Исполнување на нашиот завет од ден во ден
1 Псалмистот Давид бил поттикнат да изјави пред Јехова: „Со песна ќе го воспевам Твоето име и ќе ги извршувам своите завети од ден во ден“ (Псал. 60:8). Давид знаел дека давањето завет е сосема доброволна работа. Меѓутоа, тој исто го ценел и тоа дека, ако дал завет, бил обврзан и да го исполни. И покрај тоа, тој го фалел Јехова за можноста да ги исполнува своите завети од ден во ден.
2 Кога сме се предале на Јехова, доброволно сме се заветувале да ја вршиме неговата волја. Сме се откажале од себеси и служењето на Јехова сме го направиле наше првенствено тежнеење во животот (Лука 9:23). Според тоа, и ние мора да ги исполнуваме нашите завети од ден во ден (Проп. 5:3—5). Нашата јавна изјава дадена во времето на крштавањето во вода мора да се рефлектира во нашиот целосен начин на живот, бидејќи знаеме дека „со устата се дава јавна изјава за спасение“ (Рим. 10:10, НС). Ова вклучува проповедање на добрата вест (Евр. 13:15). Личните околности многу варираат, но од ден во ден сите ние можеме да ја задржиме во фокус важноста на споделувањето на добрата вест со другите.
3 Создавај прилики да проповедаш секојдневно: Споделувањето на добрата вест со некој друг е радосно искуство. Со цел ова да се прави секојдневно, треба да создаваме прилики за да проповедаме секогаш кога нашите околности ни дозволуваат. Оние кои презеле иницијатива да им сведочат неформално на поединци на работа или во училиште, на соседите или на други кои ги среќаваат секој ден, доживеале многу радосни искуства. Дури и пишувањето писма или користењето на телефонот може да биде начин за сведочење на другите. Извлекувањето корист од сето ова, како и редовното одвојување време за сведочење од куќа до куќа и вршење повторни посети, може да водат до посебната радост која произлегува од водењето домашна библиска студија. Да, можеме да бидеме во состојба секој ден да создаваме прилики за проповедање.
4 Една сестра почнала на работа, за време на паузата, да ја чита брошурата Секојдневно разгледување на Писмото. Таа поканила една колешка заеднички да го прочитаат дневниот стих, а тоа наскоро довело до библиска студија со жената. Тие проучувале по пола час секој ден, пет дена неделно. Еден друг колега ја набљудувал нивната секојдневна студија. Конечно тој се идентификувал како еден неактивен брат. Поттикнат од ревноста на сестрата, се јавил кај еден старешина со цел повторно да стане активен. Како резултат на работењето од ден во ден, во склад со нејзиниот завет, оваа сестра извршила позитивно влијание врз два други живота.
5 Кога сме мотивирани од срце исполнето со ценење за сите добри работи кои Јехова ги сторил за нас, секојдневното исполнување на нашиот завет на предаденост, најдобро што можеме, ќе ни донесе радост и задоволство. Како псалмистот, и ние можеме да изјавиме: „Ќе Те славам, Господи, Боже мој, од сѐ срце и вечно ќе го прославувам името Твое“ (Псал. 85:12).