Радувај се на користите од божествената поука
„Јас сум Господ [Јехова, НС], Бог твој, Кој те учи на добро“ (ИСАИЈА 48:17).
1. Како ќе ни биде ако ја применуваме божествената поука во нашите животи?
ЈЕХОВА БОГ најдобро знае. Никој не го надминува во мислите, зборовите или постапките. Како наш Творец, тој е свесен за нашите потреби и ги задоволува изобилно. Сигурно знае како да нѐ подучи. А ако ја применуваме божествената поука, извлекуваме корист за себе и доживуваме вистинска среќа.
2, 3. а) Како би му користело на Божјиот древен народ да ги слушал неговите заповеди? б) Што ќе доживееме ако ја применуваме божествената поука во нашите животи денес?
2 Божествената поука ја открива Божјата искрена желба неговите слуги да избегнат неволја и да се радуваат на животот така што ќе се потчинуваат на неговите закони и начела. Да го слушал, Јеховиниот древен народ би доживеал богати благослови, бидејќи тој им имал речено: „Јас сум Господ [Јехова, НС], Бог твој, Кој те учи на добро, Кој те води по оној пат, по кој треба да одиш. О, да беше ги слушал Моите заповеди! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда — како морски бранови“ (Исаија 48:17, 18).
3 Да обрнал внимание на неговите заповеди и подуки, Божјиот древен народ би извлекол корист за себе. Наместо да претрпат неволја од рацете на Вавилонците, би доживеале мир и напредок кој би бил толку полн, длабок и траен како една река. Освен тоа, нивните праведни дела би биле толку безбројни како морските бранови. На сличен начин, ако ја применуваме божествената поука во нашите животи, можеме да се радуваме на многуте нејзини користи. Кои се некои од нив?
Таа менува животи
4. Како влијаела божествената поука врз животите на многу луѓе?
4 Божествената поука им користела на многу луѓе така што ги променила нивните животи на добро. Оние кои ја применуваат Јеховината подука ги отфрлаат „делата на телото“, како што е распуштено однесување, идолопоклонство, спиритизам, кавги и љубомора. Наместо тоа, ги покажуваат плодовите на духот: љубов, радост, мир, долготрпеливост, доброљубивост, доброта, вера, благост и самосовладување (Галатјаните 5:19-23, НС). Исто така го слушаат советот од Ефесјаните 4:17-24, каде што Павле ги поттикнува соверниците да не одат како народите, во бескорисноста на нивните умови и во умствена темнина, отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог. Бидејќи не се водени од бесчувствителни срца, поединците слични на Христос ‚го отфрлаат од себе стариот човек според нивното поранешно живеење и се обновуваат со духот на [во силата која го поттикнува, НС] нивниот ум‘. Тие ‚го облекуваат новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината [и вистинска праведност и лојалност, НС]‘.
5. Како влијае божествената поука врз начинот на кој луѓето живеат?
5 Една извонредна корист од применувањето на божествената поука е што таа ни покажува како да одиме со Бог. Ако одиме со Јехова, како што одел Ное, ќе го следиме животниот пат што го истакнал нашиот Величествен Подучувач (1. Мојсеева 6:9; Исаија 30:20, 21). Луѓето од народите „одат во бескорисноста на нивниот ум“ (НС), како што рекол апостол Павле. А колку бескорисни можат да бидат некои записи на тие умови! Откако ги забележал графитите на некои луѓе на еден ѕид во Помпеја, еден набљудувач самиот напишал: „Вистинско чудо е, ѕиду, што уште не си се срушил под тежината на олкуте многу напишани глупости“. Но, во „Јеховината поука“ и во делото на проповедање на Царството што таа го овозможува нема никаква бесмисленост (Дела 13:12, НС). Преку тоа дело, на вистинољубивите луѓе им е помогнато да постапуваат разумно. Тие се учат како да престанат да одат по нивниот грешен пат, во непознавање на Божјите намери. Повеќе не се во умствена темнина, ниту пак се поттикнати од бесчувствителни срца да тежнеат по бескорисни цели.
6. Каква врска постои помеѓу нашата послушност на Јеховината поука и нашата среќа?
6 Божествената поука ни користи и на тој начин што нѐ запознава со Јехова и неговите постапки. Таквото спознание нѐ зближува со Бог, ја зајаканува нашата љубов кон него и ја зголемува нашата желба да го слушаме. Во 1. Јованово 5:3 стои: „Љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме заповедите Негови. А Неговите заповеди не се тешки“. Исто така се потчинуваме на Исусовите заповеди зашто знаеме дека неговото учење е од Бог (Јован 7:16-18). Таквата послушност нѐ штити од духовна штета и ја унапредува нашата среќа.
Вистинска цел во животот
7, 8. а) Како треба да го разбереме Псалм 90:12? б) Како можеме да прибавиме мудро срце?
7 Јеховината поука е полезна на тој начин што ни покажува како да го користиме својот живот на смисловен начин. Всушност, божествената поука ни покажува како на еден посебен начин да ги броиме нашите денови. Еден животен век од 70 години опфаќа околу 25.550 дена. Едно 50-годишно лице веќе потрошило 18.250 од нив, а преостанатите 7.300 за кои се надева дека му преостануваат, навистина изгледаат малку. Можеби тогаш особено повеќе сфаќа зошто пророкот Мојсеј му се молел на Бог во Псалм 90:12, (НС): „Покажи ни само како да ги броиме нашите денови на еден таков начин, за да прибавиме мудро срце“. Но, што мислел Мојсеј со тоа?
8 Мојсеј не мислел дека Бог ќе му го открие точниот број на денови колку би изнесувал животниот век на секој Израелец. Според Псалм 89, стихови 9 и 10, еврејскиот пророк сфатил дека животниот век би можел да изнесува околу 70 или 80 години — навистина кратко. Така, зборовите од Псалм 90:12 (НС) очигледно ја изразуваат Мојсеевата молитвена желба Јехова да му покаже, односно да го поучи него и Неговиот народ да покажуваат мудрост во вреднувањето на ‚дните на нивниот живот‘ и да ги користат на богоугоден начин. А, како е со нас? Дали го цениме секој скапоцен ден? Дали прибавуваме мудро срце така што тежнееме да го поминеме секој ден на достоен начин, на слава на нашиот Величествен Подучувач, Јехова Бог? Божествената поука ни помага да го правиме токму тоа.
9. Што може да се очекува ако научиме да ги броиме нашите денови на Јеховина слава?
9 Ако научиме да ги броиме нашите денови на Јеховина слава, можеме да бидеме во можност да продолжиме да ги броиме нашите денови без прекин, бидејќи божествената поука дава спознание за вечен живот. „Животот вечен е тоа“, рекол Исус, „да Те познаат [постојано да примаат спознание за, НС] Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). Се разбира, ако го стекнеме сето световно спознание кое стои на располагање, тоа нема да ни донесе вечен живот. Но можеме да имаме бескраен живот ако го стекнеме и го применуваме точното спознание за двете најважни личности во универзумот и ако навистина покажуваме вера.
10. Што вели една енциклопедија за образованието, и како може тоа да се спореди со користите од божествената поука?
10 Без разлика колку долго веќе сме живееле, да ја запомниме оваа забележителна корист од божествената поука: На оние кои ја применуваат, таа им дава вистинска цел во животот. The World Book Encyclopedia наведува: „Образованието треба да им помогне на луѓето да станат корисни членови на општеството. Тоа треба исто така да им помогне да развијат ценење за нивното културно наследство и да водат позадоволувачки живот“. Божествената поука е корисна на тој начин што ни помага да водиме задоволувачки живот. Таа развива во нас искрено ценење за нашето духовно наследство како Божји народ. И таа сигурно нѐ прави корисни членови на општеството, зашто ни овозможува да играме витална улога во задоволувањето на потребите на луѓето по целата Земја. Зошто може да се рече тоа?
Програма за поучување ширум Земјата
11. Како ја истакнал Томас Џеферсон потребата од соодветно образование?
11 Како ниедна друга програма за поучување, божествената поука ги задоволува образовните потреби на луѓето. Потребата на луѓето да бидат поучени ја забележал Томас Џеферсон, третиот претседател на Соединетите Држави. Во едно писмо од 13. август 1786 до Џорџ Вит, пријател и сопотписник на Декларацијата за независност, Џеферсон напишал: „Мислам дека далеку најважниот закон во целиот наш кодекс е законот за ширење на знаењето меѓу луѓето. Не може да се измисли друг сигурен темел за сочувување на слободата и среќата. . . . Заземете се, мој драг пријателе, за енергична кампања против неукоста; воспоставете и унапредувајте го законот за образование на обичните луѓе. Нека знаат нашите земјаци . . . дека данокот што ќе биде платен за целта [на образованието] не е поголем од илјадитиот дел од она што ќе им биде платено на царевите, свештениците и благородниците кои ќе се издигнат меѓу нас ако ги оставиме луѓето во незнаење“.
12. Зошто може да се рече дека божествената поука е најуспешната и најкорисната програма за светско образование?
12 Далеку од тоа да ги остави праведно настроените луѓе во незнаење, Јеховината поука ја пружа најдобрата програма за глобално образование за нивна корист. Додека пред 50 години сѐ уште беснеела II Светска војна, Одборот за воспитна обнова на САД увидел итна потреба од „глобално образование“. Таа потреба сѐ уште постои, но божествената поука е единствената успешна програма за глобално образование. Таа е исто така најкорисната, бидејќи ги подига луѓето од очај, ги издигнува морално и духовно, ги чува од световната гордост и предрасуди и дава спознание за вечен живот. А над сѐ, од оваа програма имаат корист луѓето насекаде бидејќи ги поучува да му служат на Јехова Бог.
13. Како се исполнува денес Исаија 2:2-4?
13 Користите од божествената поука ги уживаат мноштва кои сега стануваат Божји слуги. Тие се свесни за нивната духовна потреба и се потполно свесни дека Јеховиниот ден е близу (Матеј 5:3, НС; 1. Солунјаните 5:1-6). Уште сега, „во завршниот дел од деновите“ (НС), овие луѓе од сите нации врват кон Јеховината гора, т. е. неговото чисто обожавање. Таа е цврсто утврдена и високо возвишена над секое обожавање што е спротивно на Божјата волја (Исаија 2:2-4). Ако си предаден Сведок на Јехова, зарем не си воодушевен што им припаѓаш на сѐ поголемите мноштва кои го обожаваат и кои извлекуваат корист од божествената поука? Колку е прекрасно да се биде меѓу оние кои извикуваат: „Фалете го Јах!“ (Псалм 150:6, НС).
Корисно влијание врз нашиот дух
14. Од каква корист е да се следи Павловиот совет во 1. Коринтјаните 14:20?
14 Меѓу многуте користи од божествената поука е извонредното влијание што таа може да го има врз нашето размислување и дух. Таа нѐ поттикнува да мислиме на она што е праведно, чесно, доблесно и пофално (Филипјаните 4:8). Јеховината поука ни помага да го следиме Павловиот совет: „Бидете деца во поглед на злото; но бидете возрасни во способностите на разбирањето“ (1. Коринтјаните 14:20, НС). Ако го применуваме овој совет, нема да бараме спознание за злобата. Павле исто така напишал: „Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба“ (Ефесјаните 4:31). Слушањето на таквиот совет ќе ни помогне да избегнуваме неморал и други тешки гревови. Додека ни користи во физички и душевен поглед, тоа особено ќе ни ја донесе радоста поради сознанието дека му угодуваме на Бог.
15. Што може да ни помогне да останеме доблесни во мислите?
15 Ако сакаме да останеме доблесни во мислите, една помош е да избегнуваме ‚лошо друштво кое ги расипува корисните навики‘ (1. Коринтјаните 15:33, НС). Како христијани, нема да се дружиме со блудници, прељубници и други престапници. Тогаш, логично, не смееме да се дружиме со такви поединци така што ќе читаме за нив заради сетилно задоволство или ќе ги гледаме на телевизија или на филмови. Срцето е измамничко, може лесно да посака лоши работи и да биде искушано да ги направи (Јеремија 17:9). Затоа, да избегнуваме такви искушенија со тоа што ќе се придржуваме на божествената поука. Таа може да влијае на размислувањето на ‚оние кои Го сакаат Господа [Јехова, НС]‘ до толкав корисен обем што ќе го ‚мразат злото‘ (Псалм 96:10).
16. Како може да влијае Божјата поука на духот што го покажуваме?
16 Павле му рекол на својот соработник Тимотеј: „Господ нека биде со духот што го покажуваш. Неговата незаслужена доброљубивост нека биде со вас“ (2. Тимотеј 4:22, НС). Апостолот посакувал Бог, преку Господ Исус Христос, да ја одобри силата која го мотивирала Тимотеј и другите христијани. Божјата поука ни помага да покажуваме доброљубив, љубезен, благ дух (Колосјаните 3:9-14). А колку тој се разликува од духот на многумина во овие последни денови! Тие се надуени, неблагодарни, им недостасува природна наклоност, непристапни за каков и да е договор, тврдоглави, љубители на задоволства и лишени од вистинска побожна оддаденост (2. Тимотеј 3:1-5). Меѓутоа, додека и понатаму ги применуваме користите од божествената поука во нашите животи, покажуваме дух со кој му стануваме омилени на Бог и останатите луѓе.
Корисна во меѓучовечките односи
17. Зошто е толку важна понизната соработка?
17 Јеховината поука ни помага да ги видиме користите од понизната соработка со сообожавателите (Псалм 137:6). За разлика од многу луѓе денес, ние не ги повредуваме праведните начела туку сме спремни за договор. На пример, многу добри резултати произлегуваат затоа што наименуваните надгледници се спремни за договор за време на состаноците со старешините. Овие мажи умеат мирно да зборуваат во интерес на вистината, не дозволувајќи емоциите да ја засенат логиката или да предизвикаат неединство. Сите членови на собранието ќе имаат корист од духот на единство што го уживаме ако сите ние продолжиме да ја применуваме божествената поука (Псалм 132:1-3).
18. Какво гледиште за соверниците ни помага да имаме божествената поука?
18 Божествената поука ни помага и да имаме исправно гледиште за соверниците. Исус рекол: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати“ (Јован 6:44). Особено од 1919, Јехова им дал на своите слуги да ги објавуваат неговите осуди, а Сатановиот светски систем бил разнишуван и потресуван со ова глобално предупредување. Во исто време, Бог ги привлекол богобојазливите луѓе — „пожелните работи“ — да се одвојат од нациите и да учествуваат со помазаните христијани во исполнувањето на Јеховиниот дом на обожавање со слава (Хагај 2:7, НС). Секако, на овие пожелни работи привлечени од Бог, треба да гледаме како на драги придружници.
19. Што открива божествената поука во врска со решавањето на личните потешкотии со сохристијаните?
19 Се разбира, бидејќи сите ние сме несовршени, работите нема секогаш да одат глатко. Кога Павле се готвел да тргне на своето второ мисионерско патување, Варнава бил решен да го поведе и Марко. Павле не се согласил, затоа што Марко ‚се одделил од нив во Памфилија и не пошол со нив по работата, за која биле пратени‘. Притоа ‚се појавила расправија‘. Варнава го зел Марка со себе за Кипар, а Павле бил придружуван од Сила низ Сирија и Киликија (Дела 15:36-41). Подоцна, ова разијдување очигледно било поправено, зашто Марко бил со Павле во Рим, а апостолот зборувал добро за него (Колосјаните 4:10). Една од користите од божествената поука е што таа ни покажува како да се решаваат личните недоразбирања помеѓу христијаните со следење на таквиот совет како што е оној на Исус во Матеј 5:23, 24 и Матеј 18:15-17.
Секогаш корисна и победоносна
20, 21. На што треба да нѐ подбуди нашето разгледување на божествената поука?
20 Само од нашето кратко разгледување на некои користи и триумфи на божествената поука, без сомнение, секој од нас може да ја увиди потребата да истрае во нејзиното применување во нашите животи. Затоа, со молитвен дух, да продолжиме да учиме од нашиот Величествен Подучувач. Наскоро, божествената поука ќе триумфира како никогаш порано. Таа ќе биде победоносна кога интелектуалците од овој свет ќе го испуштат својот последен здив. (Спореди 1. Коринтјаните 1:19.) Освен тоа, додека милиони други ја учат и ја вршат Божјата волја, спознанието за Јехова ќе ја исполни Земјата како што водите го покриваат самото море (Исаија 11:9). Колку величествено ова ќе му користи на послушното човештво и ќе го оправда Јехова како Универзален Суверен!
21 Поуката од Јехова секогаш ќе биде корисна и победоносна. Дали ќе продолжиш да извлекуваш корист од неа како ревносен истражувач на Божјиот голем Учебник? Дали живееш во склад со Библијата и ги споделуваш нејзините вистини со другите? Ако да, можеш да очекуваш да го видиш потполниот триумф на божествената поука, на слава на нашиот Величествен Подучувач, Суверениот Господ Јехова.
Што си научил?
◻ Какво влијание може да има божествената поука врз нашите животи?
◻ Како ги задоволува Јеховината поука воспитните потреби?
◻ Каков корисен ефект може да има божествената поука врз нашето размислување и став?
◻ Како се покажува Божјата поука корисна со оглед на човечките односи?
[Слика на страница 15]
Божествената поука ни покажува како да одиме со Бог, како Ное
[Слика на страница 17]
Луѓе од сите народи врват кон Јеховината гора