дали Естира имала причина да очекува нејзиниот живот да биде поштеден, особено со оглед на она што и се случило на Астина кога одбила да го направи она што било побарано од неа? Естира му рекла на Мардохеј дека не била кај царот веќе триесет дена! Имала добра причина да поверува дека веќе не во мислоста на царот, кој лесно можел да си го смени вкусот и мислењетоd (Естира 4:9-11).
Мардохеј одговорил решително за да ја зајакне верата на Естира. Ја уверил дека ако не преземе нешто, спасението на Евреите ќе дошло од друга страна. Но, како можела да очекува нејзиниот живот да биде поштеден кога прогонството сѐ повеќе се засилувало? Во овие моменти Мардохеј покажал колку голема вера има во Јехова, кој никогаш не остава неговиот народ да биде уништен и никогаш не ги остава ветувањата неисполнети (Исус Навин 23:14). Потоа Мардохеј ја прашал Естира: „Кој знае дали не си дошла до царското достоинство токму заради часот каков што е овој?“ (Естира 4:12-14). Мардохеј имал потполна доверба во својот Бог, Јехова. Дали и ние имаме таква доверба? (Изреки 3:5, 6).
Вера појака и од стравот од смрт
Дошол решавачкиот миг за Естира. Таа му рекла на Мардохеј да ги собере сите сонародници за да постат со неа три дена. Својата порака ја завршила со зборовите кои одекнуваат низ вековите и ја покажуваат нејзината вера и храброст: „Ако треба да загинам, ќе загинам“ (Естира 4:15-17). Тие три дена мора да се молела повеќе отколку целиот свој живот. На крајот, дошло времето. Се облекла во најубавата царска облека, правејќи сѐ што може за да му се допадне на царот. Потоа тргнала.
Како што спомнавме на почетокот од оваа статија, Естира почнала да се приближува до царскиот дворец. Можеме да си претпоставиме со колку немирни мисли и горливи молитви ѝ биле исполнети умот и срцето. Влегла во дворот, од каде што веќе можела да го види Ахасвер седнат на престолот. Можеби се обидела да дознае нешто од неговиот израз на лицето — делумно покриено со негуваните, симетрични кадрици од неговата коса и брада со квадратен облик. Ако требало да чека, сигурно ѝ се чинело како цела вечност. Но, клучниот момент дошол — нејзиниот сопруг ја видел. Секако дека бил изненаден, но изразот на неговото лице смекнал. Го испружил својот златен жезол! (Естира 5:1, 2).
Естира можела да го каже тоа што го мислела, царот бил спремен да слуша. Таа се заземала за својот Бог и за својот народ, оставајќи убав пример на вера за сите слуги на Бог од тогаш па сѐ до сега. Но, тоа било само почеток. Како да го увери царот дека неговиот омилен советник, Аман, е злобен сплеткар? Како да го спаси својот народ? Одговорот ќе го добиеме во еден од наредните броеви.
[Фусноти]
a Се смета дека Ахасвер бил Ксеркс I, и владеел со Персиското Царство во почетокот на 5 век пр.н.е.
b Аман можеби бил еден од ретките Амаличани што преживеале, затоа што „остатокот“ од нив биле убиени во деновите на царот Езекија (1. Летописи 4:43).
c Аман понудил 10.000 сребрени таланти, кои денеска вредат милиони долари. Ако Ахасвер бил Ксеркс I, тогаш понудата на Аман била уште попримамлива. Ксеркс изгубил многу пари во катастрофалната војна што ја водел против Грците, најверојатно пред да се ожени со Естира.
d Ксеркс I бил познат по својот променлив насилен темперамент. Грчкиот историчар Херодот направил неколку записи од времето кога Ксеркс водел војна со Грција. Царот наредил да се направи понтонски мост преку Хеленспонт. Кога една бура го урнала мостот, Ксеркс наредил да им се отсечат главите на градителите и да се казни Хеленспонт со камшикување на водата додека бил читан навредлив проглас. Во истата војна, кога еден богат човек молел неговиот син да не ѝ се приклучи на војската, Ксеркс наредил синот да биде пресечен напола и неговото тело да биде изложено на јавно место како предупредување.
[Слика на страница 19]
Мардохеј имал добри причини да биде горд на својата посвоена ќерка
[Слика на страница 20]
Естира знаела дека понизноста и мудроста биле многу поважни од убавината
[Слика на страници 22 и 23]
Естира си го ризикувала животот за да го заштити Божјиот народ