Светилник за да те води по патеката на животот
„ЗНАМ, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Јеремија 10:23). Со овие зборови, пророкот Јеремија покажал дека луѓето не можат успешно да управуваат со патеката на животот без помош. Каде може да се најде таква помош? Псалмистот одговара во својата молитва до Јехова Бог: „Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“ (Псалм 118:105).
Оние кои се зафаќаат со студија на Божјата Реч — Светото писмо — и го применуваат она што го вели таа, ќе бидат како некој кој тргнува на патување рано наутро. На почетокот, тој не може да види многу поради тоа што е темно. Но, како што сонцето почнува да изгрева, тој гледа сѐ повеќе и повеќе. На крај, сонцето свети директно одозгора. Тој гледа сѐ во јасни детали. Една таква илустрација потсетува на една библиска изрека: „Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе дури не настане ден“ (Изреки 4:18).
А што е со оние кои го одбиваат Божјето водство? Библијата вели: „Патот на беззакониците е како темнина; тие не знаат, од што ќе се сопнат“ (Изреки 4:19). Да, злобните се како човек кој се спрепнува во темнина. Дури и нивните привидни успеси се во најдобар случај привремени, зашто „нема мудрост, нема разум, нема совет — против Господа“ (Изреки 21:30).
Затоа, следи го водството од Божјата Реч, Библијата. Доколку го правиш тоа, ќе ја откриеш вистинитоста на зборовите од Изреки 3:5, 6: „Надевај се на Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“.