Угледајте се на нивната вера
Постапила мудро, храбро и несебично
ЕСТИРА полека одела кон престолот додека срцето забрзано ѝ чукало. Замисли си колку длабока штама завладеала во големата царска одаја во персиската палата во Суза. Можела да си ги чуе дури и сопствените чекори и шушкањето на својата царска облека. Не смеела да дозволи вниманието да ѝ го одвлече раскошот на царскиот дворец, прекрасните столбови и богато изрезбаниот таван од кедрово дрво увезено од далечниот Ливан. Целото свое внимание го насочила кон човекот што седел на престолот, човекот во чии раце бил нејзиниот живот.
Царот внимателно ја гледал додека му се приближувала и го испружил својот златен жезол кон неа. Тоа бил едноставен гест, но за Естира значел живот бидејќи така царот покажал дека ја поштедува од казната за престапот што го направила — се појавила пред него без да биде повикана. Кога дошла пред престолот, Естира ја испружила раката и со благодарност го допрела врвот на жезолот (Естира 5:1, 2).a
Сѐ во врска со цар Ахасвер го истакнувало неговото неизмерно богатство и голема моќ. Царската облека на персиските владетели од тоа време чинела стотици милиони долари според денешна вредност. Сепак, Естира можела да види малку топлина во очите на својот сопруг — на свој начин, тој ја сакал. Царот рекол: „Каква желба имаш, царице Естира, и што бараш? Ако е тоа и половина од царството, ќе ти биде дадено!“ (Естира 5:3).
Естира веќе покажала исклучителна вера и храброст — дошла пред царот за да го заштити својот народ од една завера да биде истребен. До тој момент сѐ течело добро, но ја чекало нешто уште потешко. Требало да го убеди овој горделив владетел дека неговиот најдоверлив советник бил злобен човек кој со измама го навел да го осуди на смрт народот на кој му припаѓала Естира. Како да го увери во тоа и што можеме да научиме од нејзината вера?
Мудро избрала „време за зборување“
Дали Естира требало да му го открие на царот проблемот во присуство на сите дворјани? Ако постапела така, ќе го понижела и ќе му дала време на неговиот советник Аман да ги оспори нејзините обвиненија. Што направила? Неколку века претходно, мудриот цар Соломон напишал: „Сѐ си има свое време... време за молчење и време за зборување“ (Проповедник 3:1, 7). Можеме да си го замислиме старателот на Естира, верниот Мардохеј, како ја поучува оваа млада жена на тие начела додека растела крај него. Сигурно ѝ било јасно колку е важно внимателно да избере кога е „време за зборување“.
Естира рекла: „Ако му е по волја на царот, тој нека дојде денес заедно со Аман на гозбата што му ја приредив“ (Естира 5:4). Царот се согласил и испратил да го доведат Аман. Можеш ли да видиш колку мудро зборувала Естира? Таа му го зачувала достоинството на својот сопруг и се потрудила да создаде соодветна атмосфера за да му ги открие своите грижи.
Без сомнение, Естира внимателно ја подготвила таа гозба, водејќи сметка да му угоди на својот сопруг во сѐ. На гозбата имало добро вино за добро расположение (Псалм 104:15). Ахасвер уживал, и во еден момент повторно ја прашал Естира која е нејзината молба. Дали тоа бил вистинскиот момент да зборува?
Естира не мислела така. Наместо тоа, ги поканила царот и Аман да дојдат на уште една гозба следниот ден (Естира 5:7, 8). Зошто одложила за следниот ден? Сети се, сиот народ на кој му припаѓала Естира го чекала смрт според царската заповед. Бидејќи во прашање биле толку многу животи, Естира морала да биде сигурна дека дошол вистинскиот момент да зборува. Затоа не избрзала, туку создала уште една прилика да му покаже на својот сопруг колку го цени.
Стрпливоста е ретка и многу ценета особина. Иако била вознемирена и едвај чекала да каже што ја мачи, Естира стрпливо го чекала вистинскиот момент. Можеме да научиме многу од нејзиниот пример бидејќи секој од нас веројатно доживеал неправди што треба да се исправат. Ако сакаме да убедиме некој што е на власт да се зафати со одреден проблем, можеби ќе треба да се угледаме на Естира и да бидеме стрпливи. Во Изреки 25:15 пишува: „Со стрпливост можеш да наговориш и заповедник, и благиот јазик коски крши“. Ако го чекаме стрпливо вистинскиот момент и зборуваме благо, како што направила Естира, може да се ублажи дури и најсилното противење. Дали Јехова, Богот на Естира, ја благословил нејзината стрпливост и мудрост?
Стрпливоста овозможува да се изврши правдата
Стрпливоста на Естира овозможила да дојде до еден интересен развој на настаните. Аман заминал од првата гозба многу расположен, „радосен и со весело срце“ затоа што царот и царицата му укажале толкава чест. Кога поминал низ портата на дворецот, го здогледал Мардохеј, Евреинот кој сѐ уште одбивал да му се поклони. Мардохеј не го правел тоа од непочитување, туку затоа што така му налагала совеста и неговиот однос со Јехова Бог. Сепак, Аман ‚веднаш се исполнил со гнев‘ (Естира 5:9).
Кога Аман им кажал на својата жена и на пријателите за ваквото понижување, тие му рекле да подготви огромен столб, висок преку 22 метри, и да побара дозвола од царот да го обеси Мардохеј на него. На Аман му се допаднала таа идеја и веднаш почнал да ја остварува (Естира 5:12-14).
Во меѓувреме, Ахасвер поминал една необична ноќ. „Царот никако не можеше да заспие“, ни кажува Библијата, па затоа побарал да му ги читаат наглас службените државни записи. Меѓу другото, му го прочитале и извештајот за заговорот за негово убиство. Царот се сетил на тој настан, кога оние што сакале да го убијат биле фатени и погубени. Но, што добил човекот кој го осуетил заговорот — Мардохеј? Кога помислил на тоа, царот прашал како бил награден тој човек. Што му одговориле? Дека ништо не било направено за него (Естира 6:1-3).
Разлутен, царот прашал кои дворски службеници биле таму за да му помогнат да го исправи тој пропуст. Од сите нив на дворот бил само Аман — кој дошол рано веројатно затоа што едвај чекал да побара дозвола да го погуби Мардохеј. Но, пред да стигне да го изнесе своето барање, царот го прашал Аман како најдобро да му укаже чест на човек што бил во милоста на царот. Аман си помислил дека се работи за него. Затоа предложил на таквиот човек да му се укаже огромна чест: Да биде облечен во царска облека и да јава околу Суза на царскиот коњ додека гласно се извикуваат фалби за тој човек. Замисли си го изразот на лицето на Аман кога дознал дека човекот на кого требало да му се укаже чест бил Мардохеј! А кој требало да извикува фалби за Мардохеј? Аман! (Естира 6:4-10).
Аман со тешко срце ја извршил таа за него одвратна должност, а потоа растревожен веднаш отишол дома. Жена му и пријателите рекле дека таквиот тек на настаните сигурно ќе заврши лошо и дека Аман нема да успее во борбата против Евреинот Мардохеј (Естира 6:12, 13).
Бидејќи Естира била стрплива и чекала еден ден подолго за да го изнесе своето барање пред царот, се добило време Аман да го положи темелот за сопствената пропаст. А можно е Јехова Бог да стоел зад несоницата на царот (Изреки 21:1). Не е ништо чудно што Божјата Реч нѐ охрабрува да ‚чекаме‘ (Михеј 7:7). Кога чекаме на Бог, ќе увидиме дека неговото решение за нашите проблеми е далеку подобро од она што ќе го смислиме самите.
Зборувала храбро
Естира не се осмелила и понатаму да ја става на испит стрпливоста на царот, и затоа на втората гозба морала да каже сѐ. Но, како? Самиот цар го почнал разговорот повторно прашувајќи ја што бара (Естира 7:2). Дошло време Естира да зборува.
Можеме да си замислиме како Естира тивко му се моли на својот Бог пред да ги каже овие зборови: „Ако сум нашла милост во твои очи, царе, и ако му е по волја на царот, нека ми бидат подарени мојот живот по моја желба и мојот народ на моја молба“ (Естира 7:3). Забележи дека таа го уверила царот дека го почитува неговиот суд во врска со она што е добро. Колку се разликувала Естира од Астина, претходната жена на царот, која намерно го понижила својот сопруг! (Естира 1:10-12). Освен тоа, Естира не го критикувала царот што лекоумно покажал доверба во Аман. Наместо тоа, го молела да ја заштити бидејќи животот ѝ бил во опасност.
Тоа барање сигурно го изненадило и го зачудило царот. Кој би се осмелил да го доведе во опасност животот на неговата царица? Естира продолжила: „Јас и мојот народ сме продадени за да бидеме истребени, убиени и сотрени. Да бевме продадени како обични робови и робинки, ќе молчев. Но, не е прифатливо неволјата да биде на штета на царот“ (Естира 7:4). Забележи дека Естира отворено го изложила проблемот, но сепак, додала дека ќе молчела ако ѝ се заканувало само ропство. Меѓутоа, ваквиот геноцид ќе бил на голема штета на царот, и затоа не можела да молчи.
Од примерот на Естира учиме многу за вештината на убедување. Ако некогаш треба да изнесеш сериозен проблем пред некој што ти е близок, па дури и пред некој што е на висока положба, многу ќе ти помогнат стрпливоста, почитта и искреноста (Изреки 16:21, 23).
Ахасвер сакал да знае: „Кој е тој, и каде е тој што се осмелил да направи такво нешто?“ Замисли си ја Естира како покажува со прстот додека вели: „Тој противник и непријател е овој злобен Аман!“ Одеднаш завладеал молк. Аман го обзел ужас. Претстави си како превртливиот владетел почнува да врие од гнев кога сфаќа дека неговиот доверлив советник го навел да потпише наредба со која би ја уништил својата сакана жена! Царот брзо излегол во градината за да се соземе (Естира 7:5-7).
Аман, разоткриен како сплеткар и кукавица, паднал пред нозете на царицата. Кога царот се вратил во одајата и видел како Аман ја моли Естира на креветот, луто го обвинил за обид да ја силува царицата во палатата на самиот цар. Тоа било крај за Аман. Го одвеле со покриено лице. Тогаш еден од дворјаните што му служеле на царот му кажал за големиот столб што Аман го направил за да го обеси Мардохеј. Ахасвер веднаш наредил на него да биде обесен Аман (Естира 7:8-10).
Во денешниов неправеден свет, лесно е да си помислиме дека никогаш нема да дочекаме правда. Дали и ти некогаш си го помислил тоа? Естира никогаш не паднала во очај, никогаш не критикувала, никогаш не изгубила вера. Кога дошло време, храбро ја застапувала правдата и имала доверба дека Јехова ќе го стори останатото. Да го правиме и ние истото! Јехова не се променил од времето на Естира. И денес може да ги фати злобните и лукави луѓе во нивните сопствени стапици, како што направил со Аман (Псалм 7:11-16).
Несебично дејствувала за Јехова и за својот народ
Конечно, царот дознал кој бил Мардохеј — човекот кој не само што го заштитил од убиство туку бил и старател на Естира. Ахасвер го поставил Мардохеј на положбата прв министер, која претходно ја имал Аман. Куќата на Аман — вклучувајќи го и неговото огромно богатство — царот ѝ ја дал на Естира, а таа го поставила за надзорник Мардохеј (Естира 8:1, 2).
Дали Естира можела да здивне кога таа и Мардохеј повеќе не биле во опасност? Тоа ќе го направела само ако била себична. Во тој момент, наредбата на Аман да се убијат сите Евреи стигнувала до секој крај на царството. Аман фрлил ждрепка, односно Пур — очигледно некој облик на спиритизам — за да го одреди поволниот момент за својот злобен напад (Естира 9:24-26). Во прашање биле месеци, а времето брзо течело. Можело ли сѐ уште да се направи нешто за да се спречи катастрофата?
Естира повторно несебично си го ризикувала животот и излегла пред царот без да биде повикана. Овојпат плачела за својот народ, молејќи го својот сопруг да ја повлече ужасната наредба. Но, законите што биле издадени во име на персискиот владетел не можеле да се поништат (Даниел 6:12, 15). Затоа, царот ги овластил Естира и Мардохеј да донесат нови закони. Бил испратен нов проглас со кој на Евреите им било дадено право да се бранат. Коњаниците побрзале до секој крај на царството, носејќи им ја на Евреите добрата вест. Во многу срца повторно блеснал зрак на надеж (Естира 8:3-16). Можеме да си ги замислиме Евреите низ тоа огромно царство како се вооружуваат и се подготвуваат за војна, а тоа не би можеле да го направат без новата наредба. Но, што е уште поважно, дали „Јехова над војските“ ќе биде со својот народ? (1. Самоилова 17:45).
Кога дошол денот, Божјиот народ бил спремен. Сега на нивна страна биле и многу персиски службеници, бидејќи насекаде се проширила веста дека нов министер е Евреинот Мардохеј. Јехова му дал на својот народ голема победа. Без сомнение се погрижил врз неговиот народ да не биде извршена страшна одмазда, а непријателите да претрпат целосен поразb (Естира 9:1-6).
Освен тоа, Мардохеј никогаш немало да биде безбеден во куќата на злобниот Аман додека биле живи неговите десет синови. Затоа, и тие биле убиени (Естира 9:7-10). Со тоа се исполнило едно библиско пророштво, бидејќи Бог претходно прорекол целосно уништување на Амаличаните, кои му биле злобни непријатели на неговиот народ (5. Мојсеева 25:17-19). Веројатно синовите на Аман биле меѓу последните луѓе од тој народ осуден на пропаст.
Естира требало да понесе огромен товар — вклучувајќи го извршувањето на царските уредби за војната и погубувањето. Сигурно не ѝ било лесно. Но, Јехова не сакал неговиот народ да биде уништен, бидејќи од Израел требало да дојде ветениот Месија, единствениот извор на надеж за целото човештво! (1. Мојсеева 22:18). Божјите слуги денес се радосни што знаат дека, кога Месијата, Исус, дошол на Земјата, им забранил на своите следбеници да учествуваат во војните (Матеј 26:52).
Сепак, христијаните водат една духовна војна, бидејќи Сатана е сѐ повеќе решен да ја уништи нашата вера во Јехова Бог (2. Коринќаните 10:3, 4). Колкав благослов е што можеме да се угледаме на Естира! Исто како неа, да покажуваме вера со тоа што ќе бидеме мудри и стрпливи кога ќе треба да увериме некого во нешто, ќе бидеме храбри и несебично ќе се заземаме за Божјиот народ.
[Фусноти]
a Во претходната од оваа серија статии видовме дека Естира, откако останала сираче, била посвоена од својот многу постар братучед, Мардохеј, и подоцна му станала жена на персискиот цар Ахасвер. Царскиот советник, Аман, сковал злобна завера да ги истреби Евреите, народот на кој му припаѓал Мардохеј. Мардохеј ја убедил Естира да појде кај царот за да го моли за нејзиниот народ. (Види ја статијата „Угледајте се на нивната вера — се зазела за Божјиот народ“, во Стражарска кула од 1 октомври 2011.)
b Царот им дал на Евреите уште еден ден за да ги поразат до крај своите непријатели (Естира 9:12-14). До ден-денес, Евреите ја одбележуваат таа победа секоја пролет на еден празник наречен Пурим, според ждрепката што ја фрлил Аман кога сакал да го уништи Израел.
[Рамка на страница 28]
Прашања во врска со Естира
Зошто Мардохеј ѝ дозволил на Естира да се омажи за паганин?
Нема никаква основа за тврдењата на некои изучувачи дека Мардохеј бил човек кој би ја искористил секоја прилика за да ги постигне своите интереси, па сакал и Естира да се омажи за царот бидејќи така ќе се искачел на повисока положба. Како верен Евреин, тој не би одобрил еден таков брак (5. Мојсеева 7:3). Според древната еврејска традиција, Мардохеј се обидел да го спречи тој брак. Но, најверојатно ниту тој ниту Естира, кои биле туѓинци во земја со која владеел автократ што се сметал за бог, немале голем избор во таа работа. Со текот на времето станало јасно дека Јехова го употребил бракот на Естира за да го заштити својот народ (Естира 4:14).
Зошто во библиската книга Естира не се спомнува Божјето лично име, Јехова?
Очигледно Мардохеј бил вдахновениот писател на оваа книга. Можеби во почетокот книгата стоела меѓу службените персиски записи, а дури потоа била однесена во Ерусалим. Ако во неа се користело името Јехова, обожавателите на персиските богови можеби ќе ја уништеле. Како и да е, јасно е дека во настаните што се опишани во неа е вклучен и Јехова. Интересно е што во изворниот хебрејски текст, Божјето лично име е содржано во акростиховите, каде што намерно се употребени зборови од кои со читање на секоја прва или последна буква се добива Божјето име.
Дали во книгата Естира има неточни историски податоци?
Критичарите го изнесуваат ова обвинение против книгата за Естира. Меѓутоа, некои изучувачи забележале дека писателот на оваа книга покажал многу детално познавање на царските титули, архитектурата и обичаите во Персија. Вистина, во денешните световни документи не е спомната царицата Естира, но таа сигурно не е единствената од царскиот двор чие име е избришано од јавните записи. Освен тоа, световните записи покажуваат дека некој човек по име Мардука, како што гласи името Мардохеј на персиски јазик, служел на царскиот двор во Суза во времето што го опфаќа оваа книга.
[Рамка на страница 29]
Исполнето пророштво
Со тоа што се бореле за Божјиот народ, Естира и Мардохеј исполниле уште едно библиско пророштво. Десетина века претходно, Јехова го водел верниот Јаков да го прорече следново за еден од своите синови: „Венијамин ќе раскинува плен како волк. Наутро ќе го јаде уловот, а навечер ќе го дели пленот“ (1. Мојсеева 49:27). Во ‚утрото‘ од историјата на израелските цареви, меѓу потомците на Венијамин биле цар Саул и други храбри јунаци што се бореле за Јеховиниот народ. ‚Вечерта‘ од таа историја на цареви, откако зашло сонцето на царската лоза на Израел, Естира и Мардохеј, кои биле од племето на Венијамин, успешно војувале против Јеховините непријатели. Во извесна смисла и тие го делеле пленот, бидејќи големиот имот на Аман им припаднал ним.
[Слика на страница 25]
Естира понизно ја прифатила царевата милост
[Слика на страници 26 и 27]
Естира храбро ја разоткрила злобата на Аман
[Слика на страници 28 и 29]
Естира и Мардохеј испраќаат прогласи до Евреите во Персиското Царство