Кој ќе ги избави оние што викаат за помош?
„Боже, дај му ги своите закони на царот... Зашто, тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош“ (ПС. 72:1, 12)
1. Што учиме за Божјата милосрдност од случајот со Давид?
КОЛКУ се охрабрувачки овие зборови, кои очигледно ги напишал цар Давид од древниот Израел! Со години пред да ги запише, кога направил прељуба со Витсавеа, тој чувствувал длабоко каење поради тој грев. Во тоа време, Давид го молел Бог: „Според својата голема милосрдност, избриши ги моите престапи... Мојот грев е постојано пред мене... Еве, во престап сум роден, во грев ме зачна мајка ми“ (Пс. 51:1-5). Затоа што е милосрден, Јехова ја зема во обѕир нашата наследена несовршеност.
2. Како може да ни помогне Псалм 72?
2 Јехова ја разбира жалната состојба во која се наоѓаме. Но, како што било проречено, Неговиот помазан Цар „ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник. Ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот и ќе ги спаси душите на сиромасите“ (Пс. 72:12, 13). Како ќе ги избави? Псалм 72 ни го дава одговорот. Иако зборува за владеењето на Давидовиот син, Соломон, оваа песна содржи претслики што укажуваат на каков начин Божјиот Син, Исус Христос, ќе ги избави луѓето од маките.
Претслика на Христовото владеење
3. Што побарал Соломон, и што му дал Бог?
3 Некое време откако заповедал Соломон да биде устоличен за цар, веќе остарениот Давид дал конкретни упатства кои Соломон верно ги следел (1. Цар. 1:32-35; 2:1-3). Подоцна Јехова му се јавил на Соломон во сон и му рекол: „Барај што сакаш да ти дадам!“ Соломон имал само едно барање: „Дај му на својот слуга послушно срце за да може да му суди на твојот народ и да разликува добро од зло“. Како резултат на оваа скромна молба, Бог му го дал на Соломон она што го барал, но и повеќе од тоа (1. Цар. 3:5, 9-13).
4. Како го опишала владеењето на Соломон една царица во неговото време?
4 Благодарение на Јеховиниот благослов, владеењето на Соломон било најистакнатиот период на мир и процвет што воопшто постоел под која и да било влада на Земјата (1. Цар. 4:25). Меѓу оние што дошле да видат какво е владеењето на Соломон била и царицата од Сава, која пристигнала со огромна придружба. Таа му рекла на Соломон: „Вистина е она што го чув во својата земја... И ете, ни половина не ми беше кажано! Со својата мудрост и со благосостојбата ти го надминуваш она што го чув“ (1. Цар. 10:1, 6, 7). Сепак, Исус покажал далеку поголема мудрост. Тој со добра причина го кажал следново за себе: „Еве, овде е некој што е поголем од Соломон“ (Мат. 12:42).
Поголемиот Соломон ќе нѐ избави
5. Што ни открива Псалм 72, и како Исус покажал на кој начин ќе се исполни тој Псалм во иднина?
5 Да разгледаме сега неколку обележја на 72. Псалм со цел да дознаеме нешто повеќе за благословите што ќе ги доживее човештвото под власта на Исус Христос, Поголемиот Соломон. (Прочитај Псалм 72:1-4.) Овој псалм ни открива како гледа Јехова на ‚кнежевската власт‘ на својот Син, ‚Кнезот на Мирот‘, Исус Христос (Иса. 9:6, 7). Под Божје водство, Поголемиот Соломон ‚ќе им суди на страдалниците и ќе ги спаси синовите на сиромавиот‘. Неговото владеење ќе биде мирољубиво и праведно. Додека бил на Земјата, Исус покажал што ќе постигне кога ќе владее во своето илјадагодишно Царство (Отк. 20:4).
6. Кои работи што ги направил Исус покажуваат какви благослови ќе донесе неговото Царство?
6 Да разгледаме само некои од работите што ги правел Исус Христос кои покажуваат што ќе стори тој за човештвото во иднина, кога ќе се исполни Псалм 72. Ние со право се восхитуваме на големото сочувство што го имал кон оние што страдале (Мат. 9:35, 36; 15:29-31). На пример, еден човек болен од лепра му пристапил на Исус и го молел: „Ако сакаш, можеш да ме исчистиш“. А тој му рекол: „Сакам, исчисти се!“ И човекот оздравел! (Мар. 1:40-42). Подоцна, Исус сретнал една вдовица на која ѝ починал синот единец. Тој ‚се сожалил на неа‘, па се свртел кон мртвото момче и рекол: „Стани“. И тоа станало! Синот на оваа вдовица повторно бил жив! (Лука 7:11-15).
7, 8. Наведи примери кога Исус ја покажал својата моќ да лекува.
7 Јехова му дал сила на Исус да прави чуда. Ова можело да се види во случајот на ‚една жена која дванаесет години страдала од крвавење‘. Иако ‚претрпела големи маки од многу лекари, и потрошила сѐ што имала‘, ѝ било уште полошо. Оваа жена се вмешала во мноштвото и го допрела Исус — со што прекршила една одредба од Законот за лица што имале „излив на крв од телото“ (3. Мој. 15:19, 25). Исус почувствувал дека од него излегла сила и затоа прашал кој го допрел. „Исплашена и растреперена“, жената ‚се фрлила пред него и му ја кажала целата вистина‘. Бидејќи сфатил дека Јехова ја излекувал жената, Исус бил љубезен кон неа и ѝ рекол: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава од својата мачна болест“ (Мар. 5:25-27, 30, 33, 34).
8 Со силата што Бог му ја дал, Исус ги лекувал болните, но тоа сигурно имало огромно влијание и врз набљудувачите. На пример, мнозина сигурно биле восхитени кога гледале како Исус ги лекува луѓето пред да ја одржи познатата Проповед на гората (Лука 6:17-19). Кога Јован Крстител испратил двајца гласници за да добијат потврда од Исус дека тој е Месијата, го нашле како ‚лекува мнозина од нивните заболувања, од тешки болести и од зли духови, и како на мнозина слепи им подарува вид‘. Потоа Исус им го рекол следново на двајцата гласници: „Кажете му на Јован што сте виделе и чуле: на слепите им се враќа видот, сакатите одат, лепрозните се исчистуваат, глувите слушаат, мртвите стануваат, на сиромасите им се објавува добрата вест“ (Лука 7:19-22). Таа вест сигурно многу го охрабрила Јован!
9. На што биле претслика чудата на Исус?
9 Точно е дека олеснувањето од маките што Исус им го донел на луѓето додека служел на Земјата било од привремен карактер. Оние што ги излекувал или воскреснал подоцна умреле. Сепак, чудата што Исус ги правел додека бил на Земјата се претслика за трајното избавување што човештвото ќе го доживее под неговото месијанско Царство.
Наскоро целата Земја ќе биде Рај!
10, 11. а) Колку долго ќе траат благословите на Царството, и какво ќе биде владеењето на Исус? б) Кој ќе биде со Христос во Рајот, и како ќе може да живее вечно?
10 Замисли си каков ќе биде животот во Рајот на Земјата! (Прочитај Псалм 72:5-9.) Слугите на единствениот вистински Бог ќе можат да живеат во него сѐ додека постојат сонцето и месечината — значи, засекогаш! Царот Исус Христос ќе донесе освежување, ‚како кога се спушта дожд на косена трева и како обилни дождови да ја натопуваат земјата‘.
11 Кога размислуваш за исполнувањето на овој псалм, зарем срцето не ти затреперува од надежта да живееш вечно во Рај на Земјата? Прикованиот злосторник сигурно бил восхитен кога Исус му рекол: „Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43). Во илјадагодишното Царство на Исус, тој човек ќе биде вратен во живот. Ако се подложи на Христовата власт, ќе може да живее засекогаш на Земјата во совршено здравје и среќа.
12. За време на Христовото илјадагодишно владеење, каква можност ќе им биде дадена на воскреснатите неправедници?
12 Под владеењето на Поголемиот Соломон, Исус Христос, „ќе процвета праведникот“ (Пс. 72:7). Тогаш Христос ќе ни покаже огромна љубов и нежно ќе се грижи за нас, исто како во времето кога бил на Земјата. Во Божјиот ветен нов свет, дури и на „неправедните“ кои ќе бидат воскреснати ќе им се даде прекрасна можност да постапуваат според Јеховините мерила и да останат живи (Дела 24:15). Се разбира, на оние што ќе одбијат да постапуваат во склад со Божјите барања нема да им биде дозволено да продолжат да живеат и да го нарушуваат мирот и спокојството во новиот свет.
13. До каде ќе се протега власта на Царството, и зошто мирот што ќе го донесе тоа нема никогаш да биде нарушен?
13 Следниве зборови на псалмистот покажуваат дека Поголемиот Соломон ќе владее со целата Земја: „Ќе има поданици од море до море и од Реката [Еуфрат] до краиштата на земјата. Пред него ќе се поклонат жителите на безводните краишта, неговите непријатели ќе ја лижат прашината“ (Пс. 72:8, 9). Значи, Исус ќе владее над целиот свет (Зах. 9:9, 10). Оние што го признаваат неговото царување и се благодарни за благословите од него „ќе [му] се поклонат“, односно од сѐ срце ќе му се подложат. Од друга страна, непокајничките грешници ќе бидат отстранети, дури и да имаат „сто години“ (Иса. 65:20). Тие „ќе ја лижат прашината“.
Грижа поттикната од сочувство кон нас
14, 15. Од каде знаеме дека Исус разбира како се чувствуваат луѓето и дека „ќе го избави сиромавиот кој вика за помош“?
14 Грешното човештво е во жална состојба и очајно му треба помош. Но, има надеж за нас. (Прочитај Псалм 72:12-14.) Исус, Поголемиот Соломон, има сочувство кон нас бидејќи ја разбира нашата несовршеност. Освен тоа, Исус страдал поради праведноста. Бог дозволил и сам да се соочи со некои испити. Во една прилика, тој доживеал толку силна душевна болка што ‚потта му станала како капки крв што паѓале на земјата‘! (Лука 22:44). Подоцна, додека висел на маченичкиот столб, тој повикал: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ (Мат. 27:45, 46). И покрај сето тоа страдање и сите немилосрдни обиди на Сатана да го одвои од неговиот Татко, Исус му останал верен на Јехова Бог.
15 Можеме да бидеме уверени дека Исус ја гледа нашата болка и дека „ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник“. Со грижа полна со љубов, слично како својот Татко, Исус ќе „ги слуша сиромасите“, ќе ‚ги излекува оние со скршено срце и ќе им ги преврзе раните‘ (Пс. 69:33; 147:3). Исус може „да сочувствува со нас во нашите слабости“ бидејќи самиот бил ‚испитан во сѐ како и ние‘ (Евр. 4:15). Колку сме среќни што знаеме дека царот Исус Христос сега владее на небото и едвај чека да ги избави луѓето што страдаат!
16. Зошто Соломон можел да сочувствува со своите поданици?
16 Затоа што бил мудар и прониклив, Соломон сигурно ‚се сожалувал на бедниот‘. Освен тоа, и самиот преживеал тажни и потресни настани. Неговиот брат Амнон ја силувал сестра му, Тамара, а другиот брат, Авесалом, наместил Амнон да биде убиен за тоа злодело (2. Сам. 13:1, 14, 28, 29). Потоа Авесалом сакал сосила да го приграби престолот на Давид, но неговиот план пропаднал и бил убиен од Јоав (2. Сам. 15:10, 14; 18:9, 14). Подоцна, друг брат на Соломон, Адонија, се обидел да се устоличи како цар. Ако успеел во својата намера, тоа сигурно ќе значело смрт за Соломон (1. Цар. 1:5). Од она што го кажал во молитвата при свеченото отворање на Јеховиниот храм можело да се види дека Соломон навистина ги разбира страдалниците. Во врска со своите поданици, овој цар се молел со следниве зборови: „Секој ја знае својата неволја и својата болка... [Јехова,] прости и дај му секому според сите негови патишта“ (2. Лет. 6:29, 30).
17, 18. Каква болка чувствувале некои Божји слуги, и што им помогнало успешно да се справат со неа?
17 Можеби болката што ја чувствуваме ние е резултат на нешто што сме го доживеале во минатото. Мери,a Јеховин сведок во своите триесетти години, пишува: „Навистина имам многу причини да бидам среќна, но честопати, кога ќе се сетам на минатото, се срамам и се гадам од себеси. Потоа ме преплавуваат чувства на неподнослива тага и плачам како сето тоа да се случило вчера. Неизбришливите спомени сѐ уште кај мене раѓаат силни чувства на безвредност и вина“.
18 Многу Божји слуги се погодени од слични чувства. Но, што може да им ја даде потребната сила за да издржат? Мери вели: „Среќна сум затоа што сега имам вистински пријатели и духовно семејство. Освен тоа, се трудам да размислувам за она што Јехова го ветува за иднината, и уверена сум дека наскоро, наместо да повикувам за помош, ќе воскликнувам од радост“ (Пс. 126:5). Треба да ја положиме својата надеж во Божјиот Син — Владетелот што го поставил Јехова. Во врска со него, било проречено и следново: „Ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот и ќе ги спаси душите на сиромасите. Од угнетување и од насилство ќе ја откупи нивната душа, нивната крв ќе биде скапоцена во негови очи“ (Пс. 72:13, 14). Колку се утешни овие зборови!
Ни претстои нов свет на изобилство
19, 20. а) Според Псалм 72, кој проблем ќе биде решен кога ќе владее Царството? б) Кој првенствено е заслужен за благословите од Христовото владеење, и што мислиш ти за она што ќе биде постигнато со него?
19 Обиди се уште еднаш да си ја замислиш иднината — Божјиот нов свет во кој праведните луѓе ќе живеат под власта на Поголемиот Соломон. Библијата ветува: „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Пс. 72:16). Бидејќи житото обично не расте на планинските врвови, овие зборови нагласуваат колку плодна ќе стане Земјата. Таа ќе дава род како Ливан, предел кој давал изобилен род кога владеел Соломон. Замисли си! Нема повеќе недостиг на храна, сите имаат доволно за јадење, никој не умира поради глад! Тогаш сите ќе уживаат во „гозба од избрани јадења“ (Иса. 25:6-8; 35:1, 2).
20 Чија ќе биде заслугата за сите овие благослови? Првенствено на Царот на вечноста и Севишниот Владетел, Јехова Бог. Всушност, сите ние тогаш радосно ќе го запееме последниот дел од оваа прекрасна и трогателна песна: „Неговото име [на царот Исус Христос] нека трае довека! Неговото име нека расте пред сонцето и со Него нека се благословуваат луѓето! Сите народи нека го нарекуваат среќен! Да е благословен Јехова Бог, Богот на Израел, кој е единствен што прави чудесни дела. И да е благословено неговото славно име довека, неговата слава нека ја исполни целата земја. Амин! Амин!“ (Пс. 72:17-19).
[Фуснота]
a Името е сменето.
Како би одговорил?
• Каква пророчка претслика е дадена во Псалм 72?
• Кој е Поголемиот Соломон, и до каде ќе се протега неговата власт?
• Кој од благословите проречени во Псалм 72 ти значи најмногу?
[Слика на страница 29]
На што била претслика благосостојбата за време на владеењето на Соломон?
[Слика на страница 32]
Вреди да дадеме сѐ од себе за да живееме во Рајот под власта на Поголемиот Соломон