Јехова не го презира скршеното срце
„Жртвите за Бог се скршен дух; срце скршено и разбиено ти, о Боже, нема да презреш“ (ПСАЛМИ 51:17, NW).
1. Како Јехова гледа на своите обожаватели кои направиле сериозен грев, а се каат?
ЈЕХОВА може ‚да се сокрие во облак, за да не достигне молитвата наша‘ (Плач Јеремиин 3:44). Но тој сака неговиот народ да има пристап до него. Па дури и ако некој од неговите обожаватели сериозно згреши, а се кае, нашиот небесен Татко се сеќава на доброто кое тој го направил. Затоа, апостолот Павле можел на сохристијаните да им каже: „Зашто Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што го покажавте во Негово име“ (Евреите 6:10).
2, 3. Што треба да земат предвид христијанските стрешини кога постапуваат со соверници кои грешат?
2 Христијанските старешини треба исто така да ги земат предвид годините на верна служба кои тие соверници му ги дале на Бог. Тоа се однесува и на светата служба на покајниците кои направиле погрешен чекор или кои дури сториле тежок грев. Христијанските пастири се заинтересирани за духовното добро на сите во Божјето стадо (Галатјаните 6:1, 2).
3 На еден престапник кој се кае потребна му е Јеховината милост. Но, потребно е и уште нешто. Тоа јасно се гледа од Давидовите зборови во Псалми 50:10-19.
Потребно е чисто срце
4. Зошто Давид молел за чисто срце и за нов дух?
4 Ако еден предаден христијанин се наоѓа во лоша духовна состојба поради грев, што можеби ќе му биде потребно освен Јеховината милост и простување? Давид молел: „Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински [нов, непоколеблив дух, NW] обнови во мене“ (Псалми 50:10). Очигледно, Давид молел така затоа што сфатил дека склоноста кон тежок грев сѐ уште му се наоѓала во срцето. Можеби не сме биле вмешани во гревови слични на оние кои го завеле Давид во врска со Вирсавија и Урија, но потребна ни е Јеховината помош за да избегнеме да подлегнеме на искушението да се впуштиме во какво и да е сериозно грешно однесување. Понатаму, можеби лично ни е потребна божествена помош за да ги отстраниме од нашите срца грешните особини како што се лакомоста и омразата — злосторства слични на кражба и убиство (Колосјаните 3:5, 6; 1. Јованово 3:15).
5. а) Што значи да се има чисто срце? б) Што сакал Давид кога побарал нов дух?
5 Јехова бара неговите слуги да имаат „чисто срце“, односно чист мотив или намера. Кога сфатил дека не покажал таква чистота, Давид молел Бог да му го прочисти срцето и да го доведе во склад со божествените мерила. Псалмистот исто така сакал нов, исправен дух, или умствена склоност. Му бил потребен дух кој ќе му помогне да се спротивстави на искушение и тесно да се држи за Јеховините закони и начела.
Битен е светиот дух
6. Зошто Давид молел Јехова да не му го одзема светиот дух?
6 Кога сме очајни заради нашите грешки или престапи, би можеле да чувствуваме дека Бог ќе нѐ отфрли и ќе го повлече од нас својот свет дух, односно активна сила. Давид така се чувствувал зашто на Јехова му се молел: „Не отфрлувај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене“ (Псалми 50:11). Понизниот Давид кој се каел мислел дека неговите гревови го направиле недостоен да му служи на Јехова. Да се биде отфрлен од Божјето лице би значело да се изгуби неговата наклоност, утеха и благослов. Ако сакал да оздрави духовно, на Давид му бил потребен Јеховиниот свет дух. Со светиот дух на себе, царот можел во молитва да бара божествено водство за да му угодува на Јехова, можел да избегнува грев и можел да владее со мудрост. Свесен за своите гревови против Дарителот на светиот дух, Давид прикладно молел Јехова да не му го одзема духот.
7. Зошто треба да молиме за свет дух и да пазиме да не го жалостиме?
7 А како е со нас? Треба да молиме за свет дух и мораме да пазиме да не го жалостиме така што би пропуштиле да го следиме неговото водство (Лука 11:13; Ефесјаните 4:30). Инаку, би можеле да го изгубиме духот и не би можеле да ги покажуваме неговите од Бог дадени плодови на љубов, радост, мир, долготрпеливост, доброљубивост, доброта, вера, благост и самосовладување. Јехова Бог особено ќе ни го одземе својот свет дух ако постојано непокајнички грешиме против него.
Радоста на спасението
8. Што треба да сториме ако направиме грев, а сакаме да ја имаме радоста на спасението?
8 Еден покајнички грешник кој доживува духовно оздравување може повторно да се радува на Јеховината подготовка за спасение. Давид копнеел по тоа и го молел Бог: „Врати ми ја радоста [радоста на спасението, NW], спасувајќи ме и со Својот моќен Дух зацврсти ме [со спремен дух, NW]“ (Псалми 50:12). Колку било прекрасно да се биде радосен во сигурната надеж на спасение од Јехова Бог! (Псалми 3:8). Откако згрешил против Бог, Давид барал да му биде вратена радоста на спасение преку Него. Во подоцнежни времиња, Јехова пружил спасение преку откупната жртва на неговиот Син, Исус Христос. Ако ние како Божји предадени слуги извршиме тежок грев, но сакаме да ни се врати радоста на спасението, треба да имаме покајнички став за да избегнеме да грешиме против светиот дух (Матеј 12:31, 32; Евреите 6:4-6).
9. Што барал Давид кога го молел Бог да го поткрепи „со спремен дух“?
9 Давид молел Јехова да го поткрепи „дури со спремен дух“ (NW). Изгледа дека тоа не се однесува на Божјата спремност да помогне ниту на неговиот свет дух, туку на Давидовата мотивирачка умствена склоност. Давид сакал Бог да го поткрепува така што ќе му даде дух на спремност за да прави она што е исправно и да не западне уште еднаш во грев. Јехова Бог постојано ги поткрепува своите слуги и ги подига оние кои се притиснати од различни искушенија (Псалми 144:14). Колку е утешно да го сфатиме тоа, особено ако сме згрешиле но се каеме и сакаме верно да му служиме на Јехова засекогаш!
За што треба да бидат поучувани престапниците?
10, 11. а) За што можел Давид да ги поучува израелските престапници? б) Што требало да направи самиот Давид за да ги поучува грешниците?
10 Со дозвола од Бог, Давид несебично сакал да направи нешто со што би го покажал своето ценење за Јеховината милост и би им помагал на другите. Со молитвени чувства упатени до Јехова, покајничкиот цар потоа изјавил: „Беззакониците ќе ги научам да одат по Твоите патишта, и безбожниците кон Тебе ќе се обрнуваат“ (Псалми 50:13). Како можел грешниот Давид да ги поучува престапниците за Божјиот Закон? Што можел да им каже? И какво добро можело да се постигне со тоа?
11 Кога на израелските престапници им ги покажувал Јеховините патишта со надеж дека ќе се одвратат од лош пат, Давид можел да укаже колку е опасен гревот, што значи покајанието и како да се добие Божја милост. Бидејќи ја почувствувал болката на Јеховиното негодување и на немирната совест, Давид, без сомнение, бил сочувствителен учител на покајнички грешници со скршени срца. Се разбира, својот пример можел да го користи за да ги поучува другите дури откако самиот ги прифатил Јеховините мерила и добил простување од него, зашто оние кои одбиваат да им се подложат на божествените барања немаат право да ги ‚набројуваат Божјите одредби‘ (Псалми 50:16, 17, NW).
12. Каква корист имал Давид од тоа што знаел дека Бог го избавил од вината за крв?
12 Повторувајќи ги своите намери во друг облик, Давид рекол: „Избави ме од крвта [вината за крв, NW], Боже, на моето спасение, и јазикот мој ќе се зарадува на Твојата правда“ (Псалми 50:14). Вината за крв со себе ја носела осудата на смрт (1. Мојсеева 9:5, 6). Така, знаењето дека Богот на неговото спасение го избавил од вината за крв во врска со Урија, на Давид би му дал мир во срцето и во мислите. Неговиот јазик тогаш можел радосно да пее за Божјата праведност, а не за сопствената (Проповедник 7:20; Римјаните 3:10). Давид не можел да го поништи своето неморално дело или да го врати Урија од гробот, како што еден човек во денешно време не може да му ја врати невиноста на оној кого го завел, или да го воскресне оној кого го убил. Зарем не треба да мислиме на тоа кога сме искушувани? И колку многу треба да ја цениме Јеховината милост што во праведност ја покажал спрема нас! Всушност, ценењето треба да нѐ мотивира другите да ги упатуваме кон тој Извор на праведност и простување.
13. Само под кои околности може еден грешник на исправен начин да ги отвора своите усни за да го фали Јехова?
13 Ниеден грешник не може на исправен начин да ги отвора усните за да го фали Јехова, освен ако Бог, така да се рече, милосрдно не му ги отвори за да ги изговара Неговите вистини. Затоа Давид пеел: „Господи, отвори ја устата моја, и устата моја ќе ја објави похвалата Твоја“ (Псалми 50:15). Со олеснета совест поради Божјето простување, Давид бил мотивиран престапниците да ги учи за Јеховините патишта и можел слободно да го велича. Сите оние чии гревови биле простени, како што биле Давидовите, треба да ја ценат Јеховината незаслужена доброљубивост спрема нив и треба да ја користат секоја прилика да ја објавуваат Божјата вистина и ‚да ја објавуваат похвалата Негова‘ (Псалми 42:3).
Жртви прифатливи за Бог
14. а) Какви жртви се барале според сојузот на Законот? б) Зошто би било погрешно да мислиме дека постојаното грешење можеме да го надоместиме со правење на некои добрини?
14 Давид се здобил со длабок увид кој го терал да каже: „Оти, да сакаше [Јехова] жртва, јас ќе Ти ја принесев; но сепалениците не ги сакаше“ (Псалми 50:16). Сојузот на Законот барал на Бог да му се принесуваат животински жртви. Но Давидовите гревови на прељуба и убиство, кои биле казниви со смрт, не можеле да бидат надоместени со такви жртви. Во спротивно, тој не би жалел никакви трошоци за на Јехова да му принесе животински жртви. Ако нема искрено каење, жртвите се безвредни. Затоа, би било погрешно да мислиме дека би можеле да дадеме надомест за постојаното грешење со тоа што би правеле некои добрини.
15. Каков е ставот на еден предаден човек кој има скршен дух?
15 Давид додал: „Жртвите за Бог се скршен дух; срце скршено и разбиено ти, о Боже, нема да презреш“ (Псалми 51:17, NW). Во случајот кога еден грешник се кае, прифатлива ‚жртва за Бог е скршен дух‘ (NW). Таквиот човек нема воинствен став. Срцето на еден предаден човек кој има скршен дух е многу жалосно поради неговиот грев, понизен е поради тоа што чувствува Божје негодување и спремен е да стори сѐ за повторно да стекне божествена наклоност. На Бог не можеме да му понудиме ништо вредно сѐ додека не се покаеме за нашите гревови и не му ги дадеме срцата во исклучителна оддаденост (Наум 1:2).
16. Како гледа Бог на човек кој има скршено срце поради својот грев?
16 Бог не одбива жртва каква што е скршеното или разбиено срце. Според тоа, и покрај секакви потешкотии на кои можеме да наидеме како негов народ, да не подлегнуваме на очај. Ако сме се сопнале на патеката на животот така што нашето срце вика по божествена милост, не е сѐ изгубено. Дури и ако сериозно сме згрешиле, но се каеме, Јехова нема да го одбие нашето скршено срце. Тој ќе ни прости на темел на Христовата откупна жртва и повторно ќе нѐ врати во Неговата милост (Исаија 57:15; Евреите 4:16; 1. Јованово 2:1). Меѓутоа, како Давид, нашите молитви треба да бидат за повторно враќање на божествената милост, а не за бегство од потребниот укор или поправање. Бог му простил на Давид, ама и го казнил (2. Царства 12:11-14).
Заинтересираност за чистото обожавање
17. Што треба да прават грешниците освен да молат за Божје простување?
17 Ако сме направиле некој тежок грев, веројатно тој длабоко ќе нѐ вознемирува, а покајничкото срце ќе нѐ тера да молиме за Божје простување. Но, да се молиме и за другите. Иако Давид копнеел повторно да му принесе на Бог прифатливо обожавање, во неговиот псалм не биле на себичен начин изоставени другите. Тој ја упатил следнава молба до Јехова: „Господи, направи му добро на Сион, според благоволението [благонаклоноста, NW] Свое, воздигни ги ѕидовите ерусалимски“ (Псалми 50:18).
18. Зошто покајничкиот Давид се молел за Сион?
18 Да, Давид копнеел по своето повторно враќање во божествена милост. Меѓутоа, понизниот псалмист исто така се молел ‚Господ, според неговото благоволение да му направи добро на Сион‘, главниот град на Израел, Ерусалим, каде што Давид имал намера да го изгради Божјиот храм. Давидовите тешки гревови ѝ се заканувале на целата нација бидејќи целиот народ можел да страда поради престапот на царот. (Спореди 2. Царства, поглавје 24.) Всушност, неговите гревови ги поткопале „ѕидовите ерусалимски“, така што сега било потребно повторно да се изградат.
19. За што би било прикладно да молиме ако сме направиле грев, а ни било простено?
19 Ако сме направиле сериозен грев, но Бог ни простил, би било прикладно да молиме тој некако да ја поправи штетата која нашето однесување ја направило. Можеби сме му нанеле срам на неговото свето име, можеби сме го ослабнале собранието и сме му донеле жалост на нашето семејство. Нашиот љубезен небесен Татко може да отстрани секаков срам што му е нанесен на неговото име, може да го изгради собранието преку својот свет дух и да ги утеши срцата на нашите сакани кои го љубат и му служат. Се разбира, без разлика дали е или не е вклулчен грев, секогаш треба да сме заинтересирани за посветувањето на Јеховиното име и за доброто на неговиот народ (Матеј 6:9).
20. Под кои околности Јехова би бил задоволен со жртвите и приносите на Израел?
20 Ако Јехова повторно ги изградел ѕидовите на Сион, што друго би се случило? Давид пеел: „Тогаш ќе Ти бидат [Јехова] угодни жртвите на правдата, вознесувањата и жртвите сепаленици; тогаш на Твојот олтар ќе принесуваат телци“ (Псалми 50:19). Давид искрено сакал тој и нацијата да ѝ се радуваат на Јеховината милост за да можеле на прифатлив начин да го обожаваат. Тогаш Бог би бил задоволен со нивните жртви паленици и цели приноси. Тоа би било така затоа што би биле жртви на праведност принесени од неговиот предаден, искрен и покајнички народ кој ја уживал Божјата милост. Од благодарност кон Јеховината милост, на неговиот олтар принесувале волови — најдобрите и најскапите жртви. Денес, на Јехова му оддаваме чест така што му го принесуваме најдоброто што го имаме. А нашите приноси вклучуваат „жртва од устата наша“, жртви на фалба на нашиот милостив Бог, Јехова (Осија 14:3; Евреите 13:15).
Јехова ги слуша нашите повици
21, 22. Која поука за наша корист ја содржи Псалм 50?
21 Давидовата срдечна молитва запишана во 50. Псалм ни покажува дека на нашиот грев треба да реагираме со вистински дух на каење. Овој псалм исто така содржи и строги поуки за наша корист. На пример, ако направиме грев, а сме се покајале, можеме да имаме доверба во Божјата милост. Меѓутоа, првенствено да бидеме заинтересирани за било кој срам што можеби сме му го нанеле на Јеховиното име (стихови 1-4). Како Давид, можеме да му се обратиме на нашиот небесен Татко за милост на темел на нашата наследена грешност (стих 5). Треба да бидеме вистинољубиви и да бараме мудрост од Бог (стих 6). Ако сме направиле грев, треба да го молиме Јехова за очистување, за чисто срце и за непоколеблив дух (стихови 7-10).
22 Од 50 Псалм можеме исто така да согледаме дека никогаш не треба да дозволиме да закоравиме во грев. Кога би го правеле тоа, Јехова би ни го одзел Својот свет дух, или активна сила. Но, со Божјиот дух над нас, можеме успешно да ги поучуваме другите за неговите патишта (стихови 11-13). Ако погрешиме, но се покаеме, Јехова ќе ни дозволи да продолжиме да го фалиме бидејќи тој никогаш не презира скршено и разбиено срце (стихови 14-17). Овој псалм понатаму покажува дека нашите молитви не треба да ги концентрираме само на самите себе, туку да молиме за благослов и духовно добро на сите оние кои се вклучени во чистото обожавање на Јехова (стихови 18, 19).
23. Зошто Псалм 50 треба да нѐ поттикне да бидеме храбри и оптимистично настроени?
23 Овој трогателен Давидов псалм треба да нѐ мотивира да бидеме храбри и оптимистично настроени. Тој ни помага да сфатиме дека не треба да мислиме дека сѐ е изгубено ако западнеме во грев. Зошто? Затоа што ако се каеме, Јеховината милост може да нѐ чува од очај. Ако се каеме и целосно сме му оддадени на нашиот сакан небесен Татко, тој го слуша нашиот повик за милост. И колку е утешно да знаеме дека Јехова не презира скршено срце!
Како би одговорил?
◻ Зошто на христијаните им е потребно чисто срце и Божјиот свет дух?
◻ За што може покајникот да ги поучува престапниците во врска со Јеховиниот закон?
◻ Како гледа Јехова на скршено и разбиено срце?
◻ Кои поуки се наоѓаат во Псалм 50?
[Слика на страница 15]
Дали молиш за свет дух и дали пазиш да не го жалостиш?
[Слика на страница 17]
Покажи ценење за Јеховината незаслужена доброљубивост така што ќе ја објавуваш неговата вистина