Јехова е наше засолниште
„Зашто Господ е твое засолниште . . . нема да те најде несреќата“ (ПСАЛМ 91:9, 10).
1. Зошто можеме да кажеме дека Јехова е наше засолниште?
ЈЕХОВА е вистинско засолниште за својот народ. Ако сме му целосно оддадени, можеби ќе бидеме ‚притиснати на секој начин, но не толку притеснети за да не можеме да се помрднеме; збунети, но не во потполност без излез; прогонети, но не оставени на цедило; соборувани, но не уништени‘. Зошто? Затоа што Јехова ни дава ‚сила која ја надминува нормалната‘ (2. Коринќаните 4:7-9). Да, нашиот небесен Татко ни помага да се стремиме кон побожен живот, и можеме да ги земеме при срце зборовите на псалмистот: „Зашто Господ е твое засолниште, го избра Севишниот за своја закрила. Нема да те најде несреќата“ (Псалм 91:9, 10).
2. Што може да се рече за Псалм 91, и што ветува тој?
2 Овие зборови од Псалм 91 можеби ги напишал Мојсеј. Во натписот е именуван како композитор на 90. Псалм, а Псалм 91 следи по него без некаква вметната изјава која именува друг писател. Можеби Псалм 91 го пееле антифонално; односно можеби едно лице го пеело првиот дел (91:1, 2), а хорот одговарал (91:3—8). Веројатно потоа се слушал само еден глас (91:9а), а групата одговарала (91:9б—13). Понатаму, можеби еден пејач ги пеел последните зборови (91:14—16). Во секој случај, 91. Псалм им ветува духовна сигурност на помазаните христијани како класа и им дава слична гаранција на нивните предадени придружници како група.a Да го разгледаме овој псалм од гледна точка на сите тие Јеховини слуги.
Сигурност под ‚Божјиот покрив‘
3. а) Што е ‚покривот на Севишниот‘? б) Што доживуваме ‚одморајќи се во сенката на Седржителот‘?
3 Псалмистот пее: „Ти, Кој живееш под покрив на Севишниот, што се одморуваш во сенката на Седржителот, речи му на Господа: ‚Прибежиште мое! Тврдино моја! Боже мој, на Кого се надевам!‘“ (Псалм 91:1, 2). ‚Покривот на Севишниот‘ е фигуративно место на наша заштита, а особено на помазаниците, кои се посебна мета на Ѓаволот (Откровение 12:15-17). Тој би нѐ уништил сите нас да не е заштитата што ја уживаме како лица што престојуваат кај Бог како духовни гости. ‚Одморајќи се во сенката на Седржителот‘, ние сме под Божјата заштитничка ладовина, односно сенка (Псалм 15:1, 2; 121:5). Не постои побезбедно прибежиште ни појака тврдина од нашиот Суверен Господ, Јехова (Пословици 18:10).
4. Кои изуми ги користи Сатана, „ловецот“, и како ги избегнуваме?
4 Псалмистот додава: „Тој [ Јехова] ќе те ослободи од примката на ловецот, од гибелниот помор [чумата што предизвикува неволји, NW]“ (Псалм 91:3). Ловецот во древниот Израел честопати фаќал птици со помош на стапици или примки. Во стапиците на „ловецот“, Сатана, спаѓаат неговата зла организација и „препредени дела“ (Ефешаните 6:11, фуснота, NW со референции). На нашиот пат се поставени примки за да нѐ привлечат кон злобата и да предизвикаат наша духовна пропаст (Псалм 142:3). Меѓутоа, затоа што сме се откажале од неправедноста, ‚нашата душа е како птица што бега од примката‘ (Псалм 124:7, 8). Колку сме само благодарни што Јехова нѐ избавува од злобниот ‚ловец‘! (Матеј 6:13).
5, 6. Која „чума“ предизвикува „неволји“, но зошто Јеховиниот народ не подлегнува на неа?
5 Псалмистот ја наведува „чумата што предизвикува неволји“. Исто како едно заразно епидемично заболување, постои нешто што му предизвикува „неволји“ на човечкото семејство и на оние што го поддржуваат Јеховиниот суверенитет. Во врска со тоа, историчарот Арнолд Тојнби напишал: „Од крајот на II светска војна национализмот го удвоил бројот на локалните суверени независни држави . . . Сегашното расположение на човештвото е сѐ пораздорно“.
6 Низ вековите, извесни владетели ги разгорувале пламењата на раздорните меѓунационални борби. Исто така, тие барале почитта да биде насочена кон нив или кон различни ликови или симболи. Но, Јехова никогаш не дозволил неговиот верен народ да подлегне на таквата „чума“ (Даниел 3:1, 2, 20-27; 6:7-10, 16-22). Како меѓународно братство полно со љубов, ние му даваме на Јехова исклучителна оддаденост, задржуваме библиска неутралност и непристрасно признаваме дека „во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од [Бог] и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35; Излез 20:4-6; Јован 13:34, 35; 17:16; 1. Петрово 5:8, 9). Иако како христијани доживуваме „неволји“ во облик на прогонство, радосни сме и духовно сигурни „под покривот на Севишниот“.
7. Како нѐ заштитува Јехова „со Своите крила“?
7 Имајќи го Јехова како наше засолниште, ние црпиме утеха од зборовите: „Ќе те заштити со Своите крила, и ќе се засолниш под Неговите крила. Неговата вистина [вистинитост, NW] е штит и закрила [бедем, NW]!“ (Псалм 91:4). Бог нѐ штити, исто како што една птица заштитнички ги надлетува своите малечки (Исаија 31:5). ‚Со Своите крила нѐ заштитува.‘ Птицата ги покрива малечките со своите крила, штитејќи ги од грабливци. Исто како полетарчиња, ние сме безбедни под Јеховините фигуративни крила бидејќи сме нашле засолниште во неговата вистинска христијанска организација (Рута 2:12; Псалм 5:1, 11).
8. На кој начин Јеховината „вистинитост“ е голем штит и бедем?
8 Ние имаме доверба во ‚вистинитоста‘, односно верноста. Таа е како еден голем штит од старо време, честопати со правоаголен облик и доволно голем за да го покрие целото тело на еден човек (Псалм 5:12). Довербата во таквата заштита нѐ ослободува од страв (Битие 15:1; Псалм 84:11). Исто како нашата вера, Божјата вистинитост е голем заштитнички штит кој ги спречува огнените стрели на Сатана и нѐ чува од ударите на непријателот (Ефешаните 6:16). Таа е и бедем, силен одбранбен насип зад кој стоиме цврсто.
‚Нема да се боиме‘
9. Зошто може ноќта да биде време што влева страв, но зошто ние не се плашиме?
9 Со оглед на Божјата заштита, псалмистот вели: „Не ќе се боиш од ноќен страв, ниту од стрелата што лета дење, ни од поморот, што се поткрадува во темнина, ни од гибелта што опустува напладне“ (Псалм 91:5, 6). Со оглед на тоа што многу зли дела се прават под плаштот на темнината, ноќта може да биде време што влева страв. Среде духовната темнина што сега ја покрива Земјата, нашите непријатели честопати прибегнуваат кон прикриени дела во обид да ја уништат нашата духовност и да го запрат нашето дело на проповедање. Но, ‚ние не се боиме од ноќниот страв‘ затоа што Јехова нѐ чува (Псалм 64:1, 2; 121:4; Исаија 60:2).
10. а) Што изгледа означува „стрелата што лета дење“, и како реагираме на неа? б) Каква е природата на ‚поморот што се поткрадува во темнина‘, и зошто не се плашиме од него?
10 Изгледа „стрелата што лета дење“ означува вербален напад (Псалм 64:3-5; 94:20). Додека истрајуваме во презентирањето на вистинити информации, таквото отворено противење на нашата света служба се покажува залудно. Освен тоа, ние не се плашиме од ‚поморот што се поткрадува во темнина‘. Ова е фигуративен помор, создаден среде темнината на овој морално и религиозно болен свет што лежи во моќта на Сатана (1. Јованово 5:19). Тој создава смртоносна состојба на умот и срцето, оставајќи ги луѓето во темнина во врска со Јехова, неговите намери и неговите љубезни подготовки (1. Тимотеј 6:4). Среде оваа темнина, ние не се плашиме, затоа што уживаме духовна светлина во изобилство (Псалм 43:3).
11. Што се случува со оние што доживуваат ‚опустување напладне‘?
11 Нас не нѐ плаши ни „гибелта што опустува напладне“. „Напладне“ можеби ја означува таканаречената просветленост на светот. Оние што подлегнуваат на нејзините материјалистички гледишта доживуваат духовно уништување (1. Тимотеј 6:20, 21). Додека смело ја објавуваме пораката за Царството, не се плашиме од ниеден непријател, зашто Јехова ни е Заштитник (Псалм 64:1; Пословици 3:25, 26).
12. Покрај чија страна „паѓаат“ илјадници, и на кој начин?
12 Псалмистот продолжува: „И нека паѓаат илјади покрај тебе, десетици илјади до Твојата десница, но до тебе нема да се приближи! Само штом погледнеш со окото, веќе ќе ја видиш платата на грешниците“ (Псалм 91:7, 8). Поради тоа што пропуштаат да го направат Јехова свое засолниште, многумина „паѓаат“ во духовна смрт покрај ‚нас‘. Всушност, „десетици илјади“ паднале крај ‚десницата‘ на денешните духовни Израелци (Галатите 6:16). Но, сеедно дали сме помазани христијани или нивни предадени придружници, ние сме сигурни под Божјиот „покрив“. Ние само ‚погледнуваме и ја гледаме платата на грешниците‘ што жнеат неволја во трговски, религиозен и во други погледи (Галатите 6:7).
‚Нема да нѐ најде несреќа‘
13. Какви несреќи не нѐ снаоѓаат, и зошто?
13 Иако сигурноста на овој свет ја снемува, ние го ставаме Бог на прво место и се храбриме од зборовите на псалмистот: „Зашто Господ е твое засолниште, го избра Севишниот за своја закрила. Нема да те најде несреќата, неволјата нема да се приближи до твојот шатор“ (Псалм 91:9, 10). Да, Јехова е наше засолниште. Меѓутоа, ние го правиме Севишниот и „своја закрила“, каде што наоѓаме сигурност. Го фалиме Јехова како Универзален Суверен, ‚имаме закрила‘ кај него како наш Извор на сигурност и ја објавуваме добрата вест за неговото Царство (Матеј 24:14). Затоа, ‚нема да нѐ најде несреќа‘ — ниедна од несреќите што беа претходно опишани во овој псалм. Дури и кога заедно со другите луѓе доживуваме несреќи како што се земјотреси, урагани, поплави, глад и разорно дејство на војната, тие не ја уништуваат нашата вера ниту нашата духовна сигурност.
14. Како Јеховини слуги, зошто не сме заразени од смртоносните чуми?
14 Помазаните христијани се како странци што живеат во шатори одвоени од овој систем на работи (1. Петрово 2:11). ‚Неволјата нема да се приближи до нивниот шатор.‘ Сеедно дали нашата надеж е небесна или земна, ние не сме дел од светот и не сме заразени од духовно смртоносните чуми како што се неговиот неморал, материјализмот, лажната религија, и обожавањето на „дивиот ѕвер“ и неговиот „лик“, Обединетите нации (Откровение 9:20, 21; 13:1-18; Јован 17:16).
15. Во кои погледи уживаме ангелска помош?
15 Во врска со заштитата што ја уживаме, псалмистот додава: „[Јехова] им заповеда на Своите ангели, да те чуваат на сите твои патишта. Ќе те носат на раце, за да не се сопнеш на камен“ (Псалм 91:11, 12). На ангелите им е дадена моќ да нѐ штитат (2. Цареви 6:17; Псалм 34:7-9; 104:4; Матеј 26:53; Лука 1:19). Тие нѐ чуваат на ‚сите наши патишта‘ (Матеј 18:10). Ние уживаме ангелско водство и заштита како објавители на Царството и духовно не се сопнуваме (Откровение 14:6, 7). Дури и ‚камењата‘, како што се забраните против нашето дело, не направиле да се сопнеме и да отпаднеме од божествената наклоност.
16. На кој начин се разликуваат нападите што ги вршат „млад лав“ и „кобра“, и како реагираме на нив?
16 Псалмистот продолжува: „Ќе газиш врз млад лав и кобра, ќе ги нагазуваш гривестиот млад лав и големата змија“ (Псалм 91:13, NW). Исто како што еден млад лав врши отворен, фронтален напад, некои наши непријатели отворено го покажуваат своето противење така што донесуваат закони предвидени да го запрат нашето проповедничко дело. Но, врз нас се вршат и неочекувани напади, како оние на кобрата што удира од некое скришно место. Криејќи се зад кулиси, свештенството понекогаш нѐ напаѓа преку законодавците, судиите и други. Но, со Јеховина поддршка, ние мирољубиво бараме правна помош во судовите, и на тој начин ‚ја браниме и законски ја утврдуваме добрата вест‘ (Филипјаните 1:7; Псалм 94:14, 20-22).
17. Како го газиме „гривестиот млад лав“?
17 Псалмистот зборува за газење на „гривестиот млад лав и на големата змија“. Еден гривест млад лав може да биде доста разјарен, а голема змија може да биде влекач со прилична големина (Исаија 31:4). Но, без оглед на тоа колку може да биде разјарен гривестиот млад лав кога врши фронтален напад, ние фигуративно го газиме со тоа што сме му послушни на Бог, наместо на луѓето или на организации слични на лав (Дела 5:29). Така, опасниот „лав“ не ни нанесува духовна штета.
18. На кого можеби нѐ потсетува „големата змија“, и што треба да правиме кога сме изложени на напад?
18 Во грчката Септуагинта, „големата змија“ е наречена „змеј“. Ова веројатно нѐ потсетува на „големиот змеј . . . празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана“ (Откровение 12:7-9; Битие 3:15). Тој е како монструозен влекач способен да го смачка и проголта својот плен (Еремија 51:34). Кога Сатана се обидува да се замота околу нас, да нѐ смачка со притисоците од овој свет и да нѐ проголта, да се ослободиме и да ја згазиме оваа „голема змија“ (1. Петрово 5:8). Помазаниот остаток мора да го прави тоа за да учествува во исполнувањето на Римјаните 16:20.
Јехова — извор на нашето спасение
19. Зошто наоѓаме засолниште кај Јехова?
19 Во врска со вистинскиот обожавател, псалмистот го претставува Бог како вели: „Ќе го избавам зашто ме љуби, ќе го закрилам зашто Го познава Моето име“ (Псалм 91:14). Фразата „ќе го закрилам“ буквално значи „ќе го ставам на висина“, т.е. надвор од дофат. Ние наоѓаме засолниште кај Јехова како негови обожаватели особено затоа што ‚го љубиме‘ (Марко 12:29, 30; 1. Јованово 4:19). Бог пак, од своја страна, ‚нѐ избавува‘ од нашите непријатели. Никогаш нема да бидеме збришани од Земјата. Напротив, ќе бидеме спасени бидејќи го знаеме божественото име и го повикуваме во вера (Римјаните 10:11-13). И решени сме да ‚одиме во името на Јехова засекогаш‘ (Михеј 4:5, NW; Исаија 43:10-12).
20. Како што заклучува Псалм 91, што му ветува Јехова на својот верен слуга?
20 Како што Псалм 91 заклучува, Јехова за својот верен слуга вели: „Ќе Ме повика, а Јас ќе го услишам, со него ќе бидам во неволја, ќе го спасам и ќе го прославам. Ќе го наситам со многу денови, ќе му го покажам Моето спасение“ (Псалм 91:15, 16). Кога го повикуваме Бог во молитва во согласност со неговата волја, тој нѐ услишува (1. Јованово 5:13-15). Ние веќе сме поминале низ многу неволји поради непријателството што го подбуцнува Сатана. Но, зборовите „со него ќе бидам во неволја“ нѐ подготвуваат за идните испити и нѐ уверуваат дека Бог ќе нѐ поддржува кога ќе биде уништен овој зол систем.
21. На кој начин се помазаниците веќе прославени?
21 И покрај разбеснетото противење од Сатана, помазаниците меѓу нас, кои ќе го дополнат целосниот број, ќе бидат прославени на небото во Јеховино одредено време — по „многу денови“ поминати на Земјата. Сепак, Божјето извонредно спасение веќе им донело духовна слава на помазаниците. И колкава само чест им е покажана — да предводат како Сведоци на Јехова на Земјата во овие последни денови! (Исаија 43:10-12). Јеховиното најголемо спасение на неговиот народ ќе настапи во текот на неговата голема војна Армагедон, кога тој ќе го оправда својот суверенитет и ќе го посвети своето свето име (Псалм 83:18, NW; Езекиел 38:23; Откровение 16:14, 16).
22. Кому ќе му биде ‚покажано спасението од Јехова‘?
22 Сеедно дали сме помазани христијани или нивни предадени придружници, за спасение се потпираме на Бог. Во текот на „големиот Јеховин ден што влева страхопочит“ (NW), тие што лојално му служат на Бог ќе бидат спасени (Јоил 3:3-5). Оние од нас што ќе го сочинуваат ‚големото мноштво‘ од преживеани во Божјиот нов свет и што ќе останат верни во текот на последниот испит, ‚ќе бидат наситени со многу денови‘ — бескраен живот. Исто така, тој ќе воскресне мноштва луѓе (Откровение 7:9; 20:7-15). На Јехова навистина ќе му биде многу драго ‚да ни го покаже спасението‘ преку Исус Христос (Псалм 3:8). Имајќи пред нас такви величествени изгледи, да продолжиме да се потпираме на Бог за помош да ги броиме нашите денови на негова слава. Со зборови и со дела да продолжиме да докажуваме дека Јехова е наше засолниште.
[Фуснота]
a Писателите на Христијанските грчки списи не дискутирале за Псалм 91 од гледна точка на месијанско пророштво. Се разбира, Јехова бил засолниште и тврдина за човекот Исус Христос, исто како што е за Исусовите помазани следбеници и за нивните предадени придружници како група во ова ‚време на свршетокот‘ (Даниел 12:4).
Како би одговорил?
• Што е ‚покривот на Севишниот‘?
• Зошто не се плашиме?
• Во кој поглед ‚нема да нѐ најде несреќа‘?
• Зошто можеме да кажеме дека Јехова е извор на нашето спасение?
[Слика на страница 17]
Знаеш ли како Јеховината вистинитост ни е голем штит?
[Слики на страница 18]
Јехова им помага на своите слуги да ја извршуваат својата служба и покрај неочекувани напади и отворено противење
[Извор на слика]
Кобра: A. N. Jagannatha Rao, Trustee, Madras Snake Park Trust