ЛЕКЦИЈА 47
Дали си спремен да се крстиш?
Со тоа што веќе некое време ја проучуваш Библијата, ти научи многу работи за Јехова. Веројатно, тоа те поттикнало да направиш некои промени во животот. Сепак, можеби постои нешто што те спречува да му го заветуваш животот на Јехова и да се крстиш. Во оваа лекција ќе разгледаме некои вообичаени препреки на кои наидуваат оние кои сакаат да се крстат и ќе видиме како можеш да ги надминеш.
1. Колку добро треба да ја познаваш Библијата за да можеш да се крстиш?
За да можеш да се крстиш, треба добро да ја запознаеш вистината (1. Тимотеј 2:4). Но тоа не значи дека треба да го знаеш одговорот на секое прашање поврзано со Библијата. Дури и оние што се крстени подолго време и понатаму учат нови работи (Колошаните 1:9, 10). Сепак, потребно е добро да ги познаваш основните библиските учења. Собраниските старешини ќе ти помогнат да видиш дали имаш доволно познавање.
2. Кои се некои работи што треба да ги направиш пред да се крстиш?
Оние што сакаат да се крстат мора да постапат во склад со зборовите: „Покајте се и обратете се“. (Прочитај Дела 3:19.) Да се покаеш значи да чувствуваш жал од длабочината на твоето срце поради гревовите што си ги направил и да го молиш Јехова да ти прости. Да се обратиш значи да престанеш со неисправното однесување и да бидеш решен да живееш во склад со Божјата волја. Освен тоа, треба да присуствуваш на состаноците и да проповедаш заедно со собранието како некрстен објавител.
3. Зошто не треба да се плашиш?
Некои се плашат дека нема да можат да го прават она што му го ветиле на Јехова. Точно е дека понекогаш ќе правиш грешки, исто како што било случај и со верните мажи и жени за кои се зборува во Библијата. Но, Јехова не очекува совршенство од своите слуги. (Прочитај Псалм 103:13, 14.) Тој се радува кога гледа дека даваш сѐ од себе за да постапуваш исправно и ветил дека ќе ти помага. Всушност, Јехова нѐ уверува дека ништо „не може да нѐ одвои од [неговата] љубов“. (Прочитај Римјаните 8:38, 39.)
ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ
Во овој дел ќе дознаеш како тоа што подобро ќе го запознаеш Јехова и ќе ја прифатиш неговата помош може да ти помогне да ги надминеш препреките и да се крстиш.
4. Подобро запознај го Јехова
Колку добро треба да го познаваш Јехова пред да се крстиш? Доволно е да стекнеш толкаво знаење кое ќе ти помогне да го засакаш од срце и да развиеш желба да живееш според неговата волја. Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ за да видиш како луѓе од разни краеви на светот успеале во тоа. Потоа, разговарајте за следново прашање:
Што им помогнало на некои лица да се крстат?
Прочитај Римјаните 12:2, а потоа разговарајте за овие прашања:
Дали имаш сомнежи околу некое библиско учење или околу тоа дали Јеховините сведоци поучуваат за вистината?
Доколку имаш, што би можел да направиш во врска со тоа?
5. Како да ги надминеш препреките
Секој што одлучил да му се заветува на Јехова и да се крсти ќе се соочи со предизвици. За да видиш еден пример за тоа, пушти го ВИДЕОКЛИПОТ. Потоа, разговарајте за следниве прашања:
Какви препреки требало да надмине Нарангерел за да може да му служи на Јехова?
Како љубовта кон Јехова ѝ помогнала да ги надмине препреките?
Прочитај Изреки 29:25 и 2. Тимотеј 1:7, а потоа разговарајте за ова прашање:
Што ни дава храброст за да можеме да ги надминеме препреките?
6. Имај доверба дека Јехова ќе ти помага
Јехова ќе ти помага да живееш во склад со неговата волја. Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ, а потоа разговарајте за следниве прашања:
Што го спречуваше овој човек да се крсти?
Кои работи што тој ги научи за Јехова му помогнаа да си ја зајакне довербата во него?
Прочитај Исаија 41:10, 13, а потоа разговарајте за ова прашање:
Зошто можеш да бидеш уверен дека ќе успееш да живееш во склад со твојот завет?
7. Биди благодарен за Јеховината љубов
Колку повеќе размислуваш за љубовта што Јехова ја чувствува кон тебе, толку поблагодарен ќе бидеш и ќе сакаш да му служиш во сета вечност. Прочитај Псалм 40:5, а потоа разговарајте за ова прашање:
Кои благослови од Јехова особено ги цениш?
Пророкот Еремија го сакал Јехова и ја сакал неговата Реч. Освен тоа, многу ја ценел честа да биде Јеховин слуга. Тој рекол: „Твојата реч ме израдува и ми го развесели срцето, зашто јас го носам твоето име, Јехова“ (Еремија 15:16). Поразговарајте за следниве прашања:
Зошто е голема чест да се биде Јеховин сведок?
Дали сакаш да се крстиш како Јеховин сведок?
Дали нешто те спречува во тоа?
Што мислиш дека треба да направиш за да ја постигнеш целта да се крстиш?
НЕКОИ ВЕЛАТ: „Тоа е голема одговорност. Што ако се крстам и после тоа направам некој грев?“
Дали и ти се чувствуваш така?
ШТО НАУЧИ:
Со помош од Јехова можеш да ги надминеш сите препреки и да се крстиш.
Како би одговорил?
Колку добро треба да ја познаваш Библијата за да можеш да се крстиш?
Кои промени можеби ќе треба да ги направиш пред да се крстиш?
Зошто не треба да дозволиш стравот да те спречи да се крстиш?
ИСТРАЖУВАЈ
Прочитај на што треба да се темели твојата одлука да се крстиш.
„Дали си спремен да се крстиш?“ (Стражарска кула од март 2020)
Прочитај како можеш да надминеш некои препреки што можеби те спречуваат да се крстиш.
„Што ме спречува да се крстам?“ (Стражарска кула од март 2019)
Види што му помогнало на еден човек да совлада некои големи препреки и да се крсти.
Еден човек по име Ата отпрвин го одложувал крштавањето. Дознај што му помогнало да го преземе тој важен чекор.