Јеховината милост нѐ чува од очај
„Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата [престапите, NW] мои“ (ПСАЛМИ 50:1).
1, 2. Како може да влијае сериозниот грев на еден Јеховин слуга?
ЈЕХОВИНИОТ закон не може без казна да се прекрши. Тоа станува многу јасно кога ќе извршиме некој тежок грев против Бог! И покрај тоа што можеби со години верно сме му служеле на Јехова, прекршувањето на неговиот закон може да предизвика голема загриженост или длабока потиштеност. Може да мислиме дека Јехова нѐ напуштил и дека повеќе не сме достојни да му служиме. Гревот може да ни изгледа како тежок облак кој ни ја засенува светлината на Божјата милост.
2 Цар Давид од древниот Израел еднаш се нашол во таква состојба. Како дошло до таа ситуација?
Погрешните чекори можат да доведат до тежок грев
3, 4. Што му се случило на цар Давид во периодот на напредок?
3 Давид го љубел Бог, но направил погрешни чекори кои довеле до тешки гревови. (Спореди Галатјаните 6:1.) Тоа може да му се случи на секој несовршен човек, особено ако има власт над другите. Како успешен цар, Давид уживал слава и моќ. Кој се осмелувал да му се спротивстави на неговиот збор? Способни мажи спремно му служеле и луѓето извршувале сѐ што ќе побарал од нив. Сепак, Давид погрешил така што си насобрал жени и што го пребројувал народот (5. Мојсеева 17:14-20; 1. Летописи 21:1).
4 Во текот на тој период на материјален напредок, Давид направил сериозни гревови против Бог и луѓето. Еден грев водел во друг како испреплетени нишки на ткаенина изработена од Сатана! Додека другите Израелци се бореле со Амонитите, Давид од својот покрив гледал како се капела убавата жена на Урија, Вирсавија. Бидејќи Урија бил на боиштето, царот наредил да ја доведат жената во палатата, а потоа со неа извршил прељуба. Замисли колку бил шокиран кога подоцна дознал дека била бремена! Давид го повикал Урија, со надеж дека тој ќе ја помине ноќта со Вирсавија и детето ќе го смета за свое. И покрај тоа што Давид го опил, Урија не сакал да спие со неа. Сега во очај, Давид му испратил тајни наредби на заповедникот Јоав да го стави Урија во првите бојни редови каде што сигурно би погинал. Урија бил убиен во битка, неговата вдовица го држела вообичаениот период на жалење и Давид се оженил со неа пред луѓето да дознаат за нејзината бременост (2. Царства 11:1-27).
5. Што се случило откако Давид направил грев со Вирсавија, и како влијаеле врз него неговите гревови?
5 Преку пророкот Натан, Бог ги открил Давидовите гревови и рекол: „Јас ќе подигнам зло против твојот дом“. Според тоа, детето кое ѝ се родило на Вирсавија умрело (2. Царства 12:1-23). Давидовиот првороден син, Амнон, ја силувал својата полусестра Тамар и бил убиен од нејзиниот брат (2. Царства 13:1-33). Царевиот син Авесалом се обидел да го присвои престолот и го осрамотил татка си така што имал сексуални односи со Давидовите конкубини (2. Царства 15:1–16:22). Граѓанската војна завршила со смртта на Авесалом и со уште поголема жалост за Давид (2. Царства 18:1-33). Меѓутоа, Давидовите гревови го понизиле и го освестиле за потребата да остане близу до својот сочувствителен Бог. Ако грешиме, понизно да се покаеме и да се приближиме до Јехова. (Спореди Јаков 4:8.)
6. Зошто цар Давид бил посебно виновен?
6 Давид бил посебно виновен поради тоа што бил израелски владетел кој бил потполно свесен за Јеховиниот Закон (5. Мојсеева 17:18-20). Тој не бил египетски фараон или вавилонски цар кој немал такво спознание и кој би можел механички да врши работи коишто Бог не ги одобрува. (Спореди Ефесјаните 2:12; 4:18.) Како припадник на нација предадена на Јехова, Давид сфатил дека прељубата и убиството се тешки гревови (2. Мојсеева 20:13, 14). И христијаните го познаваат Божјиот закон. Но, како Давид, некои од нив го прекршуваат поради вродената грешност, човечка слабост и неиздржано искушение. Ако тоа им се случи на некои од нас, не треба да останеме во замрачена состојба која ни ја прекрива духовната визија и нѐ обвиткува во длабок очај.
Признавањето донесува олеснување
7, 8. а) Што му се случило на Давид кога се обидел да ги прикрие своите гревови? б) Зошто треба да го признаеме и да прекинеме со гревот?
7 Ако сме виновни за тешки престапи на Божјиот закон, можеби ни е тешко да ги признаеме нашите гревови, па дури и пред Јехова. Што може да се случи под такви околности? Во Псалм 31, Давид признал: „Затоа што замолкнав [наместо да признае], се исушија коските мои од секојдневното мое воздишување, бидејќи и дење и ноќе тежеше над мене раката Твоја [Јеховина], копнеев како на летен припек“ (стихови 3 и 4). Своеволниот Давид се изморил од обидот да го сокрие својот грев и да ја потисне нечистата совест. Болката ја намалила неговата сила толку многу што бил како дрво погодено од суша, без животодавна влажност. Всушност, веројатно умстевно и физички ги доживеал сите лоши последици. Во секој случај, ја загубил радоста. Што треба да правиме ако некој од нас се најде во слична состојба?
8 Признавањето пред Бог може да донесе простување и олеснување. „Но јас го познав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое“, испеал Давид. „Па реков: ‚Ќе ги исповедам на Господа моите престапи‘, и Ти ми го прости гревот мој“ (Псалми 31:5). Дали си вознемирен заради некој прикриен грев? Зарем не би било најдобро да признаеш и да престанеш со гревот за да добиеш Божја милост? Зошто не ги повикаш собраниските старешини и не побараш духовно излекување? (Соломонови изреки 28:13; Јаков 5:13-20). Твојот покајнички дух ќе биде признаен и, со текот на времето, повторно ќе ти се врати радоста. „Блажени [среќни, NW] се оние, чии беззаконија им се простени, и чии гревови се покриени!“ — рекол Давид. „Блажен [среќен, NW] е оној човек, на кого Господ [Јехова, NW] не му зема за грев, и во чија уста нема лукавство!“ (Псалми 31:1, 2).
9. Кога бил составен 50. псалм и зошто?
9 Давид и Вирсавија биле одговорни за нивниот престап пред Јехова Бог. Иако за своите гревови можеле да бидат осудени на смрт, Бог имал милост спрема нив. Тој бил особено милосрден спрема Давид поради сојузот за Царството (2. Царства 7:11-16). Давидовиот покајнички став заради гревовите со Вирсавија се гледа во Псалм 50. Покајничкиот цар го составил овој трогателен псалм откако пророкот Натан му ја пробудил совеста за големината на неговите престапи спрема Божјиот закон. На Натан му била потребна храброст за да му го сврти вниманието на Давид кон неговите гревови, како што и денес мораат поставените христијански старешини да бидат храбри за да работат на таков начин. Наместо да го побива тоа обвинение и да нареди Натан да се погуби, царот понизно признал (2. Царства 12:1-14). Псалм 50 ни покажува што тој му рекол на Бог во молитва во врска со таа срамна постапка и прикладен е за медитирање во молитва, особено ако сме погрешиле и копнееме по Јеховината милост.
Одговорни сме пред Бог
10. Како можел Давид да доживее духовно оздравување?
10 Давид не настојувал да се изговара заради гревот, туку молел: „Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои“ (Псалми 50:1). Со тоа што престапил, Давид ги пречекорил границите на Божјиот Закон. Меѓутоа, имало надеж за негово духовно оздравување ако Бог му покажел милост според Неговата љубезна доброљубивост, односно лојална љубов. Изобилството на Божјата милост во минатото на покајничкиот цар му дало темел за вера дека неговиот Творец ќе му ги избрише престапите.
11. Што се навестувало преку жртвите на Денот на помирување, и што се бара денес за спасение?
11 Преку жртвите од Денот на помирување, кои претставувале пророчки претслики, Јехова објавил дека имал начин да ги очисти покајниците од нивниот грев. Сега знаеме дека неговата милост и простување ни се дадени на темел на нашата вера во откупната жртва на Исус Христос. Кога Давид, кој имал на ум само претслики и сенки на таа жртва, можел да има доверба во Јеховината љубезна доброљубивост и милост, тогаш колку повеќе треба Божјите денешни слуги да покажуваат вера во откупнината која е дадена за нивното спасение! (Римјаните 5:8; Евреите 10:1).
12. Што значи да се направи грев и како се чувствувал Давид заради својот престап?
12 Кога му се молел на Бог, Давид додал: „Многупати ме изми [темелно измиј ме, NW] од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев, зашто беззаконието мое го знам и мојот грев е секогаш пред мене“ (Псалми 50:2, 3). Да се направи грев значи да се промаши целта на Јеховините начела. Давид без сомнение го направил тоа. Сепак, не бил како некој убиец и прељубник кој не е загрижен за својот престап и кој е вознемирен само заради казната или заради можноста да се зарази со болест. Како љубител на Јехова, Давид го мразел злото (Псалми 96:10). Му бил одвратен самиот негов грев и сакал Бог потполно да го исчисти од него. Давид бил потполно свесен за своите престапи и многу му било жал што допуштил да го надвладее грешната желба. Неговиот грев постојано му бил пред очите, зашто нечистата совест на еден човек кој се плаши од Бог никогаш нема да се смири сѐ додека не се покае, не признае и не добие Јеховино простување.
13. Зошто Давид можел да каже дека извршил грев против самиот Бог?
13 Давид ја сфатил својата одговорност пред Јехова, затоа рекол: „Пред Тебе Единствениот згрешив и пред Тебе зло извршив, за да бидеш праведен кога ќе пресудуваш и да победиш кога ќе судиш“ (Псалми 50:4). Давид ги прекршил Божјите закони, ја обесчестил царската положба и ‚без сомнение спрема Јехова постапил со непочитување‘ (NW), и така го осрамотил (2. Царства 12:14; 2. Мојсеева 20:13, 14, 17). Давидовите грешни дела биле престап и против израелското општество и против членовите на неговото семејство, како што еден крстен престапник денес предизвикува жалост, или неволја во христијанското собрание и меѓу саканите. Иако покајничкиот цар знаел дека згрешил против други луѓе, како што бил Урија, увидел дека има една повисока одговорност пред Јехова. (Спореди 1. Мојсеева 39:7-9.) Давид признал дека судот на Јехова ќе биде праведен (Римјаните 3:4). Христијаните кои направиле грев треба да го имаат истото гледиште.
Олеснителни околности
14. Кои олеснителни околности ги навел Давид?
14 Давид не се трудел да се оправдува, но рекол: „Ете, во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мајката моја“ (Псалми 50:5). Давид бил роден со беззаконие, а мајка му доживеала породилни болки поради наследената грешност (1. Мојсеева 3:16; Римјаните 5:12). Неговите зборови не значат дека чесните брачни односи, зачнувањето и раѓањето се грешни, бидејќи Бог ги дал бракот и раѓањето на деца; Давид не зборувал ниту за некој конкретен грев на мајка му. Бил зачнат во грев затоа што неговите родители биле грешни како и сите несовршени луѓе (Јов 14:4).
15. Што не треба да правиме иако можеби Бог ќе земе предвид олеснителни околности?
15 Ако сме направиле грев, можеме во молитва до Бог да ја наведеме секоја олеснителна околност која можеби придонела за нашето престапување. Но да не ја претвораме Божјата незаслужена доброљубивост во изговор за разуздано однесување или наследената грешност да ја употребуваме како параван зад кој би се криеле од одговорноста за нашиот грев (Јуда 3, 4). Давид ја прифатил одговорноста затоа што развивал нечисти мисли и што подлегнал на искушение. Да се молиме да не бидеме препуштени на искушение, а потоа да постапиме во согласност со таа молитва (Матеј 6:13).
Моли за очистување
16. Која особина му е угодна на Јехова и како треба тоа да влијае на нашето однесување?
16 Луѓето можеби изгледаат како извонредни поединци кои се предадени на Бог, но Бог гледа под површината и гледа какви се одвнатре. Давид рекол: „Но, Ти [Јехова] ја засака вистината во срцето, и внатре во мене ми ја објави непознатата и тајната премудрост Твоја“ (Псалми 50:6). Давид бил виновен за невистина и за нечесност затоа што вешто ја наместил смртта на Урија и што се обидел да ги сокрие фактите за бременоста на Вирсавија. Тој сепак знаел дека Бог се радува на вистинитост и светост. Тоа треба позитивно да влијане на нашето однесување затоа што Јехова би нѐ осудил кога би биле нечесни (Соломонови изреки 3:32). Давид исто така сфатил дека кога Бог би ‚му ја објавил непознатата и тајна премудрост‘, тој како покајнички цар би бил во можност да се потчинува на божествените начела до крајот на својот живот.
17. Кое било значењето на молитвата за прочистување со исоп?
17 Бидејќи псалмистот ја увидел својата потреба од Божја помош за да ги надвладее грешните склоности, тој понатаму молел: „Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег“ (Псалми 50:7). Меѓу другото, билката исоп (можеби мајоран, односно Origanum maru) се употребувала во церемонијата на чистење на луѓе кои претходно биле заразени со лепра (3. Мојсеева 14:2-7). Затоа било прикладно Давид да се моли да биде очистен од гревот со исоп. Идејата за чистота е исто така поврзана со неговата молба Јехова да го измие за тој да стане потполно чист, дури побел од снег на кој не се насобрале саѓи или други остатоци (Исаија 1:18). Ако некој од нас сега страда од болна совест заради некој престап, да имаме вера дека ако покајнички бараме простување од Бог, тој може да нѐ очисти и измие на темел на Исусовата откупна жртва.
Молба за враќање
18. Каква била состојбата на Давид пред да се покае и да признае, и како може тоа спознание да ни помогне денес?
18 Секој христијанин кој некогаш страдал од нечиста совест може да ги разбере Давидовите зборови: „Дај ми [Јехова] да чујам радост и веселба, и ќе се зарадуваат коските мои ослабнати“ (Псалми 50:8). Пред Давид да се покае и да ги признае своите гревови, неговата вознемирена совест го правела несреќен. Не наоѓал задоволство ниту во песните на ликување и радост кои ги изведувале извонредните пејачи и вештите музичари. Болката на грешниот Давид поради Божјето неодобрување била толку голема што бил како човек чии коски се болно згмечени. Копнеел по простување, по духовно оздравување и враќање на радоста која порано ја доживувал. На еден покајнички престапник денес исто така му е потребно Јеховиното простување за повторно да ја стекне радоста која ја имал пред да направи нешто што му го загрозило неговиот однос со Бог. Враќањето на „радоста на светиот Дух“ (ДК) на покајникот му покажува дека Јехова му простил и дека тој го сака (1. Солунјаните 1:6). Колкава утеха донесува тоа!
19. Како би се чувствувал Давид кога Бог би ги избришал неговите грешки?
19 Давид натаму се молел: „Сврти го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија“ (Псалми 50:9). Не можело да се очекува Јехова да гледа на гревот со одобрување. Затоа, бил замолен своето лице да го сокрие од Давидовите гревови. Царот исто така преколнувал Бог да му ги избрише сите гревови, да ги отстрани сите негови неправедности. Само кога Јехова би го направил тоа! Тоа би го подигнало Давидовото расположение, би го отстранило товарот на немирната совест и би му дало до знаење на сега покајничкиот цар дека неговиот љубезен Бог му простил.
Што ако си направил грев?
20. Што се препорачува за секој христијанин кој направил сериозен грев?
20 Псалм 50 покажува дека некои од Јеховините предадени слуги кои направиле сериозен грев, но се каат, можат со доверба да го молат да им покаже милост и да ги очисти од нивниот грев. Ако си ти христијанин кој згрешил на таков начин, зошто не побараш простување од нашиот небесен Татко во понизна молитва? Признај ја потребата од Божја помош за да застанеш пред него признаен, и замоли го да ти ја врати твојата поранешна радост. Покајничките христијани можат со доверба да дојдат пред Јехова во молитва со такви молби зашто тој „простува многу“ (Исаија 55:7, ДК; Псалми 102:10-14). Се разбира, треба да се повикаат собраниските старешини за да можат да ја пружат потребната духовна помош (Јаков 5:13-15).
21. Што ќе испитаме следниот пат?
21 Јеховината милост го чува неговиот народ од очај. Но да ги испитаме другите Давидови искрени молби во 50. псалм. Нашето проучување ќе покаже дека Јехова не презира скршено срце.
Како би одговорил?
◻ Како може да влијае сериозниот грев врз еден Јеховин слуга?
◻ Како Давид бил погоден кога се обидел да го сокрие својот грев?
◻ Зошто Давид рекол дека направил грев против самиот Бог?
◻ Што не треба да правиме иако можеби Бог ќе земе предвид олеснителни околности?
◻ Што треба да прави еден христијанин ако направи сериозен грев?