Слободата што ја дава Бог донесува радост!
„Радоста Јеховина е ваша тврдина“ (НЕХЕМИЈА 8:10, NW).
1. Што е радост, и зошто можат да ја доживеат оние кои му се предадени на Бог?
ЈЕХОВА ги полни срцата на својот народ со радост. Оваа состојба на голема среќа или восхитување доаѓа кога се стекнува или очекува нешто добро. Луѓето кои му се предадени на Бог можат да доживеат такво чувство бидејќи радоста е плод на неговиот свет дух, или активна сила (Галатјаните 5:22, 23). Затоа дури и кога ќе нѐ погодат тешки искушенија, можеме да бидеме радосни како Јеховини слуги кои се водени од неговиот дух.
2. Зошто во времето на Ездра Евреите се радувале на една посебна прилика?
2 Во петтиот век пр.н.е., во една посебна прилика, Евреите ја искористиле својата слобода од Бог за во Ерусалим да го одржат радосниот празник Сеници. Откако Ездра и другите Левити им го прочитале и објасниле Божјиот Закон, „појде сиот народ да јаде и да пие и да испраќа делови и да празнува со голема радост, зашто ги разбраа зборовите, што им ги кажаа“ (Неемија 8:5-12).
Радоста Јеховина е наша тврдина
3. Под кои околности „Јеховината радост“ може да биде наша тврдина?
3 За време на тој празник, Евреите ја сфатиле вистинитоста на зборовите: „Радоста Јеховина е ваша тврдина“ (Нехемија 8:10, NW). Таа радост е и наша тврдина ако цврсто стоиме во слободата од Бог како предадени, крстени Сведоци на Јехова. Малкумина од нас доживеале помазување со свет дух и присвојување во Божјето семејство како небесни сонаследници со Христос (Римјаните 8:15-23). Поголемиот дел од нас денес го имаат изгледот за живот во земски рај (Лука 23:43, NW). Колку ли треба да сме радосни!
4. Зошто христијаните можат да поднесат страдања и прогонство?
4 Иако имаме прекрасни изгледи, не е лесно да се издржат страдањата и прогонствата. Но, тоа можеме да го сториме бидејќи Бог ни го дава својот свет дух. Со него имаме радост и увереност дека ништо не може да ни ја украде нашата надеж или Божјата љубов. Дури и повеќе, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе биде наша тврдина сѐ додека го љубиме со сето свое срце, душа, сила и ум (Лука 10:27).
5. Што ќе биде сега предмет на нашето разгледување?
5 Јеховиниот народ ужива богати благослови и има многу причини да се радува. Некои причини за радост се споменати во Павловото писмо до Галатјаните. Други се наведени на други места во Библијата. За нас ќе биде охрабрувачки ако ги разгледаме таквите радосни благослови.
Цени ја слободата од Бог
6. Зошто Павле ги поттикнал христијаните во Галатија да стојат цврсто?
6 Како христијани, го имаме радосниот благослов на прифатлива положба пред Бог. Бидејќи Христос ги ослободил своите следбеници од Мојсеевиот Закон, Галатјаните биле поттикнати да стојат цврсто и да не бидат впрегнати во тој „јарем на ропство“. Како е со нас? Ако би се обидувале да бидеме прогласени за праведни држејќи се за Законот, би биле одвоени од Христос. Меѓутоа, потпомогнати од Божјиот дух, ја очекуваме праведноста на која се надеваме, а која произлегува од верата што делува преку љубовта, а не од телесното обрежување или други дела на Законот (Галатјаните 5:1-6).
7. Како треба да гледаме на светата служба за Јехова?
7 Благослов е да ја користиме нашата слобода од Бог за да ‚му служиме на Јехова со радост‘ (Псалми 100:2, NW). Навистина е драгоцена предност да му принесуваме света служба на ‚Јехова Бог, Семоќниот‘, самиот ‚Цар на вечноста‘! (Откровение 15:3, NW). Ако те обземат чувства на мало самопочитување, може да ти биде од помош ако сфатиш дека Бог те привлекол кон себе преку Исус Христос и ти дал учество во „светото дело на Божјата добра вест“ (Римјаните 15:16, NW; Јован 6:44; 14:6). Какви причини за радост и благодарност спрема Бог!
8. Каква причина за радост има Божјиот народ во врска со Големиот Вавилон?
8 Друга причина за радост е нашата слобода што ни ја дава Бог од Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија (Откровение 18:2, 4, 5). Иако оваа религиозна блудница симболично „седи над многу води“, кои ги означуваат „луѓето и народите, племињата и јазиците“, таа не седи над, или нема религиозно влијание и не управува со Јеховините слуги (Откровение 17:1, 15). Ние се радуваме во Божјата прекрасна светлина, додека оние коишто го поддржуваат Големиот Вавилон се наоѓаат во духовна темнина (1. Петрово 2:9). Да, може да биде тешко да се разберат некои ‚длабоки Божји работи‘ (1. Коринтјаните 2:10, NW). Но молитвите за мудрост и помош од светиот дух, ни помогаат да ја разбереме библиската вистина која духовно ги ослободува оние кои ја поседуваат (Јован 8:31, 32; Јаков 1:5-8).
9. Што мора да правиме ако сакаме да се радуваме на благословите од трајната ослободеност од религиозни заблуди?
9 Се радуваме на трајната слобода од религиозните заблуди, но за да ја задржиме таа слобода, мораме да го отфрлиме отпадништвото. Галатјаните добро ја трчале христијанската трка, но некои ги спречувале во тоа да ја слушаат вистината. Таквото злобно убедување не било од Бог и требало да му се спротивстават. Како што малку квасец го вкиселува сето тесто, така лажните учители или склоноста кон отпадништвото може да расипе цело собрание. Павле им посакувал на ранителите на обрежувањето кои сакале да ја соборат верата на Галатјаните, не само да бидат обрежани, туку и кастрирани. Навистина тешки зборови! Но и ние мораме да бидеме исто толку цврсти во одбивањето на отпадништвото ако сакаме да ја зачуваме нашата од Бог дадена слобода од религиозни заблуди (Галатјаните 5:7-12, NW).
Робувајте еден за друг од љубов
10. Која е нашата одговорност како дел од христијанското братство?
10 Слободата од Бог нѐ довела во заедница со љубезно братство, но ние мораме да покажуваме љубов како дел од него. Галатјаните не требало да ја користат својата слобода како „повод за угодување на телото“ или како изговор за нељубезна себичност. Требало да робуваат еден за друг, а мотив да им биде љубовта (3. Мојсеева 19:18; Јован 13:35). И ние мораме да го избегнуваме клеветењето и омразата кои можат да доведат до меѓусебно уништување. Се разбира дека тоа нема да се случи ако покажуваме братска љубов (Галатјаните 5:13-15).
11. Како можеме да бидеме благослов за другите, и како можат тие да нѐ благословуваат?
11 Користејќи ја нашата слобода од Бог во склад со водството на Божјиот дух, ќе покажуваме љубов и ќе бидеме благослов за другите. Треба да ни биде навика да дозволуваме светиот дух да нѐ управува и води. Тогаш нема да бидеме склони нељубезно да го задоволуваме нашето грешно тело кое „е против духот по своите желби“. Ако сме водени од Божјиот дух, ќе постапуваме од љубов, а не затоа што тоа го бараат правилата и што се пропишани казни за прекршителите. На пример, љубовта — а не само некој закон — ќе нѐ чува од тоа да не ги клеветиме другите (3. Мојсеева 19:16). Љубовта ќе нѐ мотивира да зборуваме и да постапуваме на љубезни начини. Бидејќи го покажуваме плодот на духот — љубовта, другите ќе нѐ благословуваат или ќе зборуваат добро за нас (Соломонови изреки 10:6). И повеќе од тоа, дружењето со нас ќе биде благослов за нив (Галатјаните 5:16-18, NW).
Разновидни плодови
12. Кои се некои од благословите поврзани со избегнувањето на грешните ‚дела на телото‘?
12 Многу благослови поврзани со нашата слобода од Бог доаѓаат поради избегнувањето на грешните ‚дела на телото‘. Божјиот народ во целина е поштеден од многу маки бидејќи избегнува блудство, нечистотија и разуздано однесување. Со избегнување на идолопоклонство, ја имаме радоста која доаѓа затоа што во тој поглед му угодуваме на Јехова (1. Јованово 5:21). Бидејќи не се бавиме со спиритизам, ослободени сме од власта на демоните. Нашето христијанско братство не е разорено со непријателства, раздор, љубомора, изливи на гнев, судири, поделености, секти и зависти. А нашата радост не ја трошиме на пијанки и гозби. Павле предупредил дека оние кои ги вршат делата на телото нема да го наследат Божјето Царство. Меѓутоа, бидејќи им обрнуваме внимание на неговите зборови, можеме да се држиме за радосната надеж за Царството (Галатјаните 5:19-21).
13. Каков плод произведува Јеховиниот свет дух?
13 Слободата од Бог ни донесува радост бидејќи христијаните ги покажуваат плодовите на Јеховиниот дух. Од Павловите зборови до Галатјаните лесно се гледа дека делата на грешното тело се како трње за разлика од извонредните плодови на духот: љубов, радост, мир, долготрпеливост, доброљубивост, доброта, вера, благост и самосовладување, кои се всадени во побожни срца. Одлучни да живееме спротивно на желбите на грешното тело, ние сакаме да бидеме водени од Божјиот дух и да живееме по него. Духот нѐ прави понизни и мирољубиви, а не такви кои ‚бараат лажна слава, предизвикувајќи се еден со друг и завидувајќи си еден на друг‘. Не е чудно што е радост да се дружиме со оние кои ги покажуваат плодовите на духот! (Галатјаните 5:22-26).
Други причини за радост
14. Какво оружје ни е потребно во борбата против злите духовни сили?
14 Со нашата духовна слобода што ја дава Бог, е поврзан благословот што сме заштитени од Сатана и демоните. За да успееме во нашата борба против злите духовни сили, мораме да ја носиме „потполната Божја воена опрема“. Потребен ни е појасот на вистината и градниот оклоп на праведноста. Нозете мора да ни бидат обуени со опремата на добрата вест на мирот. Исто така е потребен големиот штит на верата, за да се угасат разгорените стрели на злобниот. Мораме да го носиме шлемот на спасението и вешто да ракуваме со „духовниот меч“, Божјата Реч. Нека исто така ‚и понатаму се молиме во секоја прилика во дух‘ (Ефесјаните 6:11-18, NW). Ако го носиме духовното оружје и го одбиваме демонизмот, можеме да бидеме бестрашни и радосни. (Спореди Дела на св. апостоли 19:18-20.)
15. Кој радосен благослов го имаме затоа што се однесуваме во склад со Божјата Реч?
15 Поседуваме радост бидејќи нашето однесување се согласува со Божјата Реч, и ослободени сме од чувството на вина кое ги измачува многуте грешници. Ние ‚се грижиме секогаш да имаме чиста совест пред Бога и пред луѓето‘ (Дела на св. апостоли 24:16). Затоа, не треба да се плашиме од божествената одмазда која во свое време ќе ги снајде тврдоглавите, непокајнички грешници (Матеј 12:22-32; Евреите 10:26-31). Применувајќи го советот од Соломоновите изреки 3:21-26, го сфаќаме исполнувањето на зборовите: „Запази ја мудроста и разумот; тие ќе бидат живот за душата твоја и украс на вратот твој; ќе бидат исцеление за твоето тело и лек за твоите коски. Тогаш ќе одиш без опасност по патот свој, и ногата твоја нема да се сопне. Кога ќе легнеш да спиеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, сонот ќе ти биде пријатен. Нема да се исплашиш од ненадеен страв, ниту од напад, кој доаѓа од безбожниците, бидејќи Господ ќе биде на сите твои патишта и ќе ја запази ногата твоја од препнување.“
16. Како молитвата е причина за радост, и каква улога игра Јеховиниот дух во овој поглед?
16 Друга причина за радост е нашата од Бог дадена слобода да му пристапуваме на Јехова во молитва со уверување дека ќе бидеме сослушани. Да, нашите молитви се исполнуваат бидејќи имаме ‚Јеховин страв‘ полн со почитување (Пословици 1:7, NW). Освен тоа, добиваме помош за да се одржиме во Божјата љубов ‚молејќи . . . со свет Дух‘ (Јуда 20, 21, ДК). Тоа го правиме така што покажуваме состојба на срцето која е прифатлива за Јехова кога се молиме под влијание на духот за работи кои се во склад со неговата волја и неговата Реч, која ни покажува како да се молиме и што да бараме во молитва (1. Јованово 5:13-15). Ако сме крајно искушани и не знаеме за што да молиме, ‚Духот ни помага во нашите слабости, моли за нас со неискажливи воздишки‘. Бог одговара на таквите молитви (Римјаните 8:26, 27, ДК). Да се молиме за свет дух и да допуштиме во нас да ги произведе оние плодови кои се особено потребни за да се соочиме со одредено искушение (Лука 11:13). Исто така ќе ја зголемиме нашата радост ако под молитва и марливо ја проучуваме Божјата со дух инспирирана Реч, како и христијанските публикации кои се подготвени под водството на духот.
Благословени со постојана помош
17. Како искуствата на Мојсеј и зборовите на Давид покажуваат дека Јехова е со Својот народ?
17 Користејќи ја исправно нашата слобода од Бог, ја имаме радоста што знаеме дека Јехова е со нас. Кога неповолните прилики предизвикале Мојсеј да го напушти Египет, тој со вера „остана, . . . постојан како да го посматра Невидливиот“ (Хебрејима 11:27, Ст). Мојсеј не бил сам; знаел дека Јехова е со него. Слично на тоа, синовите на Кореј пееле: „Бог ни е нам прибежиште и сила, помошник, на секој кој во мака ќе се најде. Затоа нема да се уплашам, па макар и земјата да се разниша, и горите да се преместат во срцето морско. Збучеа и се креваа водите нивни, се затресоа горите од жестината нивна“ (Псалми 45 [46]:1-3). Ако имаш таква вера во Бог, тој никогаш нема да те остави. Давид рекол: „Ако мајка ми и татко ми ме остават, Јахве ќе ме прими“ (Псалми 27:10, Ст). Колкава радост има во сознанието дека Бог толку многу се грижи за своите слуги! (1. Петрово 5:6, 7).
18. Зошто оние кои ја имаат Јеховината радост поседуваат од Бог дадена слобода од претерана загриженост?
18 Имајќи ја Јеховината радост, ја поседуваме од Бог дадената слобода од претерана загриженост. „Не грижете се за ништо“, рекол Павле, „туку во сѐ преку молитва и преколнување заедно со благодарност изнесете ги вашите молби пред Бог; и мирот Божји кој надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и мисловни сили преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7, NW). Божјиот мир е неспоредлива смиреност дури и во најискушувачките околности. Со него нашите срца остануваат смирени — нешто што за нас е добро и духовно, и емоционално и физички (Соломонови изреки 14:30). Исто така тој ни помага да задржиме душевна рамнотежа, зашто знаеме дека ништо што Бог го дозволува не може да ни нанесе трајна штета (Матеј 10:28). Овој мир кој доаѓа од блискиот однос со Бог преку Христос го имаме затоа што сме предадени на Јехова и му се подложуваме на водството на неговиот дух, кој произведува плодови какви што се радоста и мирот.
19. На што треба да ги сосредоточиме срцата, кое ќе ни помогне да бидеме радосни?
19 Ако ги држиме нашите срца сосредоточени на нашата слобода од Бог и на надежта на Царството, тоа ќе ни помогне да бидеме радосни. На пример, понекогаш не можеме многу да сториме за слабото здравје, но можеме да молиме за мудрост и храброст за да се бориме со тоа и можеме да најдеме утеха во размислувањето за духовното здравје на коешто сега му се радуваме и за телесните оздравувања кои ќе се случат под владеењето на Царството (Псалми 41:1-3, ДК; Исаија 33:24). Иако можеби денес мораме да поднесуваме немаштија, нема да постои оскудица на средства на живот на Рајската Земја која е толку близу (Псалми 72:14, 16; Исаија 65:21-23). Да, нашиот небесен Татко ќе нѐ поддржува сега, а на крај ќе направи нашата радост да биде потполна (Псалми 145:14-21, ДК).
Чувај ја слободата што ти ја дал Бог
20. Како треба да се претставиме пред Јехова според Псалми 100:1-5?
20 Како Јеховин народ, секако треба да ја цениме слободата од Бог која ни донела радост и толку многу благослови. Не е чудно што Псалам 100:1-5, (Ст) нѐ поттикнува да дојдеме во Божјата присутност „со радосно извикување“. Јехова нѐ поседува и се грижи за нас како љубезен Пастир. Да, ние сме ‚негов народ и овци на неговите пасишта‘. Неговото Творештво и величествени особини ни даваат пострек да влеземе во дворовите на неговото светилиште со фалба и благодарност. Поттикнати сме да „му го славиме името“, да зборуваме добро за Јехова Бог. Понатаму, секогаш можеме да се надеваме на неговата љубезна доброљубивост, или сочувствителна заинтересираност за нас. „Од колено до колено“ Јехова е верен, непоколеблив во покажувањето љубов спрема оние кои ја вршат неговата волја.
21. Какво охрабрување било дадено во првото издание на ова списание, и што треба да правиме во врска со слободата од Бог?
21 Како несовршени луѓе сега не можеме да ги избегнеме сите искушенија. Меѓутоа, со божествена помош можеме да бидеме храбри и радосни Сведоци на Јехова. Во тој поглед се вредни следниве зборови од првото издание на ова списание (јули 1879): „Храбро . . . мој христијански брату или сестро, кои се стремите да трчате по тесниот пат со тежок чекор. Не грижи се за нерамниот пат; тој е неприкосновен и посветен од благословените нозе на Господарот. Секој трн сметај го за цвеќе; секој остар камен за патоказ кој те тера понатаму кон целта. . . . Држи ги очите вперени кон наградата“. Милионите кои сега му служат на Јехова ги држат своите очи кон наградата и имаат многу причини да бидат храбри и радосни. Опремен со нив, стој цврсто во слободата од Бог. Немој да ја промашиш нејзината цел, и нека радоста Јеховина секогаш биде твоја тврдина.
Како би одговорил?
◻ Како може „Јеховината радост“ да биде наша тврдина?
◻ Какви благослови донела од Бог дадената слобода за Јеховиниот народ во религиозна смисла?
◻ Зошто треба да робуваме еден за друг од љубов?
◻ Кои други благослови се поврзани со слободата што ја дава Бог?
◻ Како може Божјиот народ да остане радосен?
[Слика на страница 23]
„Секој трн сметај го за цвеќе; секој остар камен за патоказ кој те тера понатаму кон целта“