Јехова, оној што прави чудесни работи
„Ти си велик и правиш чудеса, — Ти си Бог единствен!“ (ПСАЛМИ 85:10).
1, 2. а) Како човековите пронајдоци влијаеле на светот? б) Каде можеме да најдеме надеж за подобри работи?
СОВРЕМЕНИОТ човек може да се фали дека неговите пронајдоци се чудесни: електрични уреди, телекомуникација, видео, автомобил, патување со млазен авион и компјутерска технологија. Тие го претвориле светот во едно маало. Но какво маало! Наместо мир, напредок и изобилие за сите, човештвото е измачувано со војни, криминал, тероризам, загадување, болести и сиромаштво. А нуклеарното оружје што е расеано по светот, иако бројно намалено, пак би можело да го уништи човечкиот род. Трговците на смртта, производителите на оружје, и понатаму раководат со најголемиот бизнис на Земјава. Богатите стануваат побогати, а сиромашните посиромашни. Може ли некој да најде решение?
2 Да! Затоа што постои Некој кој гарантира ослободување, а „кој е повисок од високиот“ (NW), Јехова Бог (Проповедник 5:8). Тој го инспирирал запишувањето на псалмите кои пружаат голема утеха и мудар совет за време на неволја. Меѓу нив е Псалм 85 [86, NW], кој го носи едноставниот наслов: „Молитва [Давидова] во голема неволја“. Тоа е молитва која може да биде и твоја молитва.
Ожалостени, но лојални
3. Каков охрабрувачки пример ни пружа Давид во овие времиња?
3 Давид го напишал овој псалм кога бил потиштен. Ние денес, кои живееме во „последните денови“ од Сатановиот систем, во овие ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘, се соочуваме со слични искушенија (2. Тимотеј 3:1; види и Матеј 24:9-13.) Како и ние, така и Давид поднесувал грижи и депресии поради проблемите кои го опкружувале. Но никогаш не дозволувал тие искушенија да ја ослабат неговата лојална доверба во неговиот Творец. Тој извикал: „Приклони го, Господи, увото свое и услиши ја молитвата моја, зашто сум беден и сиромав. Зачувај ја душата моја, зашто сум смирен [лојален, NW]; спаси го слугата Твој, Боже мој, кој се надева на Тебе“ (Псалми 85:1, 2).
4. Како треба да ја покажуваме нашата доверба?
4 Можеме да бидеме уверени, како што бил Давид, дека ‚Богот на секоја утеха‘, Јехова, ќе го сврти своето уво кон Земјава и ќе ги слушне нашите понизни молитви (2. Коринтјаните 1:3, 4). Ако имаме безусловна доверба во нашиот Бог, можеме да го следиме Давидовиот совет: „Стави го на Господа бремето свое, и тој ќе те поткрепи. Нема да даде довека праведникот да падне“ (Псалам 55:22, ДК).
Присност со Јехова
5. а) Како некои внимателно направени преводи ги исправиле грешките на еврејските писари? б) На кој начин 84. и 85. Псалм го величаат Јехова? (Види фуснота.)
5 Во 85-от [86, NW] Псалм, Давид 11 пати го употребува изразот „О Јехова“ (NW). Колку е горлива Давидовата молитва и колку е голема неговата присност со Јехова! Подоцна, таквата присна употреба на Божјето име им станала непријатна на еврејските писари, посебно на соферимите. Тие негувале суеверен страв од злоупотребување на името. Го игнорирале фактот дека човекот бил создаден според Божји образ и одбивале да му припишат на Бог особини кои ги покажуваат и луѓето. Затоа во хебрејскиот текст од овој псалм, каде што се појавува божественото име, на 7 од 11 места името ЈХВХ (Јехова) го замениле со титулата Адона́ј (Господ). Можеме да бидеме благодарни што Нов свет преводот на Светото Писмо (New World Translation of the Holy Scriptures), како и повеќе други внимателно направени преводи, повторно го вратиле божественото име на неговото место во Божјата Реч кое со право му припаѓа. Како резултат на тоа, нашиот однос со Јехова се нагласува онака како што треба.a
6. На кои начини можеме да покажеме дека Јеховиното име ни е драгоцено?
6 Давидовата молитва продолжува: „Помилуј ме, Господи [Јехова, NW], зашто кон Тебе викам секој ден [цел ден, NW]. Развесели ја душата на Твојот слуга, оти кон Тебе, Господи [Јехова, NW], ја вознесувам душата своја“ (Псалми 85:3, 4). Забележи дека Давид го повикувал Јехова „цел ден“. Всушност, често се молел во текот на ноќта, на пример кога бил прогонет во пустината (Псалми 62:6, 7). Слично и денес, кога на некои Сведоци им се заканувало силување или некое друго злосторничко насилство, гласно го повикувале Јехова. Понекогаш биле изненадени од среќниот исход.b Јеховиното име за нас е драгоцено, како што било за „Исуса Христа, син Давидов“, кога бил на Земјата. Исус ги поучувал своите ученици да молат за посветувањето на Јеховиното име и им објаснил што значи тоа име (Матеј 1:1; 6:9; Јован 17:6, 25, 26).
7. Кои примери ги имаме за тоа дека Јехова ги подига самите души на своите слуги, и како треба да реагираме?
7 Давид ја подигал својата душа, целата своја личност кон Јехова. Во Псалми 36:5 тој нѐ поттикнува да го правиме истото: „Откри го патот свој пред Господа и на Него надевај се и Он ќе изврши сѐ“. Значи, нашата молба до Јехова за да ни ја развеселува душата нема да остане неодговорена. Многу Јеховини слуги, чувари на беспрекорноста, и понатаму наоѓаат голема радост во неговата служба — и покрај тешкотии, прогонства и болести. Нашите браќа во завојуваните подрачја на Африка, како што се Ангола, Либерија, Мозамбик и Заир, продолжиле да ја ставаат Јеховината служба на прво место во своите животи.c Тој навистина направил да се радуваат на обилна духовна жетва. Како што издржале тие, така мораме и ние (Римјаните 5:3-5). А додека издржуваме, ја имаме гаранцијата: „Визијата е уште за одреденото време, и збивтајќи оди кон крајот . . . Нема да задоцни“ (Хавакук 2:3, NW). Со потполна увереност и доверба во Јехова, да продолжиме и ние ‚збивтајќи да одиме кон крајот‘.
Јеховината доброта
8. Каква присност можеме да имаме со Јехова, и како тој ја покажал својата доброта?
8 Давид понатаму ја упатува сесрдната молба: „Ти, Господи [О Јехова, NW], си добар, кроток и многумилостив кон сите, кои Те признаваат. Чуј ја, Господи [О Јехова, NW], мојата молитва и послушај го гласот на молбата моја. Во денот на мојата мака повикав кон Тебе, и Ти ме чу“ (Псалми 85:5-7). „О Јехова“ — секогаш одново се одушевуваме на присноста на овој извик! Тоа е присност која може постојано да се негува преку молитва. Во една друга прилика Давид се молел: „Гревовите на младоста моја и незнаењето мое не ги споменувај; по милоста Своја сети се на мене, заради Твојата доброта, Господи!“ (Псалми 24:7). Јехова е самото олицетворение на добротата — со тоа што ја дал Исусовата откупнина, со тоа што покажал милост спрема покајничките грешници и со тоа што своите лојални и благодарни Сведоци ги опсипува со љубезна доброљубивост (Псалми 99:3-5; Малахија 3:10).
9. За која гаранција треба сериозно да размислат покајничките грешници?
9 Дали треба да се вознемируваме заради грешките од минатото? Ако сега ги рамниме патеките за нашите нозе, поткрепени сме кога се потсетуваме на гаранцијата што ја упатил апостол Петар до покајниците, дека од Јехова ќе дојдат „времиња за освежување“ (Дела на св. апостоли 3:19, 20а). Да останеме тесно поврзани со Јехова во молитва преку нашиот Откупител, Исус, кој љубезно рекол: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир [закрепа, NW] за душите ваши“. Денес, додека лојалните Сведоци му се молат на Јехова во Исусовото драгоцено име, тие навистина наоѓаат закрепа (Матеј 11:28, 29; Јован 15:16).
10. Какво истакнато место ѝ придава книгата Псалми на Јеховината доброљубивост?
10 Книгата Псалми преку стотина пати се осврнува на Јеховината „доброљубивост“ (NW). Секако, таквата доброљубивост е изобилна! Во првите четири стихови, 117. [118, NW] Псалм ги повикува Божјите слуги да му благодарат на Јехова, повторувајќи четири пати „зашто неговата љубезна доброљубивост трае до недогледно време“ (NW). Во 135. Псалм 26 пати се нагласува драгата особина на „неговата љубезна доброљубивост“ (NW). Сеедно на каков начин грешиме — и како што вели Јаков 3:2: „сите ние многу грешиме“ — да бидеме подготвени да бараме простување од Јехова, уверени во неговата милост и љубезна доброљубивост. Неговата љубезна доброљубивост е израз на неговата лојална љубов спрема нас. Ако лојално продолжиме да ја вршиме Божјата волја, тој ќе ја покаже својата лојална љубов така што ќе нѐ зајакне да можеме да излеземе на крај со секакво искушение (1. Коринтјаните 10:13).
11. Како може постапката од старешините да помогне да се отстранат чувствата на вина?
11 Во некои прилики другите може да нѐ спрепнат. Емоционалното или физичкото злоупотребување во детството ги оставиле некои со чувства на вина или потполна безвредност. Оној кој бил таква жртва може да го повикува Јехова, уверен дека тој ќе одговори (Псалми 54:16, 17). Некој љубезен старешина може да се заинтересира да му помогне на таквиот да го прифати фактот дека жртвата не била виновна. Потоа, на таквото лице може да му биде од помош ако старешината повремено му телефонира додека тој (или таа) најпосле биде способен да го ‚носи бремето‘ (Галатјаните 6:2, 5).
12. Како се намножиле неволјите, но како можеме успешно да се бориме со нив?
12 Постојат и многу други жалосни ситуации со кои Јеховиниот народ денес мора да се бори. Почнувајќи со I Светска војна во 1914, Земјава почнале да ја погодуваат големи несреќи. Како што прорекол Исус, тие биле „почеток на болките“. Неволјите се намножуваат како што постепено навлегуваме сѐ подлабоко во „свршетокот на светот“ (Матеј 24:3, 8). Она „малку време“ што му преостанува на Ѓаволот, се движи кон својот крај што ќе достигне кулминација (Откровение 12:12). Во потрага по жртва, тој голем Противник, „како лав што рика“, го користи секој можен изговор за да нѐ одвои од Божјето стадо и да нѐ уништи (1. Петрово 5:8). Но нема да успее! Зашто, како Давид, нашата доверба потполно ја укотвуваме во нашиот еден Бог, Јехова.
13. Како можат родителите и нивните деца да имаат корист од Јеховината доброта?
13 Без сомнение, во срцето на својот син Соломон Давид ја всадил потребата да се потпира на Јеховината доброта. Затоа, Соломон можел да го поучи својот син: „Надевај се на Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки. Не се сметај за мудрец; бој се од Господа и бегај од злото“ (Соломонови изреки 3:5-7). Родителите денес треба на сличен начин да ги поучуваат своите малечки деца како треба со доверба да му се молат на Јехова за да излезат на крај со нападите на бездушниот свет — како што е притисокот од врсниците на училиште и искушенијата да се направи неморал. Ако со своите деца секојдневно живееш според вистината, во нивните млади срца можеш да всадиш вистинска љубов кон Јехова и доверба во него што ќе ја искажуваат преку молитва (5. Мојсеева 6:4-9; 11:18, 19).
Јеховините неспоредливи дела
14, 15. Кои се некои од Јеховините неспоредливи дела?
14 Со длабока увереност Давид вели: „Меѓу боговите нема таков каков што си Ти, Господи, и нема дела како Твоите“ (Псалми 85:8). Јеховините дела се поголеми, повеличествени и повозвишени отколку што човек би можел да си замисли. Колку што современата наука успеала да ѕирне, создадената вселена — нејзината огромност, хармонија и величественост — се покажа далеку почудесна од било што коешто Давид го забележал. Сепак, дури и тој бил поттикнат да каже: „Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови известува сводот небески“ (Псалми 18:1).
15 Јеховините дела се исто така прекрасно прикажани преку начинот на кој ја поставил и подготвил Земјата да обезбедува ден и ноќ, годишни времиња, време на садење и на жетва и мноштво задоволства на кои луѓето требало да се радуваат во иднина. А колку сме и самите ние прекрасно создадени и опремени, така што можеме да се радуваме на Јеховините дела кои нѐ опкружуваат! (1. Мојсеева 2:7-9; 8:22; Псалми 138:14).
16. Кој е најголемиот израз на Јеховината доброта, и до кои понатамошни неспоредливи дела довело тоа?
16 Откако нашите први родители покажале непослушност спрема Бог, навлекувајќи ги на себе неволјите кои ја измачуваат Земјата до денешен ден, Јехова од љубов извршил чудесни дела така што го испратил својот Син на Земјата за да го објави Божјето Царство и да умре како откупнина за човештвото. И чудо над чудата! Јехова потоа го воскреснал Христос за да биде негов придружен избран Цар (Матеј 20:28; Дела на св. апостоли 2:32, 34). Од лојалните луѓе Бог избрал исто така и „ново создание“ кое ќе владее со Христос како добротворно „ново небо“ над општество на „нова земја“ што ќе вклучува милијарди воскреснати луѓе (2. Коринтјаните 5:17; Откровение 21:1, 5-7; 1. Коринтјаните 15:22-26). Јеховините дела на тој начин ќе продолжат да се движат кон славна кулминација! Навистина, можеме да извикаме: „Господи [О Јехова, NW], . . . Колку е голема добрината Твоја, Господи, што си ја запазил за оние, кои се бојат од Тебе“ (Псалми 30:17-19).
17. Како сега се исполнува Псалм 85:9 во врска со Јеховините дела?
17 Јеховините сегашни дела го вклучуваат она што Давид го опишува во Псалми 85:9: „Сите народи што си ги создал Ти, ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, Господи, и ќе го прослават името Твое“. Откако ги повикал од човештвото останатите од своето ново создание, ‚малото стадо‘ на наследници на Царството, Јехова продолжил од ‚сите народи‘ да собира „големо мноштво“ од „други овци“, милиони кои исто така покажуваат вера во Исусовата пролиена крв. Денес, нив ги изградил во динамична организација, единствено светско општество на мирољубиви луѓе на Земјата. Набљудувајќи го тоа, небесните мноштва од ангели паѓаат ничкум пред Јехова, и изјавуваат: „Благослов и слава, премудрост и благодарност, чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови“. Големото мноштво исто така го слави Јеховиното име, служејќи му „дење и ноќе“, со надежта да го преживее крајот на овој свет и заекогаш да живеат на рајска Земја (Лука 12:32; Откровение 7:9-17; Јован 10:16).
Јеховината величина
18. Како Јехова покажал дека тој е ‚единствениот Бог‘?
18 Понатаму Давид го свртува вниманието на Јеховиното Божество и вели: „Ти си велик и правиш чудеса, — Ти си Бог единствен!“ (Псалми 85:10). Уште од старо време, Јехова покажува дека тој навистина е ‚единствен Бог‘. Тиранскиот египетски фараон пркосно го предизвикал Мојсеј: „Кој е [Јехова, NW], за да Го послушам гласот Негов, и да ги пуштам синовите Израилеви? Не Го познавам Господа [Јехова, NW]“. Но, набргу дознал колку е голем Јехова! Семоќниот Бог ги понижил египетските богови и свештениците–маѓесници, испраќајќи им катастрофални чуми, убивајќи ги египетските првородени синови и уништувајќи го фараонот и неговата елитна војска во Црвеното Море. Навистина, ниеден меѓу боговите не е како Јехова! (2. Мојсеева 5:2; 15:11, 12).
19, 20. а) Кога песната од Откровение 15:3, 4 ќе го добие својот највеличествен израз? б) Како можеме уште сега да учествуваме во Јеховиното дело?
19 Како единствен Бог, Јехова продолжил да прави чудесни дела кои биле подготовка за ослободување на неговите послушни обожаватели од современиот Египет — Сатановиот свет. Тој ги објавил своите осуди по целата Земја во облик на сведоштво преку најраширената проповедничка акција во целата историја, а со тоа го исполнил Исусовото пророштво во Матеј 24:14. Наскоро мора да дојде „крајот“, кога Јехова ќе ја покаже својата големина во невидени размери така што ќе го избрише сето зло од Земјата (Псалми 144:20). Тогаш, песната на Мојсеј и песната на Јагнето ќе достигнат врвна точка: „Големи и чудни се делата Твои, Господи Боже Седржителу! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Цару на народите! Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое?“ (Откровение 15:3, 4).
20 Што се однесува до нас, да бидеме ревносни кога на другите им зборуваме за овие величествени Божји намери. (Спореди Дела на св. апостоли 2:11.) Јехова ќе продолжи да чини големи и чудесни работи во наше време и понатаму во иднината, како што ќе ни опише следната статија.
[Фусноти]
a Еден библиски коментатор од 1874 го цитирал Ендрју А. Бонер: „Голем, многу голем дел од Божјата особена природа на неговото славно име е откриен во завршетокот на последниот [84-ти] Псалм. Тоа може да се должи на тоа што по него следи уште еден, ‚Давидова молитва‘, скоро исто толку полн со карактерот на Јехова. Главната мисла на овој [85-ти] Псалм е Јеховиното име“.
b Види стр. 28 во Разбудете се! од 22. јуни 1984 (англ.) издадено од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
c За поединости, види ја табелата „Извештај на Јеховините сведоци од целиот свет за службената 1992“ кој треба да излезе во Стражарска кула од 1. јануари 1993.
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто треба молитвата во Псалм 85 да ја направиме своја молитва?
◻ Како можеме да постигнеме присност со Јехова?
◻ Како Јехова ја изразува својата доброта спрема нас?
◻ Кои се некои од Јеховините неспоредливи дела?
◻ Како Јехова е ‚единствен Бог‘ во поглед на големината?
[Слика на страница 10]
Во претстојната „нова земја“, чудесните Јеховини дела ќе продолжат да сведочат за неговата слава и доброта