Поглавје 4
Исус Христос — клучот за спознанието за Бог
1, 2. Како се плеткале светските религии околу клучот за спознанието за Бог?
СТОИШ пред вратата, плеткајќи се со клучевите. Ладно е и темно и сакаш да влезеш внатре — но клучот не се фаќа. Се чини дека е правиот, а сепак бравата ни да се мрдне. Колку разочарувачки! Повторно ги гледаш клучевите. Дали го употребуваш правиот? Дали некој го оштетил клучот?
2 Ова е соодветна слика за тоа што сторила религиозната збрка на овој свет со спознанието за Бог. Всушност, многумина се плеткале околу клучот кој ни го отвора разбирањето за тоа спознание — Исус Христос. Некои религии го отстраниле клучот, така што потполно го игнорираат Исуса. Други ја искривиле неговата улога, обожавајќи го како Семоќен Бог. Како и да е, спознанието за Бог ќе биде затворено за нас ако немаме точно разбирање за оваа главна личност — Исус Христос.
3. Зошто би можел Исус да биде наречен клуч за спознанието за Бог?
3 Можеби се сеќаваш дека Исус рекол: „Ова значи вечен живот, постојано да примаат спознание за тебе, единствениот вистинит Бог, и за оној кого си го испратил, Исус Христос“ (Јован 17:3, НС). Кога го рекол ова, Исус не се фалел. Светото писмо секогаш одново ја нагласува потребата од точно спознание за Христа (2. Петрово 1:8; 2:20; Ефесјаните 4:13; Колосјаните 2:2). „Сите пророци сведочат за [Исус Христос]“, забележал апостол Петар (Дела 10:43). А апостол Павле напишал: „Во [Исуса] се сокриени сите сокровишта на премудроста и познавањето“ (Колосјаните 2:3). Павле рекол дури и тоа дека сите Јеховини ветувања се обистинуваат поради Исус (2. Коринтјаните 1:20). Затоа, Исус Христос е самиот клуч за спознанието за Бог. Нашето спознание за Исус мора да биде слободно од какви и да било искривувања во поглед на неговата природа и улога во Божјата подготовка. Но, зошто Исусовите следбеници го сметаат него за централна личност во Божјите намери?
ВЕТЕНИОТ МЕСИЈА
4, 5. Кои надежи се сосредоточувале на Месијата, и како гледале на Исус неговите ученици?
4 Уште од времето на верниот човек Авел, Божјите слуги желно го очекувале Семето што го прорекол самиот Јехова Бог (1. Мојсеева 3:15; 4:1-8; Евреите 11:4). Било откриено дека во Божјата намера Семето ќе послужи како Месија, што значи „Помазаник“. Тој требало ‚да му стави крај на гревот‘ (НС), а славата на неговото Царство била проречена во псалмите (Даниил 9:24-26; Псалм 71:1-20). Кој ќе се покаже како Месија?
5 Замисли си го восхитувањето што го почувствувал еден млад Евреин по име Андреј, кога ги слушнал зборовите на Исус од Назарет. Андреј поитал кај својот брат Симон Петар и му рекол: „Го најдовме Месија“ (Јован 1:41). Исусовите ученици биле уверени дека тој е ветениот Месија (Матеј 16:16). А вистинските христијани биле спремни да ги рескираат и своите животи за верувањето дека Исус навистина бил претскажаниот Месија, односно Христос. Каков доказ имале тие? Да разгледаме три видови на докази.
ДОКАЗИ ДЕКА ИСУС БИЛ МЕСИЈАТА
6. а) Која линија на потомци требало да го произведе ветеното Семе, и како знаеме дека Исус дошол преку таа семејна лоза? б) Зошто било невозможно после 70 година н. е. некој да го докаже тврдењето дека тој е Месијата?
6 Исусовата лоза го положува првиот темел за да го идентификуваме како ветениот Месија. Јехова му рекол на Својот слуга Авраам дека ветеното Семе ќе дојде од неговото семејство. Авраамовиот син Исак, Исаковиот син Јаков и Јакововиот син Јуда, добиле слично ветување (1. Мојсеева 22:18; 26:2-5; 28:12-15; 49:10). Со векови подоцна, линијата на Месииното потекло била стеснета кога на цар Давид му било речено дека Тој ќе произлезе од неговата семејна лоза (Псалм 131:11; Исаија 11:1, 10). Извештаите од Евангелијата на Матеј и Лука потврдуваат дека Исус дошол од таа семејна лоза (Матеј 1:1-16; Лука 3:23-38). Иако Исус имал мнозина лути непријатели, ниеден од нив не ја оспорил неговата добро позната линија на потекло (Матеј 21:9, 15). Според тоа, неговата лоза е неоспорна. Меѓутоа, еврејските семејни записи биле уништени кога Римјаните го опљачкале Ерусалим во 70 година н. е. После тоа, никој не можел да докаже некакво тврдење дека е ветениот Месија.
7. а) Кој е вториот вид на докази дека Исус бил Месијата? б) Како се исполнил Михеј 5:2 во врска со Исус?
7 Исполнетите пророштва се вториот вид на докази. Многу пророштва од Хебрејските списи опишуваат различни аспекти од животниот пат на Месијата. Во осмиот век пр. н. е., пророкот Михеј прорекол дека овој голем владетел ќе се роди во безначајниот град Витлеем. Два града во Израел го носеле името Витлеем, но ова пророштво конкретно навело кој: Витлеем Ефратов, каде што се родил цар Давид (Михеј 5:2). Исусовите родители, Јосиф и Марија, живееле во Назарет, околу 150 километри северно од Витлеем. Меѓутоа, додека Марија била бремена, римскиот владетел цезарот Август наредил сите луѓе да се попишат во своите родни места.a Затоа Јосиф морал да ја одведе својата бремена жена во Витлеем, каде што се родил Исус (Лука 2:1-7).
8. а) Кога и со кој настан започнале 69-те „седмици“? б) Колку долги биле 69-те „седмици“ и што се случило кога тие завршиле?
8 Во шестиот век пр. н. е., пророкот Даниил претскажал дека „Месија Водачот“ (НС) ќе се појави после 69 „седмици“ откако ќе излезе заповед да се обнови и повторно изгради Ерусалим (Даниил 9:24, 25). Секоја од овие „седмици“ траела по седум години.b Според Библијата и световната историја, заповедта за повторна изградба на Ерусалим била издадена во 455 година пр. н. е. (Неемија 2:1-8). Според тоа, Месијата требало да се појави 483 (69 по 7) години после 455 година пр. н. е. Тоа нѐ доведува до 29 година н. е. — истата година кога Јехова го помазал Исуса со свет дух. Така Исус станал „Христос“ (што значи „Помазаник“), или Месија (Лука 3:15, 16, 21, 22).
9. а) Како се исполнил Псалм 2:2? б) Кои други пророштва се исполниле на Исус? (Види ја табелата.)
9 Секако, сите не го прифатиле Исуса како ветен Месија, а тоа било проречено во Светото писмо. Како што е запишано во Псалм 2:2, цар Давид бил божествено инспириран да претскаже: „Се креваат царевите земски, и кнезовите се собираат заедно против Господа и Неговиот Помазаник“. Ова пророштво покажало дека водачите на повеќе од една земја ќе се обединат за да го нападнат Јеховиниот Помазаник, или Месија. Така и се случило. Еврејските верски водачи, царот Ирод и римскиот управител Понтиј Пилат — сите тие одиграле своја улога во убивањето на Исус. Оттогаш, некогашните непријатели Ирод и Пилат станале блиски пријатели (Матеј 27:1, 2; Лука 23:10-12; Дела 4:25-28). За натамошни докази дека Исус бил Месијата, молиме види ја придружната табела со наслов „Некои истакнати Месијански пророштва“.
10. На кои начини Јехова потврдил дека Исус е неговиот ветен Помазаник?
10 Сведоштвото на Јехова Бог е третиот вид на докази кои го поддржуваат Исусовото Месијанство. Јехова испратил ангели да им кажат на луѓето дека Исус е ветениот Месија (Лука 2:10-14). Всушност, за време на Исусовата земна служба, Јехова лично зборувал од небото со што покажал дека го одобрува Исуса (Матеј 3:16, 17; 17:1-5). Јехова Бог му ја дал на Исус моќта да прави чуда. Секое од овие чуда претставувало натамошен божествен доказ дека Исус е Месијата, затоа што Бог никогаш не би му дал моќ на некој измамник да прави чуда. Јехова го употребил и својот свет дух за да ги инспирира извештаите на Евангелијата, така што доказите за Исусовото Месијанство станале дел од Библијата — најпреведуваната и најраспространетата книга во целата историја (Јован 4:25, 26).
11. Колку многу докази постојат дека Исус бил Месијата?
11 Сѐ на сѐ, овие категории на докази вклучуваат стотици факти кои го идентификуваат Исус како ветениот Месија. Според тоа, јасно е дека вистинските христијани исправно го сметале како оној ‚за кого сведочеле сите пророци‘ (Дела 10:43). Но, за Исус Христос има да се учи многу повеќе отколку само фактот дека тој бил Месијата. Од каде потекнувал? Каква личност бил?
ИСУСОВОТО ПРЕТЧОВЕЧКО ПОСТОЕЊЕ
12, 13. а) Како знаеме дека Исус постоел на небото пред да дојде на Земјата? б) Кој е „Речта“ и што правел пред да стане човек?
12 Исусовиот животен пат би можел да се подели на три етапи. Првата започнала долго пред тој да се роди на Земјата. Михеј 5:2 рекол дека потеклото на Месијата било „од почетокот, од вечноста“. И самиот Исус јасно рекол дека дошол од „горните [области, НС]“, т.е. од небото (Јован 8:23; 16:28). Колку долго постоел на небото пред да дојде на Земјата?
13 Исус бил наречен Божји „Единороден Син“, затоа што Јехова директно го создал него (Јован 3:16). Како „првороден пред секоја твар“, Исус потоа бил употребен од Јехова за да ги создаде сите други работи (Колосјаните 1:15; Откровение 3:14). Јован 1:1 (НС) вели дека „Речта“ (Исус во своето претчовечко постоење) „во почетокот“ била кај Бог. Значи, Речта била кај Јехова кога биле создавани „небото и земјата“. Бог ѝ се обратил на Речта кога рекол: „Да создадеме човек според Нашиот образ“ (1. Мојсеева 1:1, 26). На сличен начин, Речта сигурно била Божјиот омилен „главен работник“ (НС), опишан во Изреки 8:22-31 како персонифицирана мудрост, кој работел заедно со Јехова при создавањето на сите работи. Откако Јехова ја создал, Речта поминала векови на небото заедно со Бог, пред таа да стане човек на Земјата.
14. Зошто Исус е наречен „образ на невидливиот Бог“?
14 Затоа, не треба да нѐ изненади тоа што во Колосјаните 1:15 Исус е наречен „образ на невидливиот Бог“! Преку блиското дружење низ неброени години, послушниот Син станал ист како неговиот Татко, Јехова. Тоа е уште една причина зошто Исус е клучот за животодајното спознание за Бог. Сѐ што правел Исус додека бил на Земјата, е токму она што би го направил и Јехова. Според тоа, да се запознае Исус исто така значи да го зголемиме нашето спознание за Јехова (Јован 8:28; 14:8-10). Затоа, очигледно е дека е од животна важност да научиме повеќе за Исус Христос.
ИСУСОВИОТ ЖИВОТЕН ПАТ НА ЗЕМЈАТА
15. На кој начин се родил Исус како совршено бебе?
15 Втората етапа од Исусовиот животен пат била овде на Земјата. Тој спремно се подложил кога Бог го пренел неговиот живот од небото во утробата на една верна еврејска девица по име Марија. Јеховиниот моќен свет дух, односно делотворна сила, ја ‚осенил‘ Марија, предизвикувајќи таа да забремени и конечно да роди едно совршено бебе (Лука 1:34, 35). Исус не наследил несовршеност, затоа што неговиот живот потекнувал од совршен Извор. Пораснал во скромен дом како посинет син на дрводелецот Јосиф и бил првото од неколкуте деца во семејството (Исаија 7:14; Матеј 1:22, 23; Марко 6:3).
16, 17. а) Од каде Исус добил моќ да прави чуда, и кои биле некои од нив? б) Кои се некои од особините што ги покажал Исус?
16 Исусовата длабока оддаденост на Јехова Бог била очигледна уште кога имал 12 години (Лука 2:41-49). Откако пораснал и започнал со својата служба на возраст од 30 години, Исус ја покажал и својата длабока љубов кон другите луѓе. Кога Божјиот свет дух го овластил да прави чуда, Исус сочувствително ги оздравувал болните, куците, сакатите, слепите, глувите и лепрозните (Матеј 8:2-4; 15:30). Нахранил илјадници гладни (Матеј 15:35-38). Стивнал една бура која им се заканувала на неговите пријатели (Марко 4:37-39). Всушност, ги воскреснувал дури и мртвите (Јован 11:43, 44). Овие чуда се добро потврдени факти од историјата. Дури и Исусовите непријатели признавале дека тој ‚правел многу чудеса‘ (Јован 11:47, 48).
17 Исус патувал низ целиот негов роден крај, учејќи ги луѓето за Божјето Царство (Матеј 4:17). Дал и извонреден пример за трпеливост и разумност. Дури и кога учениците го разочарале, тој сочувствително забележал: „Духот е бодар, но телото е слабо“ (Марко 14:37, 38). Сепак, Исус бил храбар и отворен спрема оние кои ја презирале вистината и ги угнетувале беспомошните (Матеј 23:27-33). А над сѐ, совршено го имитирал неговиот Татко во поглед на љубовта. Исус бил спремен дури и да умре за да може несовршеното човештво да има надеж за иднината. Затоа, не е никакво чудо што можеме Исус да го сметаме како еден вид клуч за спознанието за Бог! Да, тој е живиот клуч! Но, зошто велиме живиот клуч? Ова нѐ доведува до третата етапа од неговиот животен пат.
ИСУС ДЕНЕС
18. Како треба да си го замислиме Исус Христос денеска?
18 Иако Библијата известува за Исусовата смрт, тој е сега жив! Всушност, стотици луѓе кои живееле во првиот век од н. е., биле очевидци на фактот дека тој воскреснал (1. Коринтјаните 15:3-8). Како што било проречено, после тоа тој седнал од десната страна на својот Татко и чекал да добие царска моќ на небото (Псалм 109:1; Евреите 10:12, 13). Тогаш, како треба да си го замислиме Исус денеска? Дали како беспомошно бебе во јасли? Или како страдалник во смртна агонија? Не. Тој е моќен, владејачки Цар! А наскоро, тој ќе го покаже своето владетелство над нашата Земја исполнета со немир.
19. Каква акција ќе преземе Исус во блиска иднина?
19 Во Откровение 19:11-15, Царот Исус Христос е живо опишан како доаѓа со голема моќ за да ги уништи злите. Овој љубезен небесен Владетел мора да е многу желен да му стави крај на страдањето кое денеска измачува милиони луѓе! А исто толку е желен и да им помогне на оние кои се трудат да го имитираат неговиот совршен пример додека бил на Земјата (1. Петрово 2:21). Тој сака да ги сочува нив за време на ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘, која брзо се приближува, често наречена „Армагедон“, за да можат да живеат засекогаш како земни поданици на Божјето Царство (Откровение 7:9, 14; 16:14, 16).
20. Што ќе стори Исус за човештвото во текот на неговата Илјадагодишна Влада?
20 За време на Исусовата проречена Илјадагодишна Влада на мир, тој ќе направи чуда во корист на сето човештво (Исаија 9:6, 7; 11:1-10; Откровение 20:6). Исус ќе ги излечи сите болести и ќе ѝ стави крај на смртта. Ќе воскресне милијарди луѓе за да можат и тие да имаат прилика да живеат засекогаш на Земјата (Јован 5:28, 29). Сигурни сме дека ќе бидеш одушевен да научиш повеќе за неговото Месијанско Царство во некое понатамошно поглавје. Биди уверен во ова: Не можеме ни да си замислиме колку прекрасен ќе биде нашиот живот под владата на Царството. Колку само е важно подобро да се запознаеме со Исус Христос! Да, битно е никогаш да не го изгубиме од вид Исус, живиот клуч за спознанието за Бог кое води до вечен живот.
[Фусноти]
a Овој попис му овозможил на римскиот император да одреди даноци. Така, Август несвесно помогнал да се исполни едно пророштво за владетелот кој „ќе прати даночник за да мине по царството“. Истото пророштво претскажало дека „кнезот [Водачот на сојузот, НС]“, односно Месијата, ќе биде ‚победен [скршен, НС]‘ за време на наследникот на овој владетел. Исус бил убиен за време на владеењето на Августовиот наследник, Тибериј (Даниил 11:20-22).
b Древните Евреи обично мислеле на годишни седмици. На пример, како што секој седми ден бил сабатен ден, така и секоја седма година била сабатна година (2. Мојсеева 20:8-11; 23:10, 11).
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Како Исусовата лоза е во прилог на неговото тврдење дека тој е Месијата?
Кои се некои Месијански пророштва што се исполниле на Исус?
На кој начин Бог директно покажал дека Исус е негов Помазаник?
Зошто Исус е живиот клуч за спознанието за Бог?
[Табела на страница 37]
НЕКОИ ИСТАКНАТИ МЕСИЈАНСКИ ПРОРОШТВА
ПРОРОШТВО НАСТАН ИСПОЛНУВАЊЕ
НЕГОВИОТ РАН ЖИВОТ
Исаија 7:14 Го родила девица Матеј 1:18-23
Јеремија 31:15 По неговото раѓање биле Матеј 2:16-18
убивани бебиња
НЕГОВАТА СЛУЖБА
Исаија 61:1, 2 Божјиот налог за него Лука 4:18-21
Исаија 9:1, 2 Службата направила луѓето Матеј 4:13-16
да видат голема светлина
Псалм 68:9 Ревност за Јеховиниот дом Јован 2:13-17
Исаија 53:1 Не верувале во него Јован 12:37, 38
Захарија 9:9; Влегол во Ерусалим на прле; Матеј 21:1-9
Псалм 117:26 поздравен како цар и како
оној кој доаѓа во
Јеховино име
НЕГОВОТО ПРЕДАВСТВО И СМРТ
Псалм 40:9; 108:8 Еден апостол е неверен; Дела 1:15-20
го предава Исуса и
подоцна e заменет
Захарија 11:12 Предаден за 30 сребреници Матеј 26:14, 15
Псалм 26:12 Против него биле користени Матеј 26:59-61
лажни сведоци
Псалм 21:18 За неговата наметка Јован 19:23, 24
фрлале ждрепка
Исаија 53:12 Вброен меѓу грешници Матеј 27:38
Псалм 21:7, 8 Исмеван додека умирал Марко 15:29-32
Псалм 68:21 Му дале оцет Марко 15:23, 36
Исаија 53:5; Прободен Јован 19:34, 37
Исаија 53:9 Погребан кај богатите Матеј 27:57-60
Псалм 15:8-11 Подигнат пред распаѓање Дела 2:25-32;
[Слика на страница 35]
Бог му дал на Исус моќ да ги оздравува болните