Дали некој се интересира за нас?
Дали некогаш си се чувствувал сам и беспомошен, како никој да не ги разбира твоите проблеми? Па дури и да знаел некој за нив, си имал чувство дека воопшто не му е грижа за тоа.
КОГА ќе се појават проблеми, животот може да ни изгледа како бура што никако не стивнува. Понекогаш може дури и да заклучиме дека она што ни се случува е толку страшно и неправедно што едноставно не можеме повеќе да го поднесеме. Честопати ни се чини така кога се соочуваме со емоционални трауми, депресија, сериозни повреди во несреќни случаи, хронични болести и слично. Можеби се чувствуваме толку беспомошно и безнадежно што се прашуваме каде да побараме утеха. Дали тогаш некој се интересира за нас?
„Богот на секоја утеха“ е заинтересиран за нас
Во Библијата Бог е опишан како „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3). Бог, кој се вика Јехова, знае дека ни е потребна утеха. Библијата го користи зборот „утеха“ во различни облици повеќе од сто пати, уверувајќи нѐ дека Бог не само што сфаќа со што се соочуваме туку и сака да нѐ утеши. Ова сознание нѐ уверува дека, дури и кога ни се чини дека другите не ја забележуваат, не ја разбираат или не ги засега нашата неволја, со Јехова Бог не е така.
Од Библијата јасно се гледа дека Јехова е заинтересиран за луѓето како поединци. „Очите на Јехова се на секое место“, пишува во неа, „и ги набљудуваат и злите и добрите“ (Изреки 15:3). Нешто слично пишува и во Јов 34:21: „Неговите очи се насочени кон човековите патишта, сите негови чекори тој ги гледа“. Јехова гледа што правиме — добро или лошо — и ги знае нашите околности, па затоа постапува онака како што смета дека е најдобро. Ова го потврдуваат зборовите на јасновидецот, односно пророкот Ананиј, кои му ги кажал на јудејскиот цар Аса: „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Летописи 16:7, 9).
Јехова постојано нѐ гледа и од една друга причина. Исус објаснил: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати“ (Јован 6:44). Јехова толку се грижи за секој човек што го истражува неговото срце за да види дали тој сака да го запознае подобро. Ако утврди дека е така, може да возврати на еден навистина чудесен начин. На пример, во Доминиканската Република, некоја жена била во болница за да се оперира од рак. Таа го молела Бог да ѝ помогне да ја пронајде вистинската религија. Токму тогаш, нејзиниот сопруг ѝ донел една брошура со наслов Што бара Бог од нас?,a која ја добил тоа утро на врата од некоја жена, која била Јеховин сведок. Жена му ја прочитала брошурата и сфатила дека тоа било одговор од Бог на нејзината молитва. Се согласила да ја проучува Библијата со Сведокот, и за помалку од шест месеци му го заветувала својот живот на Бог и се крстила.
Во библиската книга Псалми можеме да прочитаме многу трогателни зборови што ги кажале древните хебрејски псалмисти, како што бил цар Давид, со кои е опишано со колкава љубов Јехова се грижи за оние што му служат. Во Псалм 56:8 читаме како цар Давид го преколнува Бог: „Стави ги моите солзи во својата мешина. Не се ли тие во твојата книга?“ Како што се гледа од оваа споредба, на Давид му било јасно дека на Јехова му биле познати не само неговите страдања туку и душевната болка што му ја предизвикувале тие. Јехова ја видел болката на Давид и запамтил низ какви сѐ емоционални трауми поминувал додека ги пролевал тие солзи. Навистина, нашиот Творец ги гледа сите оние што настојуваат да ја вршат неговата волја, „оние што му се оддадени со цело срце“.
Друг дел од Библијата што опишува со колкава љубов Бог се интересира за луѓето е познатиот 23. Псалм. Во воведните зборови, Бог е спореден со грижлив пастир: „Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува“. Еден пастир на Блискиот Исток се грижи за секоја овца, па дури и ѝ дава име. Секојдневно ја повикува секоја овца и со љубов ја гали и проверува дали се повредила. Ако најде некоја повреда, ја мачка со масло или мевлем за да зацели побрзо. Ако овцата е болна, пастирот можеби ќе треба сосила да ѝ стави лек во грлото и дословно да ја држи на нозе за да не легне и да не умре. Сигурно дека овие зборови прикажуваат на убав начин како Јехова се грижи за оние што му се обраќаат.
Молитвата и воскресението — доказ дека Бог се интересира за нас
Овие и други прекрасни псалми не се запишани во Библијата само за да ги читаме и да им се восхитуваме. Од нив гледаме како Божјите верни слуги во минатото му го излевале срцето на Јехова за да покажат колку им е потребна Божјата помош и колку се благодарни за водството и благословите што ги добивале од него. Од нивните зборови јасно се гледа дека тие древни слуги на Бог цврсто верувале дека Бог се интересирал за нив. Додека ги читаме и размислуваме за нивните искрени зборови, и во нас ќе се родат такви чувства кон Бог. Тоа што можеме да се молиме е еден силен доказ дека Бог е заинтересиран за нас.
Меѓутоа, понекогаш толку нѐ оптоварува некој проблем што не знаеме дури ни како да се молиме за него. Дали тоа значи дека Јехова нема да дознае за нашата неволја? Одговорот го наоѓаме во Римјаните 8:26: „Духот ни доаѓа на помош во нашата слабост. Зашто, не знаеме за што да молиме кога треба да се молиме, но самиот дух се зазема за нас кога во молитва не можеме ни да ги искажеме своите воздишки“. Овој библиски стих ни открива дека молитвите што Божјите слуги во минатото ги кажале под водство на светиот дух можат да ги одразуваат и нашите чувства, па така Јехова, кој „ги слуша молитвите“, ќе ги прифати тие молитви како да сме ги кажале ние (Псалм 65:2).
Надежта во воскресението е уште еден убедлив доказ дека Бог е заинтересиран за секој човек. Исус Христос рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29, види ја и фуснотата). Грчкиот збор што е употребен овде буквално може да се преведе како „спомен-гробови“, а не само како „гробови“. Тој ја пренесува мислата дека Бог го памти животниот пат на лицето што умрело.
Помисли на следново. За да врати некого во живот, Бог треба да знае сѐ за него, вклучувајќи го и неговиот надворешен изглед, наследените и стекнатите особини, како и целокупната меморија на тоа лице! (Марко 10:27). Бог нема да ја заборави таа личност дури ни по илјадници години (Јов 14:13-15; Лука 20:38). Значи, Јехова Бог во најситни детали се сеќава на милијарди луѓе што умреле — убедлив доказ дека е заинтересиран за секого од нас!
Јехова наградува
Што треба да правиме за Бог со љубов да се грижи и за нас? Пред сѐ, треба да покажеме дека имаме доверба во него и дека го слушаме, односно дека веруваме во него. Апостол Павле посочува каква е врската помеѓу нашата вера и Божјата грижа. Тој напишал: „Без вера не е можно да му се угоди на Бог, зашто оној што му пристапува мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евреите 11:6).
Забележи дека верата што му се допаѓа на Бог вклучува два аспекта. Прво, мора ‚да веруваме дека тој постои‘ и дека е Врховен Владетел, кој заслужува да му бидеме послушни и да му служиме. Второ, мора да веруваме дека тој „ги наградува оние што ревносно го бараат“. Вистинската вера значи да веруваме дека Бог е заинтересиран за доброто на сите што искрено се трудат да ја вршат неговата волја и дека ги наградува. Ако ја проучуваш Божјата реч и се дружиш со оние што го слушаат, и ти ќе можеш да стекнеш вера што Бог ќе ја награди и ќе ја почувствуваш неговата нежна грижа.
Многу луѓе денес мислат дека Бог не се интересира за она што го прават луѓето. Но, како што видовме, Библијата јасно покажува дека на Бог многу му се важни оние што покажуваат вистинска вера во него. Иако животот денес честопати е исполнет со неволји, грижи, разочарувања и болки, не треба да паѓаме во очај. Јехова Бог е заинтересиран за нас. Всушност, со љубов нѐ повикува да побараме помош од него. „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи“, вели псалмистот. „Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“ (Псалм 55:22).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка/слика на страница 29]
Библиски стихови што ќе ти ја зајакнат верата дека Бог се интересира за тебе
„Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. ЛЕТОПИСИ 16:9)
„Стави ги моите солзи во својата мешина. Не се ли тие во твојата книга?“ (ПСАЛМ 56:8)
„Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува“ (ПСАЛМ 23:1)
„Ти си тој што ги слуша молитвите, кај тебе доаѓа секој човек“ (ПСАЛМ 65:2)
„Ќе повикаш, и јас ќе ти се одѕвијам. Ќе копнееш по делото на своите раце“ (ЈОВ 14:15)
„Оној што му пристапува [на Бог] мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“ (ЕВРЕИТЕ 11:6)
„Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“ (ПСАЛМ 55:22)