Библијата може да ти помогне да најдеш радост
ИАКО не е учебник по медицина, Библијата сепак зборува за тоа како можат емоциите, било позитивни или негативни, да влијаат врз душевното и физичкото здравје. „Веселото срце е одличен лек“, вели таа, „а невеселиот дух ги суши коските.“ Понатаму читаме: „Ако покажеш малодушност [се обесхрабриш, NW] во ден на беда, твојата сила е мала“ (Пословици 17:22; 24:10). Обесхрабрувањето може да ни ја исцрпи силата, да нѐ направи слаби и ранливи и целосно да ни ја згасне желбата да правиме промени или да побараме помош.
Обесхрабрувањето може да влијае и врз нашата духовност. Луѓето што се чувствуваат безвредни обично си мислат дека не можат да имаат добар однос со Бог и дека тој не може да ги сака. Симона, која беше спомната во претходната статија, си мислела дека таа не е „личност што би му се допаднала на Бог“. Сепак, од Божјата реч, Библијата, можеме да видиме дека Бог ги сака оние што се трудат да му угодат.
Бог навистина нѐ сака
Библијата ни кажува дека „Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух“. Бог не гледа со презир на ‚понизното и покајничко срце‘, туку ветува дека ќе им го ‚оживее духот на смирените и ќе им го оживее срцето на скрушените‘ (Псалм 34:18; 51:17; Исаија 57:15).
Во една прилика, Божјиот син, Исус Христос, сметал дека е важно на своите ученици да им укаже дека Бог го гледа доброто во своите слуги. Во една илустрација им кажал дека Бог забележува кога едно врапче ќе падне на земја — нешто што повеќето луѓе би го сметале за сосема неважно. Исус исто така истакнал дека Бог ги познава луѓето во детали, дека знае дури и колку влакна имаат на главата. Откако ја кажал оваа илустрација, заклучил: „Затоа, не плашете се: Вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29-31).a Исус покажал дека без оглед на тоа што чувствуваат кон себеси, луѓето што имаат вера се навистина вредни во Божји очи. Всушност, апостол Петар нѐ потсетува дека „Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).
Биди урамнотежен
Божјата реч нѐ поттикнува да имаме урамнотежено гледиште за себеси. Под инспирација, апостол Павле напишал: „Преку незаслужената љубезност која ми е дадена, му велам на секој од вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли, туку да размислува така што ќе биде со здрави мисли, секој според мерата на вера која Бог му ја доделил“ (Римјаните 12:3).
Се разбира, не би сакале да имаме превисоко мислење за себеси па да станеме горделиви. Но, не би било пожелно ни да отидеме во другата крајност, па да мислиме дека сме потполно безвредни. Напротив, да си поставиме за цел да имаме разумно гледиште за себеси, така што ќе ги земеме во обѕир нашите добри страни, но и нашите ограничувања. Во врска со ова, една христијанка го рекла следново: „Не сум најлошиот човек на светот, но не сум ни цвеќе за мирисање. Имам и добри и лоши страни, како што имаат и сите други луѓе“.
Секако, лесно е да зборуваме за тоа што значи да се има урамнотежено гледиште, но многу потешко е да го стекнеме. Бидејќи ваквиот негативен став можеби се развивал со години, некои од нас ќе треба да вложуваат големи напори за да престанат да гледаат претерано негативно на себеси. Сепак, Бог може да ни помогне да се смениме како личности и да почнеме поинаку да гледаме на животот. Всушност, Библијата нѐ поттикнува да го сториме токму тоа. Читаме: ‚Соблечете ја старата личност која се приспособува кон вашиот поранешен начин на однесување и која се расипува според своите измамливи желби; а обновете се во силата која го задвижува вашиот ум, и облечете ја новата личност која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и лојалност‘ (Ефешаните 4:22-24).
Ако се трудиме да ја промениме ‚силата која го задвижува нашиот ум‘, односно начинот на кој обично размислуваме, ќе можеме да ја смениме својата личност од претерано негативна во позитивна. Лина, која беше спомната во претходната статија, сфатила дека сѐ додека не си ја извади од глава мислата дека никој не може да ја сака или да ѝ помогне, ништо нема и не може да го промени она што го чувствува кон себеси. Кои практични совети од Библијата им помогнале на Лина, на Симона, а и на други лица да ја направат таа промена?
Библиски начела што помагаат да бидеме порадосни
„Довери му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22). Прво и најважно нешто што може да ни помогне да најдеме вистинска радост е молитвата. Симона вели: „Секогаш кога се чувствувам обесхрабрена, му се обраќам на Јехова и барам помош од него. Во сите ситуации, без исклучок, ја чувствувам неговата сила и водство“. Кога псалмистот нѐ поттикнува да го фрлиме сето свое бреме на Јехова, тој всушност нѐ потсетува дека Јехова не само што се грижи за нас туку и нѐ гледа како поединци што се достојни за неговата помош и поддршка. Ноќта на Пасхата 33 н.е., учениците на Исус биле разжалостени поради тоа што им кажал дека наскоро ќе си замине од нив. Исус ги поттикнал да му се молат на Таткото, а потоа додал: „Барајте, и ќе добиете, за вашата радост да биде потполна“ (Јован 16:23, 24).
„Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35). Исус поучил дека давањето е клучот за да се најде вистинска радост во животот. Ако ја примениме оваа библиска вистина, ќе можеме повеќе да мислиме на потребите на другите наместо постојано да размислуваме за сопствените слабости. Кога им помагаме на другите и гледаме дека тие се благодарни за нашата помош, се чувствуваме подобро. Лина е уверена дека тоа што редовно им зборува за добрата вест од Библијата на другите луѓе ѝ помага на два начина. „Прво, ова ми ја носи среќата и задоволството за кои зборувал Исус“, вели таа. „И второ, тоа што ги гледам позитивните реакции на другите исто така придонесува да се чувствувам радосна.“ Ако великодушно се даваме себеси, ќе ја почувствуваме вистинитоста на она што стои во Пословици 11:25: „Кој ги напојува другите, сам ќе се напои“.
„За натажениот сите денови се зли, а кому срцето [му] е весело, на гозби е постојано“ (Пословици 15:15). Сите ние сами одлучуваме како ќе гледаме на себеси и на своите околности. Можеме на сѐ да гледаме негативно и да се чувствуваме тажни, или да одлучиме да размислуваме позитивно, да имаме ‚весело срце‘ и да се радуваме исто како да сме некаде на гозба. Симона вели: „Се трудам да бидам што е можно попозитивна. Постојано сум зафатена со проучување и со проповедање на другите, и истрајувам во молитва. Освен тоа, се трудам да бидам во друштво на позитивни луѓе, и се трудам да им помагам на другите“. Ваквиот став на срцето води до вистинска радост, а на тоа нѐ поттикнува и самата Библија: „Веселете се во Господа и радувајте се, праведници, викајте радосно сите кои сте со право срце“ (Псалм 32:11).
„Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат“ (Пословици 17:17). Тоа што ќе си го отвориме срцето на некој близок или на некој доверлив пријател може да ни помогне да се фатиме во костец со негативните чувства и да ги совладаме пред тие да нѐ совладаат нас. Разговорот со другите може да ни помогне да гледаме на работите урамнотежено и од позитивна гледна точка. „Многу помага ако си кажеш што чувствуваш“, признава Симона. „Едноставно имаш потреба да зборуваш со некого за твоите чувства. Честопати е доволно само да си кажеш што ти лежи на душата.“ Ако постапиш вака, ќе увидиш колку е вистинита пословицата: „Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели“ (Пословици 12:25).
Што можеш да сториш
Разгледавме само неколку од многуте прекрасни и практични начела од Библијата што можат да ни помогнат да ги совладаме негативните чувства и да најдеме вистинска радост. Ако и тебе те измачуваат чувства на безвредност, те поттикнуваме повнимателно да ја истражиш Божјата реч, Библијата. Научи да гледаш реалистично и урамнотежено на себеси и на твојот однос со Бог. Од сѐ срце се надеваме дека Божјата реч ќе ти го даде потребното водство за да можеш да најдеш вистинска радост во сѐ што правиш.
[Фуснота]
a За овие стихови од Библијата се дискутира во детали на страници 22 и 23.
[Слика на страница 7]
Ако живееме според библиските начела, ќе бидеме радосни