Јехова ги чува оние што се надеваат на него
„Верната љубов твоја и вистинољубивоста твоја нека ме чуваат секогаш“ (ПСАЛМ 40:11, NW).
1. Што го молел цар Давид Јехова, и како е исполнета таа молитва сега?
ЦАР ДАВИД од древниот Израел ‚цврсто се надевал на Јехова‘ и бил мотивиран да рече дека Јехова ‚се наведнал кон него и го послушал неговиот повик‘ (Псалм 40:1). Постојано гледал со свои очи како Јехова ги чува оние што го сакале. Затоа, Давид можел да го моли Јехова секогаш да го чува (Псалм 40:11). Како еден од верните мажи и жени на кои им е ветено „подобро воскресение“, сега Давид е на безбедно место, во Јеховиното сеќавање, како човек што ќе ја добие таа награда (Евреите 11:32-35). Така, тој си има обезбедено најдобра можна иднина. Неговото име е запишано во „Спомен книгата“ на Јехова (Малахија 3:16).
2. Како ни помага Писмото да сфатиме што значи тоа Јехова да нѐ чува?
2 Иако верните лица што се спомнати во Евреите 11. поглавје живееле пред Исус Христос да живее на Земјата, тие сепак живееле во склад со поуката што ја дал Исус кога рекол: „Кој ја сака својата душа, ја уништува, а кој ја мрази својата душа во овој свет, ќе ја сочува за вечен живот“ (Јован 12:25). Според тоа, кога велиме дека Јехова нѐ чува, јасно е дека тоа не значи дека нема да трпиме никакво страдање или прогонство. Тоа значи дека нѐ штити во духовен поглед за да можеме да задржиме добро име кај Бог.
3. Кој доказ го имаме дека Јехова го чувал Исус Христос, и што произлегло од тоа?
3 Самиот Исус бил предмет на сурово прогонство и прекори, а неговите непријатели на крајот успеале да му нанесат понижувачка и болна смрт. Сепак, тоа не е спротивно на Божјето ветување дека ќе го чува Месијата (Исаија 42:1-6). Тоа што Исус воскреснал на третиот ден од својата срамна смрт докажува дека Јехова го чул неговиот повик за помош — исто како што го чул и Давид. Јехова одговорил со тоа што му дал на Исус сила да остане беспрекорен (Матеј 26:39). Бидејќи бил чуван на таков начин, Исус добил бесмртност на небото, а милиони луѓе што положиле вера во откупот ќе можат да добијат вечен живот.
4. Каква гаранција им е дадена на помазаните христијани и на ‚другите овци‘?
4 Можеме да бидеме уверени дека во денешно време Јехова сака и може да ги чува своите слуги исто како и во времето на Давид и на Исус (Јаков 1:17). Оние релативно малку преостанати помазани браќа на Исус што сѐ уште се на Земјата можат да се потпрат на Јеховиното ветување: „Наследство нераспадливо и неизвалкано и кое не вене . . . е сочувано на небесата за вас, кои Божјата сила преку верата ве чува за спасение кое е спремно да биде откриено во последниот временски период“ (1. Петрово 1:4, 5). И ‚другите овци‘, кои имаат надеж да живеат на Земјата, можат да имаат доверба во Бог и во она што го ветил преку псалмистот: „Љубете Го Господа сите Негови свети; Господ ги чува Своите верни“ (Јован 10:16; Псалм 31:23).
Чувани во духовен поглед
5, 6. а) Како Бог го чува својот народ во денешно време? б) Каков однос со Јехова имаат помазаниците, а каков оние што имаат надеж за живот на Земјата?
5 Во денешно време, Јехова се погрижил на многу начини да го чува својот народ во духовен поглед. Иако не ги штити своите слуги од прогонство или од неволјите и трагедиите што се случуваат во животот, тој останува крај нив и им ги дава помошта и охрабрувањето што им се потребни за да го зачуваат својот близок однос со него. Темелот врз кој го градат тој однос е нивната вера во откупот, кој Бог го обезбедил со многу љубов. Некои од тие верни христијани се помазани со Божјиот дух и стануваат совладетели со Христос на небото. Прогласени се за праведни како духовни синови на Бог, и за нив важат следниве зборови: „Тој нѐ избави од власта на темнината и нѐ пренесе во царството на Синот на својата љубов, со чие посредство го имаме нашето ослободување преку откупнина, простување на нашите гревови“ (Колошаните 1:13, 14).
6 Милиони други верни христијани се уверени дека и ним може да им користи откупнината што ја обезбедил Бог. Во Библијата читаме: „Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да ја даде својата душа како откупнина во замена за мнозина“ (Марко 10:45). Тие христијани со радост го чекаат времето кога ќе ја добијат „славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21). Дотогаш, многу го ценат своето пријателство со Бог и искрено настојуваат да го зајакнат тој личен однос со него.
7. На кој начин денес Јехова ја штити добрата духовна состојба на својот народ?
7 Еден начин на кој Јехова ја чува добрата духовна состојба на својот народ е тоа што им обезбедува програма на редовно школување. Ова им овозможува да стекнат уште поточно спознание за вистината. Исто така, Јехова постојано ни дава водство и преку својата Реч, својата организација и својот свет дух. Под водство на „верниот и разборит роб“, Божјите слуги во целиот свет се како едно меѓународно семејство. Класата на робот се грижи за духовните потреби и, кога е потребно, дури и за материјалните потреби на фамилијата што ја сочинуваат Јеховините слуги — без оглед на нивната националност или општествена положба (Матеј 24:45).
8. Каква доверба има Јехова во своите верни слуги, и во што ги уверува?
8 Исто како што Јехова не го заштитил Исус физички од нападите на неговите непријатели, Тој не им дава таква заштита ниту на христијаните денес. Но, тоа не значи дека Бог не е задоволен од нив. Далеку од тоа! Напротив, така се нагласува колку е сигурен дека тие ќе останат на неговата страна во важното спорно прашање во кое е вклучен целиот универзум (Јов 1:8-12; Пословици 27:11). Јехова никогаш нема да ги напушти оние што му се верни, „зашто Господ ја љуби правдата и Своите свети не ги остава. Засекогаш ќе бидат сочувани“ (Псалм 37:28).
Нѐ чуваат верната љубов и вистинољубивоста
9, 10. а) Како Божјата вистинољубивост го чува Јеховиниот народ? б) Како покажува Библијата дека Јехова ги чува своите верни слуги поради својата верна љубов?
9 Во молитвата што ја кажал Давид а е запишана во 40. Псалм, тој молел да го чува Јеховината верна љубов и неговата вистинољубивост. Јеховината вистинољубивост и неговата љубов кон праведноста налагаат јасно да ги изнесе своите мерила. Оние што живеат според тие мерила многу се заштитени од немирот, грижите и проблемите што ги имаат оние што ги занемаруваат. На пример, можеме да се заштитиме себеси и нашите сакани од многу тешки проблеми ако не користиме дрога, ако не пиеме прекумерно, ако не водиме промискуитетен живот и ако не сме насилни. Па дури и оние што ќе застранат од Јеховиниот пат на вистинољубивоста — како што понекогаш застранувал Давид — имаат уверување дека Бог сѐ уште е „прибежиште“ за престапниците што се каат. Тие можат радосно да извикнат: „Ти ќе ме запазиш од тага“ (Псалм 32:7). Колку силен израз на Божјата верна љубов!
10 Друг пример на Божјата верна љубов е тоа што Бог ги опоменува своите слуги да останат одвоени од злобниот свет, кој наскоро ќе биде уништен. Во Библијата читаме: „Немојте да го љубите ниту светот ниту она што е во светот. Ако некој го љуби светот, љубовта кон Таткото не е во него; бидејќи сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и нападното истакнување на своите средства за живот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот“. Ако ја послушаме оваа опомена и постапуваме во склад со неа, ќе можеме дословно да си го зачуваме животот вечно, бидејќи понатаму во тие стихови стои: „Освен тоа, светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:15-17).
Нѐ чуваат способноста за расудување, проникливоста и мудроста
11, 12. Објасни како нѐ чуваат способноста за расудување, проникливоста и мудроста.
11 На оние што се надеваат дека ќе бидат прифатени од Бог, Давидовиот син Соломон бил инспириран да им напише: „Расудувањето ќе те пази тебе и разумноста [проникливоста, NW] ќе те чува“. Исто така, тој нѐ поттикнал: „Придобивај мудрост . . . не ја оставај, и ќе те чува; љуби ја и ќе те одбрани“ (Пословици 2:11; 4:5, 6).
12 Користиме способност за расудување кога длабоко размислуваме за она што го учиме од Божјата реч. Тоа ни помага да станеме попроникливи за да можеме да ги ставиме на прво место оние работи што го заслужуваат тоа. Ова е многу битно, бидејќи повеќето од нас знаат — можеби од лично искуство — дека се појавуваат проблеми кога луѓето намерно или ненамерно ги ставаат на прво место работите што не е мудро да бидат таму. Светот на Сатана нѐ намамува да имаме цел да станеме богати, угледни и моќни, додека Јехова нѐ охрабрува да си поставуваме духовни цели, кои се многу поважни. Пропустот да се стават на прво место духовните цели може да води до растурени семејства, прекинати пријателства и губење од вид на духовните цели. Тогаш човек може да ги пожнее последиците од жалосниот факт за кој зборувал Исус кога рекол: „Од каква корист е за човекот ако го добие целиот свет, а си ја загуби душата?“ (Марко 8:36). Мудроста ни налага да го послушаме следниов совет што го дал Исус: „Продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:33).
Опасно е да станеме себични
13, 14. Што значи да се биде себичен, и зошто не е мудро да станеме такви?
13 По природа луѓето се заинтересирани за своето лично добро. Но, се појавуваат проблеми кога личните желби и интереси ќе станат најважното нешто во животот. Затоа, за да го зачуваме нашето пријателство со Јехова, тој нѐ учи да не станеме себични. Да се биде себичен значи да се мисли само на своите желби, потреби или интереси. Зарем ова не е добар опис на луѓето денес? Значајно е тоа што во Библијата е проречено дека „во последните денови“ на Сатановиот злобен систем, „луѓето ќе бидат себељубиви“, односно себични (2. Тимотеј 3:1, 2).
14 Христијаните сфаќаат колку е мудро да ја слушаме библиската заповед да се интересираме за другите и да ги сакаме како себеси (Лука 10:27; Филипјаните 2:4). Луѓето општо земено можеби сметаат дека тоа не е практично, но сепак, многу е важно за да имаме успешен брак, добри семејни односи и добри пријателства. Затоа, вистинскиот слуга на Јехова не смее да дозволи поважните работи да бидат истиснати од природната склоност човек да е заинтересиран за себе. А пред сѐ, тие важни работи се интересите на Јехова, Богот што го обожава.
15, 16. а) До што може да води себичноста, и чиј пример ни го покажува тоа? б) Што всушност прави човек кога има склоност брзо да ги осудува другите?
15 Себичноста може да наведе некого да мисли дека е поправеден од другите, а тоа може да го натера да стане тесноград, вообразен. Библијата е во право кога вели: „Затоа немаш изговор, о човеку, кој и да си, ако судиш; зашто во она за кое му судиш на друг, се осудуваш самиот себе, бидејќи ти, кој судиш, ги практикуваш истите работи“ (Римјаните 2:1; 14:4, 10). Верските водачи што живееле во времето на Исус биле толку уверени во својата праведност што сметале дека имаат право да ги критикуваат Исус и неговите следбеници. Со тоа се ставиле во улога на судии. Бидејќи биле слепи за своите сопствени маани, тие си навлекле осуда.
16 Јуда, следбеникот на Исус што го предал, дозволил да стане човек што ги суди другите. Во Витанија, кога сестра му на Лазар, Марија, го помазала Исус со миризливо масло, Јуда строго приговорил. Вака го изразил своето негодување: „Зошто не беше продадено ова мирисливо масло за триста денарии и не беше дадено на сиромашните луѓе?“ Но, понатаму извештајот објаснува: „Но, ова не го рече затоа што се грижеше за сиромасите, туку затоа што беше крадец, а ја имаше кутијата за пари и ги однесуваше парите што се ставаа во неа“ (Јован 12:1-6). Никогаш да не станеме како Јуда или како верските водачи, кои имале склоност брзо да ги осудуваат другите, но со тоа само си навлекле осуда.
17. Дај пример што покажува колку е опасно да бидеме вообразени или премногу самоуверени.
17 За жал, некои од раните христијани, иако не биле крадци како Јуда, станале жртви на гордоста затоа што се вообразиле. За нив, Јаков напишал: „Се гордеете со своето вообразено фалење“. Потоа додал: „Сето такво гордеење е зло“ (Јаков 4:16). Фалењето за она што сме го направиле или за предностите што ги имаме во Јеховината служба може да биде погубно за нас (Пословици 14:16). Се сеќаваме што му се случило на апостол Петар, кој во момент на преголема самодоверба се фалел: „Макар и сите други да се спрепнат во врска со тебе, јас никогаш нема да се спрепнам! . . . Ако треба дури и да умрам со тебе, никако нема да се одречам од тебе“. Всушност, нема зошто да се фалиме. Сѐ што имаме, имаме поради Јеховината верна љубов. Ако мислиме на тоа, нема да дозволиме да станеме вообразени (Матеј 26:33-35, 69-75).
18. Како гледа Јехова на гордоста?
18 „Гордоста врви пред гибелта, и високоумноста пред паѓањето“, речено ни е. Зошто? Јехова го дава одговорот: „Јас ги мразам: гордоста, самодостатноста“ (Пословици 8:13; 16:18). Не е ништо чудно што Јехова се разгневил поради „горделивото срце на асирскиот цар и дрскоста на неговите горделиви очи“! (Исаија 10:12). Јехова го казнил. Наскоро, целиот свет на Сатана, заедно со неговите горди, надуени водачи, како видливи така и невидливи, ќе бидат казнети. Никогаш да не го прифатиме и ние тој своеглав став што го имаат противниците на Јехова!
19. Во која смисла Божјите слуги се горди, а сепак понизни?
19 Вистинските христијани имаат многу причини да се гордеат што се слуги на Јехова (Еремија 9:24). Во исто време, имаат многу причини да останат понизни. Зошто? Затоа што „сите згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Затоа, за да останеме и понатаму слуги на Јехова, мораме да го имаме истиот став што го имал и апостол Павле, кој рекол дека „Христос Исус дојде во светот за да спаси грешници“, а потоа додал: „Од нив прв сум јас“ (1. Тимотеј 1:15).
20. Како го чува Јехова својот народ денес, и како ќе го чува и во иднина?
20 Бидејќи Јеховините слуги радосно ги ставаат на прво место духовните интереси, а после себеси, можеме да бидеме уверени дека Јехова и понатаму ќе ги чува духовно. Исто така, можеме да бидеме уверени дека, кога ќе започне големата неволја, Јехова ќе го чува својот народ не само духовно туку и физички. Кога ќе влезат во Божјиот нов свет, ќе можат да извикнат: „Ете, Овој е нашиот Бог, во Него се надеваме, Тој нѐ спаси; Тој е Господ во Кого се надевавме! Да Му воскликнуваме и да се веселиме на Неговото спасение“ (Исаија 25:9).
Се сеќаваш ли?
• Како Бог ги чувал цар Давид и Исус Христос?
• Како Јехова го чува својот народ денес?
• Зошто не треба да се истакнуваме себеси?
• Зошто можеме да бидеме горди, но сепак понизни?
[Слики на страница 9]
Како Јехова ги чувал Давид и Исус?
[Слики на страница 10 и 11]
Како Бог го чува својот народ денес во духовна смисла?
[Слики на страница 12]
Иако сме горди што му служиме на Јехова, мораме секогаш да останеме понизни