Спротивстави се на Сатановата пропаганда
,НЕ ЛАЖЕТЕ СЕ! Вашиот Бог нема да ви помогне. Предајте се или тешко вам!‘ Ова е суштината на една порака што рапшакот, пратеник на асирскиот цар Сенахирим, им ја пренел на жителите на Ерусалим. Војската на царот навлегла во Јуда. А целта на она што го кажал овој пратеник била да го поткопа моралот на луѓето во Ерусалим и да ги исплаши за да ги натера да се предадат (2. Цар. 18:28-35).
Асирците биле познати по своите ѕверства и свирепост. Тие им влевале страв на своите непријатели така што во детали прераскажувале за ужасниот начин на кој постапувале со своите заробеници. Според историчарот Филип Тејлор, Асирците имале обичај „да ги плашат луѓето така што ширеле пропаганда со цел да ги држат под контрола освоените народи. Истото го правеле и за да им влеат страв на можните непријатели — раскажувале колку свирепи биле кон другите и на тој начин злобно манипулирале со нивните умови“. Пропагандата е моќно оружје. Таа „го напаѓа умот“, вели Тејлор.
Вистинските христијани ‚не се борат против крв и месо, туку против злите духовни сили‘, односно против духовни суштества кои се побуниле против Бог (Еф. 6:12). Главен меѓу нив е Сатана Ѓаволот. И тој користи заплашување и пропаганда.
Сатана тврди дека може да ја скрши верноста на секој од нас. Во времето на семејниот поглавар Јов, тој му рекол на Јехова Бог: „Човекот ќе даде сѐ што има за својата душа“. Со други зборови, ако се најде под доволно силен притисок, порано или подоцна, секој човек ќе му стане неверен на Бог (Јов 2:4). Дали Сатана е во право? Дали секој од нас има граница до која може да издржи, а кога ќе се помине таа граница ќе се откаже од своите начела за да си го зачува животот? Сатана би сакал да мислиме така. Затоа користи лукава пропаганда да ни ја вреже таа мисла во умот. Да разгледаме некои од методите што ги користи за да го постигне тоа, и да видиме како можеме да му се спротивставиме.
Нивниот „темел е во правта“
Преку Елифаз, еден од пријателите што го посетиле Јов, Сатана се обидел да докаже дека човекот е премногу слаб за да му остане верен на Бог. Зборувајќи за луѓето како за „оние што живеат во глинени куќи“, тој му рекол на Јов: „[Нивниот] темел е во правта! Можат да бидат здробени побрзо и од молец. Од утро до вечер се претвораат во прав, и никој не го става на срце тоа што тие исчезнуваат засекогаш“ (Јов 4:19, 20).
На едно друго место во Библијата, ние сме споредени со „земјени садови“ — кршливи посатки направени од глина (2. Кор. 4:7). Слаби сме затоа што сме наследиле грев и несовршенство (Рим. 5:12). Препуштени на себеси, лесно можеме да потклекнеме на Сатановите напади. Но, како христијани, не сме беспомошни. И покрај нашите слабости, ние сме драгоцени во Божји очи (Иса. 43:4). Освен тоа, Јехова им дава свет дух на оние што го молат (Лука 11:13). Неговиот дух може да ни даде „сила, која ја надминува нормалната“ и да ни помогне да се справиме со која и да било неволја што Сатана може да ни ја нанесе (2. Кор. 4:7; Фил. 4:13). Ако му се спротивставиме на Ѓаволот, „цврсти во верата“, Бог ќе нѐ зајакне и ќе ни ја даде потребната сила (1. Пет. 5:8-10). Затоа, не треба да се плашиме од Сатана Ѓаволот.
Човекот „пие неправедност“
„Што е смртниот човек за да биде чист, и може ли некој, кого го родила жена, да биде праведен?“, прашал Елифаз. А потоа самиот одговорил: „Гледај, [Бог] не им верува на своите свети слуги, дури ни небесата не ги смета за чисти, а тогаш, како ли гледа на оној што е одвратен и расипан, на човекот што пие неправедност како вода!“ (Јов 15:14-16). Елифаз, всушност, сакал да му каже на Јов дека за Јехова ниту еден човек не е праведен. И Ѓаволот го искористува негативното размислување. Тој сака да се измачуваме поради некои грешки што сме ги направиле во минатото, да бидеме претерано самокритични и да мислиме дека сме непоправливи. Освен тоа, сака да мислиме дека Јехова бара премногу од нас и дека сме премногу грешни за Тој да ни покаже сочувство, да ни прости и да ни помага.
Се разбира, сите ‚грешиме и не ја одразуваме Божјата слава‘. Ниту еден несовршен човек не може да се држи во потполност за Јеховините совршени мерила (Рим. 3:23; 7:21-23). Сепак, тоа не значи дека сме безвредни за него. Јехова знае дека „празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана“, е тој што ја искористува нашата грешна природа (Отк. 12:9, 10). Бог не заборава „дека сме прав“ и „нема да [ни] наоѓа грешки“ засекогаш (Пс. 103:8, 9, 14).
Ако престанеме да правиме некој грев и ако му пристапиме на Јехова со скршено срце и со покајнички дух, „тој ќе... прости великодушно“ (Иса. 55:7; Пс. 51:17). Дури и нашите гревови да се „како црвено платно, ќе станат бели како снег“, вели Библијата (Иса. 1:18). Затоа, да бидеме цврсто решени никогаш да не се откажеме од вршењето на Божјата волја.
Бидејќи сме грешни, не можеме по сопствена заслуга да бидеме праведни во Божји очи. Адам и Ева го изгубиле совршенството и вечниот живот и за себеси, но и за сите нас (Рим. 6:23). Но, затоа што многу ги сакал луѓето, Јехова направил сѐ што било потребно за да ни ги прости гревовите доколку покажуваме вера во откупната жртва на неговиот Син, Исус Христос (Мат. 20:28; Јован 3:16). Колку прекрасен израз на Божјата „незаслужена доброта“! (Тит 2:11). Нашите гревови можат да бидат простени! Тогаш, зошто да му дозволиме на Сатана да нѐ убеди дека не е така?
„Допри ги неговите коски и неговото месо“
Сатана тврдел дека Јов ќе се откаже од својата вера ако падне болен. Упатувајќи му предизвик на Јехова, Ѓаволот рекол: „Допри ги неговите коски и неговото месо, па види дали нема да те проколне в лице!“ (Јов 2:5). Божјиот Непријател сигурно ќе биде среќен ако нѐ наведе да се чувствуваме бескорисни затоа што сме болни или силата веќе не нѐ служи како порано.
Меѓутоа, Јехова не нѐ отфрла кога повеќе не можеме да го правиме сето она што претходно сме го правеле во службата за него. Како би постапиле ние ако некој наш пријател бил нападнат и повреден? Дали ќе го сметаме за помалку вреден затоа што повеќе не може да го прави за нас она што го правел порано? Во никој случај! Сѐ уште ќе го сакаме и ќе се грижиме за него — особено ако бил повреден додека се трудел да прави нешто за нас. Зарем би требало да очекуваме нешто помалку од Јехова? Библијата вели: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евр. 6:10).
Во Библијата е спомната една „сиромашна вдовица“ која можеби со години правела жртви за Бог. Кога видел како пушта „две парички“ со многу мала вредност во едно храмско ковчеже за прилози, дали Исус сметал дека и таа и нејзиниот прилог се безвредни? Напротив, ја пофалил затоа што направила сѐ што можела во својата сиромаштија за да го поддржи обожавањето на вистинскиот Бог (Лука 21:1-4).
Ако останеме беспрекорни, можеме да бидеме сигурни дека ништо нема да ни го наруши односот со Јехова, сеедно колкава штета ќе ни нанесе несовршенството преку старост или болести. Бог никогаш нема да ги остави оние што му се верни само затоа што тешкотиите не им дозволуваат да му служат колку што би сакале (Пс. 71:9, 17, 18).
Стави го „шлемот на спасението“
Како можеме да се заштитиме од пропагандата на Сатана? Апостол Павле напишал: „Јакнејте во Господарот и во неговата голема сила. Облечете ја сета Божја воена опрема за да можете да им се спротивставите на Ѓаволовите сплетки“. Еден дел од таа духовна воена опрема е „шлемот на спасението“ (Еф. 6:10, 11, 17). Бидејќи сме изложени на сатанска пропаганда, треба да го ставиме тој шлем и никогаш да не го вадиме. Шлемот ја штити главата на еден војник. Нашата ‚надеж во спасението‘ — односно, нашата увереност дека Бог ќе ги исполни ветувањата за својот величествен нов свет — ќе го штити нашиот ум од Сатановите лаги (1. Сол. 5:8). Таа надеж треба да ја одржуваме жива и силна со тоа што трудољубиво ќе ја проучуваме Библијата.
Јов претрпел злобни и безмилосни напади од Сатана. Но, тој имал толку цврста вера во воскресението што дури и заканата со смрт не успеала да го поколеба. Наместо тоа, му рекол на Јехова: „Ќе повикаш, и јас ќе ти се одѕвијам. Ќе копнееш по делото на своите раце“ (Јов 14:15). Дури и да морало да умре затоа што останал непорочен до крај, Јов имал доверба дека љубовта што Бог ја чувствува кон своите верни слуги ќе го наведе да ги повика и од мртвите.
Да имаме и ние иста таква силна доверба во вистинскиот Бог. Јехова може да ја исправи сета штета што Сатана и неговите застапници можеби ќе ни ја нанесат. Освен тоа, не заборавај го следното уверување што ни го дал Павле: „Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“ (1. Кор. 10:13).
[Слика на страница 20]
Јехова ја цени твојата верна служба
[Слика на страница 21]
Стави го шлемот на спасението и никогаш немој да го вадиш