СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 44
Длабоко проучувај ја Божјата Реч
Во потполност да разберете што е ширината и должината и височината и длабочината на вистината (ЕФ. 3:18)
ПЕСНА 95 Светлината свети сѐ посилно
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1-2. Кој е најдобриот начин на кој можеш да ја читаш и да ја проучуваш Библијата? Наведи пример.
ЗАМИСЛИ дека треба да одлучиш дали да купиш некоја куќа. Што би сакал да видиш пред да ја донесеш одлуката? Дали би ти било доволно да видиш само слика од предниот дел на куќата? Сигурно ќе сакаш да одиш и лично да ја видиш за да ја разгледаш однадвор од сите страни, да влезеш внатре во секоја соба и внимателно да разгледаш што сѐ има во таа куќа. Можеби дури ќе сакаш да го разгледаш и планот на куќата за да знаеш како била градена. Без сомнение, ќе сакаш да го видиш секој детаљ од куќата што имаш намера да ја купиш.
2 Нешто слично можеме да правиме и кога ја читаме и проучуваме Библијата. Еден библиски изучувач рекол дека „Библијата е како една висока и пространа зграда со длабоки темели“. Тогаш како можеме добро да се запознаеме со сето она што е запишано во неа? Ако ја читаш набрзина, ќе ги дознаеш само основните работи — „основните свети Божји објави“ (Евр. 5:12). Наместо тоа, како што е случај и со куќата, треба да навлезеш подлабоко за да ги откриеш скапоцените детали што се наоѓаат во неа. Одличен начин на кој можеш да ја проучуваш Библијата е да се трудиш да видиш како различните делови од нејзината порака се поврзани меѓу себе. Труди се да разбереш не само во што веруваш туку и зошто веруваш во тоа.
3. На што ги поттикнал апостол Павле браќата и сестрите, и зошто? (Ефешаните 3:14-19).
3 За потполно да ги разбереме сите делови од Божјата Реч, мора да ги проучуваме длабоките библиски вистини. Апостол Павле ги поттикнал браќата и сестрите темелно да ја проучуваат Божјата Реч за да можат во потполност да разберат „што е ширината и должината и височината и длабочината на вистината“. Тоа ќе им помогнело уште повеќе да бидат вкоренети и втемелени во нивната вера. (Прочитај Ефешаните 3:14-19.) И ние треба да го правиме истото. Да видиме како можеме темелно да ја проучуваме Божјата Реч за да добиеме целосна слика за нејзиното богато значење.
ПРОУЧУВАЈ ГИ ДЛАБОКИТЕ БИБЛИСКИ ВИСТИНИ
4. Што можеме да правиме за да станеме уште поблиски со Јехова? Наведи примери.
4 Како христијани ние не сме задоволни со тоа да имаме само површно разбирање за Библијата. Ние имаме силна желба да ги разбереме „дури и Божјите длабочини“, а тоа можеме да го направиме со помош на светиот дух (1. Кор. 2:9, 10). Во текот на твоето лично проучување, би можел подетално да истражуваш некоја тема со цел уште повеќе да се зближиш со Јехова. На пример, би можел да проучуваш за тоа како тој ја покажал својата љубов кон неговите слуги во минатото и како тоа докажува дека те сака и тебе. Исто така, би можел да проучуваш за тоа како Јехова сакал да го обожаваат Израелците и да го споредиш тоа со начинот на кој сака да го обожаваме ние денес. Или, би можел детално да ги проучуваш пророштвата што Исус ги исполнил во текот на неговиот живот и служба на Земјата.
5. На која тема би сакал да истражуваш за време на твоето лично проучување?
5 Некои браќа и сестри кои сакаат темелно да ја проучуваат Библијата биле запрашани кои работи од Божјата Реч би сакале подлабоко да ги проучуваат. Дел од нивните одговори се наведени во рамката „Идеи за длабоко проучување на Библијата“. Можеш да најдеш радост во проучувањето на вакви теми со помош на Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци. Длабокото проучување на Библијата ќе ја зајакне твојата вера и ќе ти помогне да го пронајдеш „знаењето за Бог“ (Изр. 2:4, 5). Сега ќе разгледаме неколку длабоки библиски вистини кои би можеле темелно да ги проучуваме.
РАЗМИСЛУВАЈ ЗА БОЖЈАТА НАМЕРА
6. а) Која е разликата помеѓу план и намера? б) Зошто може да се каже дека Јеховината намера за луѓето и за Земјата е вечна? (Ефешаните 3:11).
6 Размисли, на пример, што вели Библијата за Божјата намера. Има голема разлика помеѓу план и намера. Еден план можеме да го споредиме со точно одреден пат кој може да нѐ одведе до нашата дестинација. Но, планот може да пропадне ако на патот се појави некоја пречка. Од друга страна, една намера можеме да ја споредиме со самата дестинација. Ние точно знаеме каде сакаме да стигнеме, но има различни патишта по кои можеме да стигнеме таму. Ако еден од патиштата е блокиран, можеме да тргнеме по друг пат. Среќни сме што Јехова постепено ја откривал својата вечна намера во Библијата (Еф. 3:11). Јехова може да избере различни начини за да ја исполни својата намера и тој секогаш успева во тоа бидејќи „направил сѐ за да служи за неговата намера“ (Изр. 16:4). Освен тоа, резултатите од она што Јехова го прави ќе траат засекогаш. Која е неговата намера и кои промени ги направил за да ја исполни?
7. Откако првите луѓе се побуниле, како Јехова го променил начинот на кој ќе ја исполни својата намера? (Матеј 25:34).
7 На првите луѓе Бог им кажал која е неговата намера за нив. Тој им рекол: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја, и владејте над морските риби, над небесните суштества што летаат и над сите суштества што се движат по земјата!“ (1. Мој. 1:28). Кога Адам и Ева се побуниле и гревот влегол меѓу луѓето, тоа не го спречило Јехова да ја исполни својата намера. Тој го променил начинот на кој таа ќе се исполни. Јехова веднаш одлучил да постави едно Царство на небото кое ќе ја исполни неговата првобитна намера со луѓето и Земјата. (Прочитај Матеј 25:34.) Во точно одредено време, Јехова од љубов го испратил својот првороден Син на Земјата за да ги поучува луѓето за Царството и да го даде својот живот за да нѐ откупи од гревот и од смртта. Потоа, Исус бил воскреснат на небото за да владее како Цар на Божјето Царство. Но, има уште многу работи што можеме да ги научиме за Божјата намера.
8. а) Која е главната тема на Библијата? б) Според Ефешаните 1:8-11, која е Јеховината крајна намера? (Види ја сликата на насловната страница.)
8 Главната тема на Библијата е дека Божјето име ќе биде посветено додека Јехова ја исполнува својата намера со Земјата преку неговото Царство со кое владее Христос. Намерата на Јехова не може да се смени. Тој ветил дека сѐ што рекол сигурно ќе се исполни (Иса. 46:10, 11; Евр. 6:17, 18). Со текот на времето, Земјата ќе биде претворена во рај каде што совршените, праведни потомци на Адам и Ева ќе „живеат засекогаш“ (Пс. 22:26). Но, Јеховината намера вклучува нешто повеќе од тоа. Крајната намера на Јехова е да ги обедини сите суштества обдарени со разум на небото и на Земјата. Тогаш, сите во универзумот ќе му бидат потполно послушни на Јехова како на свој Владетел. (Прочитај Ефешаните 1:8-11.) Зарем не си воодушевен од прекрасниот начин на кој Јехова ја исполнува својата намера?
РАЗМИСЛУВАЈ ЗА ТВОЈАТА ИДНИНА
9. Колку далеку можеме да гледаме во иднината преку читањето на Библијата?
9 Размисли за пророштвото што Јехова го кажал во еденската градина, а е запишано во 1. Мојсеева 3:15.b Тоа се однесува на настани со кои ќе се исполнела неговата намера, но ќе се случеле илјадници години подоцна. Еден од овие настани е тоа што главниот дел од потомството на жената, Месијата, требало да дојде од семејната лоза на Авраам (1. Мој. 22:15-18). Потоа, во 33 год. од н.е., Исус бил ранет во петицата, токму како што било проречено (Дела 3:13-15). Последниот настан од тоа пророштво, дека потомството ќе му ја смачка главата на Сатана, ќе се случи во иднина, откако ќе поминат повеќе од 1.000 години (Отк. 20:7-10). Библијата ни открива и други работи за тоа што ќе се случува во периодот кога непријателството помеѓу светот на Сатана и Јеховината организација ќе ја достигне својата кулминација.
10. а) Кои значајни настани ќе се случат наскоро? б) Како можеме да ги подготвиме нашиот ум и нашето срце? (Види ја фуснотата.)
10 Размисли за следниве важни настани кои се проречени во Библијата. Најпрво, народите ќе прогласат „мир и сигурност“ (1. Сол. 5:2, 3). Тогаш, народите ќе ги нападнат сите лажни религии, и така ненадејно ќе започне големата неволја (Отк. 17:16). Потоа, луѓето ќе видат како Синот човечки „доаѓа на облаците небесни со сила и со голема слава“ (Мат. 24:30). Ова можеби ќе се случи на некој натприроден начин. Тогаш, Исус ќе им суди на луѓето така што ќе ги одвои овците од јарците (Мат. 25:31-33, 46). За сето тоа време, Сатана ќе продолжи да му се противи на Јехова. Во својата голема омраза тој ќе поттикне една коалиција составена од сите народи, која Библијата ја нарекува Гог од земјата Магог, да го нападне Божјиот народ (Езек. 38:2, 10, 11). Во одреден момент во текот на големата неволја, помазаниците кои сѐ уште ќе бидат на Земјата ќе бидат собрани на небото, каде што заедно со Христос и со неговата небесна војска ќе се борат во војната Армагедон — завршницата на големата неволјаc (Мат. 24:31; Отк. 16:14, 16). Тогаш ќе започне Христовото илјадагодишно владеење над Земјата (Отк. 20:6).
11. Што значи за тебе надежта за вечен живот? (Види ја и сликата.)
11 Сега, размисли за подалечната иднина. Библијата вели дека нашиот Творец дури и вечноста ни ја ставил в срце (Проп. 3:11). Размисли што значи тоа за тебе и за твоето пријателство со Јехова. Во книгата Приближи му се на Јехова, на страница 319, стои следнава интересна мисла: „Откако ќе поминат стотици, илјадници, милиони, па дури и милијарди години, ќе знаеме многу повеќе за Јехова отколку што знаеме сега. Сепак, сѐ уште ќе има безброј други прекрасни работи што ќе можеме да ги учиме за него... Не можеме ни да си замислиме колку ќе биде интересен и исполнет вечниот живот. Сепак, најдоброто од сѐ ќе биде тоа што ќе можеме и понатаму да стануваме уште поблиски со Јехова!“ Во меѓувреме, додека и понатаму ја проучуваме Божјата Реч, што друго можеме да откриеме?
РАЗМИСЛУВАЈ ЗА ОНА ШТО Е НА НЕБЕСАТА
12. Што ќе ни помогне да имаме мал увид во небесата? Наведи пример.
12 Божјата Реч ни дава мал увид за тоа како е да се биде во Јеховиното присуство „во висините“ (Иса. 33:5). Библијата открива извонредни работи за Јехова и за небесниот дел од неговата организација (Иса. 6:1-4; Дан. 7:9, 10; Отк. 4:1-6). На пример, можеме да читаме за восхитувачките работи што ги видел Езекиел. За него во Библијата пишува: „Се отворија небесата и видов виденија од Бог“ (Езек. 1:1).
13. Во склад со Евреите 4:14-16, што особено цениш кај нашиот Цар и Првосвештеник на небесата?
13 Исто така, размисли за улогата што Исус ја има на небесата како наш Цар и сочувствителен Првосвештеник. Преку него, во молитва можеме да пристапиме кон Божјиот престол на незаслужената доброта и да го молиме за милост и помош кога тоа ќе ни биде потребно. (Прочитај Евреите 4:14-16.) Да не дозволиме да помине ниту еден ден без да размислуваме за она што Јехова и Исус го направиле и сѐ уште го прават за нас од небесата. Нивната љубов кон нас треба да влијае врз нашето срце и да нѐ поттикне ревносно да му служиме на Јехова (2. Кор. 5:14, 15).
14. Кој е еден од најдобрите начини на кој можеме да ја покажеме нашата благодарност кон Јехова и кон Исус? (Види ги и сликите.)
14 Еден од најдобрите начини на кој можеме да ја покажеме нашата благодарност кон Бог и кон неговиот Син е да се трудиме да им помагаме на другите да станат Сведоци на Јехова и ученици на Исус (Мат. 28:19, 20). Токму тоа го направил апостол Павле од благодарност кон Бог и кон Христос. Тој знаел дека Јеховина волја е „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:3, 4). Павле вложувал голем труд во службата на проповедање за да им помогне на колку што е можно повеќе луѓе и на секој можен начин да спаси некои од нив (1. Кор. 9:22, 23).
УЖИВАЈ ВО ИСТРАЖУВАЊЕТО НА БОЖЈАТА РЕЧ
15. Според Псалм 1:2, што ќе нѐ направи среќни?
15 Сосема е соодветно тоа што псалмистот напишал дека среќен и успешен човек е оној што „ужива во законот на Јехова и длабоко размислува за неговиот закон дење и ноќе“ (Пс. 1:1-3, фус.). Во врска со овие стихови, Џозеф Ротерхам, преведувач на Библијата, рекол дека човекот треба „толку многу да го сака Божјето водство што постојано ќе го бара, ќе проучува за него и ќе поминува многу време размислувајќи за него“. Исто така, тој рекол: „Ако некој човек не прочита нешто од Библијата во текот на целиот ден, тогаш тој ден може да го смета за изгубен“ (Studies in the Psalms). Можеш да уживаш во проучувањето на Библијата така што ќе се трудиш да откриеш колку што е можно повеќе од нејзините скапоцени детали и ќе се трудиш да сфатиш како тие се поврзани. Таквото длабоко проучување на Божјата Реч ќе ти донесе неизмерна радост!
16. Што ќе разгледаме во следната статија?
16 Прекрасните вистини за кои Јехова нѐ поучува во својата Реч не се претешки за да ги разбереме. Во следната статија ќе разгледаме една од подлабоките вистини — големиот духовен храм на Јехова, кој Павле го опишал во своето писмо до христијаните со еврејско потекло. Без сомнение, ќе уживаш додека ја проучуваш оваа тема!
ПЕСНА 94 Благодарни сме му на Бог за неговата Реч
a Проучувањето на Библијата може да ни носи радост во текот на целиот наш живот. Тоа многу ќе ни користи и уште повеќе ќе нѐ зближи со нашиот небесен Татко. Во оваа статија ќе видиме како можеме да ги истражуваме „ширината и должината и височината и длабочината“ на Божјата Реч.
b Види ја статијата „Првото библиско пророштво има значење и за тебе“, која излезе во Стражарска кула од јули 2022.
c За да дознаеш како да се подготвиш за значајните настани што ќе се случат во блиска иднина, види во книгата Божјето Царство владее! на страница 230.