Да се оди со обединето срце
„Поучувај ме, о Јехова, . . . Обедини ми го срцето да се плаши од твоето име“ (ПСАЛМИ 86:11, NW).
1. Како Јехова ги наградува своите лојални слуги?
‚ГОСПОДИ, Ти си Бог единствен‘ (Псалми 85:8, 10). Давид го фалел Бог од срце полно со ценење. Уште пред Давид да стане цар над целиот Израел, Јехова го ослободил од Саул и од Филистејците. Затоа, можел да пее: „Господ е мојата тврдина, моја крепост и мој спасител. Со милостивиот [лојалниот, NW] Ти постапуваш милостиво [лојално, NW]“ (2. Царства 22:2, 26). Јехова го сочувал својот лојален слуга низ многу искушенија. Давид можел да има доверба и да чувствува сигурност во својот лојален Бог, но му било потребно постојано водство. Давид сега го молел Бог: „Упати ме, Господи, кон Твојот пат“ (Псалми 85:11).
2. Како Јехова направил подготовка за да бидеме поучени од него?
2 Давид никако не сакал да биде поврзан со световни идеи или филозофии. Сакал да биде ‚поучен од Јехова‘, како што подоцна се изразил еден Божји пророк (Исаија 54:13). Веројатно, Давид можел да размислува само за девет библиски книги кои биле на располагање во негово време. Сепак, колку му била драгоцена таа поука од Јехова! А денес, во нашето поучување можеме да се насладуваме на сите 66 библиски книги, како и на изобилството на литература за Царството која ни е дадена преку „верниот и разумен роб“ (Матеј 24:45, NW). Затоа, како Давид, да го повикуваме Јехова за да ни помогне преку неговиот дух да го испитуваме во „тоа [што] Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат. . . . па дури и длабините Божји“ (1. Коринтјаните 2:9, 10).
3. На кои начини може да ни користи библиската поука?
3 Библијата го има одговорот за секое прашање и проблем кој би можел да ни се појави во животот. „А сѐ, што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Впивањето на поуката од Јехова, ќе нѐ зајакне да ги издржиме тешкотиите, ќе нѐ утеши во време на потиштеност и ќе ја чува надежта за Царството сјајно да гори во нашите срца. Нека и ние најдеме радост во читањето на Божјата Реч и во размислувањето за неа „дење и ноќе“, зашто библиски темелената мудрост станува „дрво на животот за оние, што ја придобиваат, и блажени се, кои ја запазуваат“ (Псалми 1:1-3; Соломонови изреки 3:13-18; види и Јован 17:3).
4. Каков пример ни оставил Исус што се однесува до нашите постапки?
4 Божјиот Син, Исус, исто така наречен ‚син Давидов‘, секогаш барал да биде подучен од Јехова (Матеј 9:27).a Тој рекол: „Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти, она што го прави Он, тоа исто го прави и Синот“. „Ништо не правам Сам од Себе, туку, како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам“ (Јован 5:19; 8:28). Исус ни оставил пример „да врвиме [тесно, NW] по Неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Замисли си! Ако проучуваме онака како што сигурно Исус проучувал, во било која ситуација ќе можеме да постапуваме токму онака како што Јехова би сакал да постапуваме. Јеховиниот начин секогаш е најдобриот начин.
5. Што е ‚вистината‘?
5 Понатаму, Давид објавува: „Јас ќе одам во Твојата вистина“ (Псалми 85:11). После илјада години, кога му се обратил на Давидовиот Син, Исус, Пилат прашал: „Што е тоа вистина?“ Но, Исус штотуку го одговорил тоа прашање, и на Пилат му рекол: „Моето Царство не е од овој свет“, и додал: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:33-38). Со тоа, Исус дал до знаење дека вистината се сосредоточува на Месијанското Царство. Всушност, целата тема на Библијата е посветувањето на Јеховиното име преку тоа Царство (Језекиил 38:23; Матеј 6:9, 10; Откровение 11:15).
6. На што треба да внимаваме кога одиме во вистината?
6 Што значи да се оди во вистина? Тоа значи надежта за Царството да се направи главен интерес во животот. Мораме да живееме по вистината за Царството. Мораме да бидеме неподелени кога на прво место ги ставаме интересите на Царството и ревносно, според нашите околности, да даваме сведоштво за вистината за Царството, по примерот на Исус (Матеј 6:33; Јован 18:37). Не можеме само еден дел од времето да одиме во вистината, да даваме само симболична служба, а потоа да си угодуваме со впуштање во претерана рекреација, или да се зафатиме со кариера која ни го троши времето или ‚да му служиме на богатството!‘ (Матеј 6:24, Ст). Би можеле да се загубиме на некој од тие споредни патишта и никогаш да не го најдеме патот по кој би се вратиле на ‚тесниот пат што води кон живот‘. Да не скршнуваме од тој пат! (Матеј 7:13, 14). Нашиот Голем Учител, Јехова, преку неговата Реч и организација го осветлува патот и вели: „,Тоа е патот, одете по него‘, било да сте тргнале надесно или налево“ (Исаија 30:21, Ст).
Исправен страв
7. Како можеме да ги „обединиме“ нашите срца?
7 Давидовата молитва продолжува во 11. стих: „Обедини ми го срцето да се плаши од твоето име“ (NW). Како Давид, би требало и ние да сакаме нашите срца да бидат неподелени, целосни во вршењето на Божјата волја. Тоа е во согласност со Мојсеевиот совет: „И сега, Израиле, што бара од тебе Господ, твојот Бог? Само да се боиш од Господа, твојот Бог, да одиш по сите Негови патишта, да Го сакаш, и да Му служиш на Господа, твојот Бог, од сѐ срце и со сета душа; да ги пазиш заповедите на Господа, твојот Бог, и наредбите Негови, кои денеска ти ги заповедам, за да ти биде добро“ (5. Мојсеева 10:12, 13). Навистина, за наше добро е ако срцето и душата ги излеваме во служењето на Јехова. Со тоа покажуваме исправен страв од неговото славно име. Јеховиното име дословно значи „Тој предизвикува да настане“, особено што се однесува до доведувањето на неговите величествени намери до крај. Исто така ја означува неговата врховна власт над целата вселена. Ако служиме со стравопочитување спрема Божјето величество, нема да скршнеме поради стравот од смртен човек. Нашите срца нема да бидат поделени. Наместо тоа, ќе се плашиме да не направиме што и да е што би предизвикало негодување кај Јехова, Врховниот Судија и Суверениот Господ, кој во своите раце ги држи самите наши животи (Исаија 12:2; 33:22).
8, 9. а) Што значи изразот да ‚не бидеме од светот‘? б) Кои чекори треба да ги преземеме поради тоа што сме „призор“?
8 Дури и кога сме соочени со срам и прогонство, ќе го следиме Исусовиот бестрашен пример и нема да бидеме дел од злобниот свет околу нас (Јован 15:17-21). Тоа не значи дека Исусовите ученици треба да живеат како испосници или да се сокријат во некој манастир. Во молитва до својот Татко, Исус рекол: „Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото. Тие не се [дел, NW] од светот, како и Јас што не сум од него. Освети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина. Како Ти Мене што Ме прати во светот, и Јас ги пратив во светот“ (Јован 17:15-18). Како Исус, испратени сме да ја објавуваме вистината за Царството. Исус бил пристаплив. Луѓето биле закрепени од неговиот начин на поучување. (Спореди Матеј 7:28, 29; 11:28, 29; Јован 7:46.) Така треба да биде и со нас.
9 Нашата љубезна благонаклоност, вкусниот изглед и појава, љубезниот и чист разговор треба да придонесат и ние и нашата порака да биде прифатлива за луѓето со исправно наклонети срца. Треба да избегнуваме неуредност, нескромна облека, дружења кои би можеле да доведат до световни врски и лабав, непринципиелен начин на живот, вообичаен во светот околу нас. Бидејќи „станавме призор на светот — ангелите и на луѓето“, секојдневно сме дежурни 24 часа за да служиме и да живееме како примерни христијани (1. Коринтјаните 4:9; Ефесјаните 5:1-4; Филипјаните 4:8, 9; Колосјаните 4:5, 6). За таа цел, нашето срце мора да биде обединето.
10. Како Јехова се сеќава на оние кои ги обединуваат своите срца во света служба?
10 Јехова ќе се сети на нас кои ги обединуваме нашите срца во страв од неговото име, кои медитираме за неговите величествени намери и ги исполнуваме своите животи со света служба. „Очите Господови ја гледаат целата земја, за да им помагаат на оние, чие што срце наполно Му е предадено Нему“ (2. Летописи 16:9). Осврнувајќи се пророчки на нашето време, Малахија 3:16 вели: „Но оние, кои се бојат од Бога, си велат еден на друг: Господ гледа и го пази тоа, и пред лицето Негово се пишува спомен книга за оние што се бојат од Бога и го почитуваат името Негово“. Нека нашите срца бидат обединети во тој здрав страв од Јехова!
Јеховината љубезна доброљубивост
11. Како ќе биде изразена Јеховината љубезна доброљубивост спрема лојалните?
11 Колку е горлива Давидовата молитва! Тој продолжува: „Ќе те славам, Господи, Боже мој, од сѐ срце и вечно ќе го прославувам името Твое, зашто Твојата милост [љубезна доброљубивост, NW] кон мене е голема: Ти ја спаси душата моја од длабините на пеколот [шеолот, NW]“ (Псалми 85:12, 13). По втор пат во овој Псалм, Давид го фали Јехова за неговата љубезна доброљубивост — Неговата лојална љубов. Оваа љубов е толку голема што може да спасува во наизглед безизлезни ситуации. Кога Саул го гонел по пустината, можеби Давид сакал да се скрие во некое катче и да умре. Тоа било исто како да се соочува со најдлабокиот шеол — длабините на гробот. Но Јехова го ослободил! Слично, Јехова често им носи ослободување на своите современи слуги на чудесни начини, а исто така ги поддржувал чуварите на беспрекорноста кои останале верни дури до смртта. Сите лојални ќе ја добијат својата награда, па ако е потребно и со воскресение. (Спореди Јов 1:6-12; 2:1-6, 9, 10; 27:5; 42:10; Соломонови изреки 27:11; Матеј 24:9, 13; Откровение 2:10.)b
12. Како свештениците биле дрски и тирански настроени, и каква ќе биде нивната награда?
12 Во врска со прогонувачите, Давид извикува: „Боже, законопрестапниците [дрските, NW] станаа против мене, и многу насилници ја бараат душата моја: тие Те немаат Тебе пред себе“ (Псалми 85:14). Денес, во прогонувачите спаѓа свештенството на христијанството. Таквите си мислат дека го обожаваат Бог, а неговото свето име го заменуваат со титулата „Господ“ и го прикажуваат како мистериозно Тројство кое всушност не се споменува никаде во Библијата. Колку дрско! Згора на тоа, се обидуваат да ги убедат политичките сили да ги лишат Јеховините сведоци од законска заштита и да ги затвораат, што сѐ уште се прави во прилично голем број земји во светот. Тие хулници на Божјето име облечени во мантии ќе ја пожнеат својата награда, заедно со сите делови на Големиот Вавилон, слични на блудници (Откровение 17:1, 2, 15-18; 19:1-3).
13. Кои особини ги покажува Јехова за да ја објави својата доброта?
13 Наспроти тоа, Давидовата молитва радосно продолжува: „Но Ти, Господи Боже, Кој си штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистинит“ (Псалми 85:15). Таквите особини на нашиот Бог навистина се ненадминливи. Тие зборови нѐ враќаат назад на Синајската гора, кога Мојсеј побарал да ја види Јеховината слава. Јехова одговорил: „Ќе одам пред тебе со Моја слава, и ќе те повикам во името Мое“. Меѓутоа, Јехова понатаму го предупредил: „Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив“. Потоа, Јехова слегол во облакот и изјавил: „Господ, Господ Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински!“ (2. Мојсеева 33:18-20; 34:5, 6). Давид ги цитирал овие зборови во својата молитва. Таквите Јеховини особини за нас значат многу повеќе отколку било кој физички изглед! Од наше лично искуство, зарем не ја цениме Јеховината доброта, како што е даден пример со овие прекрасни особини?
„Знак кој значи доброта“
14, 15. Како Јехова покажува за своите слуги „знак кој значи доброта“?
14 Давид повторно моли за Јеховиниот благослов и вели: „Погледни на мене и помилуј ме; дај му ја Твојата сила на слугата свој и спаси го синот на слугинката Твоја; покажи со мене чудо за добро [знак кој значи доброта, NW], па да видат оние, што ме мразат, и да се засрамат, зашто Ти, Господи, ми помогна и ме утеши“ (Псалми 85:16, 17). Давид признава дека како ‚син на Јеховина слугинка‘, и тој мора да му припаѓа на Јехова. Исто е и со сите нас денес кои сме му ги предале своите животи на Јехова и кои му робуваме во неговата служба. Потребна ни е Јеховината спасувачка сила преку неговиот свет дух. Затоа, го молиме нашиот Бог да ни покаже „знак кој значи доброта“. Јеховината доброта ги опфаќа прекрасните особини за кои штотуку дискутиравме. Врз таа основа, каков знак, или симбол можеме да очекуваме да ни даде Јехова?
15 Јехова е Дарител на „секој добар дар и секој совршен подарок“, и како што нѐ уверува Исус, тој е великодушен во давањето на „Дух Свети на оние, што Му бараат“ (Јаков 1:17; Лука 11:13). Свет дух — колку драгоцен подарок од Јехова! Преку светиот дух Јехова дава радосно срце, дури и во време на прогонство. Затоа, Исусовите апостоли, кога им се судело за живот или смрт, можеле радосно да изјават дека Бог им дава свет дух на оние кои го слушаат како владетел (Дела на св. апостоли 5:27-32). Радоста на светиот дух постојано им била „знак кој значи доброта“ (Римјаните 14:17, 18).
16, 17. а) Каков знак на својата доброта им дал Јехова на Павле и Варнава? б) Каков знак им бил даден на прогонетите Солунјани?
16 Во текот на нивното мисионерско патување низ Мала Азија, Павле и Варнава се соочиле со потешкотии, дури и со жестоко прогонство. Кога проповедале во Пизидиска Антиохија, Евреите ја одбиле нивната порака. Затоа, се обратиле кон луѓето од народите. Каков бил резултатот? „Незнабошците, слушајќи го тоа, се радуваа и го славеа словото Господово и поверуваа сите, кои беа определени [исправно наклонети, NW] за живот вечен“. Но Евреите кренале буна, така што мисионерите биле исфрлени од земјата. Дали тие и новите верници биле очајни поради тоа? Никако! Наместо тоа, „учениците [и понатаму, NW] се исполнија со радост и Дух Свети“ (Дела на св. апостоли 13:48, 52). Јехова им го дал тој знак на својата доброта.
17 Потоа, на прогонство било подложено новото собрание во Солун. Затоа апостол Павле напишал едно утешно писмо, пофалувајќи ја нивната истрајност во неволја. Тие ‚ја примиле речта во голема неволја со радоста на Духот свети‘ (1. Солунјаните 1:6, ДК). „Радоста на Духот свети“ продолжила да ги зајакнува како знак на доказ од Бог кој е милостив и многумилостив, бавен на гнев и изобилен во љубезна доброљубивост и вистинитост.
18. Како нашите браќа во Источна Европа покажале ценење за Јеховината доброта?
18 Во поново време, Јехова ја изразил својата доброта спрема нашите верни браќа во Источна Европа, а ги осрамотил оние кои ги мразеле — нивните поранешни прогонувачи. Иако неодамна се ослободиле од угнетување што траело со децении, овие драги браќа сѐ уште мораат да истрајат, зашто многу од нив се соочуваат со сурови економски потешкотии. Меѓутоа, нивната ‚радост на Духот свети‘ ги утешува. Која поголема радост би можеле да ја имаат отколку своите новопронајдени слободи да ги употребат за проширување на сведоштвото? Многу луѓе ги слушаат, како што откриваат извештаите од конгресите и бројот на крстените. (Спореди Дела на св. апостоли 9:31.)
19. Како можеме да ги направиме наша своина зборовите од Псалми 85[86, NW]:11?
19 Сето ова што беше дискутирано во оваа и во претходната статија ја одразува Давидовата горлива молитва до Јехова: „Поучувај ме, о Јехова . . . Обедини ми го срцето да се плаши од твоето име“ (Псалми 86:11, NW). Нека ови зборови од нашиот годишен стих за 1993 бидат и наши зборови додека со цело срце работиме да ги поддржиме интересите на Царството, со ценење на неисцрпната доброта на нашиот единствен Бог, Суверениот Господ Јехова.
[Фусноти]
a Како проречено „семе“ (ДК), Исус бил наследник на Давидското царство и затоа бил „син Давидов“, и во дословна и во преносна смисла (1. Мојсеева 3:15; Псалми 88:29, 34-37).
b За понови примери, види Yearbook of Jehovah’s Witnesses, изданија од 1974, стр. 113-212; 1985, стр. 194-197; 1986, стр. 237-238; 1988, стр. 182-185; 1990, стр. 171-172; 1992, стр. 174-181.
Како би одговорил?
◻ Што покажуваме ако се молиме „Поучувај ме, о Јехова“?
◻ Што се мисли со тоа срцата да ни бидат обединети да се плашат од Јеховиното име?
◻ Како Јехова ќе ја покаже својата љубезна доброљубивост спрема сите оние кои се лојални?
◻ Како Јехова покажува со нас „знак кој значи доброта“?
[Рамка на страница 16]
Годишен стих за 1993: „Поучувај ме, о Јехова, . . . Обедини ми го срцето да се плаши од твоето име“ (Псалми 86:11, NW).
[Слика на страница 15]
Јехова е спила и тврдина за оние кои непоколебливо одат во вистината
[Слика на страница 18]
На меѓународниот конгрес на Јеховините сведоци „Светлоносци“ во Санкт Петерсбург (Русија), во јуни, присуствуваа 46.214, а се крстија 3.256. На колку прекрасен начин тие извлекуваат корист од Јеховината доброта, со „радоста на Духот свети“!