Благосостојбата може да ја искуша твојата вера
БЛАГОСОСТОЈБАТА може да ја искуша верата на едно чесно лице. Тежнеењето да се стане успешен во материјален поглед може да води до губиток на верата (1. Тимотеј 6:9, 10). Но, благосостојбата може да ја искуша верата и на друг начин. Кога некој праведник гледа како многу неправедни луѓе материјално напредуваат додека тој страда, може да биде искушан да следи еден небогобојазлив правец. Всушност, тоа довело дури и некои Јеховини слуги да почнат да се сомневаат во користа од следењето на чесен живот!
Тоа му се случило на левитскиот музичар Асаф во текот на владеењето на израелскиот цар Давид. Асаф компонирал псалми кои се користеле при јавното обожавање. Заедно со Еман и Идетун, тој и прорекувал, одавајќи му на Јехова Бог слава и фалба со музичка придружба (1. Летописи 25:1; 2. Летописи 29:30). Иако имал толкава предност, Псалм 72 покажува дека материјалната благосостојба на злобните луѓе се покажала како голем тест за неговата вера.
Асафовиот опасен став
„Колку е добар Бог кон Израилот, кон оние што се со чисто срце! А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни“ (Псалми 72:1, 2). Според овие зборови, Асаф признал дека Јехова бил добар кон нацијата Израел, што особено било случај со оние „што се со чисто срце“, бидејќи тие имале желба да му бидат исклучително оддадени на Бог и да придонесат во светењето на неговото свето име. Ако и ние го имаме истиот став, ќе го благословуваме Јехова така што ќе зборуваме добро за него дури и ако сме силно искушувани поради напредокот на злобните или од која и да било друга ситуација (Псалми 144:1, 2).
Иако Асаф бил свесен за Јеховината добрина, неговите чекори за малку ќе скршнеле од праведната патека, како кога би се лизнал на мраз при еден заморен маратон. Зошто неговата вера толку ослабнала? Тој објаснил: „Зашто им позавидев на беззакониците, гледајќи како мирно живеат грешниците, оти не страдаат сѐ до самата смрт, а цврстината им е во бичот [стомакот им е голем „NW“], во човечките работи [маките на смртниците, „Стварност“] не учествуваат и неволјите на другите луѓе нив не ги засегаат“ (Псалми 72:3-5).
Материјалната благосостојба на неправедните луѓе го направила Асаф завиден. Изгледало дека мирно си живеат иако своето богатство го насобрале на измамнички начин. (Спореди Псалми 36:1.) И покрај нивните зли дела, гледано отстрана, тие изгледале безбедно. Па, дури изгледало дека и до крајот на својот живот ќе си проживеат без страдања! Се случувало дури и да си умрат мирно и самоуверено, без никаква свесност за духовни потреби (Матеј 5:3). Од друга страна, некои Божји слуги страдаат од тешки болести и смрт, но Бог ги поткрепува и тие ја имаат прекрасната надеж во воскресение (Псалми 42:1-3; Јован 5:28, 29).
Многу злобни луѓе немаат здравствени проблеми кои би ги спречиле да уживаат во нивните богати залихи со храна. „Стомакот им е голем“, мевовите надуени. И повеќе од тоа, „во човечките работи [маките на смртниците, Ст] не учествуваат“, бидејќи за разлика од поголемиот дел на човештвото, не мораат да се борат за да си ги обезбедат основните животни потреби. Асаф заклучил дека ‚неволјите на другите луѓе не ги засегаат‘ злобните. Особено ги немаат искушенијата кои богобојазливите луѓе ги доживуваат затоа што овие последниве ги држат Јеховините праведни мерила во Сатановиот злобен свет (1. Јованово 5:19).
Поради напредокот на злобните, Асаф бил поттикнат да каже за нив: „Затоа гордоста владее со нив; се облекле во неправда и нечестие; неправдата им излегува како од сало, и му угодуваат на срцето [ги надминале замислите на срцето, „NW“]; се подбиваат и лукаво зборуваат, за неправдата гордо говорат; ја креваат устата кон небото, а јазикот нивни ја обиколува земјата“ (Псалми 72:6-9).
Гордоста „владее“ со злобните [ја носат како ѓердан NW], и нивните насилни дела се толку многубројни, што се ‚облечени во неправда и нечестие‘. Одлучни да постапуваат на свој начин, ги тиранизираат другите. Очите на злобните не се пропаднати поради неисхранетост туку ‚надуени од маст‘ (NW) и им се испакнати поради дебелината настаната како резултат на ненаситност (Соломонови изреки 23:20). Нивните сплетки се толку успешни што дури и „ги надминале замислите на срцето“. За неправдата воздигнато, „гордо говорат“. Па тие „ја креваат устата кон небото, а јазикот нивни ја обиколува земјата“! Немајќи почит кон никого на небото или на Земјата, хулат на Бога и ги оцрнуваат луѓето.
Асаф очигледно не бил единствениот кој бил погоден од она што го видел. Рекол: „Затоа народот Мој ќе се врати ваму, и своите денови ќе ги најде исполнети. И рекоа: ‚Како дозна Бог, и има ли знаење во Севишниот?‘“ (Псалми 72:10, 11). Бидејќи се чинело дека злобните напредуваат, хебрејскиот текст може да значи и дека некои од Божјиот народ прифатиле погрешно гледиште и дошле во иста положба како и беззакониците, велејќи си: ‚Бог не знае што се случува и нема да делува против беззакониците‘. Од друга страна, гледајќи како лошите луѓе вршат беззаконие наизглед неказнето, е како некој да пие горчлив пијалок кој го тера чесниот да праша: ‚Како може Бог да толерира вакви работи? Зарем не гледа што се случува?‘
Споредувајќи ја својата состојба со состојбата на злобните, Асаф рекол: „Ете, такви се грешниците и успеваат вечно да го држат богатството. И си реков: зар залудо го држев срцето свое во праведност и во невиност ги измив рацете свои и се изложував на непријатности секој ден и на срам секое утро?“ (Псалми 72:12-14). Асаф сметал дека било залудно да живее чесен живот. Злобните луѓе напредувале и ‚своето богатство го држеле вечно‘, веројатно со измами. Се чинело дека можат да избегнат казна за најголеми гревови, а Асаф залудо по „цел ден“ (NW) се изложувал на непријатности — од рано утро, до доцна навечер. Сметал дека Јехова секое утро го исправа. И, бидејќи таквото нешто не му се чинело праведно, тоа ја искушало неговата вера.
Промена во размислувањето
Конечно доаѓа до заклучок дека неговото размислување било погрешно, и Асаф вели: „Но ако речев [Реков, „NW“]: ќе расудувам и јас така, — тогаш ќе го изневерев родот на Твоите синови. И сакав тоа да го разберам, но тоа беше тешко за мене сѐ додека не влезам во Божјото светилиште и не го разбрав нивниот крај. И така, заради подмолноста нивна дозволи да ги снајде зло, и ги понизи кога се возгордееја. Како запустеа, како ненадејно исчезнаа и загинаа поради своето беззаконие! Како сон кога човек се разбудува, така во градот Твој, Господи, образот нивни уништи го“ (Псалми 72:15-20).
Добро било што Асаф не се жалел гласно, бидејќи ако јавно рекол дека е бескорисно да му се служи на Јехова, тоа можело да ги обесхрабри членовите на неговото семејство кои биле обожаватели или можело да ја поткопа нивната вера. Колку е подобро да се молчи и да се направи она што го направил Асаф! За да разбере зошто злобните наизглед ефтино си поминуваат со гревовите додека чесниот страда, тој отишол во Божјото светилиште. Тамошниот амбиент му овозможил на Асаф во мир да медитира меѓу Јеховини обожаватели и така го променил своето размислување. Ако денес сме збунети од она што го гледаме, на сличен начин да ги побараме одговорите на нашите прашања преку дружењето со Божјиот народ наместо себе си да се изолираме (Соломонови изреки 18:1, NW).
Асаф сфатил дека Бог ги поставил злобните „на лизгава земја“ (NW). Поради тоа што нивните животи се вртат околу материјалните работи, во опасност се да доживеат ненадеен слом. Како последно, смртта ќе ги надвладее во староста, а нивното богатство, стекнато на нечесен начин, нема да им обезбеди подолг живот (Псалми 48:6-12). Нивниот напредок ќе биде како сон којшто бргу поминува. Правдата може да ги достигне и пред да остареат така што ќе си го пожнеат она што си го посеале (Галатјаните 6:7). Бидејќи му го свртиле грбот на Единствениот кој може да им помогне, тие остануваат беспомошни, без надеж. Кога Јехова ќе делува против нив, нивниот „образ“ — нивната слава и положба — ќе го гледа со презир.
Внимавај на твојата реакција
Бидејќи не реагирал добро на она што го видел, Асаф признал: „Зашто срцето мое се разгоре и утробата моја се измени. А јас поразен и не разбрав, како добиче бев пред Тебе. Но Јас сум секогаш со Тебе: Ти ја придржуваш десницата моја, ме упати со советот Свој и ме прими во Твојата слава“ (Псалми 72:21-24).
Размислувајќи за материјалниот напредок на злобните и страдањето на чесните може некого да го заболи срцето или да го огорчи. Длабоко во себе — во неговата утроба — Асаф бил вознемирен заради ваквата состојба која му причинувала голема болка. Од Јеховина гледна точка тој станал како едно неразумно добиче кое постапува само по инстинкт. Сепак, Асаф ‚бил секогаш со Бог, кој ја придржувал неговата десница. Ако погрешиме во нашето размислување, но бараме совет од Јехова како што сторил Асаф, Бог ќе нѐ земе за рака за да нѐ поддржи и да нѐ води. (Спореди Јеремија 10:23.) Само со примена на неговиот совет можеме да бидеме водени во среќна иднина. Можеби ќе поднесуваме понижување за некое време, но Јехова ќе направи пресврт, ‚примајќи нѐ во слава‘, односно почест.
Увидувајќи ја потребата да се потпре на Јехова, Асаф додал: „Кого Го имам јас на небото освен Тебе? А кога сум со Тебе на земјата ништо не барам. Изнемоште срцето мое и телото мое; Боже на срцето мое и наследство мое, Боже, довека. Зашто, ете, оние, што се оддалечуваат од Тебе, пропаѓаат; Ти го истребуваш секого, кој отстапува од Тебе. А мене ми е добро да сум со Бога, на Господа ја полагам надежта моја, за да ги вознесувам сите похвали Твои“ (Псалми 72:25-28).
Како Асаф, немаме никого освен Јехова во кого можеме да најдеме вистинска сигурност и утеха (2. Коринтјаните 1:3, 4). Затоа, наместо да посакуваме нечие земско богатство, да му служиме на Бог и да си собираме богатства на небото (Матеј 6:19, 20). Најголемо задоволство за нас ќе биде да имаме призната положба пред Јехова. Дури и да потклекне нашиот организам или срце, тој ќе нѐ зајакне и ќе ни даде цврстина на срцето за да не ја изгубиме надежта и храброста меѓу противниците. Блискоста со Јехова е бесценет имот. Ако дозволиме тоа да пропадне ќе доживееме несреќа заедно со оние кои него го отфрлаат. Според тоа, како и Асаф, да му се приближиме на Бог и да му ги оставиме сите наши грижи (1. Петрово 5:6, 7). Тоа ќе го унапреди нашето духовно добро и ќе нѐ поттикне да им зборуваме на другите за Јеховините прекрасни дела.
Остани му верен на Јехова
Асаф бил вознемирен поради тоа што видел како злобните во Израел, неговата родна земја, напредуваат. Меѓу Јеховините лојални слуги имало такви „беззаконици“ кои биле виновни за фалење, горделивост, насилство, потсмевање и измама, и кои одрекувале дека Бог ги знае нивните дела (Псалми 72:1-11). Какво предупредување! За да му угодиме на Јехова Бог, мораме да се воздржуваме од покажувањето на такви особини како што се гордоста, насилството, потсмевањето и нечесноста. Слично на Асаф, сите слуги на Јехова нека ‚дојдат во Божјото светилиште‘ така што редовно ќе се собираат со Неговите лојални обожаватели. Навистина, сите кои го љубат Јехова нека ‚му се приближат на Бог‘, имајќи доверба во него дека ќе ги поткрепи кога страдаат, без обѕир што другите можеби ќе речат или направат (Псалми 72:12-28; 3. Јованово 1-10).
Навистина, материјалната благосостојба на злобните може да ја испита нашата вера, како што било случај со Асаф. Сепак, можеме да го поднесеме ова искушение ако својот живот го сосредоточиме на Јеховината служба. Ќе бидеме наградени поради тоа бидејќи ‚Бог не е неправеден, та да го заборави делото наше и трудот на љубовта, што сме ги покажале во негово име‘ (Евреите 6:10). Нашите искушенија ќе бидат ‚сегашни и лесни‘ во споредба со нашата награда (2. Коринтјаните 4:17). Дури и страдање од 70 или 80 години, кога ќе се спореди со вечниот среќен живот кој Јехова им го ветува на своите лојални слуги, е само како здив кој поминува преку нашите усни во шепот (Псалми 89:9, 10).
Никогаш да не дозволиме материјалната благосостојба на злобните, наспроти нашето страдање заради праведноста, да нѐ спречи да покажуваме вера која е плод на Божјиот свет дух (Галатјаните 5:22, 23; 1. Петрово 3:13, 14). Сатана ќе биде задоволен ако ние ги имитираме злобните, кои често просперираат поради тоа што се бескрупулозни. Наместо тоа, да му оддаваме чест на Јеховиното име со тоа што ќе истраеме во искушенијата да ги отфрлиме неговите праведни мерила (Софонија 2:3). Да не бидеме разочарани поради успехот на злобните, бидејќи најмногу што можат е да постигнат само напредок во материјален поглед. И од каква вредност е тоа? Тоа дури и не се споредува со духовната благосостојба на која ѝ се радуваат оние кои покажуваат вера во Суверениот Господ Јехова.