„Сакај го Јехова, својот Бог“
„Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (МАТ. 22:37)
1. Зошто љубовта меѓу Бог и неговиот Син сѐ повеќе растела?
БОЖЈИОТ СИН, Исус Христос, рекол: „Го сакам Таткото“ (Јован 14:31). Исто така, тој кажал: „Таткото го сака Синот“ (Јован 5:20). Ова не треба воопшто да нѐ изненади бидејќи знаеме дека, уште пред да дојде на Земјата, Исус минал неброени години со Бог и бил негов „вешт градител“ (Изр. 8:30). Додека соработувале заедно, Синот дознал какви особини има неговиот Татко. Затоа имал безброј причини да го сака. Со текот на времето, нивната меѓусебна љубов сѐ повеќе растела.
2. а) Што значи да сакаме некого? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
2 Да сакаме некого значи да чувствуваме длабока приврзаност кон него. Псалмистот Давид напишал: „Те сакам, Јехова, сило моја“ (Пс. 18:1). И ние треба да го сакаме Бог и да чувствуваме приврзаност кон него. Јехова ни ветува дека, ако сме му послушни, и тој ќе нѐ сака и ќе чувствува длабока приврзаност кон нас. (Прочитај 5. Мојсеева 7:12, 13.) Но, можно ли е вистински да го сакаме Бог иако не го гледаме? Што значи да го сакаме Јехова? Зошто треба да го сакаме? Како можеме да покажеме дека го сакаме?
МОЖНО ЛИ Е ДА ГО САКАМЕ БОГ
3, 4. Зошто е можно да го сакаме Бог?
3 „Бог е Дух“, и затоа не можеме да го видиме (Јован 4:24). И покрај тоа, можно е да го сакаме Јехова. Всушност, Библијата ни заповеда да покажуваме љубов кон него. На пример, Мојсеј му го кажал следново на израелскиот народ: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила“ (5. Мој. 6:5).
4 Но, зошто е можно да го сакаме Бог? Затоа што тој нѐ создал со духовни потреби и со способност да покажуваме љубов. Додека го запознаваме Јехова, расте нашата љубов кон него, а тоа нѐ прави среќни. Исус рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби, зашто нивно е царството небесно“ (Мат. 5:3). Во една книга пишува дека е многу интересно тоа што луѓето отсекогаш имале желба да го запознаат Бог и да стекнат вера во него (Man Does Not Stand Alone, од А. К. Морисон). Многумина денес сфаќаат дека човекот има вродена желба да го запознае Бог.
5. Од каде знаеме дека не е залудно да се трудиме да го запознаеме Бог?
5 Дали е залудно да се трудиме да го запознаеме Бог? Не, тој сака да го запознаеме. Апостол Павле го потврдил ова кога им сведочел на луѓето што биле собрани на Ареопагот, од каде што можел да се види Партенон — храм посветен на божицата Атена, која била сметана за заштитничка на древната Атина. Замисли да си бил таму и да си го слушал Павле додека зборувал за ‚Богот кој го создал светот и сѐ што е на него‘ и додека објаснувал дека Тој „не живее во храмови направени со раце“. Апостолот рекол дека Бог ‚од еден човек го направил целиот човечки род за да живее по целото лице на земјата, и ги одредил времињата и ги поставил границите на нивното живеење, за да го бараат Бог, и некако да го напипаат и да го најдат, иако не е далеку од никого од нас‘ (Дела 17:24-27). Од ова доаѓаме до заклучок дека луѓето можат да го запознаат Бог. Многумина веќе го направиле тоа. Денес, повеќе од седум и пол милиони Јеховини сведоци го познаваат Бог и вистински го сакаат.
ШТО ЗНАЧИ ДА ГО САКАМЕ БОГ
6. Според она што го кажал Исус, која е ‚најголема и прва заповед‘?
6 Љубовта кон Јехова треба да извира од нашето срце. Исус го истакнал ова кога еден фарисеј го прашал: „Учителе, која е најголемата заповед во Законот?“ Тој му одговорил: „,Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум‘. Тоа е најголемата и прва заповед“ (Мат. 22:34-38).
7. Што значи да го сакаме Бог со а) „сето свое срце“? б) „сета своја душа“? в) „сиот свој ум“?
7 Што сакал да каже Исус кога рекол дека треба да го сакаме Јехова ‚со сето свое срце, со сета своја душа, и со сиот свој ум‘? Во овој контекст, ‚срцето‘ ги претставува нашите желби и чувства. ‚Душата‘ го претставува нашиот живот, во што спаѓа и начинот на кој постапуваме. А ‚умот‘ ги претставува нашите мисли и ставови. Според ова, Исус сакал да каже дека треба да го сакаме Јехова потполно и безрезервно.
8. На што ќе нѐ поттикне љубовта кон Бог?
8 Ако го сакаме Бог со сето свое срце, душа, и ум, длабоко ќе ја проучуваме неговата Реч, ќе го правиме сето она што тој го бара од нас и ревносно ќе ја проповедаме добрата вест за Царството (Мат. 24:14; Рим. 12:1, 2). Вистинската љубов кон Јехова уште повеќе ќе нѐ зближи со него (Јак. 4:8). Невозможно е да ги наведеме сите причини зошто треба да го сакаме Бог. Но, да разгледаме неколку од нив.
ЗОШТО ТРЕБА ДА ГО САКАМЕ ЈЕХОВА
9. Зошто треба да го сакаме Јехова како наш Творец и грижлив Татко?
9 Јехова е наш Творец и грижлив Татко. Апостол Павле напишал: „Преку него имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела 17:28). Јехова ни дал прекрасен дом — планетата Земја (Пс. 115:16). Како наш грижлив Татко, тој ни дава храна и други работи што ни се потребни за живот. Токму затоа, Павле им го кажал следново на жителите на Листра кои обожавале идоли: „Живиот Бог... не ве остави без сведоштво за себе: правеше добро, ви даваше дожд од небото и плодоносни времиња и ги полнеше вашите срца со храна и веселост“ (Дела 14:15-17). Зарем тоа не е добра причина да го сакаме нашиот Величествен Творец и грижлив Татко? (Проп. 12:1).
10. Какви чувства буди во нас тоа што Јехова обезбедил откупнина?
10 Бог овозможил да бидеме ослободени од гревот и смртта што сме ги наследиле од Адам (Рим. 5:12). Во Библијата пишува: „Бог ни ја покажа својата љубов, така што Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Рим. 5:8). Ако искрено се каеме и ако имаме вера во откупната жртва на Исус, Јехова ќе ни ги прости гревовите. Нашите срца сигурно се исполнети со љубов и благодарност кон Бог поради тоа што го испратил својот Син да го даде животот за нас (Јован 3:16).
11, 12. Каква надеж ни дава Јехова?
11 Јехова ни дава надеж дека ќе живееме вечно (Рим. 15:13). Надежта што ни ја дава Бог ни помага да истраеме кога се соочуваме со разни неволји. Помазаните христијани кои ќе останат верни до смрт ќе бидат наградени со живот на небото (Отк. 2:10). Другите верни Божји слуги ќе можат да живеат вечно во рај на Земјата (Лука 23:43). Како влијаат овие ветувања врз нас? Зарем не нѐ исполнуваат со радост, мир и љубов кон Јехова, кој ни го дава „секој добар дар и секој совршен подарок“? (Јак. 1:17).
12 Бог ни влева утеха со надежта во воскресение (Дела 24:15). Се разбира, многу сме погодени кога некој од нашите најблиски ќе почине, но поради тоа што имаме надеж во воскресение ‚не тагуваме како другите, кои немаат надеж‘ (1. Сол. 4:13). Бидејќи е полн со љубов, Јехова Бог едвај чека да ги воскресне мртвите, особено неговите верни слуги, како што бил праведниот Јов (Јов 14:15). Замисли си колкава радост ќе владее кога во новиот свет ќе ги пречекуваме воскреснатите! Сигурно чувствуваме голема љубов кон нашиот небесен Татко кој ни ја дава прекрасната надеж во воскресение.
13. Од каде знаеме дека Бог навистина се грижи за нас?
13 Јехова се грижи за нас. (Прочитај Псалм 34:6, 18, 19; 1. Петрово 5:6, 7.) Нашиот грижлив Бог секогаш е спремен да им помогне на оние што му се верни. Се чувствуваме вистински сигурни затоа што сме дел од ‚стадото на неговото пасиште‘ (Пс. 79:13). Освен тоа, Бог ќе ни покаже колку многу нѐ сака и со она што ќе го направи за нас преку месијанското Царство во иднина. Откако избраниот Цар, Исус Христос, ќе ги отстрани од Земјата насилството, угнетувањето и злобата, послушното човештво ќе ужива во благосостојба и траен мир (Пс. 72:7, 12-14, 16). Кога размислуваме за овие ветувања, поттикнати сме да го сакаме нашиот грижлив Бог со сето срце, душа, сила и ум (Лука 10:27).
14. Каква бесценета чест ни дава Јехова?
14 Јехова ни дава бесценета чест да му бидеме Сведоци (Иса. 43:10-12). Го сакаме Бог затоа што ни дава можност да покажеме дека го почитуваме како Севишен Владетел и да им носиме вистинска надеж на луѓето во овој свет полн со проблеми. Можеме со цврста увереност да им проповедаме на другите затоа што објавуваме добра вест која се темели на Речта на вистинскиот Бог, чии ветувања секогаш се исполнуваат. (Прочитај Исус Навин 21:45; 23:14.) Навистина, има безброј причини да го сакаме Јехова. Но, како можеме да ја покажеме нашата љубов кон него?
КАКО МОЖЕМЕ ДА ПОКАЖЕМЕ ДЕКА ГО САКАМЕ БОГ
15. Како ни помага тоа што ја проучуваме Божјата Реч и го применуваме она што го учиме?
15 Темелно проучувај ја Божјата Реч и применувај го она што го учиш. Со ова ќе покажеме дека го сакаме Јехова и дека сакаме неговата Реч да биде ‚светилка на нашата нога‘ (Пс. 119:105). Ако минуваме низ тежок период во животот, можеме да црпиме утеха од следниве зборови: „Срце скршено и здробено, о Боже, нема да презреш“. „Твојата милост, Јехова, ме поткрепи. Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од тебе ми ја милуваа душата“ (Пс. 51:17; 94:18, 19). Јехова и Исус покажуваат милост и сочувство кон луѓето што страдаат (Иса. 49:13; Мат. 15:32). Додека ја проучуваме Библијата дознаваме колку многу Јехова нѐ сака и се грижи за нас, а тоа ја продлабочува нашата љубов кон него.
16. Како тоа што редовно се молиме ни помага да ја продлабочиме нашата љубов кон Јехова?
16 Редовно моли му се на Бог. Молитвите уште повеќе нѐ зближуваат со Јехова (Пс. 65:2). Кога гледаме како тој ни одговара на молитвите, расте нашата љубов кон него. На пример, сигурно од лично искуство сме се увериле дека Бог не дозволува да бидеме искушани повеќе од тоа што можеме да поднесеме (1. Кор. 10:13). Ако горливо му се молиме на Јехова кога сме оптоварени од грижи, тој ќе ни го даде својот мир кој не може да се спореди со ништо друго (Фил. 4:6, 7). Понекогаш, можеби само кратко ќе се помолиме во себе — како што направил Неемија — и подоцна ќе сфатиме дека Јехова нѐ услишил (Неем. 2:1-6). Кога ‚истрајуваме во молитва‘ и кога гледаме како Јехова ни дава одговор, нашата љубов кон него станува сѐ посилна. Така ни се зголемува довербата дека ќе ни помага и во иднина кога ќе се соочиме со испити (Рим. 12:12).
17. Ако го сакаме Бог, како ќе гледаме на состаноците?
17 Редовно присуствувај на состаноците, собирите и конгресите (Евр. 10:24, 25). Израелците се собирале да слушаат и да учат за Јехова со цел да стекнат страхопочит кон него и да го држат неговиот Закон (5. Мој. 31:12). Ако вистински го сакаме Јехова, воопшто нема да ни биде тешко да ја извршуваме неговата волја. (Прочитај 1. Јованово 5:3.) Затоа, никогаш да не дозволиме нешто неважно да не спречи да одиме на состаноците. Сигурно не сакаме да ја изгубиме нашата прва љубов кон Јехова (Отк. 2:4).
18. На што нѐ поттикнува љубовта кон Бог?
18 Ревносно објавувај им ја вистината на другите (Гал. 2:5). Љубовта кон Бог нѐ поттикнува да зборуваме за месијанското Царство на неговиот Син, кој во Армагедон ќе ‚јава застапувајќи ја вистината‘ (Пс. 45:4; Отк. 16:14, 16). Многу се радуваме што можеме да им помагаме на луѓето да дознаат колку голема љубов има Бог и колку прекрасна иднина ни ветил! (Мат. 28:19, 20).
19. Зошто треба да ги цениме пастирите што ги поставил Бог?
19 Цени ги пастирите што Бог ги поставил над своето стадо (Дела 20:28). Јехова поставил старешини во собранието за да се грижат за нашето духовно добро. Тие се како „засолниште од ветар и како прибежиште од бура, како водни потоци во безводна земја, како сенка од голема карпа во исушена земја“ (Иса. 32:1, 2). Помисли само колку убаво ќе се чувствуваш ако се скриеш во некое безбедно засолниште додека надвор беснее бура или дуваат силни ветришта! Или, колку ќе бидеш благодарен ако најдеш ладовинка под некоја карпа за да избегаш од жешкото сонце. Овие сликовити описи ни помагаат да сфатиме како старешините се грижат за нас и нѐ зајакнуваат. Со тоа што сме им послушни на браќата што преземаат водство, покажуваме дека ги цениме овие „луѓе како дарови“ и дека ги сакаме Бог и Исус, кој е глава на собранието (Еф. 4:8; 5:23; Евр. 13:17).
ПРОДОЛЖИ ДА ЈА ПРОДЛАБОЧУВАШ СВОЈАТА ЉУБОВ КОН БОГ
20. Според Јаков 1:22-25, што ќе правиме ако го сакаме Бог?
20 Јехова ни дал ‚совршен закон‘ во кој е запишано сето она што тој го бара од нас (Пс. 19:7-11). Ако сакаме да бидеме блиски со Бог, не е доволно само да ја слушаме речта, туку треба и да ја извршуваме. (Прочитај Јаков 1:22-25.) На пример, нашата љубов кон Јехова нѐ поттикнува ревносно да проповедаме и да учествуваме на состаноците.
21. Со што можат да се споредат нашите сесрдни молитви?
21 Љубовта кон Јехова ќе нѐ поттикне често да му упатуваме сесрдни молитви. Во минатото, свештениците во Израел секој ден гореле темјан пред Јехова. Имајќи го ова на ум, цар Давид рекол: „Мојата молитва нека биде подготвена како темјан пред тебе [Јехова], подигањето на моите раце — како вечерна житна жртва“ (Пс. 141:2; 2. Мој. 30:7, 8). Ако понизно упатуваме искрени молби, фалби и благодарења, тогаш и нашите молитви ќе бидат како мирислив темјан и ќе му бидат угодни на Бог (Отк. 5:8).
22. Што ќе разгледаме во следната статија?
22 Исус рекол дека мора да го сакаме Бог и да ги сакаме нашите ближни (Мат. 22:37-39). Во следната статија ќе видиме како љубовта кон Јехова и неговите начела ќе ни помогне да имаме добри односи со нашите ближни.