Сакај ја праведноста со сето срце!
„Ја сакаш праведноста“ (ПС. 45:7)
1. Што ќе ни помогне да чекориме по ‚праведните патеки‘?
ПРЕКУ својата Реч и светиот дух, Јехова го води својот народ по „праведни патеки“ (Пс. 23:3). Сепак, бидејќи сме несовршени, многу лесно ни се случува да застраниме од правиот пат. Мора да бидеме решени да вложиме труд за да се вратиме и повторно да постапуваме исправно. Што ќе ни помогне во тоа? Исто како Исус, и ние мора да сакаме да го правиме она што е праведно. (Прочитај Псалм 45:7.)
2. Што се ‚праведните патеки‘?
2 Што се ‚праведните патеки‘? Тие го претставуваат начинот на живот кој е во склад со Божјите мерила за праведност. На хебрејски и на грчки јазик, зборот „праведност“ укажува на строго држење за морални начела. Бидејќи Јехова е „оној кај кого се наоѓа правдата“, неговите слуги спремно бараат водство од него за да одредат кој е исправниот пат по кој треба да одат (Ерем. 50:7).
3. Како можеме да учиме повеќе за Божјата праведност?
3 Ќе му угодиме на Јехова во потполност само ако со сето срце се трудиме да живееме според неговите праведни мерила (5. Мој. 32:4). Но, за да го правиме тоа, најнапред мора да дознаеме сѐ што можеме за Бог од неговата Реч, Библијата. Колку подобро ќе го запознаваме и од ден на ден ќе стануваме сѐ поблиски со него, толку повеќе ќе ја сакаме неговата праведност (Јак. 4:8). Освен тоа, мора да го прифатиме водството од Божјата вдахновена Реч и кога донесуваме важни одлуки во животот.
Барај ја Божјата праведност
4. Како можеме да ја бараме Божјата праведност?
4 Прочитај Матеј 6:33. Ја бараме Божјата праведност така што ја проповедаме добрата вест за Царството. Но, тоа не е доволно. Бог ќе го прифати она што го правиме за него само ако секојдневно се однесуваме во склад со неговите високи мерила. Што мора да прават сите кои ја бараат Јеховината праведност? Мора ‚да ја облечат новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност‘ (Еф. 4:24).
5. Што ќе ни помогне да се избориме со обесхрабрувањето?
5 Додека се трудиме да се држиме за Божјите праведни мерила, понекогаш може да се обесхрабриме поради нашите пропусти. Што ќе ни помогне да ги надминеме таквите чувства и да не ја изгубиме силата, а истовремено да научиме да ја сакаме праведноста и да постапуваме праведно? (Изр. 24:10). Мора секојдневно да му се молиме на Јехова „со искрено срце, полни со сигурност и вера“ (Евр. 10:19-22). Сеедно дали сме помазани христијани или се надеваме дека ќе живееме вечно на Земјата, ние имаме вера во откупната жртва на Исус Христос и во службата што тој ја врши како наш голем Првосвештеник (Рим. 5:8; Евр. 4:14-16). Уште во првиот број на ова списание беше даден сликовит опис на моќта што ја има крвта на Исус (1. Јов. 1:6, 7). Во една од статиите стоеше: „Факт е дека, кога на светлина еден црвен или пурпурен предмет се гледа преку црвено стакло, изгледа како да е бел. Затоа, иако нашите гревови можеби се црвени или пурпурни, ако ги гледаме како што ги гледа Бог — односно преку крвта на Христос — тие ќе бидат бели“ (јули 1879, стр. 6). Колку прекрасен дар ни дал Јехова со откупната жртва на својот мил Син!
Проверувај ја својата духовна воена опрема
6. Зошто мора да ја проверуваме својата духовна воена опрема?
6 Во секое време треба да го имаме на себе „оклопот на праведноста“, бидејќи тој е важен дел од духовната воена опрема што ни ја дава Бог (Еф. 6:11, 14). Без разлика дали сме се крстиле неодамна или веќе со децении му служиме на Јехова, мора секојдневно да ја проверуваме таа духовна опрема. Зошто? Затоа што Ѓаволот и неговите демони се исфрлени во близина на Земјата (Отк. 12:7-12). Сатана е гневен и знае дека има кратко време. Поради тоа жестоко го напаѓа Божјиот народ. Дали сфаќаме колку е важно да го носиме „оклопот на праведноста“?
7. Како ќе се однесуваме ако сме свесни колку ни е потребен „оклопот на праведноста“?
7 Оклопот го штити срцето. Бидејќи сме несовршени, нашето симболично срце честопати е измамливо и спремно на сѐ (Ерем. 17:9). Затоа што е склоно кон зло, многу е важно постојано да внимаваме на него и да ги исправаме неговите грешни склоности (1. Мој. 8:21). Ако сме свесни колку ни е потребен „оклопот на праведноста“, нема повремено да го вадиме така што ќе избереме да се забавуваме со она што Бог го мрази или, пак, да фантазираме за нешто што тој го осудува. Нема да си го губиме драгоценото време гледајќи телевизија со часови. Напротив, ќе даваме сѐ од себе за да го правиме она што му се допаѓа на Јехова. Дури и да се случи за момент да паднеме, така што ќе размислуваме за погрешни работи и ќе направиме нешто лошо, со Јеховина помош повторно ќе станеме. (Прочитај Изреки 24:16.)
8. Зошто ни е потребен „големиот штит на верата“?
8 Друг дел од нашата духовна воена опрема е „големиот штит на верата“. Со него можеме ‚да ги изгаснеме сите огнени стрели на Злобниот‘ (Еф. 6:16). Верата и горливата љубов кон Јехова ни помагаат да постапуваме праведно и да останеме на патот што води до вечен живот. Колку повеќе учиме да го сакаме Бог, толку повеќе ќе ја цениме неговата праведност. Освен тоа, и нашата совест ни помага да ја сакаме праведноста. На кој начин?
Зачувај чиста совест
9. Како ни користи тоа што се трудиме да зачуваме чиста совест?
9 Кога се крстивме, му упативме на Јехова молба за „чиста совест“ (1. Пет. 3:21). Бидејќи имаме вера во откупнината, крвта на Исус ги покрива нашите гревови и можеме да имаме близок однос со Бог. Но, за да останеме блиски со него, мора да зачуваме чиста совест. Треба да бидеме благодарни кога таа ни сигнализира дека нешто не е во ред. Тоа е знак дека не е затапена и дека реагира во склад со Јеховините праведни патишта (1. Тим. 4:2). Но, совеста може и на друг начин да им помогне на оние што се решени да ја сакаат праведноста.
10, 11. а) Раскажи едно искуство што покажува зошто треба да си ја слушаме совеста која е обликувана според Библијата. б) Зошто љубовта кон праведноста може да ни причинува голема радост?
10 Кога ќе направиме нешто лошо, нашата совест може да нѐ осудува или да нѐ измачува. Ова било случај и со еден младич кој застранил од ‚праведните патеки‘. Тој станал зависник од порнографија и почнал да пуши марихуана. Бидејќи го печела совеста кога одел на состаноци и се чувствувал како лицемер кога бил во служба, престанал да учествува во овие теократски активности. „Но“, вели тој, „заборавив една работа — дека совеста нема да ме остави на мира“. Тој кажува дека му требале цели четири години да се свести што прави. Потоа почнал да размислува да се врати во вистината. На крај решил да се помоли и да побара простување иако не бил сигурен дали Јехова воопшто ќе ја слушне неговата молитва. По десетина минути, го посетила мајка му и го поттикнала повторно да доаѓа на состаноците. Тој отишол во Салата на Царството и замолил еден старешина да ја проучува Библијата со него. По некое време се крстил, и сега е благодарен што Јехова му го спасил животот.
11 Зарем не чувствуваме голема радост кога го правиме она што е исправно? Ќе бидеме уште порадосни додека учиме да ја сакаме праведноста и се трудиме сѐ повеќе да ги применуваме праведните мерила на нашиот небесен Татко. А замисли каква радост нѐ очекува во иднина! Доаѓа денот кога совеста нема никого да вознемирува и секој човек ќе се чувствува убаво затоа што во потполност ќе ги одразува Божјите особини! Затоа, уште сега да ја всадиме љубовта кон праведноста длабоко во нашето срце и да го радуваме Јехова (Изр. 23:15, 16).
12, 13. Како можеме да си ја остриме совеста?
12 Како можеме да ја изостриме нашата совест? Кога ги проучуваме Библијата и библиските публикации, важно е да имаме на ум дека „срцето на праведникот промислува што ќе одговори“ (Изр. 15:28). Да видиме како ни помагаат проучувањето и размислувањето кога не сме сигурни дали да прифатиме некое вработување. Ако одредена работа е во директен судир со библиските барања, повеќето од нас спремно ги слушаат упатствата од верниот и разборит роб. Но, кога не е сосема јасно дали некоја работа би била прифатлива за еден христијанин, треба да ги истражиме библиските начела што важат за дадената ситуација, а потоа да размислуваме и да се молиме во врска со тоа.a Меѓу другото, треба да размислиме и дали со нашата одлука ќе ја повредиме совеста на другите (1. Кор. 10:31-33). Но, особено треба да обрнеме внимание на начелата кои се поврзани со нашиот однос со Бог. Ако Јехова ни е реален, првото прашање кое ќе си го поставиме е: ‚Дали со мојата одлука ќе го повредам Јехова и дали ќе му нанесам болка?‘ (Пс. 78:40, 41).
13 Кога се подготвуваме за Проучување на Стражарска кула, како и за Собраниско проучување на Библијата, треба да бидеме свесни дека е важно да размислуваме за она што го читаме. Дали по навика набрзина го подвлекуваме одговорот на прашањето за пасусот и веднаш преминуваме на следниот? Таквото проучување најверојатно нема да ни помогне да ја продлабочиме својата љубов кон праведноста ниту, пак, да си ја изостриме совеста. Ако сме решени да ја сакаме праведноста, треба длабоко да проучуваме и да размислуваме за она што го читаме од Божјата пишана Реч. Не постои брз и лесен начин да научиме да ја сакаме праведноста со сето срце — мора да вложиме труд!
Гладни и жедни за праведност
14. Како сакаат да се чувствуваме Јехова Бог и Исус Христос додека им служиме?
14 Јехова Бог и Исус Христос сакаат да бидеме среќни додека им служиме. Што ќе ни помогне во тоа? Секако, љубовта кон праведноста! Во Проповедта на гората, Исус рекол: „Среќни се оние што гладуваат и жедуваат за праведност, зашто ќе се наситат“ (Мат. 5:6). Што значат овие зборови за оние што се решени да ја сакаат праведноста?
15, 16. Како ќе се наситат оние што се духовно гладни и жедни?
15 Овој свет е под власта на Сатана (1. Јов. 5:19). Сеедно во која земја живееш, ако отвориш весник, ќе најдеш извештаи за невидена свирепост и насилство. Праведниците се измачуваат кога размислуваат за нечовечноста што денес ја има на секој чекор (Проп. 8:9). Тие што го сакаат Јехова знаат дека само тој може да го задоволи духовниот глад и да ја згасне духовната жед на оние што копнеат по праведност. Наскоро безбожниците ќе бидат отстранети, а оние што ја сакаат праведноста повеќе нема да страдаат од раката на беззакониците и од нивните зли дела (2. Пет. 2:7, 8). Колкаво олеснување ќе чувствуваме тогаш!
16 Како Јеховини слуги и следбеници на Исус Христос, ние сфаќаме дека сите оние што гладуваат и жедуваат за праведност „ќе се наситат“ бидејќи за нив Бог подготвил нови небеса и нова земја во кои „ќе живее праведноста“ (2. Пет. 3:13). Затоа, да не се чудиме и обесхрабруваме кога гледаме дека угнетувањето и насилството речиси целосно ја потиснале праведноста во овој сатански свет (Проп. 5:8). Севишниот Бог Јехова гледа што се случува и наскоро ќе ги избави сите оние што ја сакаат праведноста.
Благослови за оние што ја сакаат праведноста
17. Наведи некои од благословите што ги добиваат оние кои ја сакаат праведноста.
17 Во Псалм 146:8 е наведен еден извонреден благослов кој го имаат оние што живеат праведно. Псалмистот рекол: „Јехова ги сака праведниците“. Замисли си! Севишниот Господар на вселената нѐ сака затоа што ние ја сакаме праведноста! Поради тоа сме сигурни дека ќе ни го даде она што ни е потребно ако го ставиме неговото Царство на прво место во животот. (Прочитај Псалм 37:25; Изреки 10:3.) На крајот, на целата планета ќе живеат само праведници (Изр. 13:22). Затоа што постапувале праведно, повеќето Божји слуги ќе чувствуваат неопислива радост и ќе бидат наградени со бескраен живот во прекрасен рај на Земјата. Всушност, оние што ја сакаат Божјата праведност уште денес се благословени со душевен мир кој им помага да го зачуваат единството и во семејството и во собранието (Фил. 4:6, 7).
18. Што мора и понатаму да правиме додека го чекаме Јеховиниот ден?
18 Додека го чекаме доаѓањето на големиот ден на Јехова, мора и понатаму да ја бараме праведноста (Соф. 2:2, 3). Затоа, да покажеме дека од сѐ срце ги сакаме Божјите праведни патишта. Ова значи и дека треба редовно да проверуваме дали нашиот ‚оклоп на праведноста‘ е цврсто стегнат околу нас за да го штити нашето симболично срце. Исто така, треба да зачуваме чиста совест, а тоа ќе нѐ радува и нас и нашиот Бог (Изр. 27:11).
19. На што треба да бидеме решени, и што ќе видиме во следната статија?
19 „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Лет. 16:9). Колкава утеха црпиме од овие зборови додека се трудиме да го правиме она што е исправно и покрај сѐ поголемата нестабилност, насилство и злоба во овој немирен свет! Точно, оние кои се отуѓени од Бог можеби се чудат што се трудиме да живееме праведно. Но, ние имаме голема корист од тоа што се држиме за Јеховините праведни начела (Иса. 48:17; 1. Пет. 4:4). Затоа, да бидеме решени и понатаму со сето срце да ја сакаме праведноста и да постапуваме праведно, бидејќи тоа ни носи радост. Но, за да имаме неподелено срце, мора и да го мразиме беззаконието. Во следната статија ќе видиме што значи ова.
[Фуснота]
a Некои библиски начела во врска со вработувањето се разгледани во Стражарска кула од 15 април 1999, страници 28-30.
Како би одговорил?
• Како тоа што сме свесни за вредноста на откупнината ни помага да ја сакаме праведноста?
• Зошто мора да го носиме „оклопот на праведноста“?
• Како можеме да си ја остриме совеста?
[Слика на страница 26]
Изострената совест ни помага да донесеме исправни одлуки во врска со вработувањето