„Тој ден нека ви биде за спомен“
„Тој ден нека ви биде за спомен и славете го како празник во чест на Јехова“ (2. МОЈ. 12:14)
1, 2. Која годишнина треба да биде особено важна за сите христијани, и зошто?
НА ШТО помислуваш кога ќе го слушнеш зборот „годишнина“? Оние што се венчани можеби веднаш помислуваат на годишнината од својот брак. Други можеби ќе помислат на годишнината на некој познат историски настан. Но, дали си знаел дека има една годишна прослава која се празнува повеќе од 3.500 години?
2 Тоа е Пасхата. Со неа се одбележува ослободувањето на древните Израелци од ропството во Египет. Овој настан има значење и за тебе. Зошто? Затоа што влијае врз некои важни аспекти од твојот живот. Но, можеби си мислиш: ‚Пасхата е еврејски празник, а јас сум христијанин. Зошто би требало да ме интересира?‘ Одговорот на ова прашање се наоѓа во следнава длабока вистина: „Христос, Пасхата наша, беше жртвувана за нас“ (1. Кор. 5:7, Превод на МПЦ — Ревидирано издание). За да го сфатиме значењето на оваа изјава, треба да дознаеме нешто за Пасхата што ја славеле древните Евреи, и да видиме каква врска има таа со една заповед што им е дадена на сите христијани.
ЗОШТО ИЗРАЕЛЦИТЕ ЈА СЛАВЕЛЕ ПАСХАТА?
3, 4. Што се случувало пред да се прослави првата Пасха?
3 Стотици милиони луѓе низ целиот свет, кои не се Евреи, знаат нешто за она што се случувало пред да биде одржана првата Пасха. Можеби читале за тоа во библиската книга 2. Мојсеева или, пак, некој им ја раскажал таа приказна. Можно е и да гледале некој филм во врска со тој настан.
4 Откако Израелците со децении биле робови во Египет, Јехова ги испратил Мојсеј и неговиот брат, Арон, кај фараонот за да побараат од него да го ослободи Божјиот народ. Но, тој горделив египетски владетел не сакал да ги пушти Израелците, и затоа Јехова ѝ нанел десет страшни неволји на земјата. На крајот, во десеттата неволја, биле убиени сите првородени синови на Египќаните. Дури тогаш фараонот му дозволил на еврејскиот народ да замине (2. Мој. 1:11; 3:9, 10; 5:1, 2; 11:1, 5).
5. Што требало да направат Израелците пред да бидат ослободени? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
5 Израелците излегле од Египет во 1513 год. пр.н.е., околу пролетната рамноденица, односно во еврејскиот месец авив кој подоцна бил наречен нисан.a Но, што требало да направат пред да бидат ослободени? Бог им дал некои конкретни упатства. Тој им кажал дека на десеттиот ден од тој месец требало да почнат со подготовките за 14 нисан, кој започнал со заоѓањето на сонцето. (Кај Евреите деновите започнувале и завршувале со зајдисонце.) На 14 нисан, секое семејство требало да заколе машко јагне (или јаре) и да ги попрска со крвта двата довратника и надвратникот на влезната врата од куќата (2. Мој. 12:3-7, 22, 23). Семејството требало да го испече јагнето на оган, и да го јаде со бесквасен леб и со горчливо зелје. Таа ноќ Божјиот ангел требало да помине низ земјата и да ги погуби првородените во Египет, но послушните Израелци ќе биле заштитени, а потоа ќе биле ослободени (2. Мој. 12:8-13, 29-32).
6. Зошто Израелците требало да ја слават Пасхата секоја година?
6 Израелците требало да се сеќаваат на денот кога Јехова ги ослободил од Египет. Бог им рекол: „Тој ден нека ви биде за спомен и славете го како празник во чест на Јехова од поколение до поколение. Славете го според трајната одредба“. По прославата на Пасхата следел Празникот на бесквасните лебови кој траел седум дена. Иако самата Пасха се одржувала на 14 нисан, целиот овој осумдневен празник бил наречен со тоа име (2. Мој. 12:14-17; Лука 22:1; Јован 18:28; 19:14). Тоа бил еден од задолжителните празници кои Евреите требало да ги слават секоја година (2. Лет. 8:13).
7. Што требало да одбележуваат следбениците на Исус откако за последен пат ја прославиле Пасхата?
7 Бидејќи и самите биле Евреи и го држеле Мојсеевиот закон, Исус и неговите апостоли ја славеле Пасхата секоја година (Мат. 26:17-19). Откако за последен пат го прославиле овој празник, Исус ја воспоставил Господаровата вечера. Оттогаш наваму, неговите следбеници требало секоја година да го одбележуваат овој настан. Но, на кој ден требало да го прават тоа?
КОЈ ДЕН БИЛА ВОСПОСТАВЕНА ГОСПОДАРОВАТА ВЕЧЕРА?
8. Кое прашање се поставува во врска со Пасхата и со Господаровата вечера?
8 Веднаш откако завршиле со прославата на Пасхата, Исус им дал упатства на своите ученици за тоа како да ја одбележуваат Господаровата вечера. Според тоа, Господаровата вечера била воспоставена истиот ден. Но, можеби си забележал дека денешните Евреи понекогаш не ја прославуваат Пасхата на истиот датум кога ние ја одбележуваме Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт. Зошто има ваква разлика? Одговорот на ова прашање може да го дознаеме од една заповед што Бог им ја дал на Израелците во поврзаност со овој настан. Кога им заповедал да го заколат јагнето на 14 нисан, Јехова им кажал и точно во кое време да го сторат тоа. (Прочитај 2. Мојсеева 12:5, 6.)
9. Според 2. Мојсеева 12:6, кога требало да се заколе пасхалното јагне? (Види ја и рамката „За кој дел од денот станува збор?“)
9 Во фуснотата на 2. Мојсеева 12:6 стои дека јагнето требало да биде заклано ‚помеѓу двете вечери‘. Некои библиски преводи го користат токму тој израз во главниот текст. Во македонските преводи на Библијата се користат изразите „приквечер“, „квечерина“ и „предвечерие“. Според тоа, јагнето требало да биде заклано на почетокот на 14 нисан, односно по заоѓањето на сонцето, но пред да настапи потполна темнина.
10. Според некои, кога Израелците го колеле пасхалното јагне, но кое прашање го покренува тоа?
10 Но, поради тоа што подоцна Израелците морале да ги носат јагнињата во храмот, некои Евреи сметале дека било потребно многу повеќе време за тие да се заколат и да се принесат како жртви. Затоа заклучиле дека изразот ‚помеѓу двете вечери‘ од 2. Мојсеева 12:6 не се однесува на почетокот туку на крајот на 14 нисан, односно на периодот откако сонцето почнувало да се спушта (попладне) па сѐ до зајдисонце, кога завршувал 14 нисан. Но, ако било така, тогаш кога Израелците го јаделе пасхалниот оброк? Според професор Џонатан Клоанс, стручњак за древниот јудаизам, тие го јаделе овој оброк на 15 нисан. Сепак, тој признава дека ова не е конкретно наведено во 2. Мојсеева. Исто така, вели дека во записите на рабините не се кажува ништо за тоа како се прославувала Пасхата пред 70 од н.е., годината кога бил уништен храмот во Ерусалим.
11. а) Што се случувало со Исус на денот на Пасхата во 33 год. од н.е.? б) Зошто 15 нисан во 33 год. од н.е. бил „голем“ сабат? (Види ја фуснотата.)
11 Според тоа, на кој ден Евреите ја јаделе пасхалната жртва во 33 год. од н.е.? Да видиме што вели Библијата. На 13 нисан (во четвртокот наутро), кога наближил денот ‚во кој требало да се жртвува пасхалната жртва‘, Христос им рекол на Петар и на Јован: „Одете и пригответе ни ја пасхалната жртва за да јадеме!“ (Лука 22:7, 8). А потоа, на 14 нисан, односно во четвртокот навечер по зајдисонце, ‚дошло времето‘ Исус да го јаде пасхалното јагне заедно со своите апостоли. Веднаш по таа прослава, тој ја воспоставил Господаровата вечера (Лука 22:14, 15). Истата ноќ, Исус бил уапсен и осуден. Подоцна, околу пладне на 14 нисан, бил прикован на столб, и попладнето умрел (Јован 19:14). Според тоа, „Христос, нашата пасхална жртва [бил] жртвуван“ истиот ден кога Евреите го колеле пасхалното јагне (1. Кор. 5:7; 11:23; Мат. 26:2). Исус бил погребан при крајот на тој ден (според еврејскиот календар), односно пред да почне 15 нисанb (3. Мој. 23:5-7; Лука 23:54).
ПРОСЛАВА КОЈА ИМА ЗНАЧЕЊЕ ЗА ТЕБЕ
12, 13. За што ги поучувале родителите своите деца на Пасхата?
12 Кога им дал упатства на Израелците за првата Пасха, Бог им заповедал да го одбележуваат овој настан секоја година — тоа било „трајна уредба“ за нив. За време на овој празник, децата ќе им поставувале прашања на родителите во врска со неговото значење. (Прочитај 2. Мојсеева 12:24-27; 5. Мој. 6:20-23.) На тој начин, дури и малите ќе можеле да извлечат поука од овој настан, или, со други зборови, Пасхата и ним ќе им служела „за спомен“ (2. Мој. 12:14).
13 Од колено на колено, Израелците им пренесувале на своите деца важни поуки за Пасхата. На пример, им помагале да разберат дека Јехова може да ги заштити своите слуги. Децата сфатиле дека тој не е некоја безлична сила, туку вистински и жив Бог, кој се грижи и се зазема за својот народ. Јехова докажал дека е таков Бог со тоа што ги зачувал во живот првородените Израелци кога ‚ги удрил со неволја Египќаните‘.
14. Кои поуки од извештајот за Пасхата можат да им ги пренесат христијанските родители на своите деца?
14 Христијаните не мораат секоја година да им раскажуваат на своите деца што се случувало на првата Пасха. Но, дали ти како родител им помагаш да ја сфатат истата поука од овој настан — дека Бог го штити својот народ? Дали можат да видат дека ти лично си уверен дека Јехова сѐ уште нѐ штити? (Пс. 27:11; Иса. 12:2). И на каков начин ги поучуваш за ова? Дали го правиш тоа како да им држиш лекции или, пак, водиш пријатен и опуштен разговор со нив? Потруди се да им помогнеш на сите во семејството да ја разберат оваа поука бидејќи тоа ќе ја зајакне нивната доверба во Јехова.
15, 16. Што учиме за Јехова од извештаите за Пасхата и за излегувањето на Израелците од Египет?
15 Од Пасхата учиме уште нешто. Јехова не само што може да ги заштити своите слуги, туку може и да ги избави. Размисли што се случувало со Израелците откако Јехова ги ‚извел од Египет‘. Тој ги водел со помош на столб од облак и од оган и го разделил Црвеното Море пред нив. Додека оделе по сувото дно, водите им стоеле како ѕид од двете страни. Откако преминале на безбедно од другата страна, Израелците виделе како водата се спушта врз египетската војска. Тие во песна го фалеле Јехова затоа што ги избавил, велејќи: „На Јехова ќе му запеам... Коњот со коњаникот ги фрли в море. Јах е мојата сила и мојата моќ, зашто тој е мојот спас“ (2. Мој. 13:14, 21, 22; 15:1, 2; Пс. 136:11-15).
16 Ако имаш деца, дали им помагаш да сфатат дека Јехова е моќен Бог кој може да ги избави своите слуги? Кога зборуваш со нив или кога донесуваш одлуки, можат ли да видат дека и самиот си уверен во тоа? Во текот на Семејната вечер, би можеле да го разгледате извештајот од 2. Мојсеева, поглавја 12-15 и да разговарате за тоа како Јехова го избавил својот народ. Слични поуки можат да се извлечат и од извештаите во Дела 7:30-36 или во Даниел 3:16-18, 26-28. Сеедно дали сме млади или стари, сите ние треба да имаме доверба дека Јехова бил и секогаш ќе биде Избавител на своите слуги. Исто како што го избавил својот народ во времето на Мојсеј, сигурно ќе нѐ избави и нас во иднина. (Прочитај 1. Солуњаните 1:9, 10.)
ПОУКИ ЗА НАС
17, 18. Зошто крвта на Исус е поскапоцена од крвта на пасхалното јагне?
17 Вистинските христијани не ја слават еврејската Пасха. Таа била пропишана со Мојсеевиот закон, а тој не важи за нас (Рим. 10:4; Кол. 2:13-16). Наместо тоа, ние одбележуваме една друга годишнина — годишнината од смртта на Божјиот Син. Сепак, можеме многу да научиме од прославата на Пасхата која била воспоставена во Египет.
18 Крвта на јагнето која Израелците ја попрскале на своите довратници ги спасила животите на нивните првородени синови. Денес ние не му принесуваме животински жртви на Бог — ниту на Пасхата ниту во кое и да било друго време. Сепак, има една жртва чија крв е многу поскапоцена затоа што може засекогаш да им го зачува животот на луѓето. Апостол Павле објаснил дека тоа е крвта на Исус, „крвта на попрскувањето“. Благодарение на таа крв, ‚собранието од првородените, кои се запишани на небесата‘ — односно помазаните христијани — ќе добијат бесмртен живот (Евр. 12:23, 24). И христијаните што се надеваат дека ќе живеат вечно на Земјата ќе бидат зачувани поради крвта што ја пролеал Исус. Затоа треба постојано да се потсетуваат на следново ветување: „Преку него, со посредство на неговата крв, ослободени сме со откупнина, простени ни се престапите според богатството на неговата незаслужена доброта“ (Еф. 1:7).
19. Како начинот на кој умрел Исус ја зајакнува нашата доверба во пророштвата?
19 Кога го приготвувале јагнето кое требало да го јадат на Пасхата, Израелците не смееле да му скршат ниту една коска (2. Мој. 12:46; 4. Мој. 9:11, 12). А што може да се каже за Исус, „Божјето Јагне“, кој го дал својот живот како откупнина? (Јован 1:29). Тој бил прикован меѓу двајца злосторници. Евреите побарале од Пилат да им ги скршат коските на оние што биле приковани бидејќи на тој начин ќе умреле побрзо. Така немало да останат да висат на столбовите на 15 нисан, кој бил голем сабат. Војниците им ги скршиле нозете на двајцата злосторници, ‚но кога дошле до Исус и виделе дека веќе е мртов, не му ги скршиле нозете‘ (Јован 19:31-34). Бидејќи коските на Исус не биле скршени, исто како што било случај и со пасхалното јагне, може да се каже дека тоа јагне на некој начин било претслика или „сенка“ на она што требало да се случи на 14 нисан 33 год. од н.е. (Евр. 10:1). Освен тоа, така се исполниле и зборовите од Псалм 34:20, што уште повеќе ја зајакнува нашата доверба во пророштвата.
20. Каква разлика има меѓу Пасхата и Господаровата вечера?
20 Но, постојат и некои разлики во начинот на кој Евреите ја прославувале Пасхата и начинот на кој Исус им кажал на своите ученици да ја одбележуваат Господаровата вечера. На пример, Израелците го јаделе месото, но не ја пиеле крвта на јагнето. Тоа се разликува од заповедта која Исус им ја дал на своите ученици. Тој рекол дека оние што ќе владеат во Божјето Царство треба да земат и од лебот и од виното, кои ги симболизираат неговото тело и неговата крв. Ова ќе го разгледаме подетално во следната статија (Мар. 14:22-25).
21. Зошто е корисно да размислуваме за поуките од Пасхата?
21 Неоспорно е дека Пасхата била многу важен настан во историјата на Божјиот народ, и секој од нас може да извлече поуки од неа. Затоа, иако требало да служи како спомен за Евреите, добро е и ние како христијани да размислуваме за поуките поврзани со овој настан, бидејќи тој е дел од ‚целото Писмо кое е вдахновено од Бог‘ (2. Тим. 3:16).
a Првиот месец од еврејскиот календар бил авив, но подоцна, кога Израелците се вратиле од изгнанството во Вавилон, бил наречен нисан. Во оваа статија ќе го користиме името нисан.
b Денот по Пасхата, 15 нисан, бил првиот ден од Празникот на бесквасните лебови и секогаш се сметал за ден на одмор, односно сабат. Во 33 год. од н.е., овој ден се совпаднал со седмичниот ден за одмор, и затоа Евреите го сметале за „голем“ сабат. (Прочитај Јован 19:31, 42.)