Оди по патот на беспрекорноста
„Јас одам во својата невиност [беспрекорност, NW]“ (ПСАЛМ 26:11).
1, 2. а) Зошто беспрекорноста на човекот е важен дел од спорното прашање во врска со суверенитетот на Бог? б) Како можат интелигентните суштества да покажат дека го поддржуваат Јеховиниот суверенитет?
КОГА Сатана се побунил во Еденската градина, го потегнал универзалното прашање во врска со Божјето право да владее над сите Свои суштества. Некое време подоцна, тврдел дека луѓето ќе му служат на Бог сѐ додека имаат некаква корист од тоа (Јов 1:9—11; 2:4). На тој начин, беспрекорноста на човекот станала важен дел од спорното прашање во врска со универзалниот суверенитет на Јехова.
2 Иако суверенитетот на Бог не зависи од беспрекорноста на неговите суштества, луѓето и духовните синови на Бог можат да покажат каков е нивниот став во поглед на ова прашање. Како? Така што ќе одлучат дали ќе одат по пат на беспрекорност или не. Значи, беспрекорноста на еден човек е цврст темел врз основа на којшто може да му се суди.
3. а) Што сакале Јов и Давид да испита и да просуди Јехова? б) Кои прашања се поставуваат во врска со беспрекорноста?
3 Јов со уверување рекол: „Нека ме измери [Јехова] на права мерка, па ќе ја види мојата непорочност [беспрекорност, NW]“ (Јов 31:6). И цар Давид од древниот Израел го замолил Јехова да му ја испита беспрекорноста кога се молел: „Суди ме, Господи, зашто одев во својата невиност [беспрекорност, NW]; и се надевам на Господа и нема да се поколебам“ (Псалм 26:1). Колку е само важно и ние да одиме по патот на беспрекорноста! Но, што е беспрекорност, и што значи да се оди по патот на беспрекорноста? Што ќе ни помогне да останеме на патот на беспрекорноста?
‚Одев во својата беспрекорност‘
4. Што е беспрекорност?
4 Да се биде беспрекорен ја содржи во себе мислата да се биде чесен, непорочен, праведен и без маана. Меѓутоа, беспрекорноста значи повеќе отколку само да се прави она што е исправно. Тоа значи да се биде во морално здрава состојба или да се биде оддаден на Бог од сѐ срце. Сатана ги довел во прашање мотивите на Јов кога му рекол на Бог: „Испружи ја раката, допри се до неговите коски и до месото; — дали ќе те благослови? Ќе те проколне во лице!“ (Јов 2:5). За да се биде беспрекорен, освен да се постапува исправно потребно е да се има и исправна мотивација на срцето.
5. Што покажува дека не мора да бидеме совршени за да бидеме беспрекорни?
5 Меѓутоа, да бидеме беспрекорни не значи дека мора да сме совршени. Цар Давид бил несовршен и направил неколку сериозни грешки во својот живот. Сепак, Библијата зборува за него како за човек што одел „во невиноста [беспрекорноста, NW] на срцето“ (1. Цареви 9:4). Зошто? Затоа што Давид го сакал Јехова. Неговото срце му било оддадено на Бог. Тој спремно си ги признал грешките, прифатил укор и ги исправил своите постапки. Навистина, беспрекорноста на Давид се гледа од тоа што од сѐ срце му бил оддаден и го сакал својот Бог, Јехова (Второзаконие 6:5, 6).
6, 7. Што е вклучено во тоа да се оди во беспрекорност?
6 Беспрекорноста не се однесува само на извесни аспекти од човечкото однесување, како што е религиозната оддаденост. Таа го опфаќа целиот наш живот. Давид ‚одел‘ во беспрекорност. „Глаголот ‚оди‘ подразбира ‚начин на живот‘ или ‚животен стил‘ “, се вели во The New Interpreter’s Bible. Зборувајќи за оние „чиј пат е непорочен“, псалмистот пеел: „Блажени се оние кои ги чуваат [Божјите] сведоштва, Го бараат со цело срце. Кои не прават беззаконие, туку одат по Неговите патишта“ (Псалм 119:1—3). Да бидеме беспрекорни значи постојано да се трудиме да ја вршиме Божјата волја и да одиме по неговите патишта.
7 За да одиме во беспрекорност, потребно е да му бидеме лојално оддадени на Бог, дури и во неповолни околности. Кога истрајуваме под испити, кога не попуштаме и покрај неволји или кога им се спротивставуваме на искушенијата на овој безбожен свет, нашата беспрекорност станува очигледна. ‚Му го радуваме срцето на Јехова‘ зашто на тој начин може да му одговори на оној што му се подбива (Пословици 27:11). Значи, имаме добра причина и ние, како Јов, да донесеме ваква одлука: „Својата невиност [беспрекорност, NW] ќе ја бранам до последниот здив!“ (Јов 27:5). Дваесет и шестиот Псалм ни покажува што ќе ни помогне да одиме во беспрекорност.
„Прочисти ми ги бубрезите и срцето“
8. Што учиме од тоа што Давид го молел Јехова да му ги испита бубрезите и срцето?
8 Давид се молел: „Испитај ме, Господи, и искушај ме, испитај [прочисти, NW] ми ги бубрезите и срцето“ (Псалм 26:2). Бубрезите се сместени длабоко во телото. Фигуративно кажано, бубрезите ги претставуваат најдлабоките мисли и чувства на човекот. А фигуративното срце е целокупната внатрешна личност — нејзините мотиви, чувства и интелект. Кога го замолил Јехова да го испита, Давид всушност се молел да бидат испитани и прегледани неговите најскриени мисли и чувства.
9. На кој начин Јехова ни ги прочистува фигуративните бубрези и срце?
9 Давид се молел бубрезите и срцето да му бидат прочистени. Како ја прочистува Јехова нашата внатрешна личност? Давид пеел: „Ќе го благословувам Јехова, кој ме советува. Ноќе ме опоменуваат бубрезите мои“ (Псалм 16:7, NW). Што значи ова? Дека советот од Бог продрел до најдлабоките делови на Давидовото битие и се вгнездил таму, при што му ги исправил најскриените мисли и чувства. Тоа може да биде случај и со нас доколку со благодарност размислуваме за советот што го добиваме преку Божјата реч, преку неговите претставници и преку неговата организација, и ако му дозволиме на тој совет да се вгнезди длабоко во нас. Тоа што редовно ќе му се молиме на Јехова да нѐ прочисти на ваков начин, ќе ни помогне да одиме во беспрекорност.
‚Твојата верна љубов е пред мене‘
10. Што му помогнало на Давид да оди во Божјата вистина?
10 „Твојата милост [верна љубов, NW] е пред моите очи“, продолжил Давид, „и одам во Твојата вистина“ (Псалм 26:3). Давид добро ги знаел делата што Бог ги правел од верна љубов и со благодарност размислувал за нив. „Благословувај Го Господа, душо моја“, пеел тој, „и не заборави ги Неговите добротворства.“ Спомнувајќи си за едно од Божјите „добротворства“, Давид продолжил: „Господ прави праведни дела, и на угнетуваните им ја враќа правдата, на Мојсеј му ги објави Своите патишта, на Израелевите синови Своите дела“ (Псалм 103:2, 6, 7). Можеби Давид мислел на тоа колку Египќаните ги угнетувале Израелците во времето на Мојсеј. Ако е така, тогаш тоа што размислувал за начинот на којшто Јехова му објавил на Мојсеј како ќе ги ослободи мора да го трогнало Давидовото срце и да ја зајакнало неговата решеност да оди во Божјата вистина.
11.Што може да ни помогне да одиме по патот на беспрекорноста?
11 Тоа што редовно ќе ја проучуваме Божјата реч и ќе размислуваме за она што го учиме од неа, ќе ни помогне и нам да одиме по патот на беспрекорноста. На пример, тоа што ќе имаме на ум дека Јосиф избегал кога сопругата на Петефриј му пришла со неморални намери, сигурно ќе нѐ охрабри и ние да бегаме кога некој ќе ни пријде со слични намери на работното место, на училиште или на некое друго место (Битие 39:7—12). Но, што ако сме искушани со можност материјално да напредуваме или да имаме углед и моќ во светот? Го имаме примерот на Мојсеј, кој ја отфрлил славата во Египет (Евреите 11:24—26). Тоа што ќе размислуваме за истрајноста на Јов несомнено ќе ни помогне да ја зајакнеме нашата решеност да му останеме лојални на Јехова и покрај болестите и неволјите (Јаков 5:11). Што ако станеме жртви на прогонство? Па, тоа што ќе си спомнеме за искуството на Даниел во лавовската јама ќе ни влее храброст! (Даниел 6:16—22).
„Не седам со нечесни луѓе“
12, 13. Какво друштво треба да избегнуваме?
12 Укажувајќи на уште еден фактор што ја зајакнал неговата беспрекорност, Давид рекол: „Јас не седам со нечесни луѓе и не се навраќам кај подмолните. Го мразам друштвото на злосторниците и не седнувам со безбожниците“ (Псалм 26:4, 5). Давид едноставно не сакал да седи со злобни луѓе. Тој го мразел лошото друштво.
13 Како е со нас? Дали одбиваме да се дружиме со нечесни луѓе преку телевизиските програми, видеокасетите, филмовите, Интернет сајтовите или на некој друг начин? Дали се држиме подалеку од оние што подмолно кријат какви се навистина? Некои на училиште или на работа можеби се преправаат дека ни се пријатели, а всушност имаат нечесни намери. Дали навистина сакаме да се зближиме со оние што не одат во Божјата вистина? Зад маската на искреност, отпадниците можат да ја кријат и својата намера да нѐ одвлечат од тоа да му служиме на Јехова. Што ако во христијанското собрание има некои што водат двоен живот? И тие кријат какви се навистина. Џејсон, кој сега служи како слуга помошник, кога бил млад имал такви пријатели. За нив тој вели: „Еден ден, еден од нив ми рече: ‚Не е важно што правиме сега, зашто кога ќе дојде новиот систем и онака ќе бидеме мртви. Нема да знаеме дека пропуштаме нешто‘. Таа негова изјава ме освести. Јас не сакам да бидам мртов кога ќе дојде новиот систем“. Џејсон мудро прекинал да се дружи со такви лица. „Немојте да се залажувате“, предупредил апостол Павле. „Лошите друштва ги расипуваат добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33). Колку е само важно да избегнуваме лошо друштво!
‚Ќе раскажам за сите Твои прекрасни дела‘
14, 15. Како можеме да го ‚обиколуваме [Јеховиниот] жртвеник‘?
14 „Ги мијам своите раце во невиноста и го обиколувам Твојот жртвеник, Господи“, продолжил Давид. Зошто? „Да ја разгласам јавно Твојата фалба и да раскажам за сите Твои прекрасни дела“ (Псалм 26:6, 7). Давид сакал да остане морално чист за да може да го обожава Јехова и да објавува дека му е оддаден на Бог.
15 Сѐ што било поврзано со вистинското обожавање во шаторот, а подоцна и во храмот, било „симболична претстава и како сенка на небесните работи“ (Евреите 8:5; 9:23). Жртвеникот ја претставувал Јеховината волја да ја прифати жртвата на Исус Христос како откуп за човештвото (Евреите 10:5—10). Си ги миеме рацете во невиност и ‚го обиколуваме [Јеховиниот] жртвеник‘ со тоа што практикуваме вера во таа жртва (Јован 3:16—18).
16. Како ни користи тоа што им ги објавуваме на другите Божјите прекрасни дела?
16 Кога размислуваме за сѐ што таа откупнина овозможува, зарем не сме им од сѐ срце благодарни на Јехова и на неговиот единороден Син? Тогаш, со чувство на благодарност во срцето, да им ги објавуваме на другите прекрасните дела на Бог — од создавањето на човекот во градината Еден па сѐ до комплетната обнова на сѐ во Божјиот нов свет (Битие 2:7; Дела 3:21). И каква само духовна заштита претставува за нас делото на проповедање за Царството и правењето ученици! (Матеј 24:14; 28:19, 20). Тоа што сме зафатени со ова дело ни помага и понатаму да имаме светла надеж за иднината, силна вера во Божјите ветувања и жива љубов кон Јехова и кон другите луѓе.
„Го љубам домот во кој престојуваш“
17, 18. Каков став треба да имаме кон христијанските состаноци?
17 Шаторот, заедно со жртвеникот, бил центарот на Јеховиното обожавање во Израел. Објавувајќи колку го сакал тоа место, Давид се молел: „О, Господи, го љубам домот во кој престојуваш и местото каде е населена Твојата слава“ (Псалм 26:8).
18 Сакаме ли да се собираме во местата каде што учиме за Јехова? Секоја Сала на Царството и редовната програма на духовна поука што се одвива во неа служи како центар на вистинското обожавање во средината каде што живееме. Освен тоа, имаме годишни конгреси, покраински собири и ден на специјален собир. На таквите состаноци се разгледуваат Јеховините „опомени“. Ако научиме ‚многу да ги љубиме‘ таквите опомени, со душа ќе чекаме да одиме на состанок и внимателно ќе слушаме додека трае состанокот (Псалм 119:167, NW). Колку сме само освежени кога сме со соверниците кои се заинтересирани за нашето добро и кои ни помагаат да продолжиме да одиме по патот на беспрекорноста! (Евреите 10:24, 25).
‚Не ми го погубувај животот‘
19. За какви гревови не сакал да биде виновен Давид?
19 Сосем свесен што го чека ако застрани од патот на Божјата вистина, Давид молел: „Не ми ја погубувај душата со грешниците, ниту мојот живот со крвопијците; злочинот е во нивните раце, а десницата им е полна со поткупи“ (Псалм 26:9, 10). Давид не сакал да биде вбројан меѓу безбожните луѓе што биле виновни за распуштено злосторство или за поткуп.
20, 21. Што може да нѐ наведе да тргнеме по патот на безбожните?
20 Светот денес е преплавен со порој од неморални постапки. Телевизијата, списанијата и филмовите охрабруваат на бесрамно однесување — „блуд, нечистота, распуштено однесување“ (Галатите 5:19). Некои станале робови на порнографијата, што честопати води до неморално однесување. Особено младите се подложни на такви влијанија. Во некои земји е нормално да се биде во врска со некој од спротивниот пол и врз тинејџерите се врши притисок да размислуваат дека мораат да бидат во врска со некого. Голем број млади започнуваат романтични врски иако се премногу млади за да стапат во брак. За да ги задоволат сексуалните желби што се насобираат во нив, по кратко време се впуштаат во неморално однесување и доаѓаат до степен да направат блуд.
21 Возрасните во никој случај не се имуни на лоши влијанија. Нечесните деловни постапки и склоноста да се донесуваат себични одлуки се показател дека им недостига беспрекорност. Ако одиме по патот на овој свет, само ќе се оддалечиме од Јехова. Затоа, ‚да го мразиме злото и да го љубиме доброто‘ и да продолжиме да одиме по патот на беспрекорноста (Амос 5:15).
„Искупи ме и смилувај ми се“
22-24. а) Какво охрабрување најде ти во завршните зборови од 26. Псалм? б) За каква стапица ќе се зборува во следната статија?
22 Давид ги завршил своите зборови до Бог, велејќи: „А јас одам во својата невиност [беспрекорност, NW], избави [искупи, NW] ме и смилувај ми се! Мојата нога стои на прав пат: ќе го благословувам Господа во собранијата“ (Псалм 26:11, 12). Решеноста на Давид да остане беспрекорен е тесно поврзана со неговата молба да биде искупен. Колку охрабрува тоа! И покрај нашата грешна состојба, Јехова ќе ни помогне ако сме решени да одиме по патот на беспрекорноста.
23 Со начинот на којшто живееме, да покажеме дека го почитуваме и го цениме Божјиот суверенитет во секој аспект од животот. Сите ние можеме во молитва да го замолиме Јехова да ни ги испита и да ни ги прочисти најскриените мисли и чувства. Неговата вистина секогаш може да ни биде на ум на тој начин што марливо ќе ја проучуваме неговата реч. Потоа, на секој начин, да ги избегнуваме лошите друштва и да го благословуваме Јехова во собранијата. Ревносно да учествуваме во делото на проповедање за Царството и на правење ученици, и никогаш да не му дозволиме на светот да ни го загрози добриот однос со Бог што е скапоцен за нас. Додека даваме сѐ од себе за да одиме по патот на беспрекорноста, можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе ни укаже милост.
24 Бидејќи беспрекорноста ги опфаќа сите аспекти од животот, треба да бидеме свесни за една смртоносна стапица — неумереното пиење алкохол. За ова ќе се зборува во следната статија.
Се сеќаваш ли?
• Зошто на интелигентните суштества може со право да им се суди врз основа на нивната беспрекорност?
• Што е беспрекорност, и што е вклучено во тоа да се оди по патот на беспрекорноста?
• Што ќе ни помогне да одиме по патот на беспрекорноста?
• За да останеме беспрекорни, за кои опасности мораме да бидеме свесни и да ги избегнуваме?
[Слика на страница 14]
Дали редовно го молиш Јехова да ти ги испита најскриените мисли?
[Слика на страница 14]
Дали Јеховините дела на верна љубов се пред твоите очи?
[Слики на страница 15]
Тоа што остануваме беспрекорни под испити го радува Јеховиното срце
[Слики на страница 17]
Ги користиш ли подготовките од Јехова што ти помагаат да одиш по патот на беспрекорноста?